Продолжете да „донесувате многу плод“
1 Користејќи симболични зборови, Исус се споредил себеси со вистинската лоза, својот Татко го споредил со Лозарот, а своите следбеници помазани со дух ги споредил со прачки од лозата што носат плод. Кога ја опишал работата на симболичниот Лозар, Исус истакнал колку е важно да останеме силно прицврстени за лозата (Јован 15:1- 4). Поуката од оваа споредба е дека секој што е близок пријател на Јехова мора да биде како плодна прачка на „вистинската лоза“ — Исус Христос. Мораме и понатаму во голема мера да ги покажуваме „плодовите на духот“ и да донесуваме плодови на Царството (Гал. 5:22, 23; Мат. 24:14; 28:19, 20).
2 Плодови на духот: Нашиот духовен напредок најмногу може да се процени по тоа во колкава мера ги покажуваме плодовите на духот. Дали се трудиш да ги развиваш плодовите на Божјиот дух со тоа што редовно ја проучуваш Божјата реч и длабоко размислуваш за неа? (Фил. 1:9-11). Освен тоа, моли се за свет дух, кој во тебе може да создаде особини со кои ќе го прославуваш Јехова и што ќе ти помогнат да продолжиш духовно да напредуваш (Лука 11:13; Јован 13:35).
3 Ако ги развиваме плодовите на духот ќе бидеме и поревносни во службата. На пример, иако имаме многу обврски, сепак љубовта и верата ќе нѐ поттикнат редовно да проповедаме. Доколку некој ни се противи во службата, тогаш особините како што се мир, долготрпеливост, љубезност, благост и самосовладување ќе ни помогнат исправно да реагираме. Радоста ни овозможува да најдеме задоволство во службата дури и кога луѓето се рамнодушни.
4 Плодови на Царството: Ние треба да донесуваме и плодови на Царството. Во тоа е вклучено и да принесуваме „жртва на фалба, односно плод на усните кои го објавуваат [Јеховиното] име“ (Евр. 13:15). Ова го правиме така што ревносно и истрајно ја објавуваме добрата вест. Дали се трудиш подобро да ја вршиш службата за да донесуваш повеќе плодови на Царството?
5 Исус кажал дека неговите верни следбеници ќе даваат плод во различна мера (Мат. 13:23). Затоа, не треба да се споредуваме со другите туку да му го даваме на Јехова нашето најдобро (Гал. 6:4). Ако со помош на Божјата реч искрено ги преиспитуваме нашите лични околности, ќе можеме и понатаму да ‚донесуваме многу плод‘ на слава на Јехова (Јован 15:8).