УГЛЕДАЈТЕ СЕ НА НИВНАТА ВЕРА
Зачуван „со седуммина други“
НОЕ и неговото семејство се припиле еден до друг, занемени од заглушувачкиот звук на дождот. Треперливата светлина од ламбата покрај нив ја разбивала темнината во арката, осветлувајќи делчиња од нивните лица. Замисли си ги нивните широко отворени очи додека во полумракот од сите страни сѐ посилно се слушало плискањето на водата.
Ное погледнал во својата верна жена и во своите послушни синови и снаи. Во срцето почувствувал огромна благодарност. Во тие болни мигови за човештвото, тој можел да биде спокоен. Тука до него, на сигурно и безбедно, биле неговите најмили. Во тој момент Ное ја кренал главата и, со силен глас за да може целото семејство да го чуе и покрај големата бучава, почнал да му се заблагодарува на Јехова.
Ное имал голема вера. Поради таквата вера неговиот Бог, Јехова, сакал да го заштити него и неговото семејство од Потопот со кој ќе го казнел злобниот свет (Евреите 11:7). Но, дали требало да покажат вера само за да се спасат од Потопот? Не. Оваа особина им била неопходна и за во иднина, зашто ги чекале тешки денови. Истото важи и за нас, бидејќи живееме во бурни времиња. Затоа, да видиме што можеме да научиме од овој човек со извонредна вера.
„ЧЕТИРИЕСЕТ ДЕНА И ЧЕТИРИЕСЕТ НОЌИ“
Надвор од арката, дождот паѓал „четириесет дена и четириесет ноќи“ (1. Мојсеева 7:4, 11, 12). Водата оставала сѐ помалку суво копно каде што некој би можел да застане и да се спаси. Јехова, Богот на Ное, направил токму како што рекол. Ги заштитил праведните, а ги казнил злобните.
Со Потопот била запрена една побуна која започнала меѓу ангелите. Под влијание на себичните ставови на Сатана, многу ангели ја напуштиле „својата првобитна положба“ на небото за да живеат со жените на Земјата. Децата од врските меѓу ангелите и луѓето биле наречени нефили (Јуда 6; 1. Мојсеева 6:4). Без сомнение, Сатана уживал додека гледал како сѐ повеќе ангели застануваат на негова страна, затоа што така можел уште повеќе да го расипе човекот, круната на Јеховиното творештво на Земјата.
Кога веќе немало како да се спасат од водата, ангелите што се побуниле биле присилени да ги остават своите човечки тела и да се вратат во духовниот свет. Оттогаш, никогаш повеќе не можеле да земат човечки тела. Овие ангели ги оставиле своите жени и деца да се удават во потопните води заедно со сите други луѓе.
Уште во времето на Енох, кој живеел речиси седум века пред Потопот, Јехова ги предупредил луѓето дека ќе ги уништи сите што се злобни и безбожни (1. Мојсеева 5:24; Јуда 14, 15). Оттогаш, луѓето станувале сѐ полоши и сѐ понасилни и ја уништувале Земјата. Сега требало да ја платат цената за своето однесување. Дали Ное и неговото семејство се радувале што требало да бидат уништени толку многу луѓе?
Не. А не се радувал ниту нивниот милостив Бог (Езекиел 33:11). Јехова сторил сѐ за да спаси што е можно повеќе луѓе. На Енох му дал задача да ги предупредува луѓето, а на Ное да изгради арка. Ное и неговото семејство со децении макотрпно работеле на нејзината изградба пред очите на сите. Освен тоа, Јехова му заповедал на Ное да биде ‚проповедник на праведноста‘ (2. Петрово 2:5). Исто како Енох, и тој ги предупредувал луѓето дека Бог ќе изврши осуда врз нив. Како реагирале тие? Исус, кој од небото го гледал сето она што се случувало во деновите на Ное, подоцна за тие луѓе рекол: „Не обрнуваа внимание додека не дојде потопот и ги однесе сите“ (Матеј 24:39).
Замисли си како им било на Ное и на неговото семејство првите 40 дена откако Јехова ја затворил вратата на арката. Додека дождот непрекинато продолжувал да лее со денови, осумте луѓе почнале да се навикнуваат на новиот живот во своето засолниште. Си помагале меѓусебе околу секојдневните обврски и во грижата за животните. Во еден момент, сосема неочекувано, нивниот нов дом нешто го затресло. Потоа се навалил на едната, па на другата страна. Одеднаш почнал да се лула. Надојдените води продреле под огромното дрвено здание и го подигнале. Арката запловила! Лебдејќи над водата која сѐ повеќе се кревала, и таа се издигнувала сѐ повисоко. Библијата вели: „Пловеше високо над земјата“ (1. Мојсеева 7:17). На каков само неверојатен начин Јехова Бог ја покажал својата неограничена моќ!
Колку благодарен мора да бил Ное — не само затоа што тој и неговото семејство биле на безбедно туку и затоа што Јехова покажал милост кон сите луѓе на тој начин што преку него ги предупредил за она што доаѓа. Сиот труд што Ное го вложувал можеби на моменти му изгледал залуден. На луѓето ни малку не им било гајле што зборува! Ное сигурно имал браќа, сестри и други блиски роднини, но никој од нив не му верувал (1. Мојсеева 5:30). Сега, кога во арката останале само тие осуммина, сигурно наоѓале утеха во помислата дека направиле сѐ што можеле за да им дадат шанса и на други да бидат со нив.
Јехова не се сменил (Малахија 3:6). Исус Христос рекол дека нашево време е слично на „деновите на Ное“ (Матеј 24:37). И ние живееме во еден посебен период од човечката историја. Наскоро на овој расипан свет ќе му дојде крајот. Исто како во времето на Ное, Бог и денес им кажува на луѓето како да си го спасат животот. Ќе ги сфатиш ли сериозно неговите предупредувања? Ако знаеш што треба да направиш за да се спасиш, дали ќе им помагаш и на другите да го дознаат тоа? Ное и неговото семејство ни се одличен пример во овој поглед.
„СЕ СПАСИЈА, ПОМИНУВАЈЌИ ПРЕКУ ВОДАТА“
Додека разбрануваната вода ја заплискувала и нишала арката, во неа сигурно се слушало крцкањето на масивните греди од кои била направена. Дали Ное се плашел дека арката нема да ги издржи немилосрдните удари на големите бранови? Не. Такви сомнежи може да им се појават само на оние што немаат вера во Бог. Но, Ное имал потполна доверба во Бог. Во Библијата пишува: „Со вера Ное... изгради арка“ (Евреите 11:7). За каква вера станува збор? Јехова склучил сојуз, односно се обврзал, да ги спаси од Потопот Ное и сите други што биле со него во арката (1. Мојсеева 6:18, 19). Секако дека оној што ги создал вселената, Земјата и сите живи суштества на неа можел да спречи арката да биде оштетена. Ное со право имал доверба дека Јехова ќе си го одржи ветувањето. Како била наградена довербата што ја покажал? За него и неговото семејство Библијата вели: „Се спасија, поминувајќи преку водата“ (1. Петрово 3:20).
По 40 дена и 40 ноќи, дождот конечно престанал. Според денешниот календар, тоа било некаде во декември, 2370 год. пр.н.е. Но, необичното доживување на ова семејство сѐ уште не било завршено. Арката во која се наоѓале единствените преживеани на Земјината топка пловела сама по бескрајната водена шир, многу повисоко и од највисоките планински врвови (1. Мојсеева 7:19, 20). Можеме да си замислиме како Ное ја распределува потешката работа меѓу своите три сина, Сем, Хам и Јафет. Тие морале редовно да ја одржуваат чистотата, да ги хранат животните и да се грижат за нивното здравје. Се разбира, како што Бог можел да ги натера животните послушно да влезат во арката така можел и да ги направи доволно питоми за да живеат едни крај други во неа.a
Ное внимателно го запишувал она што се случувало. Меѓу другото, запишал кога почнало и кога престанало да врне. Исто така, запишал и дека водите ја прекривале Земјата 150 дена. На крајот, нивото на водата почнало да опаѓа. И конечно, еден незаборавен ден, арката полека се спуштила на „Араратските Планини“, кои се наоѓаат на територијата на денешна Турција. Тоа веројатно се случило во април 2369 год. пр.н.е. По 73 дена, во јуни, почнале да се гледаат врвовите на планините. Три месеци подоцна, во септември, Ное решил да открие дел од покривот на арката. Тоа сигурно не било лесна работа, но трудот се исплател затоа што до внатрешноста на арката допреле нежните сончеви зраци и влегол свежиот планински воздух. Тогаш Ное видел дека копното е веќе суво и има вегетација. Некое време пред да го отвори покривот тој пуштил гавран, кој по секој лет се враќал на арката за да одмори. По гавранот пуштил и гулабица, која двапати се вратила кај него, но третиот пат одлетала и веќе не се вратила затоа што нашла место каде што можела да свие гнездо (1. Мојсеева 7:24—8:13).
И покрај сите обврски што ги имал, можеме да бидеме уверени дека за Ное и понатаму најважни биле духовните работи. Сигурно редовно се молел со своето семејство и разговарал со нив за тоа што сѐ направил нивниот небесен Татко за да ги заштити. Ное се потпирал на Јехова за секоја важна одлука. Иако видел дека земјата е „сосема сува“ и поминало повеќе од една година откако влегле во арката, тој не ја отворил на своја рака нејзината врата. Стрпливо чекал на Јехова (1. Мојсеева 8:14).
Поглаварите на семејствата можат да научат многу од овој верен човек. Ное бил организиран, вреден, стрплив и грижлив. Освен тоа, најважно од сѐ му било да го слуша Јехова Бог. Ако и ние имаме вера како Ное, ќе можеме да направиме многу за доброто на нашите најблиски.
„ИЗЛЕЗЕТЕ ОД АРКАТА“
Конечно дошол денот кога Јехова му рекол на Ное: „Излезете од арката, ти и твојата жена и твоите синови и жените на твоите синови“. Први излегле луѓето, а потоа животните. Дали животните избезумено се растрчале на сите страни? Се разбира дека не. Извештајот вели дека ‚сѐ што се движи по земјата излегло од арката според својот вид‘ (1. Мојсеева 8:15-19). Надвор, на чистиот планински воздух, Ное и неговото семејство можеле да ги видат убавите планински врвови на Арарат. На Земјата немало ни трага од злото. Ги немало нефилите, насилството, бунтовните ангели и злобните луѓе.b Човештвото добило шанса за нов почеток.
Ное знаел што треба да направи најпрво — да му оддаде почит и благодарност на својот Бог. Изградил жртвеник и на него принел животни кои Јехова ги сметал за чисти. Единствено од нив Ное внел во арката по седум (1. Мојсеева 7:2; 8:20). Дали Јехова ја прифатил жртвата на Ное?
Одговорот го наоѓаме во следниве зборови од Библијата: „Јехова го помириса успокојувачкиот мирис“. Болката што ја чувствувал Бог затоа што луѓето станале насилни била заменета со пријатно чувство и спокојство. Конечно на Земјата останале само луѓето кои биле решени да му бидат послушни. Јехова не очекувал тие да бидат совршени. Библискиот извештај понатаму продолжува: „Човечкото срце е склоно кон зло од неговата младост“ (1. Мојсеева 8:21). Но, Јехова направил уште нешто, кое ни покажува колку е стрплив и милостив кон луѓето.
Бог го тргнал проклетството од земјата. Во времето кога Адам и Ева се побуниле, Тој ја проколнал земјата и затоа било многу тешко таа да се обработува. Ламех му го дал на својот син името Ное, што веројатно значи „одмор“ или „утеха“, и прорекол дека тој негов син ќе го ослободи човештвото од проклетството. Ное сигурно многу се израдувал кога сфатил дека ќе го види исполнувањето на тоа пророштво и дека земјата полесно ќе се обработува. Затоа, веднаш почнал да работи земјоделие (1. Мојсеева 3:17, 18; 5:28, 29; 9:20).
Во исто време, Јехова им дал на сите потомци на Ное јасни, едноставни закони што требало да ги водат во животот. Во нив спаѓала заповедта да не се убива и да не се злоупотребува крвта. Бог склучил сојуз со луѓето и им ветил дека никогаш повторно нема да пушти потоп за да уништи сѐ што е живо на Земјата. Како доказ дека ќе си стои на зборот, Јехова им овозможил на луѓето за првпат да видат една прекрасна природна појава — виножитото. До ден-денес, секое виножито нѐ потсетува на ветувањето што Јехова со љубов го дал (1. Мојсеева 9:1-17).
Ако приказната за Ное е само обична бајка со среќен крај, сигурно би завршила со тоа виножито. Меѓутоа, Ное бил вистинска личност и животот не му бил баш лесен. Во тоа време кога луѓето имале подолг животен век, овој верен човек живеел уште 350 години, во кои поминал низ многу тешки моменти. Во една прилика направил голема грешка затоа што се опил. Но, таа грешка водела до нешто уште полошо. Неговиот внук Ханаан направил уште поголем грев, кој донел горки последици за целото семејство на Ханаан. Во текот на својот долг живот, Ное видел како неговите потомци одат од лошо на полошо. До времето на еден од нив, кој се викал Нимрод, тие дури почнале да обожаваат идоли и станале многу насилни. Сепак, не било сѐ толку црно. Неговиот син, Сем, му бил верен на Јехова и му дал одличен пример на своето семејство (1. Мојсеева 9:21-28; 10:8-11; 11:1-11).
Исто како Ное, и ние треба да ја задржиме нашата вера и покрај тешкотиите на кои ќе наидеме. Кога другите околу нас воопшто не сакаат да знаат кој е вистинскиот Бог или, пак, му вртат грб и престануваат да му служат, ние треба да останеме верни како Ное. Јехова многу ги цени таквата вера и истрајност. Како што рекол Исус Христос, „кој ќе истрае до крајот, тој ќе биде спасен“ (Матеј 24:13).
a Некои велат дека Бог ги одржувал животните во состојба на млитавост слична на хибернација и така им ја намалил потребата од храна. Како и да било, Бог го одржал ветувањето дека сите што се во арката ќе преживеат.
b Повеќе ја немало ни рајската градина, која веројатно била уништена од водите на Потопот. Херувимите што го чувале влезот на градината се вратиле на небото откако си ја извршиле задачата која траела 1.600 години (1. Мојсеева 3:22-24).