Дали Бог има име?
Вообичаени одговори:
▪ „Се вика Господ.“
▪ „Тој нема име.“
Што рекол Исус?
▪ „Значи, молете се вака: ‚Татко наш, кој си на небесата, да се свети името твое‘“ (Матеј 6:9). Исус знаел дека Бог има име.
▪ „Им го објавив твоето име и ќе го објавувам, за љубовта со која ме сакаше ти да биде во нив и јас во единство со нив“ (Јован 17:26). Исус го објавил Божјето име.
▪ „Нема да ме видите додека не речете: ‚Благословен е оној што доаѓа во името на Јехова‘“ (Лука 13:35; Псалм 118:26). Исус го користел Божјето име.
ЛИЧНО Бог ни кажал како гласи неговото име. Тој рекол: „Јас сум Јехова. Тоа е моето име“a (Исаија 42:8; спореди со Осија 12:5, Превод на МПЦ). Името Јехова е најпознатиот македонски облик на хебрејското име што Бог си го дал себеси. Можеби ќе се изненадиш кога ќе дознаеш дека ова уникатно хебрејско име се појавува илјадници пати во древните преписи на Библијата. Всушност, се појавува почесто отколку кое и да е друго име од Библијата.
На прашањето „Како се вика Бог?“, некои ќе одговорат со „Господ“. Сепак, тоа е исто како на прашањето „Кој победи на изборите“ да се одговори со „кандидатот“. Ни во едниот ни во другиот случај не дознаваме ништо конкретно, бидејќи „Господ“ и „кандидат“ не се имиња.
Зошто Бог ни го открил своето име? За да го запознаеме подобро. Да наведеме еден пример: Некому може да му се обраќаат со господине, шефе, тато или дедо, во зависност од околностите. Од овие титули дознаваме нешто за овој човек. Но, само неговото лично име нѐ потсетува на сѐ што знаеме за него. Слично на тоа, од титулите Господ, Семоќен, Татко и Творец се гледа што сѐ прави Бог. Но, само неговото лично име, Јехова, нѐ потсетува на сѐ што знаеме за него. Зар можеш вистински да го запознаеш Бог ако не знаеш како се вика?
Важно е не само да го знаеме туку и да го користиме тоа име. Зошто? Затоа што Библијата ни кажува: „Секој што го повикува името на Јехова, ќе биде спасен“ (Римјаните 10:13; Јоил 2:32).
[Фуснота]
a За значењето на Божјето име, како и за причината што во некои библиски преводи тоа не се појавува, можеш да прочиташ на страници 195-197 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.
[Истакната мисла на страница 6]
Некому може да му се обраќаат со господине, шефе, тато или дедо. Но, само неговото лично име нѐ потсетува на сѐ што знаеме за него