Јеховината реч е жива
Избрани стихови од книгата Марко
ЕВАНГЕЛИЕТО по Марко е најкраткото од четирите евангелија. Го напишал Јован Марко околу 30 години по смртта и воскресението на Исус Христос, и претставува интересен, богат извештај за Исусовата три и полгодишна служба.
Изгледа дека било напишано за не-Евреите, особено за Римјаните. Евангелието по Марко го прикажува Исус како Божји Син што прави чуда и енергично извршува една проповедничка кампања. Ставен е акцент на Исусовите дела, а не на неговите поуки. Ако обрнеме внимание на Евангелието по Марко, ќе ни се зајакне верата во Месијата и ќе бидеме мотивирани ревносно да ја објавуваме Божјата порака додека ја извршуваме христијанската служба (Евр. 4:12).
ОБЕМНАТА СЛУЖБА ВО ГАЛИЛЕЈА
Откако во само 14 стихови известува за активноста на Јован Крстител и за 40-те дена што Исус ги поминал во пустината, Марко започнува еден возбудлив извештај за Исусовата служба во Галилеја. Со честата употреба на зборот „веднаш“, во целиот извештај внесува чувство на итност (Мар. 1:10, 12).
За помалку од три години, Исус завршува три проповеднички кампањи во Галилеја. Марко ги изнесува настаните главно по хронолошки редослед. Не ја спомнува Проповедта на гората, како ни повеќето подолги говори што ги одржал Исус.
Одговорени библиски прашања:
1:15 — За што ‚се навршило времето‘? Исус сакал да каже дека се навршило, односно дошло времето да ја започне својата служба. Бидејќи тој бил присутен како поставен Цар, Божјето Царство се приближило. Праведните луѓе можеле да се оѕвијат на неговото проповедање и да направат чекори за да се зближат со Бог.
1:44; 3:12; 7:36 — Зошто Исус не сакал да се разгласува за чудата што ги направил? Наместо да ги наведе луѓето да донесат заклучоци врз основа на сензационални или можеби дури и извртени извештаи, Исус сакал самите да се уверат дека тој е Христос и сами да донесат одлуки врз основа на тие докази (Иса. 42:1-4; Мат. 8:4; 9:30; 12:15-21; 16:20; Лука 5:14). Исклучок било кога го излекувал демонизираниот човек во герасинскиот крај. Исус му рекол да си оди дома и да им раскаже на своите роднини што се случило. Бидејќи народот го молел да си замине од тој крај, Исус ќе имал многу мали или никакви контакти со луѓето од тоа место. Присуството и сведоштвото на човекот на кого Исус му направил добро дело можеле да послужат за да се спречат негодувањата поради загубата на свињите (Мар. 5:1-20; Лука 8:26-39).
2:28 — Зошто Исус е наречен „Господар и на саботата“? „Во Законот наоѓаме само сенка на идните благослови“, напишал апостол Павле (Евр. 10:1). Како што било пропишано со Законот, саботата доаѓала по шест дена работа, а Исус излекувал многу луѓе токму на тој ден. Тоа укажувало на мирниот одмор и на други благослови што ќе ги почувствува човештвото под Илјадагодишното владеење на Христос откако ќе заврши суровото владеење на Сатана. Според тоа, Царот на тоа Царство е и „Господар на саботата“ (Мат. 12:8; Лука 6:5).
3:5; 7:34; 8:12 — Од каде знаел Марко како се чувствувал Исус во различни ситуации? Марко не бил ниту еден од 12-те апостоли ниту близок соработник на Исус. Според древната традиција, извор на голем дел од информациите што ги запишал Марко бил апостол Петар, кој бил близок со него (1. Пет. 5:13).
6:51, 52 — Што ‚значело чудото со лебовите‘ кое не го сфатиле учениците? Само неколку часа претходно, Исус нахранил 5.000 мажи, плус жени и деца, само со пет леба и две риби. ‚Значењето на чудото со лебовите‘, кое учениците требало да го сфатат, било дека Јехова Бог му дал моќ на Исус да прави чуда (Мар. 6:41-44). Да сфателе колкава моќ му била дадена на Исус, немало толку да се чудат кога тој одел по водата.
8:22-26 — Зошто Исус му го вратил видот на човекот во две етапи? Исус можеби го направил тоа од обѕир. Постепеното враќање на видот на човекот кој долго време бил навикнат на темнина му дало време да се навикне на силната сончева светлина.
Поуки за нас:
2:18; 7:11; 12:18; 13:3. Марко ги објаснува обичаите, изразите, верувањата и местата што можеби им биле непознати на читателите што не биле Евреи. Јасно кажува дека фарисеите ‚имале обичај да постат‘, дека курбанот е „дар за Бог“, дека садукеите „велат дека нема воскресение“ и дека храмот бил „спроти“ „Маслинската Гора“. Бидејќи родословието на Месијата ги интересирало главно Евреите, Марко воопшто не го спомнува. Со тоа ни дава пример. Кога сме во христијанската служба или кога држиме говори на собраниските состаноци, треба да ги земеме предвид нашите слушатели.
3:21. Роднините на Исус не биле христијани. Затоа, тој може да сочувствува со оние кои, поради својата вера, трпат противење или исмевање од членовите на семејството што не се соверници.
3:31-35. Кога се крстил, Исус станал Божји духовен Син, а „горниот Ерусалим“ бил негова мајка (Гал. 4:26). Оттогаш, неговите ученици му биле поблиски и помили од телесните роднини. Од ова учиме дека треба да ги ставаме духовните работи на прво место во животот (Мат. 12:46-50; Лука 8:19-21).
8:32-34. Треба веднаш да ги препознаеме и да ги отфрлиме добронамерните совети да бидеме попустливи кон себе. Следбеникот на Христос мора да биде спремен да „се одрече од себе“, односно да им рече ‚не‘ на себичните желби и амбиции. Треба да биде спремен да „го земе својот маченички столб“ — да страда ако е потребно, да трпи понижувања или да биде прогонуван, па дури и убиен затоа што е христијанин. Исто така, мора постојано да оди по Исус, живеејќи онака како што живеел тој. За да бидеме Христови ученици, треба да стекнеме и да задржиме самопожртвуван дух каков што имал Исус Христос (Мат. 16:21-25; Лука 9:22, 23).
9:24. Не треба да се срамиме да ја признаеме својата вера или да се молиме за повеќе вера (Лука 17:5).
ПОСЛЕДНИОТ МЕСЕЦ
Некаде кон крајот на 32 год. од н.е., Исус пристигнува во „граничното подрачје на Јудеја и од онаа страна на Јордан“, и народот повторно доаѓа кај него (Мар. 10:1). Откако проповеда таму, тргнува за Ерусалим.
На 8 нисан, Исус стигнува во Витанија. Тој е седнат на трпезата кога една жена доаѓа и му излева врз главата мирисливо масло. Настаните од Исусовото триумфално влегување во Ерусалим до неговото воскресение се запишани по хронолошки редослед.
Одговорени библиски прашања:
10:17, 18 — Зошто Исус го исправил човекот што му се обратил со „Учителе добар“? Со тоа што не ја прифатил оваа ласкава титула, Исус му ја упатил славата на Јехова и покажал дека сите добри работи доаѓаат од вистинскиот Бог. Освен тоа, Исус свртел внимание на темелната вистина дека само Оној што создал сѐ, Јехова Бог, има право да поставува мерила за тоа што е добро, а што лошо (Мат. 19:16, 17; Лука 18:18, 19).
14:25 — Што сакал да каже Исус кога им рекол на своите верни апостоли: „Повеќе нема да пијам од лозовиот плод до оној ден кога ќе пијам нов во Божјето царство“? Исус не сакал да каже дека на небото има дословно вино. Но, бидејќи понекогаш со виното се симболизира радост, Исус зборувал за радоста што ќе ја чувствува затоа што ќе биде во Царството заедно со своите воскреснати помазани следбеници (Пс. 104:15; Мат. 26:29).
14:51, 52 — Кое било момчето што ‚избегало скудно облечено‘? Само Марко ја спомнува оваа случка, па оттаму логично е да заклучиме дека зборувал за себе.
15:34 — Дали Исусовите зборови „Боже мој, Боже мој, зошто ме остави?“ покажуваат дека немал доволно вера? Не. Иако не можеме со сигурност да кажеме зошто Исус го рекол тоа, неговите зборови можеби покажуваат дека сфатил дека Јехова не го штити во тие моменти за да може потполно да се испита неговата верност и лојалност како Божји Син. Исто така, можеби Исус го рекол тоа затоа што сакал да го исполни она што било проречено за него во Псалм 22:1 (Мат. 27:46).
Поуки за нас:
10:6-9. Бог има намера брачните другари да останат заедно. Според тоа, наместо избрзано да бараат развод, мажите и жените што се во брак треба да ги применат библиските начела за да ги решат проблемите што ќе се појават во бракот (Мат. 19:4-6).
12:41-44. Од примерот на сиромашната вдовица учиме дека треба несебично да го поддржуваме обожавањето на вистинскиот Бог и во материјален поглед.
[Слика на страница 29]
Зошто Исус му рекол на овој човек да им раскаже на своите роднини за сѐ што му се случило?