Приближи му се на Бог
„Душата твоја... ќе се наведне над мене“
ПОНИЗНОСТА е привлечна особина. Обично ни се мили луѓето што се понизни. За жал, денес ретко може да се најде човек што е вистински понизен — особено меѓу оние што имаат моќ или власт над другите. Но, каков е Јехова Бог, најмоќната Личност во универзумот? Дали тој е понизен? Да ги разгледаме зборовите на пророкот Еремија. (Прочитај Плач Еремиин 3:20, 21.)
Еремија ја напишал книгата Плач Еремиин во еден мрачен период од историјата на Израелците. Тукушто бил очевидец на нешто што длабоко го погодило — неговиот сакан град, Ерусалим, бил уништен од Вавилонците. Иако чувствувал болка во душата, овој пророк знаел дека таа неволја била заслужена казна од Бог за гревовите што ги направиле Израелците. Но, имало ли зрак на надеж? Или, пак, Еремија мислел дека Јехова не е заинтересиран за луѓето што се покајале и дека не сака да ги извлече од очајот? Да видиме што кажал Еремија за себе и за својот народ.
И покрај тагата, Еремија не изгубил надеж. На Јехова му рекол: „Душата твојаa сигурно ќе се сети и ќе се наведне над мене“ (стих 20). Еремија немал ни ронка сомнеж во тоа. Знаел дека Јехова нема да го заборави ниту него, ниту Израелците што се покајале. Но, што ќе направел Семоќниот Бог? (Откровение 15:3).
Еремија бил сигурен дека Јехова „ќе се наведне“ над оние што вистински се каат. Овие срдечни зборови сликовито ни прикажуваат колку е добар Јехова. ‚Севишниот над целата Земја‘ ќе се наведне, така да се каже, за да ги подигне своите слуги од бедната состојба во која се наоѓале и повторно да ги врати во својата милост (Псалм 83:18). Оваа надеж била вистински мевлем за ранетото срце на Еремија. Верниот пророк бил решен стрпливо да чека додека не дојде времето што Јехова го одредил за да ги избави луѓето што се покајале (стих 21).
Зборовите што ги запишал Еремија ни покажуваат две работи за Јехова. Прво, тој е понизен (Псалм 18:35). Иако е „возвишен во својата сила“, Јехова е спремен да се спушти на наше ниво за да ни помогне кога ни е многу тешко (Јов 37:23; Псалм 113:5-7). Колку утешна мисла! Второ, Јехова е милостив. Тој е ‚спремен да им прости‘ и повторно да ги прифати сите што се каат за своите гревови (Псалм 86:5). Овие две особини — понизноста и милоста — навистина одат рака под рака.
Многу сме благодарни што Јехова не е како човечките владетели, кои поради својата гордост се тврдоглави и бесчувствителни! Сакаш ли да дознаеш нешто повеќе за овој понизен Бог кој е спремен да „се наведне“ за да нѐ извлече од очајот и да ни ја врати надежта?
Читање на Библијата во јуни:
◼ Еремија 51-52; Плач Еремиин 1-5— Езекиел 1-5
[Фуснота]
a Древните писари го промениле овој израз во „душата моја“, како да станува збор за Еремија. Тие очигледно сметале дека ќе покажат непочитување ако за Бог речат дека е душа — збор што во Библијата се користи за сите суштества на Земјата. Но, во Библијата честопати за Бог се користат изрази што луѓето можат лесно да ги разберат. Бидејќи зборот „душа“ може да се однесува на „нашиот живот“, изразот „душата твоја“ едноставно значи „ти“.
[Истакната мисла на страница 14]
Јехова е спремен да се спушти на наше ниво за да ни помогне кога ни е многу тешко