Развиј ја вештината да резонираш со другите
1. Кој библиски извештај ќе го испитаме и зошто?
1 Говорот на апостол Павле во синагогата во Писидиска Антиохија, како што е запишано во Дела 13:16-41, ни дава убав пример за тоа како да резонираме со другите. Павле ги зел во обѕир потеклото и менталитетот на оние што го слушале, па својот начин на изнесување на добрата вест го приспособил според тоа. Додека го испитуваме овој извештај, да разгледаме како можеме да го направиме истото во нашата служба.
2. Што учиме од начинот на кој Павле го започнал својот говор?
2 Барај заеднички темел: Иако пораката на Павле се сосредоточила на клучната улога на Исус во исполнувањето на Божјата намера, Павле не го започнал говорот со изнесување на оваа мисла. Наместо тоа, тој зборувал за нешто што му било заедничко со публиката која претежно се состоела од Евреи — историјата на еврејскиот народ (Дела 13:16-22). На сличен начин и ние поуспешно ќе ги достигнеме срцата на другите, ако бараме заеднички темел со нив. За ова можеби ќе биде потребно со тактични прашања да ги поттикнеме да се искажат и внимателно да ги слушаме за да откриеме што е навистина важно за нив.
3. Што им отежнувало на слушателите на Павле да прифатат дека Исус бил ветениот Месија?
3 Зборувајќи за историјата на Евреите, Павле ги потсетил своите слушатели дека Бог ветил оти ќе подигне Спасител од лозата на Давид. Меѓутоа, многу Евреи очекувале некој воен херој кој ќе ги ослободи од Римската власт и ќе ја издигне еврејската нација над сите други. Тие сигурно знаеле дека религиозните водачи во Ерусалим го отфрлиле Исус, дека го предале на римските власти и дека бил убиен. Како можел Павле да ги убеди дека Овој бил ветениот Месија?
4. На кој начин Павле вешто резонирал со своите еврејски слушатели?
4 Приспособи го твојот пристап: Бидејќи знаел како размислувале неговите слушатели, Павле го користел Светото писмо за да резонира со нив на темел на работите кои веќе ги имале прифатено. На пример, Исус го претставил како потомок на Давид и како оној што бил препознаен од Јован Крстител, кого насекаде го сметале за Божји пророк (Дела 13:23-25). Павле им кажал дека со тоа што го отфрлиле Исус и го осудиле на смрт, религиозните водачи ‚го исполниле она што го изразиле Пророците‘ (Дела 13:26-28). Потоа, тој објаснил дека имало очевидци дека Исус воскреснал од мртвите и го свртил вниманието на познати делови од Светото писмо кои се исполниле со воскресението на Исус (Дела 13:29-37).
5. а) Како Павле го приспособил својот пристап кога им се обратил на Грците? б) Како можеме да го следиме примерот на Павле кога сведочиме на нашето подрачје?
5 Од друга страна, кога им се обратил на Грците во Ареопагот во Атина, Павле користел поинаков пристап (Дела 17:22-31). Сепак, тој ја пренел истата основна порака, а во двата случаи неговиот труд имал добри резултати (Дела 13:42, 43; 17:34). Слично и денес, ние ќе бидеме поуспешни во нашата служба ако бараме заеднички темел за разговор со нашите слушатели и ако го приспособиме нашиот пристап според нивното потекло и менталитет.