ПРАШАЊА ОД ЧИТАТЕЛИТЕ
Зошто Исус почнал да рони солзи пред да го воскресне Лазар, како што стои во Јован 11:35?
Нормално е да плачеме кога ќе ни умре некој од најмилите затоа што ќе ни недостасува. Но, Исус не заплакал од таа причина кога умрел Лазар, иако многу го сакал. Од контекстот на Јован 11:35 можеме да видиме дека Исус се расплакал од сочувство кон семејството и пријателите на Лазар (Јован 11:36).
Кога Исус слушнал дека Лазар е болен, не отишол веднаш кај него да го излекува. Извештајот вели: „Кога [Исус] чу дека [Лазар] е болен, остана уште два дена во местото каде што беше“ (Јован 11:6). Исус намерно не заминал веднаш. Тој рекол: „Оваа болест не е за умирање, туку за слава Божја, за да се прослави Синот Божји преку неа“ (Јован 11:4). Што сакал да каже Исус кога рекол дека болеста на Лазар не е „за умирање“? Тој имал намера да ја искористи за ‚Божја слава‘ и да направи едно величествено чудо — да го подигне својот драг пријател од мртвите.
Во таа прилика, додека разговарал со своите ученици, Исус ја споредил смртта со спиење. Токму затоа им рекол дека ќе ‚оди да го разбуди Лазар‘ (Јован 11:11). Исус можел да го воскресне Лазар исто како што еден родител може да го разбуди своето дете кое спие. Поради тоа, немало причина да чувствува болка затоа што неговиот пријател бил мртов.
Тогаш, зошто Исус заплакал? Одговорот повторно ни го дава контекстот. Кога се сретнал со Марија, сестрата на Лазар, и кога видел како таа и другите плачат, бил „длабоко трогнат и потресен“. Од таа причина тој ‚почнал да рони солзи‘. Му било многу жал кога видел дека неговите сакани пријатели се скршени од болка (Јован 11:33, 35).
Овој извештај ни покажува дека Исус има моќ да ги врати во живот нашите најмили во новиот свет. Исто така, нѐ уверува дека Исус сочувствува со оние што ги изгубиле своите најблиски. Од овој извештај учиме и дека треба да бидеме сочувствителни кон оние што тагуваат поради смртта на некој од своите сакани.
Исус знаел дека ќе го воскресне Лазар. Сепак, тој почнал да рони солзи затоа што многу ги сакал и сочувствувал со своите пријатели. Поттикнати од сочувство, можеби и ние ‚плачеме со оние што плачат‘ (Рим. 12:15). Ако ја изразуваме својата тага на таков начин, не значи дека немаме вера во воскресението. Исус ни дал убав пример како да сочувствуваме со ужалените со тоа што заплакал иако имал намера да го воскресне Лазар.