Мудро да ја користиме нашата библиска литература
1, 2. Што мислат многу луѓе за нашата литература, и кое прашање се поставува со тоа?
1 „Вашите публикации ги читам уште од 1965. Тоа што ќе го прочитам во нив го проверувам во Библијата, и навистина, вашата литература е во склад со неа. Отсекогаш сум сакал да ја знам вистината за Бог и за Исус, и можам искрено да кажам дека ги наоѓам вистинските одговори во вашиот материјал и во Библијата.“ Тоа го пишал еден човек до главното седиште на Јеховините сведоци. Во истото писмо, тој побарал да ја проучува Библијата.
2 Исто како тој благодарен човек, милиони луѓе низ целиот свет се благодарни за библиските помагала за проучување кои ги дава „верниот и разборит роб“ (Мат. 24:45). Секоја година, се произведува огромна количина литература за да им се помогне на луѓето со искрени срца „да дојдат до точно спознание на вистината“ (1. Тим. 2:4). Како можеме мудро да ја користиме нашата библиска литература?
3. Како можеме да избегнеме да натрупуваме литература?
3 Не натрупувај без потреба: Со текот на времето, можеби ни се натрупала литература повеќе отколку што можеме да користиме. Што можеме да сториме за да не ги расфрламе нашите вредни публикации? Треба да бидеме проникливи кога земаме литература која ќе ја користиме во службата. Наместо одеднаш да подигнеме повеќе примероци од некоја публикација што ќе ја нудиме, би можеле да земеме само еден или два примероци и откако ќе ги потрошиме нив, можеме повторно да се вратиме за да земеме уште. На тој начин нема непотребно да ни се натрупува литература во нашите домови. Слично на тоа, ако ни останале голем број неупотребени списанија, би било добро да го намалиме бројот што сме го нарачале.
4. Што може да се стори ако во собранието се насобрале повеќе публикации?
4 Насобрани примероци: Ако во собранието се насобрале некои публикации, надгледникот на литература би можел да провери дали други собранија во тоа подрачје можат да употребат повеќе литература. Објавителите можат да им дадат постари публикации на некои роднини кои не се верници, на оние со кои ја проучуваат Библијата и на други. Поновите објавители во собранието можеби ќе сакаат да ги земат овие постари публикации за својата лична теократска библиотека.
5. Како можеме да покажеме ценење за нашата литература?
5 Ние сакаме нашата литература да ја постигне целта за која е наменета, имено, да им помогне на искрените луѓе да научат повеќе за Јеховините прекрасни намери. Исто како што Исус не се расфрлал со храната што останала откако со чудо ги нахранил мноштвата, така и наша цел треба да биде најдобро што можеме да ја користиме вредната библиска литература (Јован 6:11-13). Пораката од нашите публикации која спасува животи не може да ги допре срцата на праведните луѓе ако таа остане на нашите полици или во нашите чанти. Затоа, мораме да бидеме разумни кога земаме литература за во служба и мудро да ја употребиме за да им користи и на другите (Фил. 4:5).