Цени го бракот како дар од Бог
„Затоа човек ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до својата жена, и тие двајцата ќе станат едно тело“ (1. МОЈ. 2:24)
1. Зошто Јехова ја заслужува нашата почит?
ЈЕХОВА БОГ, кој го основал бракот, без сомнение заслужува да го почитуваме. Како наш Творец, Севишен Владетел и небесен Татко, тој со право е опишан како Дарител на „секој добар дар и секој совршен подарок“ (Јак. 1:17; Отк. 4:11). Даровите што ги примаме од Бог се израз на неговата голема љубов кон нас (1. Јов. 4:8). Сите поуки што ги добиваме од него, сѐ друго што ни дава и сѐ што бара од нас, секогаш е за наше добро и за наша корист (Иса. 48:17).
2. Какви упатства ѝ дал Јехова на првата брачна двојка?
2 Според Библијата, и брачната заедница е еден од тие добри дарови од Бог (Рут 1:9; 2:12). Кога го склучил бракот меѓу првите луѓе, Адам и Ева, Јехова им дал конкретни упатства како да бидат среќни. (Прочитај Матеј 19:4-6.) Ако ги следеле Божјите упатства, ќе уживале во бескрајна среќа. Меѓутоа, тие постапиле неразумно — не ја послушале Божјата заповед и поради тоа сноселе тешки последици (1. Мој. 3:6-13, 16-19, 23).
3, 4. а) Како многу луѓе денес не покажуваат ценење и кон бракот и кон Јехова Бог? б) Кои примери ќе ги разгледаме во оваа статија?
3 Слично на таа прва двојка, многу луѓе денес донесуваат одлуки во врска со бракот без да обрнуваат речиси никакво внимание на Јеховините упатства. На пример, некои парови живеат заедно, но не им паѓа на ум да се венчаат, додека други си создаваат искривена слика за бракот која одговара на нивните лични желби (Рим. 1:24-32; 2. Тим. 3:1-5). Сите тие го занемаруваат фактот дека бракот е дар од Бог и, бидејќи не го ценат тој дар, не покажуваат ценење и почит ни кон оној што го дал, Јехова Бог.
4 Понекогаш дури и некои Божји слуги губат од вид што мисли Јехова за бракот. Некои христијански парови решаваат да се одвојат, па дури и да се разведат без да имаат библиска основа за развод. Како може да се спречи ова? Како Божјето упатство запишано во 1. Мојсеева 2:24 ќе им помогне на мажените и женетите христијани да си го зајакнат бракот? И како можат да се подготват за брак оние што сакаат да се оженат или омажат? Да разгледаме три среќни бракови од библиски времиња кои покажуваат зошто почитта кон Јехова е клуч за бракот да биде трајна врска.
Бидете и останете лојални
5, 6. Која ситуација можеби претставувала испит за Захарија и Елисавета, и како Јехова ја благословил нивната лојалност?
5 Захарија и Елисавета правеле сѐ како што треба. Двајцата избрале да стапат во брак со верен слуга на Јехова. Захарија совесно ги вршел своите должности како свештеник и и тој и жена му го држеле Божјиот закон најдобро што можеле. Сигурно имале многу работи за кои биле благодарни. Сепак, да си можел да појдеш на гости кај нив дома, во Јуда, брзо ќе си забележел дека нешто недостига. Тие немале деца. Елисавета била неротка, а обајцата биле во поодминати години (Лука 1:5-7).
6 Во древниот Израел, децата се сметале за вистински благослов и најчесто семејствата биле доста големи (1. Сам. 1:2, 6, 10; Пс. 128:3, 4). Во тоа време, еден Израелец можел да постапи неверно и да се разведе од својата жена доколку не му родела деца. Но, Захарија ѝ останал лојален на Елисавета. Не си барал лесен изговор за да ја остави, а истото важело и за неа. Иако им било тешко што немале деца, продолжиле верно да му служат на Јехова како брачна двојка. Со текот на времето, Јехова направил чудо и ги благословил на стари години со син (Лука 1:8-14).
7. На кој друг начин Елисавета покажала дека му е лојална на својот маж?
7 Елисавета покажала извонредна лојалност и на еден друг начин. Кога се родил нивниот син Јован, Захарија сѐ уште не можел да зборува бидејќи онемел откако се посомневал во зборовите на Божјиот ангел. Сепак, веројатно успеал некако да ѝ пренесе на својата жена дека овој ангел му заповедал детето што ќе им се роди да се вика „Јован“. Соседите и роднините сакале момчето да се вика како неговиот татко. Но, Елисавета лојално се држела за она што ѝ го кажал маж ѝ. Таа рекла: „Не, туку ќе се вика Јован!“ (Лука 1:59-63).
8, 9. а) Како лојалноста може да го зајакне бракот? б) На кои конкретни начини мажот и жената можат да покажат дека се лојални еден на друг?
8 Слично на Захарија и Елисавета, и денешните брачни двојки се соочуваат со разочарувања и со други проблеми. Бракот во кој недостига лојалност нема долго да цвета. Флертувањето, порнографијата, прељубата и други работи што им се закануваат на среќните бракови можат неповратно да ја уништат довербата што партнерите ја имаат еден во друг. А кога меѓусебната доверба е изневерена, љубовта почнува да венее. Може да се каже дека лојалноста е како заштитна ограда која го чува семејниот дом од несакани гости и од други опасности, и им нуди одредена сигурност на оние што престојуваат во него. Затоа, кога мажот и жената се лојални еден на друг, можат да се чувствуваат безбедно и да си ги отворат срцата, а тоа, пак, ќе им помогне да се сакаат уште повеќе. Значи, лојалноста е многу важна.
9 Јехова му рекол на Адам: „Човек ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до својата жена“ (1. Мој. 2:24). Што значи ова? Откако двајца ќе стапат во брак, поранешните врски со пријателите и роднините не можат да останат исти како порано. Секој брачен другар мора пред сѐ да му посвети време и внимание на својот сопружник. Не би било во ред никој од нив да ги стави во прв план пријателите или роднините, и за сметка на тоа да страда брачната врска. Освен тоа, не треба да им дозволат ниту на родителите да се мешаат во нивните брачни одлуки или несогласувања. Сега тие двајца мораат да се прилепат еден до друг. Бог го бара тоа од нив.
10. Што ќе им помогне на брачните партнери да останат лојални?
10 Лојалноста може да донесе благослови дури и во религиозно разделените домови. Една сестра чиј маж не е Сведок вели: „Многу сум му благодарна на Јехова што ме научи како да му бидам подложна на мојот сопруг и длабоко да го почитувам. Цели 47 години се сакаме и се почитуваме благодарение на тоа што останав лојална“ (1. Кор. 7:10, 11; 1. Пет. 3:1, 2). Затоа, давај сѐ од себе за да му влееш чувство на сигурност на твојот сопружник. Барај начини секогаш одново, и со зборови и со постапки, да му покажеш дека никој друг на Земјата не ти е поважен од него. Колку што е во твоја моќ, не дозволувај никој и ништо да се испречи меѓу тебе и твојот брачен другар. (Прочитај Изреки 5:15-20.) Рон и Џинет, кои се во среќен брак 35 години, велат: „Нашиот брак е среќен и успешен затоа што лојално го вршиме она што Бог го бара од нас“.
Имајте заеднички цели и активности
11, 12. Како Акила и Прискила соработувале а) дома, б) на световната работа и в) во христијанската служба?
11 Кога апостол Павле зборувал за своите блиски пријатели Акила и Прискила, секогаш ги спомнувал заедно. Од нивниот пример јасно се гледа што, всушност, мислел Бог кога рекол дека мажот и жената треба да бидат „едно тело“ (1. Мој. 2:24). Акила и Прискила постојано соработувале заедно — дома, на својата световна работа и во христијанската служба. Кога Павле првпат дошол во Коринт, Акила и Прискила љубезно го поканиле да остане во нивниот дом, од каде што, по сѐ изгледа, некое време тој проповедал и поучувал. Подоцна, кога се преселиле во Ефес, во нивната куќа се одржувале собраниски состаноци. Освен тоа, тие заедно им помагале на новите, како што бил Аполо, подобро да ја разберат вистината (Дела 18:2, 18-26). Кога заминале за Рим, овие ревносни сопружници повторно ја ставиле својата куќа на располагање за собраниските состаноци. Подоцна се вратиле во Ефес и ги зајакнале браќата (Рим. 16:3-5).
12 Бидејќи се занимавале со ист занает како Павле, едно време сите тројца изработувале шатори. Акила и Прискила си помагале и во тоа, и никаде не се спомнува дека меѓу нив имало кавги или натпреварувачки дух (Дела 18:3). Сепак, она што најмногу придонело да имаат цврст и среќен брак било времето што го поминувале заедно во христијански активности. И во Коринт, и во Ефес и во Рим тие биле познати како „соработници во Христос Исус“ (Рим. 16:3). Секаде служеле рамо до рамо проповедајќи ја веста за Царството.
13, 14. а) Кои работи можат да го нарушат единството во бракот? б) Што можат да сторат сопружниците за да ја зајакнат својата врска и да бидат како „едно тело“?
13 Од примерот на Акила и Прискила јасно се гледа дека брачната врска станува поцврста кога сопружниците имаат исти цели и заеднички ги прават работите (Проп. 4:9, 10). За жал, денес многу брачни парови поминуваат малку време заедно. Некои не се гледаат по цел ден бидејќи работат на различни места. На други работата им е таква што мораат многу да патуваат, а има и случаи кога едниот брачен другар се сели во странство за да печали пари и да го издржува семејството. Дури и кога и двајцата се дома, некои сопружници си живеат во свој свет трошејќи многу време на телевизија, хоби, спорт, видеоигри или интернет. Дали ова е случај и во твојот брак? Ако да, дали би можел да смениш нешто за да поминуваш повеќе време со својот сопружник? Би можеле да правите заедно некои работи низ дома, на пример, да готвите, да миете садови или да чистите. Освен тоа, би можеле да си помагате додека се грижите за децата или за вашите остарени родители.
14 Се разбира, најважно од сѐ е заедно да посветите време на теократските активности. Заедничкото разгледување на дневниот стих, како и Семејната вечер, можат многу да придонесат сите во семејството да имаат исти цели и да размислуваат на сличен начин. Освен тоа, одете заедно во служба. Ако е можно, обидете се во исто време да служите како пионери, дури и ако околностите ви дозволуваат да го правите тоа само еден месец или година. (Прочитај 1. Коринќаните 15:58.) Една сестра, која служела како пионер со нејзиниот сопруг, вели: „Службата ни овозможи да бидеме заедно и навистина да разговараме. Бидејќи и двајцата имавме иста цел — да им помагаме духовно на оние на кои им проповедавме — соработувавме како вистински тим. Маж ми ми стана поблизок, не само како сопруг туку и како добар пријател“. Додека заедно со својот сопружник работите на остварување на смисловни цели, вашите интереси, приоритети и навики постепено ќе се ускладат и, како Акила и Прискила, сѐ повеќе ќе размислувате, ќе се чувствувате и ќе постапувате како да сте „едно тело“.
Ставете го Бог на прво место во вашиот брак
15. Кој е најважен фактор за да имаме успешен брак? Објасни.
15 Исус знаел колку е важно Бог да биде на прво место во бракот. Тој со свои очи видел како Јехова го склучува првиот брак. Гледал колку биле среќни Адам и Ева сѐ додека ги следеле Божјите упатства, и бил сведок на сите неволји што ги предизвикала нивната непослушност. Затоа ги поучувал другите во склад со упатството запишано во 1. Мојсеева 2:24, кое го дал неговиот Татко. А го кажал и следново: „Бог што составил, човек да не разделува“ (Мат. 19:6). Според тоа, длабоката почит кон Јехова сѐ уште е најважен фактор за да имаме среќен и успешен брак. Одличен пример за ова дале Јосиф и Марија, кои му биле родители на Исус додека бил на Земјата.
16. Како Јосиф и Марија покажале дека Бог е на прво место во нивното семејство?
16 Јосиф се однесувал кон Марија љубезно и со почит. Кога му кажала дека е бремена, сакал да постапи милостиво со неа, дури и пред Божјиот ангел да му објасни што, всушност, ѝ се случило (Мат. 1:18-20). Како брачна двојка, тие биле послушни на наредбата од цезарот и совесно го држеле Мојсеевиот закон (Лука 2:1-5, 21, 22). Освен тоа, иако само мажите морале да присуствуваат на големите верски празници во Ерусалим, Јосиф и Марија оделе на празниците секоја година заедно со останатото семејство (5. Мој. 16:16; Лука 2:41). На овој и на други начини, овие богобојазливи сопружници се труделе да му угодат на Јехова и покажале длабоко ценење за духовните работи. Не е ни чудо што Јехова ги избрал да се грижат за неговиот Син додека растел како дете на Земјата!
17, 18. а) Како брачните двојки би можеле да го стават Бог на прво место во животот? б) Како ќе им користи тоа?
17 Дали Бог е на прво место и во твоето семејство? На пример, кога донесувате важни одлуки, дали најпрво истражувате кои библиски начела се однесуваат на вашата ситуација, дали се молите во врска со тоа и дали потоа барате совет од некој зрел христијанин? Или, пак, можеби имате обичај да ги решавате проблемите потпирајќи се само на сопствените чувства или на мислењето на роднините и пријателите? Дали се трудите да ги применувате многуте практични предлози за бракот и семејството што ги дава верниот роб? Или, пак, по навика ги следите локалните обичаи или популарните совети што ги нудат световни извори? Дали редовно се молите и проучувате заедно, дали си поставувате духовни цели и дали разговарате за она што ви е најважно да го правите како семејство?
18 Во врска со 50-те години што ги поминал во среќен брак, Реј вели: „Бидејќи Јехова постојано беше дел од нашето ‚трикратно јаже‘, никогаш немавме проблем кој не можеше да се реши“. (Прочитај Проповедник 4:12.) Дени и Трина, кои се во среќен брак повеќе од 34 години, се согласуваат со тоа. Тие велат: „Нашата брачна врска стануваше сѐ поцврста додека заедно му служевме на Бог“. Ако секогаш го ставаш Јехова на прво место во својот брак, тој ќе ти помогне да успееш и богато ќе те благослови (Пс. 127:1).
Ценете го овој дар од Бог
19. Зошто Бог го дал бракот како дар?
19 На мнозина денес ништо друго не им е поважно од сопствената среќа. Но, еден слуга на Јехова гледа поинаку на работите. Тој знае дека Бог го дал бракот како дар за да се исполни Неговата намера (1. Мој. 1:26-28). Ако Адам и Ева го ценеле тој дар, целата Земја ќе станела рај во кој ќе живееле среќни и праведни Божји слуги.
20, 21. а) Зошто за нас бракот треба да биде свет? б) Кој дар ќе го разгледаме следната седмица?
20 За Божјите слуги, бракот, пред сѐ, е можност да му оддадат слава на Јехова. (Прочитај 1. Коринќаните 10:31.) Како што видовме, ако сме лојални, ако имаме заеднички цели и активности, и ако го ставиме Бог на прво место, можеме да му угодиме и да го зајакнеме нашиот брак. Затоа, сеедно дали размислуваме да стапиме во брак, дали сакаме да го зајакнеме или, пак, се обидуваме да го спасиме, мора да гледаме исправно на бракот — тоа е света заедница која ја основал Бог. Ако го задржиме ова на ум, ќе бидеме поттикнати да се трудиме да донесуваме брачни одлуки на темел на Божјата Реч. На таков начин, ќе покажеме ценење не само за бракот како дар туку и за неговиот Дарител, Јехова Бог.
21 Се разбира, бракот не е единствениот подарок што ни го дал Јехова, а не е ни единствениот пат што води до среќа во животот. Во следната статија ќе разгледаме уште еден скапоцен дар од Бог — самештвото.
Како би одговорил?
• Како треба лојалноста да влијае врз христијаните кои се во брак?
• Зошто заедничките цели и активности ќе го зајакнат бракот?
• Како брачните двојки би можеле да го стават Бог на прво место во својот живот?
• Како можеме да покажеме почит кон Јехова, кој го основал бракот?
[Слики на страница 15]
Брачните парови се обединети кога ги прават работите заедно