Библијата менува животи
ЗОШТО еден човек што порано бил полигамист и противник на Јеховините сведоци станал Сведок? Што поттикнало еден пастор на Пентакосталната црква да ги промени своите верувања? Што ѝ помогнало на една жена која имала тешко детство да ја совлада омразата кон себе и да му се приближи на Бог? Зошто еден хевиметалец станал Јеховин сведок? Прочитај што имаат да ни раскажат тие.
„Сега сум подобар сопруг“ — РИГОБЕР УЕТО
РОДЕН: 1941
ЗЕМЈА: БЕНИН
НЕКОГАШ: ПОЛИГАМИСТ И ПРОТИВНИК НА ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ
МОЕТО МИНАТО: Потекнувам од Котону, еден голем град во Бенин. Бев воспитан како католик, но не одев редовно в црква. Многу католици во моето место имаа повеќе жени, бидејќи во тоа време полигамијата беше законски дозволена. Јас имав четири.
Кога изби револуцијата во 1970-тите, мислев дека работите во мојата татковина ќе тргнат на подобро. Со цела душа ја поддржував револуцијата и се вклучив во политиката. Револуционерите не ги сакаа Јеховините сведоци затоа што тие не се мешаа во политика. И јас бев меѓу оние што ги прогонуваа Сведоците. Кога во 1976 год. нивните мисионери беа истерани од земјата, мислев дека нема никогаш да се вратат.
КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Револуцијата заврши во 1990 год. На мое изненадување, мисионерите на Сведоците набрзо се вратија. Тогаш ми дојде мисла дека можеби Бог сепак е со тие луѓе. Отприлика во тоа време, го сменив работното место. Еден од новите колеги беше Јеховин сведок и веднаш почна да ми зборува за своите верувања. Тој ми прочита некои библиски стихови кои го опишуваа Јехова како Бог на љубовта и на правдата (5. Мојсеева 32:4; 1. Јованово 4:8). Тие особини многу ми се допаднаа. Бидејќи сакав да дознаам нешто повеќе за Јехова, почнав да ја проучувам Библијата.
По некое време, почнав да одам на состаноците на Јеховините сведоци. Бев одушевен од искрената љубов што ја видов — немаше расни или класни поделби. Колку повеќе бев во контакт со Сведоците, толку појасно ми стануваше дека тие се вистински следбеници на Исус (Јован 13:35).
Сфатив дека, ако сакам да му служам на Јехова, ќе мора да ја напуштам Католичката црква. Бидејќи се плашев што ќе речат другите, воопшто не ми беше лесно да го направам тој чекор. Ми требаше подолго време, но со Јеховина помош собрав храброст и ја напуштив црквата.
Меѓутоа, требаше да направам уште една голема промена. Додека ја проучував Библијата, сфатив дека Бог не ја одобрува полигамијата (1. Мојсеева 2:18-24; Матеј 19:4-6). Во негови очи важеше само мојот прв брак. Затоа, законски се регистрирав со мојата прва жена и престанав да живеам со другите жени, но се погрижив да бидат материјално обезбедени. Подоцна, две од нив станаа Јеховини сведоци.
МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Иако жена ми е католик, таа ја почитува мојата одлука да му служам на Јехова. И двајцата се согласуваме дека сега сум подобар сопруг.
Порано мислев дека ќе ги сменам работите во општеството преку политиката, но сфатив дека сѐ што правев беше залудно. Сега ми е потполно јасно дека само Божјето Царство ќе ги реши проблемите на луѓето (Матеј 6:9, 10). Му благодарам на Јехова што ми помогна да најдам вистинска среќа во животот.
„Не ми беше лесно да се променам“ — АЛЕКС ЛЕМОС СИЛВА
РОДЕН: 1977
ЗЕМЈА: БРАЗИЛ
НЕКОГАШ: ПАСТОР НА ПЕНТАКОСТАЛНАТА ЦРКВА
МОЕТО МИНАТО: Пораснав во едно предградие на градот Иту, во државата Сао Пауло. Овој дел од градот е познат по големиот криминал.
Бев многу насилен и живеев неморално. Освен тоа, бев вмешан и во трговијата со дрога. Со текот на времето, сфатив дека таквиот начин на живот ќе ме одведе или в затвор или в гроб. Затоа се променив. Станав член на Пентакосталната црква, а подоцна станав и пастор.
Мислев дека со мојата служба во црквата вистински ќе им помогнам на луѓето. На локалното радио водев емисија во која се дискутираше на религиозни теми и така станав познат во околината. Но, увидов дека на црквата воопшто не ѝ беше грижа за нејзините членови, а уште помалку ѝ беше важно да го прослави Бог. Главна цел ѝ беше да собере пари. Затоа, решив да ја напуштам.
КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Кога почнав да ја проучувам Библијата со Јеховините сведоци, веднаш сфатив дека тие се разликуваат од другите религии. За мене две работи беа пресудни. Прво, Јеховините сведоци не само што зборуваат за љубов кон Бог и кон ближниот туку и покажуваат таква љубов. Второ, не се мешаат во политика и не одат во војна (Исаија 2:4). Ова ме увери дека ја пронајдов вистинската религија — тесниот пат што води до вечен живот (Матеј 7:13, 14).
Ми беше јасно дека за да ја стекнам Божјата милост, ќе треба да направам многу големи промени во животот. Морав да му посветам повеќе време на семејството. Исто така, требаше да покажувам поголема понизност. Не ми беше лесно да го направам сето тоа, но со Јеховина помош успеав. Жена ми беше одушевена од тие промени. Оттогаш почна да напредува побрзо, иако почна да ја проучува Библијата пред мене. По некое време и двајцата решивме да станеме Јеховини сведоци. Се крстивме во ист ден.
МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Јас и жена ми сме радосни што им помагаме на нашите три деца да се зближат со Јехова. Навистина сме среќно семејство. Благодарен сум му на Јехова што ме привлече кон вистината од Библијата. Таа навистина им го менува животот на луѓето! Јас сум жив доказ за тоа.
„Водам чист и исполнет живот“ — ВИКТОРИЈА ТОНГ
РОДЕНА: 1957
ЗЕМЈА: АВСТРАЛИЈА
НЕКОГАШ: ТЕШКО ДЕТСТВО
МОЕТО МИНАТО: Пораснав во Њукасл, во Нов Јужен Велс. Јас сум најстарото од седумте деца во семејство на насилни родители. Татко ми беше алкохоличар, а мајка ми ме малтретираше и физички и вербално. Постојано ми велеше дека сум лоша и дека ќе горам во пеколот. Ме фаќаше ужас кога ми се закануваше со тие зборови.
Поради физичките повреди што ми ги нанесуваше, често отсуствував од училиште. Кога наполнив 11 години, државата ме смести во дом, а подоцна во манастир. Избегав од манастирот кога имав 14 години. Бидејќи не сакав да се вратам дома, живеев на улиците на Кингс Крос, едно предградие во Сиднеј.
Додека живеев на улица, пиев, земав дрога и се вплеткав во порнографија и проституција. Еднаш ми се случи нешто многу страшно. Бев во станот на сопственикот на еден ноќен клуб. Една вечер дојдоа двајца мажи да разговараат со него. Тој ми рече да одам во спалната, но јас сепак успеав да чујам за што зборуваа. Се договараше да ме продаде на тие луѓе, кои планираа скришно да ме качат на товарен брод и да ме однесат во Јапонија за да работам во бар. Во паника, скокнав од балконот и избегав.
Сретнав еден човек кој беше дојден во Сиднеј. Му објаснив каква е мојата ситуација и се надевав дека ќе ми даде пари. Но, наместо тоа, тој ме однесе кај него за да се истуширам и да каснам нешто. Останав таму, и по една година се венчавме.
КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Кога почнав да ја проучувам Библијата со Јеховините сведоци, имав помешани чувства. Бев многу лута кога дознав дека Сатана стои зад сето зло што се случува. Цел живот ми велеа дека Бог е виновен за нашите страдања. Ми падна камен од срце кога дознав дека тој не ги казнува луѓето во пекол — мисла која ми влеваше страв во коски уште од дете.
Ме одушеви тоа што Сведоците дозволуваат Библијата да влијае врз нивните секојдневни одлуки. Тие живеат според својата вера. Бев тешка личност, но што и да кажев или направев, Сведоците покажуваа љубов и почит кон мене.
Најголема борба водев со чувствата на ниска вредност. Се мразев себеси. Таквите чувства ме мачеа уште долго време откако станав Јеховин сведок. Го сакав Јехова, но во исто време бев убедена дека тој никогаш нема да ме сака мене.
Почнав да размислувам сосема поинаку дури 15 години откако се крстив. За време на еден говор во Салата на Царството — место каде што Јеховините сведоци ги одржуваат своите состаноци — говорникот ги прочита зборовите од Јаков 1:23, 24. Во тие стихови Божјата Реч е опишана како огледало во кое можеме да видиме на кој начин нѐ гледа Јехова. Се прашував дали она што јас го гледам кај себе е исто со она што го гледа и Јехова. Во почетокот го отфрлав ваквото размислување. Сѐ уште мислев дека е премногу да очекувам Јехова да ме сака.
По неколку дена, прочитав еден стих кој ми го смени животот. Тоа беше Исаија 1:18, каде што Јехова пишува: „Дојдете да расчистиме и јас ќе ви помогнам да се помирите со мене... Ако бидат вашите гревови како црвено платно, ќе станат бели како снег“. Се чувствував како Јехова да ми зборува лично мене: „Ајде Вики, да ги расчистиме работите помеѓу нас. Те познавам, ги знам твоите гревови и го знам твоето срце, а сепак те сакам“.
Таа ноќ не можев да заспијам. Сѐ уште не ми се веруваше дека Јехова може да ме сака. Но, тогаш почнав да размислувам за откупната жртва на Исус Христос. Одеднаш, помислив на тоа колку долго Јехова е стрплив со мене и ми покажува дека ме сака. А јас како да му велев: „Твојата љубов не е толку голема за да можеш да ме сакаш. Жртвата на твојот Син не може да ги покрие моите гревови“. Со тоа како да ја отфрлав откупнината. Но, откако долго размислував колку скапоцен дар е таа, почнав да чувствувам дека Јехова ме сака.
МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Водам чист и исполнет живот. Имам подобар брак и среќна сум што можам преку моето искуство да им помагам на другите. Станувам сѐ поблиска со Јехова.
„Тоа беше одговор на мојата молитва“ — СЕРГЕЈ БОТАНКИН
РОДЕН: 1974
ЗЕМЈА: РУСИЈА
НЕКОГАШ: ХЕВИМЕТАЛЕЦ
МОЕТО МИНАТО: Роден сум во Воткинск, родното место на прочуениот композитор Петар Илич Чајковски. Моето семејство беше сиромашно. Татко ми беше добар човек, но многу пиеше. Затоа, дома секогаш владееше напната атмосфера.
Бидејќи не бев добар ученик, со текот на времето добив комплекс на ниска вредност. Почнав да се изолирам и изгубив доверба во другите. Не ми беше лесно да се снајдам на училиште. Кога требаше да раскажам нешто, често останував без зборови и не можев да ги објаснам ни наједноставните работи за кои слободно зборував во други прилики. Кога завршив осмо одделение, во моето свидетелство пишуваше: „Сиромашен речник, не може да се изрази добро“. Тие зборови ме скршија и целосно ми ја срушија самопочитта. Почнав да се прашувам дали мојот живот има некаква смисла.
Кога бев тинејџер, почнав да пијам. Отпрвин алкохолот ми помагаше да се чувствувам убаво. Но, кога ќе се опиев, совеста почнуваше да ме пече. Животот ми изгледаше бесмислен. Паѓав во сѐ поголема депресија и понекогаш со денови не излегував од дома. Помислував и на самоубиство.
Кога наполнив 20 години, најдов еден нов, но привремен начин да им дадам оддишка на моите чувства. Почнав да слушам хеви-метал музика. Таа ме исполнуваше со енергија и затоа се дружев со луѓето што ја слушаа. Пуштив долга коса, ставив пирсинг на ушите и се облекував како музичарите на кои им се восхитував. Со време, станав бунтовен, агресивен и често се расправав со моите.
Мислев дека хеви-метал музиката ќе ме направи среќен, но за жал, се случи токму спротивното. Станав друг човек. Сепак, кога дознав некои лоши работи за музичарите на кои им се восхитував, се почувствував изневерен.
Повторно почнаа да ми се вртат во главата мисли да се самоубијам — овојпат сериозно. Тоа не го сторив единствено заради мајка ми. Таа многу ме сакаше и правеше сѐ за мене. Ситуацијата беше навистина тешка. Не сакав да продолжам да живеам, но не можев ни да си го одземам животот.
За да ги растерам лошите мисли, почнав да читам класична руска литература. Главниот лик од еден роман служеше во црква. Одеднаш, во мене се разбуди желба да направам нешто за Бог и за другите луѓе. Од сѐ срце му се помолив на Бог — нешто што дотогаш го немав сторено. Барав да ми покаже како да најдам смисла во животот. Додека се молев, почувствував големо олеснување. Уште поинтересно беше она што се случи потоа. По два часа, еден Јеховин сведок дојде на мојата врата и ми понуди да ја проучува Библијата со мене. Бев уверен дека тоа беше одговор на мојата молитва. Така започнав еден нов, среќен живот.
КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Иако не ми беше лесно да го направам тоа, ги фрлив сите работи што беа поврзани со хеви-метал музиката. Сепак, таа ми се вртеше во глава уште долго време. Секогаш кога ќе поминев на места каде што се слушаше тој вид музика, веднаш се навраќав на минатото. Меѓутоа, не сакав да ги ставам во ист кош непријатните спомени и добрите работи кои почнаа да фаќаат корен во мојот ум и срце. Затоа, свесно избегнував такви места. Секогаш кога ќе се случеше да размислувам за минатото, почнував горливо да се молам. Така го добивав „мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла“ (Филипјаните 4:7).
Додека ја проучував Библијата, дознав дека христијаните треба да зборуваат со другите за својата вера (Матеј 28:19, 20). Мислев дека никогаш нема да можам да го правам тоа. Во исто време, чувствував огромна радост и внатрешен мир поради новите работи што ги учев. Сфатив дека и другите треба да ги чујат овие вистини. И покрај тоа што се плашев, почнав да им кажувам на луѓето за она што го учев. На мое големо изненадување, зборувајќи им на другите за Библијата, стекнав поголема самодоверба. Исто така, овие верувања уште повеќе се вкоренија во моето срце.
МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Имам среќен брак и радосен сум што им помогнав на неколкумина да ја дознаат вистината од Библијата, вклучувајќи ги и мајка ми и сестра ми. Мојот живот има вистинска смисла затоа што му служам на Бог и им помагам на другите да го запознаат.