Постари браќа — Јехова ја цени вашата верност
СТАРЕШИНИТЕ низ целиот свет многу ја ценат службата што ја вршат во корист на Божјите слуги. Тие се вистински благослов за сите нас! Меѓутоа, неодамна имаше една промена. Постарите старешини беа замолени да им препуштат некои од своите поголеми одговорности на некои од помладите старешини. Што опфаќа оваа промена?
Браќата кои служат како покраински надгледници и инструктори на теократските школи треба да прекинат со тој вид служба кога ќе наполнат 70 години. Исто така, старешините кои имаат 80 години, а служат како координатори на одбори на подружници или координатори на старешинства во собранијата, треба да им ги препуштат овие и некои други задачи на помлади старешини. Како овие постари старешини реагираа на ваквата промена? Тие покажаа верност кон Јехова и кон неговата организација.
Кен, кој речиси 49 години служел како координатор на Одборот на една подружница, вели: „Потполно се согласив со таа одлука. Всушност, утрото кога дознав за неа, јас веќе му имав кажано на Јехова во молитва дека треба некој помлад брат да служи како координатор“. И други верни постари браќа низ целиот свет покажаа ист став како Кен. Се разбира, бидејќи многу сакаат да им служат на браќата, на почетокот биле и малку разочарани.
„Малку се растажив“, вели Есперандиу, кој служел како координатор на старешинството во неговото собрание. Но тој признава: „Ми треба повеќе време за да се грижам за моето здравје кое сѐ повеќе се влошува“. Есперандиу и понатаму е вистински благослов за неговото собрание и продолжува верно да му служи на Јехова.
А како е со браќата кои долго време служеле како патувачки надгледници? Ален, кој бил во таа служба 38 години, признава: „Кога дознав за одлуката, бев шокиран“. Сепак, тој сфатил колку е корисно помладите браќа да добиваат обука, и продолжува верно да му служи на Јехова.
Расел, кој вкупно 40 години служел како патувачки надгледник и како инструктор на теократски школи, вели дека во почетокот тој и жена му биле разочарани. Расел вели: „Многу ја ценевме можноста да служиме на тој начин и сметавме дека сѐ уште имаме сили да продолжиме“. Искуството и обуката што тој и жена му ги стекнале низ годините, сега ги користат во своето собрание. А тоа е голем благослов за браќата и сестрите со кои служат.
Дури и ако ти лично не си во иста ситуација како браќата што ги спомнавме погоре, извештајот од 2. Самоилова може да ти помогне да ги разбереш нивните чувства.
СКРОМЕН И РАЗУМЕН ЧОВЕК
Размисли за ситуацијата кога Авесалом, синот на Давид, се побунил против него. Давид побегнал од Ерусалим во Маханаим, источно од реката Јордан. Таму, тој и луѓето што биле со него имале потреба од храна и други основни намирници. Дали се сеќаваш што се случило тогаш?
Тројца луѓе од тој крај великодушно им дале постели, разни видови храна, како и разни садови и чинии. Еден од тие луѓе бил Варзелај (2. Сам. 17:27-29). Откако побуната на Авесалом била задушена, Давид тргнал кон Ерусалим, а Варзелај го испратил до Јордан. Давид го поттикнал да дојде во Ерусалим и му понудил да се грижи за него во материјален поглед, иако Варзелај бил многу богат и не му била потребна таквата помош (2. Сам. 19:31-33). Давид веројатно сакал Варзелај да му биде советник во Ерусалим поради неговата мудрост и животно искуство. Сигурно за Варзелај ќе било голема чест да живее и да служи на царскиот дворец!
Бидејќи бил скромен и разумен, Варзелај укажал на тоа дека има 80 години. Потоа додал: „Можам ли да распознаам што е добро, а што зло?“ (2. Сам. 19:35). Што сакал да каже со тоа? Варзелај сигурно стекнал многу мудрост во текот на својот долг живот, и сѐ уште можел да биде добар советник, исто како што биле „постарите мажи“ во времето на цар Ровоам (1. Цар. 12:6, 7; Пс. 92:12-14; Изр. 16:31). Затоа, кога Варзелај рекол дека не може да распознае што е добро, а што зло, можеби мислел на физичките ограничувања кои му ги донела староста. Тој признал дека староста веќе влијаела врз неговите сетила за вкус и слух (Проп. 12:4, 5). Поради тоа, Варзелај го поттикнал Давид да го земе во Ерусалим помладиот Химам, кој веројатно му бил син (2. Сам. 19:36-40).
ЗОШТО БЕШЕ ПОТРЕБНА ОВАА ПРОМЕНА
Варзелај ја одбил задачата поради својата возраст, и ова покажува дека бил разумен. Промената што ја спомнавме на почетокот од статијата беше направена од слична причина. Се разбира, притоа не беа земени предвид околностите и способностите само на еден човек, како што било случај со Варзелај. Требаше разумно да се процени што е најдобро за старешините низ целиот свет.
Овие скромни постари браќа веднаш сфатија дека Јеховината организација ќе биде подобро подготвена за иднината доколку им овозможат на помладите браќа да ја добијат потребната обука и да почнат да ги извршуваат одговорностите што тие со години ги извршувале. Во повеќето случаи, постарите браќа ги обучуваа помладите, како што Варзелај веројатно му давал обука на својот син, а Павле на Тимотеј (1. Кор. 4:17; Фил. 2:20-22). Овие помлади браќа докажале дека се „луѓе како дарови“, способни „да го изградуваат Христовото тело“ (Еф. 4:8-12; спореди со 4. Мој. 11:16, 17, 29).
СЕ ОТВОРААТ НОВИ МОЖНОСТИ ВО СЛУЖБАТА
На многу браќа кои отстапија некои задачи им се пружи прилика да прават повеќе во собранието и во разни гранки од службата за Јехова.
Марко, кој 19 години служел како патувачки надгледник, вели: „Поради новите околности, сега можам да им посветам време и внимание на сопрузите на некои сестри во нашето собрание кои не се Сведоци“.
Жералду, кој 28 години служел во патувачкото дело, вели: „Си поставивме нови цели како, на пример, да им помагаме на неактивните и да водиме повеќе библиски курсеви“. Тој вели дека заедно со неговата сопруга сега водат 15 библиски курсеви и дека голем број неактивни браќа и сестри почнале да доаѓаат на состаноците.
Ален, кој беше цитиран погоре, го вели следново: „Сега имаме можност да посветиме повеќе време на различни гранки од службата на проповедање. Учествуваме во сведочењето на јавни места, на деловни подрачја, а им сведочиме и на нашите соседи, од кои двајца дојдоа во салата за состаноци“.
Ако си духовно зрел брат кој добил нова задача во Божјата организација, имај на ум дека можеш да помагаш во собранието на еден посебен начин. Можеш да го поддржиш Јеховиното дело така што ќе им го пренесеш своето скапоцено искуство на помладите браќа во собранието. Расел, кој беше цитиран претходно, вели: „Јехова обучува и користи прекрасни, талентирани млади лица. На браќата и сестрите многу им користи тоа што тие со голем жар поучуваат и се грижат како пастири за собранието!“ (Види ја рамката „Помагај им на помладите браќа потполно да го искористат својот потенцијал“.)
ЈЕХОВА ЈА ЦЕНИ ТВОЈАТА ВЕРНОСТ
Ако од неодамна си почнал со нов вид служба, остани позитивен. Досега веќе си им помогнал на безброј лица, и сѐ уште можеш да го правиш тоа. Биди уверен дека сите тие многу те сакаат.
Што е најважно, ти си оставил неизбришлива трага во срцето на Јехова. Во Библијата пишува: „[Бог нема] да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име, така што им служевте на светите и продолжувате да им служите“ (Евр. 6:10). Ова ветување на Јехова не важи само за она што си го правел за него во минатото туку и за она што продолжуваш да го правиш. Ти си премногу скапоцен за тој да ја заборави твојата служба!
А што ако ти лично не си засегнат од промената за која станува збор во оваа статија? Таа сепак може да влијае и врз тебе. На кој начин?
Ако имаш можност да соработуваш со некој постар брат кој добил промена во задачата, можеш да извлечеш голема корист од неговата зрелост и долгогодишно искуство. Барај совети од него. Прашувај го за предлози. И, набљудувај како во неговата сегашна задача верно го применува она што го научил низ годините.
Без оглед на тоа дали си постар брат кој добил нова задача или си член на собранието кој извлекува корист од службата на таквите постари браќа, имај на ум дека Јехова ја цени верноста на оние што со години му служеле и што продолжуваат да му служат.