Како членовите на семејството соработуваат за целосно учество — на собраниските состаноци
1 Христијанските семејства мора да обрнат внимание на заповедта да се собираат на собраниските состаноци (Евр. 10:24, 25). Со добра соработка, сите можат да успеат во подготовката, присуствувањето и учествувањето на состаноците. Семејните околности се разликуваат, но има некои работи кои еден христијански сопруг, една сопруга која е соверник или еден самохран родител може да ги направи за да го унапреди заедништвото на семејството во духовните работи, без оглед на бројот на децата во домот и на нивната возраст (Изр. 1:8).
2 Одвојте време за да се подготвите: Членовите на семејството соработуваат во грижата секој да биде соодветно подготвен за собраниските состаноци. Многумина заеднички ја разгледуваат статијата за седмичната студија на Стражарска кула. Некои се подготвуваат за собраниската студија на книга или, пак, го следат седмичното читање на Библијата како семејство. Целта е во мислите да се имаат главните точки пред да се присуствува на состаноците. На тој начин, сите ќе извлечат поголема корист од она што го чуле и ќе бидат опремени да учествуваат штом ќе се укаже прилика за тоа (1. Тим. 4:15).
3 Планирајте да учествувате: Секој во семејството треба да има за цел да ја изјавува својата надеж пред другите коментирајќи на состаноците (Евр. 10:23). Дали на некој член на семејството му треба помош или охрабрување за да го прави тоа? Каква помош му е потребна на секого во подготовката на задачите за Теократската школа за служба? Сопругите ценат кога нивните сопрузи се интересираат и можеби им даваат идеја за некоја прикладна илустрација или практична рамка. Родителите не треба да мислат дека тие треба да ги подготвуваат деловите за нивните деца. Тоа би можело да ја задуши иницијативата на децата. Но, родителите можат да им помогнат на своите млади и да слушаат додека тие вежбаат на глас (Ефеш. 6:4).
4 Организирајте се за да присуствувате: Децата можат да бидат поучени уште од рана возраст да бидат облечени и подготвени за да заминат на состанокот во назначеното време. Членовите на семејството треба да соработуваат во грижата за задачите во домаќинството за да нема одложувања. (Види ги предлозите во книгите Семејна среќа, страница 112 и Младите прашуваат, страници 316, 317.)
5 И родителите и децата можат да размислуваат за зборовите на Исус Навин од дамнината, кој рекол: „Јас и домот мој ќе му служиме на Господа“. Биди одлучен потполно да учествуваш на собраниските состаноци (Ис. Нав. 24:15).