,О длабочино на Божјата мудрост!‘
„О длабочино на Божјето богатство, мудрост и знаење! Колку се неистражливи неговите судови и несфатливи неговите патишта!“ (РИМ. 11:33)
1. Која најголема можна чест им е укажана на крстените христијани?
КОЈА е најголемата чест што некогаш ти била укажана? Можеби веднаш ќе помислиш на некоја одговорност што ти била дадена во собранието или, пак, на некоја пофалница што си ја добил на училиште или на работа. Меѓутоа, за нас како крстени христијани најголема чест е тоа што единствениот вистински Бог, Јехова, ни дал можност да бидеме пријатели со него. Бидејќи имаме таков близок однос, тој ‚нѐ познава‘ (1. Кор. 8:3; Гал. 4:9).
2. Зошто е огромна чест да го познаваме Јехова и тој да нѐ познава нас?
2 Зошто е толку голема чест да го познаваме Јехова и тој да нѐ познава нас? Затоа што Бог е највозвишената личност во целата вселена, но и затоа што ги штити оние кои ги сака. Под водство на светиот дух, пророкот Наум напишал: „Јехова е добар. Тој е тврдина во ден на неволја. Внимава на оние што бараат прибежиште кај него“ (Наум 1:7; Пс. 1:6). Всушност, нашата вечна иднина зависи од тоа дали ќе го запознаеме вистинскиот Бог и неговиот Син, Исус Христос (Јован 17:3).
3. Како можеме да го запознаеме Бог?
3 Да го познаваме Бог не значи само да знаеме како се вика. Мора да го запознаеме како Пријател, да дознаеме што му се допаѓа, а што не. Ќе покажеме дека добро го познаваме Бог и со тоа што ќе живееме во склад со она што сме го научиле за него (1. Јов. 2:4). Но, ако сакаме навистина да го познаваме Јехова, потребно е уште нешто. Не е доволно само да знаеме што направил во минатото туку и како и зошто постапувал на одреден начин. Всушност, колку подобро ги разбираме Јеховините намери, толку повеќе ќе се восхитуваме на ‚длабочината на Божјата мудрост‘ (Рим. 11:33).
Јехова — Бог кој ги исполнува своите намери
4, 5. а) На што се однесува зборот „намера“ кој се користи во Библијата? б) Наведи пример за тоа како некој може да ја оствари својата намера на различни начини.
4 Јехова е Бог кој прави сѐ со одредена намера. Неговата Реч ни кажува дека тој има ‚вечна намера‘ (Еф. 3:10, 11). Што, всушност, значи ова? Зборот „намера“ кој се користи во Библијата се однесува на конкретна цел која може да се оствари на повеќе начини.
5 Да наведеме еден пример: Некој можеби сака да патува до одредено место. Значи, тој има цел, или намера, да стигне до таму. Може да избере како и по кој пат ќе оди. Но, во текот на патувањето можеби ќе мора да тргне по друг пат ако временските услови се влошат, ако има сообраќаен метеж или ако патот што најпрвин го избрал е затворен. Меѓутоа, без оглед на промените што ќе мора да ги направи, тој сепак ќе ја оствари својата намера кога ќе стигне до саканото место.
6. Како Јехова покажува приспособливост во исполнувањето на својата намера?
6 И Јехова покажува голема приспособливост во исполнувањето на својата вечна намера. Тој спремно го менува начинот на кој го остварува она што го наумил во зависност од тоа како неговите созданија обдарени со разум ја користат слободната волја. Да видиме што учиме за ова од примерот со ветеното Потомство. Во почетокот, Бог ѝ ја дал следнава заповед на првата брачна двојка: „Плодете се и множете се, наполнете ја земјата и потчинете ја“ (1. Мој. 1:28). Дали побуната во рајската градина го спречила да ја оствари оваа намера? Во никој случај! Јехова веднаш презел чекори во склад со новонастанатата ситуација и избрал друг „пат“, односно начин, за да ја исполни својата намера. Тој прорекол дека ќе се појави едно „потомство“ кое ќе ја надомести штетата што ја предизвикале бунтовниците (1. Мој. 3:15; Евр. 2:14-17; 1. Јов. 3:8).
7. Што учиме од описот што Јехова го дал за себеси во 2. Мојсеева 3:14?
7 Способноста на Јехова да се приспособи на новите околности додека ја исполнува својата намера е во склад со описот што самиот го дал за себеси. Кога Мојсеј се колебал да прифати една задача од Бог затоа што се плашел дека не би можел да ја изврши, Јехова го уверил дека ќе ја исполни својата волја, велејќи: „Ќе станам сѐ што ќе посакам да станам“. А потоа додал: „Вака кажи им на синовите на Израел: ‚„Ќе станам“ ме испрати кај вас‘“ (2. Мој. 3:14). Значи, Јехова може да стане сѐ што е потребно за да ја исполни својата намера! Апостол Павле ни дава извонреден пример за ова во 11. поглавје од Посланието до Римјаните. Во тоа поглавје тој зборува за една симболична маслинка. Ако подетално ја разгледаме оваа споредба, ќе се зголеми нашето ценење за длабочината на Јеховината мудрост, сеедно дали имаме надеж за вечен живот на небото или на Земјата.
Јеховината намера во врска со прореченото Потомство
8, 9. а) Кои четири главни работи ќе ни помогнат да ја разбереме споредбата со маслинката? б) Кое прашање ќе биде одговорено? Што ни открива одговорот за Јехова?
8 За да ја разбереме споредбата за маслинката, мора да знаеме четири работи за тоа како Јехова постепено ја исполнувал својата намера во врска со прореченото потомство. Прво, Јехова му ветил на Авраам дека ‚преку неговото потомство ќе се благословат сите народи на земјата‘ (1. Мој. 22:17, 18). Второ, на израелскиот народ кој потекнувал од Авраам му била дадена една посебна можност — Јехова сакал од нив да направи „царство на свештеници“ (2. Мој. 19:5, 6). Трето, кога повеќето Израелци не го прифатиле Месијата, Јехова презел други чекори за сепак на крајот да се воспостави тоа „царство на свештеници“ (Мат. 21:43; Рим. 9:27-29). И четврто, иако Исус е главниот дел од потомството на Авраам, и на други им е дадена чест да станат дел од тоа потомство (Гал. 3:16, 29).
9 Покрај овие четири главни работи, од книгата Откровение дознаваме уште нешто — дека вкупно 144.000 лица ќе владеат со Исус како цареви и свештеници на небото (Отк. 14:1-4). И тие се наречени ‚синови на Израел‘ (Отк. 7:4-8). Дали тоа значи дека сите 144.000 се родени Израелци, односно Евреи? Одговорот на ова прашање покажува колку е приспособлив Јехова во исполнувањето на својата намера. Да видиме сега што вели апостол Павле во своето послание до Римјаните.
„Царство на свештеници“
10. Која можност во почетокот му била дадена само на израелскиот народ?
10 Како што веќе беше спомнато, само на Израелците им била дадена можност од нив да бидат избрани оние што ќе сочинуваат едно „царство на свештеници и свет народ“. (Прочитај Римјаните 9:4, 5.) Но, што се случило кога се појавило ветеното Потомство? Дали целосниот број од 144.000 духовни Израелци — кои требало да станат спореден дел од потомството на Авраам — се пополнил само со родени Израелци?
11, 12. а) Кога почнале да се избираат членовите на небесното Царство, и како реагирале повеќето Евреи што живееле тогаш? б) Како Јехова го пополнил „целосниот број“ на Авраамовото потомство?
11 Прочитај Римјаните 11:7-10. Како народ, Евреите во првиот век го отфрлиле Исус, и затоа ја изгубиле можноста само тие да бидат дел од Авраамовото потомство. Сепак, кога на Педесетница 33 год. од н.е. почнале да се избираат членовите на небесното „царство на свештеници“, имало некои искрени Евреи што ја прифатиле оваа покана. Во споредба со целокупниот еврејски народ, тие биле мал „остаток“ бидејќи броеле само неколку илјади (Рим. 11:5).
12 Но, како Јехова ќе го пополнел „целосниот број“ на Авраамовото потомство? (Рим. 11:12, 25). Забележи што вели понатаму апостол Павле: „Тоа не значи дека Божјата реч затаила. Зашто, не се ‚Израел‘ сите што потекнуваат од Израел. И не се сите [родени Евреи] Авраамови деца [т.е. дел од ветеното потомство] само затоа што се негово потомство... Односно, децата добиени по тело не се истовремено и Божји деца, туку децата добиени преку ветувањето се сметаат за потомство“ (Рим. 9:6-8). Според тоа, Јехова не бара оние што го сочинуваат ветеното потомство да потекнуваат од Авраам.
Симболичната маслинка
13. Што е претставено со а) маслинката, б) нејзиниот корен, в) нејзиното стебло, и г) нејзините гранки?
13 Во продолжение, апостол Павле ги споредува оние што стануваат дел од потомството на Авраам со гранките на една симболична маслинкаa (Рим. 11:21). Со оваа питома маслинка е претставено исполнувањето на Божјата намера во врска со сојузот што Јехова го склучил со Авраам. Коренот на дрвото е свет и го претставува Јехова како оној што му дава живот на духовниот Израел (Иса. 10:20; Рим. 11:16). Стеблото го претставува Исус како главен дел од Авраамовото потомство. А гранките, пак, го означуваат „целосниот број“ на оние што спаѓаат во останатиот дел од тоа потомство.
14, 15. Кој бил ‚откршен‘ од питомата маслинка, и кој бил накалемен на неа?
14 Во споредбата за маслинката, родените Евреи кои го отфрлиле Исус се претставени со маслинови гранки кои биле „откршени“ (Рим. 11:17). Ова значи дека ја изгубиле можноста да бидат дел од потомството на Авраам. Но, кој требало да ги замени? Од гледна точка на Евреите, кои се гордееле со тоа што потекнувале од Авраам, било незамисливо некој друг да дојде на нивно место. Но, Јован Крстител веќе ги предупредил дека, ако Јехова сака, може и од обични камења да му подигне деца на Авраам (Лука 3:8).
15 Тогаш, што направил Јехова за да ја исполни својата намера? Павле објаснил дека на местото на откршените гранки на питомата маслинка биле накалемени гранки од дива маслинка. (Прочитај Римјаните 11:17, 18.) Ова значи дека на симболичната маслинка биле „накалемени“ помазани христијани од другите народи, меѓу кои биле и некои од членовите на тогашното собрание во Рим. На тој начин, овие нееврејски помазаници станале дел од Авраамовото потомство. Пред тоа биле како гранки на дива маслинка, односно немале никаква можност да влезат во овој посебен сојуз. Но, Јехова им го отворил патот да станат духовни Евреи (Рим. 2:28, 29).
16. Како апостол Петар го опишал новиот духовен народ?
16 Апостол Петар објаснува што се случило: „Значи, за вас [духовните Израелци, во кои спаѓаат и христијаните од другите народи] тој [Исус Христос] е скапоцен, бидејќи верувате, но за оние што не веруваат, ‚оној камен што градителите го отфрлија стана аголен камен‘ и ‚камен за спрепнување и карпа, која е пречка на нивниот пат‘... Но вие сте ‚избран род, царско свештенство, свет народ, народ кој е Божја сопственост, за да ги објавувате доблестите‘ на оној што ве повикал од темнината во својата прекрасна светлина. Зашто, некогаш не бевте народ, а сега сте Божји народ. Порано не ви беше покажана милост, а сега ви е покажана милост“ (1. Пет. 2:7-10).
17. Во која смисла она што го направил Јехова било „спротивно на природата“?
17 Јехова направил нешто кое за мнозина било сосема неочекувано. Павле вели дека она што се случило е „спротивно на природата“ (Рим. 11:24). Во која смисла? Иако изгледа многу необично, па дури и неприродно да се накалеми дива гранка на питомо дрво, некои земјоделци во првиот век го правеле токму тоа.b Јехова направил нешто исто толку необично. Од гледна точка на Евреите, луѓето од другите народи не можеле да дадат плод што ќе биде прифатлив за Бог. Меѓутоа, Јехова и од нив избира поединци кои го сочинуваат ‚народот‘ што ги донесува плодовите на Царството (Мат. 21:43). Откако во 36 год. од н.е. бил помазан Корнелиј — првиот необрежан не-Евреин кој станал христијанин — на необрежаните лица од другите народи им била дадена можност да бидат накалемени на оваа симболична маслинка (Дела 10:44-48).c
18. Каква можност имале родените Евреи по 36 год. од н.е.?
18 Дали ова значи дека по 36 год. од н.е. родените Евреи немале никакви шанси да бидат дел од Авраамовото потомство? Не. Павле објаснува: „И тие [родените Евреи], ако не истраат во своето неверување, ќе бидат накалемени, оти Бог може повторно да ги накалеми. Зашто, ако си ти отсечен од маслинка која по својата природа е дива и, спротивно на природата, си накалемен на питома маслинка, колку полесно ќе бидат накалемени на сопствената маслинка овие што се природни гранки!“d (Рим. 11:23, 24).
„Ќе биде спасен целиот Израел“
19, 20. Во склад со споредбата за симболичната маслинка, што ќе исполни Јехова?
19 Јеховината намера во врска со „Израелот Божји“ се исполнува на еден навистина чудесен начин (Гал. 6:16). Павле рекол дека „ќе биде спасен целиот Израел“ (Рим. 11:26). Во време што го одредил Јехова, „целиот Израел“, односно целосниот број на духовни Израелци ќе служат како цареви и свештеници на небото. Ништо не може да го спречи Јехова да ја изврши својата намера!
20 Како што било проречено, потомството на Авраам — Исус Христос и 144-те илјади — ќе им донесат благослови на „луѓето од [сите] народи“, односно на сите останати Божји слуги на Земјата (Рим. 11:12; 1. Мој. 22:18). Навистина, додека размислуваме за тоа како Јехова ја остварува својата вечна намера, исполнети сме со восхит од ‚длабочината на Божјето богатство, мудрост и знаење‘! (Рим. 11:33).
[Фусноти]
a Павле не ја користел маслинката како симбол за израелскиот народ. Иако Израелците имале цареви и свештеници, тие не станале царство на свештеници. Всушност, според Мојсеевиот закон, царевите во Израел не можеле да станат свештеници. Затоа, маслинката не би можела да го претставува израелскиот народ. Павле ја употребил оваа споредба да покаже како Божјата намера во врска со ‚царството на свештеници‘ се исполнува на духовниот Израел. Старото објаснување на оваа споредба излезе во Стражарска кула од 1 декември 1983, страници 17-21.
b Види ја рамката „Зошто биле калемени гранки од дива маслинка?“
c Ова се случило на крајот на периодот од три и пол години што Јехова им го дал само на родените Евреи за да станат дел од новиот духовен народ. Тоа било претскажано во пророштвото за 70-те седмици што се состојат од години (Дан. 9:27).
d Во изворниот текст на грчки јазик, претставката што во Римјаните 11:24 е преведена со „питома“ укажува на тоа дека ова дрво било „добро, одлично“, или „одговарало на својата цел“. Оваа претставка особено се користела за работи што ја исполнуваат целта за која биле наменети.
Се сеќаваш ли?
• Што учиме за Јехова од начинот на кој ја исполнува својата намера?
• Во споредбата од Римјаните 11. поглавје, што е претставено со . . .
маслинката?
нејзиниот корен?
нејзиното стебло?
нејзините гранки?
• Зошто калемењето диви гранки било „спротивно на природата“?
[Рамка/слика на страница 24]
Зошто биле калемени гранки од дива маслинка?
▪ Луциј Јуниј Модератус Колимела бил римски војник и земјоделец кој живеел во првиот век од н.е. Познат е по своите 12 книги во кои се зборува за животот на селаните и земјоделците.
Во својата петта книга, тој цитира една древна изрека: „Оној што го ора маслинарникот, бара плод од него; оној што го ѓубри, го моли да му роди; а оној што го кастри, го присилува да даде плод“.
Откако ги опишал дрвјата што цветаат, а сепак не даваат род, тој го препорачува следново: „Добро е во стеблото да се направи дупка со сврдел и во неа цврсто да се набие гранка од дива маслинка. Дрвото на кое се калеми плодна гранка на овој начин ќе дава поголем род“.
[Слика на страница 23]
Ја разбираш ли споредбата за симболичната маслинка?