Биди благодарен за дождот
ДОЖД! Што би правеле без него? Вистина е дека премногу дожд може да предизвика катастрофални поплави. Исто така, луѓето што живеат во студените и влажни области можеби не уживаат секогаш во дождот (Езра 10:9). Но, што мислат милиони други луѓе кои поголемиот дел од годината живеат во жешки, суви поднебја? Кога конечно ќе почнат да паѓаат дождови, тие им носат вистинско освежување!
Така било и во библиските земји, како што е внатрешноста на Мала Азија, каде што апостол Павле служел како мисионер. Кога бил таму, Павле им рекол на ликаонците: „[Бог] не ве остави без сведоштво за себе: правеше добро, ви даваше дожд од небото и плодоносни времиња и ги полнеше вашите срца со храна и веселост“ (Дела 14:17). Забележи дека Павле најнапред го спомнал дождот, бидејќи без него ништо не би можело да порасне и не би имало „плодоносни времиња“.
Во Библијата многу се зборува за дождот. Хебрејските и грчките зборови за дожд се појавуваат во неа повеќе од сто пати. Би сакал ли да дознаеш нешто повеќе за дождот како скапоцен дар? Би сакал ли истовремено да си ја зајакнеш верата во научната точност на Библијата?
Што вели Библијата за дождот
Исус Христос свртел внимание на една многу важна работа без која не би имало дожд. Тој рекол: „[Вашиот] Татко... дава неговото сонце да изгрева над злите и над добрите и да паѓа дожд на праведните и на неправедните“ (Матеј 5:45). Забележа ли дека Исус прво го спомнал сонцето, а потоа дождот? Тоа е сосема на место, бидејќи сонцето не само што ги снабдува растенијата со енергија да растат туку и го овозможува кружниот тек на водата на Земјата. Токму топлината од сонцето предизвикува секоја година да испарат околу 400.000 кубни километри морска вода и да се претворат во слатководна пареа. Бидејќи Јехова Бог го создал сонцето, за Него со право се вели дека ја црпи водата во висините за да создаде дожд.
Еве како Библијата го опишува кружниот тек на водата: „Бог... ги црпи капките вода во висините, па тие се цедат одозгора како дожд и како негова магла, и тогаш облаците капат, се излеваат врз луѓето изобилно“ (Јов 36:26-28). Во текот на илјадниците години откако биле напишани овие научно точни зборови, човекот имал многу време за да се потруди да го разбере кружниот тек на водата. Сепак, во една публикација стои: „Во моментов не ни е сосема јасно кои механизми се вклучени во создавањето на дождовните капки“ (прирачникот за 2003 на Water Science and Engineering).
Но, научниците знаат дека дождовните капки се создаваат од микроскопски честички кои стануваат јадра на ситните капкички во облаците. Секоја од овие капкички мора да го зголеми својот обем милион или повеќе пати за да се создаде една единствена капка дожд. Тоа е сложен процес што може да трае и неколку часа. Во еден научен прирачник стои: „Изнесени се повеќе теории за тоа како ситните капкички во облаците се зголемуваат и стануваат дождовни капки, и истражувачите посветуваат многу време на проучувањето на деталите на некои од тие теории“ (Hydrology in Practice — Хидрологијата во практиката).
Оној што ги покренал механизмите кои создаваат дожд можел да му ги постави на својот слуга Јов следниве отрезнувачки прашања: „Има ли дождот татко? Кој ги родил капките роса? Кој ставил мудрост во облаците?.. Кој може со својата мудрост да ги преброи облаците или да ги преврти небесните ќупови?“ (Јов 38:28, 36, 37). Денес, речиси 3.500 години подоцна, научниците сѐ уште го бараат одговорот на овие тешки прашања.
Во кој правец се одвива кружниот тек на водата?
Грчките филозофи учеле дека речната вода не доаѓа од дождот туку дека морската вода на некој начин тече подземи и оди до врвот на планините, каде што станува слатка изворска вода. Во еден осврт за Библијата се тврди дека и Соломон верувал во тоа. Но, забележи ги следниве зборови што Соломон ги запишал под водство на светиот дух: „Сите реки течат во морето, а морето сепак не се преполнува. Реките одново се враќаат на своите врутоци и одново го започнуваат својот тек“ (Проповедник 1:7). Дали Соломон навистина мислел дека морската вода на некој начин подземи се пренесува угоре низ планините за од неа да можат да извираат реките? За да одговориме на ова прашање, да видиме во што верувале сонародниците на Соломон во врска со кружниот тек на водата. Дали биле под влијание на погрешните претстави?
Помалку од сто години од времето на Соломон, Божјиот пророк Илија покажал што знае за правецот од кој треба да дојде дождот. Во негово време, во земјата имало голема суша подолго од три години (Јаков 5:17). Јехова Бог му ја нанел оваа неволја на народот затоа што го отфрлиле за да го обожаваат Ваал, ханаанскиот бог на дождот. Но, Илија им помогнал на Израелците да сфатат дека треба да се покаат, па затоа сега бил спремен да се моли да падне дожд. Додека се молел, Илија му рекол на својот слуга да погледне „кон морето“. Кога слугата му рекол дека „облак мал колку човечка дланка се крева од морето“, Илија знаел дека неговата молитва била одговорена. Наскоро ‚небото се замрачило од облаците и од ветрот, и паднал силен пороен дожд‘ (1. Царевите 18:43-45). Со тоа Илија покажал дека му е познат кружниот тек на водата. Знаел дека, кога над морето ќе се појават облаци, ветровите ќе ги однесат кон исток, над Ветената земја. И ден-денес тоа е типично за тие области.
Околу сто години откако Илија се молел за дожд, еден обичен земјоделец по име Амос нагласил еден важен детаљ во врска со местото од каде што почнува кружниот тек на водата. Бог го употребил Амос за да пророкува против Израелците бидејќи тие ги угнетувале сиромашните и им служеле на лажни богови. За да не умрат од Божјата рака, Амос ги поттикнал ‚да го бараат Јехова и да живеат‘. Потоа објаснил дека треба да му се служи само на Јехова затоа што Тој создал сѐ и „ги повикува морските води за да ги излее на површината на земјата“ (Амос 5:6, 8). Подоцна Амос го повторил овој интересен податок за кружниот тек на водата и неговиот правец (Амос 9:6). Со тоа покажал дека океаните се главниот извор на дождовите што паѓаат на Земјата.
Ова научно го докажал Едмонд Халеј во 1687 год. Сепак, требало да помине време пред другите да ги прифатат доказите на Халеј. „Идејата дека постои циркулаторен систем во самата Земја, според кој морската вода се пренесува до планинските врвови и таму се ослободува, опстанала до почетокот на 18-тиот век“, стои во една енциклопедија (Encyclopædia Britannica Online). Денес е општо познато во кој правец се одвива кружниот тек на водата. Истата енциклопедија објаснува: „Водата од морето испарува, потоа се кондензира во атмосферата, паѓа на Земјата во вид на врнежи и на крајот тече во реките, од каде што повторно се враќа во морето“. Значи, сосема е јасно дека она што го рекол Соломон за дождовниот циклус, запишано во Проповедник 1:7, се однесува на истиот процес поврзан со облаците и дождот.
На што треба да те поттикне ова?
Фактот што кружниот тек на водата толку прецизно го опишале неколку библиски писатели е еден од многуте цврсти докази дека Библијата е вдахновена од оној што го создал човекот, Јехова Бог (2. Тимотеј 3:16). Неоспорно е дека лошото господарење со Земјата од страна на човекот довело до нарушување на климата, а тоа предизвикува големи поплави на некои места, а суши на други. Но, оној што го воспоставил кружниот тек на водата, Јехова Бог, пред многу време ветил дека ќе дојде момент кога ќе преземе чекори и ќе ги ‚уништи оние што ја уништуваат земјата‘ (Откровение 11:18).
Во меѓувреме, како можеш да покажеш ценење за Божјите дарови, како што е дождот? Така што ќе ја проучуваш Библијата и ќе го применуваш во животот она што го учиш. Тоа ќе ти влее надеж дека ќе можеш да живееш во Божјиот нов свет, каде што ќе имаш можност вечно да уживаш во Божјите дарови. „Секој добар дар и секој совршен подарок“ доаѓа од Изворот на дождот, Јехова Бог (Јаков 1:17).
[Графикон/слика на страници 16 и 17]
(Види во публикацијата)
КОНДЕНЗАЦИЈА
ВРНЕЖИ
ТРАНСПИРАЦИЈА НА РАСТЕНИЈАТА
ИСПАРУВАЊЕ
ДОЖДОВНИЦА
ПОДЗЕМНА ВОДА
[Слики на страница 16]
Додека Илија се молел, неговиот слуга погледнал „кон морето“