Приближи му се на Бог
Тој „го гледа она што е во срцето“
ИЗГЛЕДОТ може да лаже. Надворешноста не го открива секогаш она што се наоѓа внатре, длабоко во срцето на една личност. Луѓето се склони да судат според надворешниот изглед. Но, можеме да бидеме среќни што Јехова Бог гледа што се крие зад надворешноста. Тоа јасно ни го покажуваат зборовите запишани во 1. Самоилова 16:1-12.
Замисли си ја сцената. Јехова имал намера да помаза нов цар на Израел. Тој му рекол на пророкот Самоил: „Те праќам кај Јесеј од Витлеем, зашто меѓу неговите синови си избрав цар“ (стих 1). Јехова не му го кажал името, туку само рекол дека избрал еден од синовите на Јесеј. Додека одел кон Витлеем, Самоил можеби се прашувал: ‚Како ќе знам кој од синовите на Јесеј е избран од Јехова?‘
Кога стигнал таму, Самоил ги повикал на жртвен оброк Јесеј и неговите синови. Кога го здогледал Елијав, најстариот син, на Самоил веднаш му оставил впечаток неговиот изглед. Сметајќи дека Елијав има става каква што му прилега на еден цар, Самоил си рекол: „Сигурно пред Јехова стои неговиот помазаник!“ (стих 6).
Меѓутоа, Јехова не гледа така на работите. Тој му кажал на Самоил: „Не гледај на неговата надворешност, ниту на неговата висока става, зашто го отфрлив“ (стих 7). На Јехова не му значеле височината и убавината на Елијав. Неговите очи гледале зад надворешниот изглед, онаму каде што се крие вистинската убавина.
Јехова му објаснил на Самоил: „Бог не го гледа она што го гледа човекот, зашто човекот го гледа она што го гледаат очите, а Јехова го гледа она што е во срцето“ (стих 7). Значи, на Јехова му е важно што има во срцето — каква е внатрешната личност — од каде што извираат мислите, ставовите и чувствата на еден човек. Оној што „ги испитува срцата“ го отфрлил Елијав — како и другите шест синови на Јесеј што доаѓале еден по еден пред Самоил (Изреки 17:3).
Јесеј имал уште еден син, Давид, кој бил најмлад и ‚ги пасел овците‘ (стих 11). Затоа го повикале од полето, па и тој дошол пред Самоил. Тогаш Јехова му рекол на Самоил: „Стани и помажи го, зашто тоа е тој!“ (стих 12). И навистина, Давид бил младич „со убави очи и со прекрасна става“. Но, на Бог му бил мил поради она што се криело во неговото срце (1. Самоилова 13:14).
Иако живееме во свет кој ѝ придава преголема важност на надворешната убавина, можеме да се утешиме од мислата дека Јехова Бог не се поведува по надворешниот изглед. Нему не му е важно колку си висок или дали другите мислат дека си убав. На Јехова му е важно каков си однатре, во срцето. Дали ова ти раѓа желба да стекнеш особини што ќе те направат убав во Божји очи?