Можеш ли да веруваш во чудата запишани во Библијата?
АКО некој ти раскаже некоја неверојатна случка, зар нема доверливоста на личноста што ти ја кажува да влијае на тоа дали ќе веруваш или не? А дали ќе имаш доверба не зависи само од начинот на кој ти ја раскажува случката туку и од впечатокот за таа личност што си го стекнал во минатото. Ако со години секогаш ти ја кажувал само вистината и никогаш намерно не те излажал, би имал добра основа да му веруваш и овојпат.
Истото важи и за чудата запишани во Библијата. Никој од нас не бил жив кога се случиле. Но, има начин да се утврди дали се вистина. Како? Еве неколку причини заради кои можеме да веруваме во чудата запишани во Библијата.
Многу од чудата биле извршени на јавни места. Понекогаш биле направени пред илјадници, а можеби и пред милиони набљудувачи (2. Мојсеева 14:21-31; 19:16-19). Не биле извршени тајно, далеку од очите на јавноста.
Чудата биле направени на едноставен начин. Не биле користени посебни реквизити или помпезни изведби, и немало светлосни трикови. Најголемиот број од чудата запишани во Библијата се случиле сосема непланирано или затоа што некој лично замолил за нешто (Марко 5:25-29; Лука 7:11-16). Во таков случај настаните не можеле да бидат однапред наместени од оној што го правел чудото.
Мотивите на оние што ги правеле чудата не биле да стекнат популарност, слава или богатство. Напротив, преку чудата му се оддавала слава на Бог (Јован 11:1-4, 15, 40). Секој обид некој да стекне богатство преку моќта да прави чуда бил осуден (2. Царевите 5:15, 16, 20, 25-27; Дела 8:18-23).
Разноликоста на чудата запишани во Библијата покажува дека не е можно да се дело на човек. На пример, биле смирени разбранувано море и силен ветар, обична вода била претворена во вино, престанало па одново почнало да врне, биле излечени болни луѓе и им бил вратен видот на слепи. Сите овие, и уште многу други чуда, покажуваат дека зад нив мора да стои надчовечка сила што може да влијае врз сите облици на материја (1. Царевите 17:1-7; 18:41-45; Матеј 8:24-27; Лука 17:11-19; Јован 2:1-11; 9:1-7).
Противниците што биле очевидци на чудата не негирале дека тие навистина се случиле. Кога Исус го воскреснал својот пријател Лазар, неговите верски противници не негирале дека Лазар навистина бил мртов. А како би можеле да го направат тоа, кога Лазар бил погребан веќе четири дена (Јован 11:45-48; 12:9-11). Дури и со векови по смртта на Исус, писателите на еврејскиот Талмуд сѐ уште признавале дека Исус имал моќ да прави чуда. Тие само оспорувале дека Бог е изворот на таа моќ. Слично, кога учениците на Исус биле изведени пред еврејскиот суд, не им било поставено прашањето: „Вистина ли правевте чуда?“ туку: „Со каква сила или во чие име го направивте тоа?“ (Дела 4:1-13).
Според тоа, можеш ли да веруваш во чудата запишани во Библијата? Кога ќе се земат предвид сите работи што ги спомнавме, јасно е дека чудата запишани во Библијата навистина се случиле. А има и други причини зошто можеме да веруваме во нив. На пример, кога во Библијата се раскажува некој настан, честопати е наведено во кое време и на кое место се случил, како и имињата на луѓето што биле вклучени. Дури и критичарите на Библијата се вчудовидени од точноста на историските детали запишани во Библијата. Стотици библиски пророштва се исполниле дури до најситен детаљ. Освен тоа, во Библијата се дадени и голем број совети за тоа како можеме да ги подобриме меѓусебните односи — совети што им помогнале на луѓе од најразлична возраст и од сите општествени слоеви. А на полето на меѓучовечки односи, советите од Библијата не можат да се мерат со ништо друго.
Ако до сега не си стекнал целосна доверба во Библијата, зошто не одвоиш малку време повнимателно да ја испиташ? Колку повеќе ја запознаваш, толку поголема доверба ќе имаш во неа (Јован 17:17). Ќе увидиш дека можеш да веруваш во чудата од минатото запишани во неа. А тоа ќе ти даде основа за доверба и во она што Библијата кажува дека ќе се случи наскоро.
[Слика на страница 7]
Противниците на Исус не негирале дека Лазар бил мртов