129. Клас на Гилеад
„Ова е ваш ден“
НА 11 септември 2010 год., околу 8.000 души се собраа по еден посебен повод — дипломирањето на 129. клас на Мисионерската школа Гилеад. „Ова е ваш ден“, им рече на дипломците Семјуел Херд, член на Водечкото тело на Јеховините сведоци. „Дојдовме да се радуваме заедно со вас!“
„Увото што слуша“
Брат Херд ја започна програмата зборувајќи дека е потребно сите христијани да имаат ‚уво што слуша‘ за да ѝ обрнат внимание на Божјата Реч (Изреки 20:12). „Слушавте што ви кажува Јехова изминативе месеци, а ќе продолжите да го правите тоа и во сета вечност“, им рече брат Херд на студентите од класот.
Како можат новите мисионери мудро да ги користат своите уши? „На тој начин што постојано ќе слушате што кажува Божјата Реч“, рече брат Херд. Потоа додаде: „Во денешната програма ќе чуете многу работи што ќе ви помогнат да ја извршувате вашата мисионерска служба“.
„Имај доверба во Јехова со сето свое срце“
Герит Леш, член на Водечкото тело, зборуваше на оваа интересна тема. Спомна многу ситуации во кои Божјиот народ, како во минатото така и денес, покажал доверба во Јехова.
Слично на тоа, „мисионерите треба да покажат доверба кога секој од нив ќе пристигне во земјата во која ќе биде испратен“, истакна брат Леш. „На пример, можеби се прашувате: ‚Ќе успеам ли да го научам новиот јазик? Како ќе се навикнам на новата култура? Ќе се изборам ли со носталгијата?‘“ Брат Леш го даде одговорот со тоа што ги потсети студентите ‚да имаат доверба во Јехова‘.
Потоа прочита Изреки 14:26, каде што пишува: „Во стравот од Јехова човекот има цврста доверба“. Нашата доверба во Јехова ќе се зголеми ако размислуваме за многуте начини на кои нѐ благословува.
Во Библијата пишува дека оној што има доверба во Јехова „ќе биде како дрво посадено покрај води, кое ги пушта своите корења крај водниот тек. Нема да види жега кога таа ќе дојде, туку лисјата ќе му останат зелени“ (Еремија 17:7, 8).
Поуката е јасна. „Што и да се случи“, рече брат Леш, „мора да имате доверба во Јехова.“
„Угледајте се на верните ангели“
На оваа тема зборуваше Стивен Лет, член на Водечкото тело. Ангелите ни даваат прекрасен пример. „Сѐ што ни открива Библијата за нив треба да ни служи за поука“, рече брат Лет. Потоа истакна четири особини на верните ангели на кои треба да се угледаме — нивната истрајност, понизност, спремност да помогнат и верност.
Во Библијата пишува дека еден ангел 21 ден му се спротивставувал на „кнезот на персиското царство“, кој бил моќен демон (Даниел 10:13). Тој ангел покажал истрајност. И христијаните ‚се борат против злите духовни сили‘, истакна брат Лет (Ефешаните 6:12). „Решително борете се да не престанете да ја извршувате вашата задача“, им рече на дипломците.
Кога Маној, татко му на Самсон, го прашал ангелот кое му е името, ангелот не сакал да му каже. Тој ангел покажал понизност (Судиите 13:17, 18). Брат Лет им рече на студентите: „Кога некој ќе почне да ве фали или да ве возвишува заради вашите способности, понизно одвратете го вниманието од себе и насочете го кон Јехова и неговата организација“ (1. Коринќаните 4:7).
Кога Исус бил во градината Гетсиманија кратко пред својата смрт, ‚му се појавил ангел од небото и го зајакнувал‘ (Лука 22:43). Тој ангел покажал спремност да помогне. „Молете се да препознаете кои се вистинските потреби на вашата мисионерска задача“, рече брат Лет, „а потоа, со Јеховина помош, потрудете се да им обрнете внимание на тие потреби.“
Бидејќи само еден помал дел од ангелите му се придружиле на Сатана во побуната, можеме да кажеме дека повеќето ангели се прекрасен пример за верност (Откровение 12:4).
„Исто како тие верни ангели, спротивставете му се на Ѓаволот“, ги поттикна студентите брат Лет. „Спротивставете му се, и тој ќе побегне“ (Јаков 4:7).
Три истакнати мисли од програмата
„Јехова нека биде карпата на твоето срце.“ Зборувајќи на оваа интересна тема од Псалм 73:26, Гери Бро, член на Одборот на подружницата на Соединетите Држави, им помогна на дипломците да сфатат колку е важно да се потпираат на Јехова. Во која смисла Јехова е како карпа? Брат Бро рече: „Во таа смисла што може да влијае нашето симболично срце да биде цврсто и стабилно“. Се разбира, срцето може да нѐ измами кога истрајноста ни е ставена на испит (Еремија 17:9). Додека мисионерите се навикнуваат на новата клима, новиот начин на исхрана и новите пријатели во мисионерскиот дом, би можеле да почнат да размислуваат да се откажат. „Ќе се соочите со ситуации во кои ќе мора да барате решенија и да донесувате одлуки“, рече брат Бро. „Ќе постапите ли како што му е мило на Јехова? Ако да, Јехова ќе стане карпата на вашето срце. Тој ќе ги води вашите чекори.“
„Имаш ли доволно вера за да си ги наводениш нозете?“ Сем Роберсон, кој е инструктор на Школата, зборуваше на оваа тема земена од 3. поглавје од библиската книга Исус Навин. Како можеле милиони Израелци да ја преминат реката Јордан кога била надојдена? Јехова му рекол на Исус Навин да им заповеда на свештениците ‚да влезат во Јордан и да застанат мирно‘. Бог ветил: „Штом свештениците... ќе стапнат со нозете во јорданските води, водата на Јордан ќе престане да тече... и ќе стои на едно место како ѕид“ (Исус Навин 3:8, 13). Брат Роберсон им рече на дипломците: „Во вашиот живот ќе наидувате на проблеми што ќе бидат како реката Јордан. Ако дозволите, таквите проблеми ќе ве одвојат од благословите“. На пример, можеби на нивната доделба нема да им биде лесно да се сложуваат со другите мисионери. Што тогаш? „Мислете на делото, а не на работниците.“ Брат Роберсон го даде и следниов совет: „Ако покажете вера и ги наводените нозете, Јехова ќе ви помогне да ја преминете секоја симболична река Јордан што ќе се појави во вашиот мисионерски живот.“
„Нека успеат твоите намери.“ На оваа тема зборуваше Вилијам Семјуелсон, инструктор на Школата. Говорот се темелеше на Изреки 16:3, каде што пишува: „Довери му ги своите дела на Јехова, и твоите намери ќе успеат“. Брат Семјуелсон ги праша дипломците: „Дали овој стих значи дека вие немате никаква улога во успехот на вашите намери и дека сѐ што треба да направите е ‚да му ги доверите своите дела‘ на Јехова?“ Не, бидејќи во Изреки 16:1 пишува: „Човекот треба да управува со своето срце“. Брат Семјуелсон додаде: „Јехова не управува со твоето срце преку чудо. Напротив, ти треба да си го мотивираш срцето во исправна насока. Ако проучуваш, ако се молиш и ако тесно соработуваш со локалната подружница, ќе си го зачуваш срцето, а Јехова ќе им даде успех на твоите намери.“
Искуства и интервјуа
Како дел од обуката, студентите на Школата соработуваат со локалните собранија на Јеховините сведоци во службата на проповедање. Марк Њумер, еден од инструкторите на Школата, интервјуираше неколку дипломци кои раскажаа искуства од службата на проповедање. Во нив посебно беше истакнато колкава улога има молитвата за да ги пронајдеме искрените лица на подрачјето.
На пример, една брачна двојка била во ресторан за брза храна. Еден од вработените забележал дека мажот и жената тивко се помолиле. Им пристапил и ги прашал дали се Јеховини сведоци. Кога дознал дека се, им објаснил дека бил воспитуван како Сведок, но се откажал од вистината. Направил кривично дело и лежел в затвор. Сега овој млад човек сакал да му се врати на Јехова. Им рекол дека пред да влезат во ресторанот, го молел Бог да му помогне да го промени својот живот. Добил одговор на својата молитва!
Во говорот „Вкусете и видете колку е добар Јехова“, Руди Хартл од Одделот што одговара на прашања од читателите ги водеше интервјуата со Вејн Риџвеј од Мозамбик, Џејсон Рид од Чиле и Кенџи Чичии од Непал. Сите тројца се мисионери што ја завршиле Школата Гилеад. Овие браќа отворено зборуваа за некои предизвици со кои се соочиле кога почнале со мисионерската служба — учењето нов јазик, навикнувањето на нова култура и борбата со носталгијата. „Една работа која многу ни помогна беше тоа што брзо се спријателивме со објавителите во новото собрание“, рече брат Чичии. „Колку поблиски станувавме со собранието, толку полесно ни беше да се бориме со носталгијата.“
Кратко откако им беа врачени дипломите на сите 56 студенти, еден од нив прочита трогателно писмо на благодарност од целиот клас. До Водечкото тело беа упатени следниве зборови: „Видовме како со љубов и неуморно се дававте за нас, ни обезбедивте наставна програма, го посетувавте класот и ни дававте добра духовна поука. Бидејќи ја почувствувавме вашата љубов, кога ќе стигнеме на нашите доделби ќе даваме сѐ од себе да се угледаме на вашиот прекрасен пример на љубов, стрпливост, понизност и грижа за другите“.
[Истакната мисла на страница 28]
„Кога некој ќе почне да ве фали... одвратете го вниманието од себе“
[Истакната мисла на страница 29]
„Во вашиот живот ќе наидувате на проблеми што ќе бидат како реката Јордан“
[Табела/карта на страница 31]
ПОДАТОЦИ ЗА КЛАСОТ
9 застапени земји
56 студенти
28 брачни парови
33.0 просечна возраст
17.9 просек на години во вистината
13.3 просек на години во полновремена служба
[Карта]
(Види во публикацијата)
Студентите од класот беа испратени во 25-те земји што се означени подолу
ЗЕМЈИ ВО КОИ СЕ ИСПРАТЕНИ
БОЛИВИЈА
БОЦВАНА
БУГАРИЈА
КОНГО (КИНШАСА)
БРЕГОТ НА СЛОНОВАТА КОСКА
ГАМБИЈА
ГЕРМАНИЈА
ИНДИЈА
ИНДОНЕЗИЈА
КЕНИЈА
ЛИБЕРИЈА
МАКЕДОНИЈА
МАДАГАСКАР
МАЛЕЗИЈА
МОЗАМБИК
ПАНАМА
ПЕРУ
ПОЛСКА
РОМАНИЈА
СРБИЈА
СИЕРА ЛЕОНЕ
СВАЗИЛЕНД
ТАНЗАНИЈА
УГАНДА
ЗИМБАБВЕ
[Слика на страница 30]
Дипломците прикажуваат едно искуство од службата на проповедање
[Слика на страница 31]
129. клас што дипломира на Школата Гилеад
Во списокот долу, редовите се наведени однапред наназад, а имињата одлево надесно.
1) Мунарето Р.; Оловсон И.; Баден Н.; Најџон Л.; Моја Џ.; Тревињо Г.; Дион А.; Флигел А.
2) Смит Џ.; Мајкл Раџ Џ.; Смит Ш.; Парамо А.; Мекдоналд Џ.; Дејнс М.; Џојал С.; Вотсон Л.
3) Џојал С.; Кроули Т.; Хакер Д.; Шинкаренко Џ.; Нап Т.; Ејлин Џ.; Хајли К.; Оловсон Б.
4) Фицпатрик М.; Најџон Б.; Скалеруд Л.; Харис А.; Харис С.; Баден Р.; Парамо Ј.; Скалеруд К.
5) Кроули Б.; Мајкл Раџ Џ.; Лоџ А.; Лоџ Р.; Хермс Н.; Фицпатрик Џ.; Моја Р.; Мунарето П.
6) Вотсон С.; Дејнс М.; Хакер Џ.; Мекдоналд Џ.; Тревињо Џ.; Харис Ш.; Хермс К.; Харис П.
7) Шинкаренко В.; Хајли Т.; Смит А.; Дион Џ.; Ејлин Р.; Смит Б.; Нап Т.; Флигел Б.