Читателите прашуваат...
Дали Јеховините сведоци прифаќаат медицинска помош?
▪ Исус рекол дека „на здравите не им треба лекар, туку на болните“ (Матеј 9:12). Со тоа сакал да каже дека не е погрешно да се побара помош од медицински лица. Затоа, Јеховините сведоци немаат ништо против медицината и лекувањето. Тие сакаат да имаат добро здравје и долг живот. Всушност, некои Јеховини сведоци по професија се лекари, како што бил и Лука, христијанин од првиот век (Колошаните 4:14).
Меѓутоа, Јеховините сведоци не прифаќаат начини на лекување кои се во судир со библиските начела. На пример, не примаат трансфузија на крв бидејќи Библијата забранува човек да користи крв за да се одржува во живот (1. Мојсеева 9:4; 3. Мојсеева 17:1-14; Дела 15:28, 29). Исто така, Божјата Реч забранува терапии или третмани што вклучуваат „магија“, односно натприродни сили (Исаија 1:13; Галатите 5:19-21).
Многу медицински лица спасуваат човечки животи со помош на терапии што не се косат со библиските начела. Таквите терапии, кои многу Сведоци одлучуваат да ги прифатат, честопати се подобри од терапиите кои се во спротивност на она што го бара Бог.
Се разбира, има многу различни мислења во врска со лекувањето. Она што ќе му користи на едно лице може воопшто да не му помогне на друго. Затоа, препорачливо е оние што сакаат да добијат точна дијагноза и терапија за својата болест, да побараат мислење од уште еден специјалист (Изреки 14:15).
Нема сите Јеховини сведоци да донесат иста одлука во врска со лекувањето. Сѐ додека не се кршат библиските закони, Божјата Реч остава простор совеста на еден христијанин да му наложи да донесе одлука која е различна од она што му го вели совеста на друг христијанин (Римјаните 14:2-4). Затоа, секој треба добро да се информира за лекувањето што му се препорачува и да биде сигурен дека нема да го измачува совеста што му е обликувана според Библијата (Галатите 6:5; Евреите 5:14).
Кога донесува одлука, секој Сведок е како еден возач што наближува до некоја прометна раскрсница. Ако само ги следи возилата пред себе и пројури низ раскрсницата, би можел да предизвика сериозна штета. Пред да продолжи понатаму, мудриот возач ќе забави и внимателно ќе гледа како се одвива сообраќајот. Слично на тоа, Сведоците не донесуваат избрзани одлуки ниту, пак, слепо го следат мислењето на другите кога станува збор за лекувањето. Наместо тоа, пред да донесат одлука, внимателно ги разгледуваат сите можности и ги земаат предвид библиските начела.
Јеховините сведоци многу ги ценат трудот и посветеноста на медицинските лица. Исто така, благодарни им се на лекарите за она што го прават за болните.