Зошто е скапоцен Ватиканскиот кодекс?
ВАТИКАН е вистинска ризница на скапоцености. Неговите фрески, скулптури и архитектура се ценети поради својата убавина и раскош. Сепак, неколку века беше ограничен пристапот до едно од неговите најголеми богатства. Сместен во Ватиканската библиотека, еден скапоцен ракопис ги збогатува нашите сознанија за некои делови од Божјата реч што биле напишани пред илјадници години. Познат е како Ватикански кодекс.a
Александрискиот и Синајскиот кодекс спаѓаат меѓу најстарите библиски ракописи што изучувачите многу ги ценат. Тие имаат интересна историја за тоа како биле откриени и спасени од уништување. Но, за потеклото на Ватиканскиот кодекс не се знае многу.
Скриено богатство
Од каде потекнува Ватиканскиот кодекс? Првпат се спомнува во еден каталог од 15 век, кој се наоѓа во Ватиканската библиотека. Библиските изучувачи претпоставуваат дека бил изработен во Египет или, пак, во Цезареја, а можеби и во Рим. Меѓутоа, откако ги разгледал овие теории, професорот Џ. Невил Бирдзол од Универзитетот Бермингем (Англија) заклучил: „Не можеме со сигурност да го кажеме точниот датум на пишување ниту местото од каде што потекнува Ватиканскиот кодекс, а не се знае ништо ни за неговата историја пред петнаесеттиот век, и покрај сиот труд што го вложуваат изучувачите“. Сепак, за Ватиканскиот кодекс се вели дека е еден од најважните библиски ракописи. Зошто?
Низ вековите, некои препишувачи случајно внеле грешки во библискиот текст. Затоа, за преведувачите што сакаат да работат врз основа на точен текст е предизвик да најдат веродостојни ракописи што го содржат токму она што стоело во изворните записи. Замисли си колку биле желни библиските изучувачи да го анализираат Ватиканскиот кодекс, грчки ракопис од 4 век од н.е., кој бил направен само неполни 300 години откако било завршено пишувањето на Библијата! Овој кодекс го содржи комплетниот текст на Хебрејските и Христијанските грчки списи, со исклучок на неколку делови што се изгубиле низ вековите.
Долго време, ватиканските власти не сакале да им го стават кодексот на располагање на библиските изучувачи. Познатиот изучувач на стари текстови сер Фредерик Кенјон рекол: „Во 1843 год., откако [библискиот изучувач Константин фон] Тишендорф чекал неколку месеци, добил дозвола да го разгледува шест часа... Во 1845 год., големиот англиски изучувач Трегејлес добил дозвола да го види, но не смеел да препише ни збор“. Тишендорф повторно поднел молба да го разгледува кодексот, но дозволата му била одземена откако препишал 20 страници. Сепак, како што рекол Кенјон, „тој поднел нова молба и издејствувал да му дадат уште шест дена за да го анализира кодексот, што значи дека добил вкупно четиринаесет дена, по три часа секој ден; и користејќи го тоа време најдобро што може, Тишендорф успеал во 1867 год. да го издаде најдоброто издание на тој ракопис што излегло дотогаш“. Подоцна, Ватикан ставил на располагање една подобра копија од кодексот.
‚Совесно пренесување‘
Каков бил текстот на Ватиканскиот кодекс? Во The Oxford Illustrated History of the Bible стои дека тој „покажува не само доследност во правописот туку и точност во препишувањето, што значи дека текстот што бил препишан толку внимателно бил многу квалитетен“. Во истото дело понатаму се вели: „Затоа, сосема е реално да заклучиме дека овој текст е производ на една школа на стручни препишувачи“.
Двајца истакнати изучувачи што биле воодушевени од добрите страни на Ватиканскиот кодекс биле Б. Ф. Вескот и Ф. Џ. А. Хорт. Новиот завет на изворен грчки јазик (New Testament in the Original Greek), кој го издале во 1881 год., а се темели на Ватиканскиот и на Синајскиот кодекс, сѐ уште е основен текст за некои современи преводи на Христијанските грчки списи, меѓу кои се и The Emphasised Bible од Џ. Б. Ротерхам и Преводот Нов свет.
Меѓутоа, некои критичари мислеле дека Ватиканскиот кодекс не ја заслужувал довербата на Вескот и Хорт. Дали тој кодекс бил точен превод на изворниот текст? Објавувањето на папирусите Бодмер помеѓу 1956 и 1961 год. ги возбуди изучувачите затоа што тие содржеа делови од Лука и Јован кои потекнувале од почетокот на 3 век од н.е. Дали тие беа во склад со она што подоцна било напишано во Ватиканскиот кодекс?
„Постои значајно совпаѓање помеѓу текстовите од Ватиканскиот кодекс и зачуваните текстови од папирусите Бодмер“, напишале Филип Б. Пејн и Пол Канарт во Novum Testamentum. „Поради таквото совпаѓање, разумно е да се заклучи дека препишувачот што го направил Ватиканскиот кодекс препишувал од некој ракопис кој бил многу сличен на папирусите Бодмер. Значи, тој писар сигурно препишувал или од некој многу стар ракопис или од текст што се темелел на некој многу стар ракопис“. Професор Бирдзол рекол: „Овие два ракописа се во тесна врска еден со друг... [Кодексот] е грижливо препишан текст: изворните ракописи што ги користел препишувачот биле совесно пренесувани низ вековите“.
Корисен за преведувачите
Се разбира, најстариот ракопис не е секогаш и најблизок до изворниот текст. Меѓутоа, изучувачите го споредиле Ватиканскиот кодекс со другите ракописи и тоа многу им помогнало да утврдат што стоело во изворниот текст. На пример, во постоечкиот Синајски кодекс, кој исто така потекнува од 4 век од н.е., ги нема повеќето историски книги од 1. Мојсеева до 1. Летописи. Но, тоа што се појавуваат во Ватиканскиот кодекс е потврда дека му припаѓаат на библискиот канон.
Според The Oxford Illustrated History of the Bible, „стиховите во кои се зборува за Христос и за Света Троица“ биле особено спорни меѓу изучувачите. Како помогнал Ватиканскиот кодекс да се разјаснат овие стихови?
Да наведеме еден пример. Како што стои во Јован 3:13, Исус рекол: „Никој не се вознел на небото, освен оној што слезе од небото, Синот човечки“. Некои преведувачи ги додале зборовите „што [или, кој] е на небото“. Овие додадени зборови наведуваат на заклучокот дека Исус бил и на небото и на Земјата во исто време — идеја што го поткрепува тројството. Оваа додадена реченица се појавува во неколку ракописи од 5 и 10 век од н.е. Меѓутоа, таа не се појавува во Ватиканскиот и во Синајскиот кодекс, кои се постари од тие ракописи, па затоа голем број денешни преведувачи ја извадиле оваа реченица. Така се расчистува една збрка во врска со тоа кој е Христос, и тоа е во склад со останатиот дел од Светото писмо. Наместо да биде на две места во исто време, Исус дошол од небото и наскоро требало да се врати на небото, односно да ‚се вознесе‘ кај својот Татко (Јован 20:17).
Ватиканскиот кодекс ни помага да разбереме и некои стихови во врска со Божјата намера со Земјата. Да наведеме еден пример. Според Преводот на МПЦ, апостол Петар прорекол дека „земјата, и сѐ што е на неа, ќе изгори“ (2. Петрово 3:10). Нешто слично стои и во други преводи, кои биле направени на темел на Александрискиот кодекс од 5 век и на некои подоцнежни ракописи. Затоа, голем број искрени читатели на Библијата дошле до заклучок дека Бог ќе ја уништи Земјата.
Меѓутоа, отприлика еден век пред да биде направен Александрискиот кодекс, Ватиканскиот кодекс (и Синајскиот кодекс кој потекнува од истиот период) го превел пророштво на Петар со зборовите „земјата и делата на неа ќе бидат разоткриени“. Дали ова е во склад со останатиот дел од Библијата? Секако! Планетата Земја „нема да се разниша довека, за сета вечност“ (Псалм 104:5). Тогаш, на кој начин таа ќе биде „разоткриена“? Други стихови покажуваат дека зборот „земја“ понекогаш се користи симболично. На пример, за „земјата“ се вели дека зборува на некој јазик и дека се весели (1. Мојсеева 11:1; 1. Летописи 16:31). Значи, „земјата“ може да се однесува на луѓето, односно на човечкото општество. Зар не е утешно тоа што знаеме дека Бог нема да ја уништи нашата планета, туку темелно ќе ги разоткрие и ќе им стави крај на злобата и на злобните луѓе?
„Останува довека“
За жал, пристапот до Ватиканскиот кодекс со векови бил ограничен, а читателите на Библијата честопати биле измамени во врска со вистинското значење на некои библиски стихови. Меѓутоа, откако бил објавен, Ватиканскиот кодекс, а и современите, веродостојни преводи на Библијата им помогнале на луѓето што ја барале вистината да дознаат што навистина учи таа.
Препишувачите во старо време честопати ја вклучувале и следнава забелешка во своите ракописи: „Иако раката што го напиша [ова] се распаѓа во некој гроб, она што е напишано ќе трае со години“. Денес многу ги цениме неуморните напори на тие непознати препишувачи. Но, тоа што Библијата е зачувана до денешно време е заслуга на нејзиниот Автор, кој многу одамна вдахнал еден свој пророк да напише: „Тревата се суши, цветот венее, но речта на нашиот Бог останува довека“ (Исаија 40:8).
[Фуснота]
a Ватиканскиот кодекс се нарекува и Ватикански ракопис бр. 1209 или Codex Vaticanus, и повеќето библиски изучувачи го одбележуваат со „Б“. Кодексот е првиот облик на денешните книги. Види ја статијата „Од свиток до книга — како Библијата станала книга“, во изданието на ова списание од 1 јуни 2007.
[Рамка на страница 20]
Како се одредува староста на древните ракописи
Иако некои препишувачи го запишале датумот кога завршиле со својата работа, во повеќето грчки ракописи не се наведени вакви конкретни податоци. Тогаш, на кој начин изучувачите одредуваат од кое време потекнува некој библиски ракопис? Исто како што јазикот и уметноста се разликуваат од една до друга генерација, истото важи и за ракописот. На пример, унцијалните букви, кои се карактеризираат со искривени големи букви и изедначени линии во текстот, се користеле во 4 век и продолжиле да се користат уште стотици години. Внимателните изучувачи што ги споредуваат унцијалните ракописи за кои не се знае кога се пишувани со слични документи со познат датум, можат попрецизно да одредат кога биле направени раните ракописи.
Се разбира, оваа метода си има свои ограничувања. Професорот Брус Мецгер од теолошката семинарија Принстон забележал: „Бидејќи стилот на нечиј ракопис останува многу сличен целиот живот, може да се одреди само приближен датум во распон од минимум 50 години“. На темел на вакви внимателни анализи, речиси сите изучувачи се согласуваат дека Ватиканскиот кодекс потекнува од 4 век од н.е.