ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ЧЕТИРИТЕ ЈАВАЧИ НА АПОКАЛИПСАТА
Четирите јавачи на апокалипсата
Четири коњи галопираат со молскавична брзина. Тие и нивните јавачи се опишани на многу жив и сликовит начин во Библијата. Првиот коњ е бел, а го јава еден величествен, новоустоличен цар. Коњот што доаѓа по него е со пламена боја, а неговиот јавач го одзема мирот од Земјата. Третиот коњ е потполно црн, а оној што го јава држи терезија и објавува лоша вест дека ќе има недостиг на храна. Последниот коњ е со многу бледа боја и навестува болести и други смртни опасности, а го јава самата Смрт. Веднаш по него оди Гробот и ги покосува животите на безброј луѓе! (Откровение 6:1-8).
„Кога првпат прочитав за четирите јавачи, многу се уплашив. Си реков: ‚Судниот ден доаѓа, а јас не сум спремна — нема шанси да се спасам‘“ (Кристл).
„Просто бев воодушевен од четирите јавачи и нивните коњи со различна боја. Кога сфатив што значи тоа видение, некако сѐ ми имаше смисла“ (Ед).
Дали и ти се чувствуваш како Кристл кога читаш за четирите јавачи на апокалипсата? Или, пак, повеќе како Ед? Во секој случај, галопот на овие коњи е една од најпознатите сцени опишани во последната книга од Библијата, Откровение. Тоа што ќе го разбереш значењето на ова видение може многу да ти користи. На кој начин? Ако ја читаш пророчката книга Откровение, ако учиш од неа и ако живееш според она што си го дознал, Бог ветува дека ќе имаш среќен живот (Откровение 1:1-3).
Иако видението за четирите јавачи им влева страв на некои луѓе, тоа не е запишано со таква цел. Всушност, ова видение на милиони луѓе им ја зајакнало верата и им дало надеж за подобра иднина. И ти можеш да бидеш меѓу нив. Да видиме што вели следната статија на оваа тема.