Како пример нека ви послужат пророците — Михеј
1. Кое прашање можеби си го поставувал Михеј, и зошто тоа што проповедал не било залудно?
1 ,Кога конечно ќе му дојде крај на овој злобен свет?‘ Можеби и пророкот Михеј си го поставувал ова прашање додека ја објавувал Јеховината порака на осуда против Израел и Јуда. Михеј бил уверен дека Јехова ќе ги исполни своите зборови. Тоа што проповедал навистина не било залудно. Во 740 год. пр.н.е., додека Михеј сѐ уште бил жив, се исполнило она што Јехова го кажал за Самарија (Мих. 1:6, 7). Подоцна, во 607 год. пр.н.е. бил уништен и Ерусалим (Мих. 3:12). Како може да го следиме примерот на Михеј додека чекаме Јехова да го изврши својот суд над овој свет?
2. а) Како да бидеме стрпливи како Михеј? б) Зошто треба да бидеме стрпливи додека го чекаме Јеховиниот ден?
2 Да бидеме стрпливи: Михеј напишал: „А јас ќе гледам кон Јехова. Готов сум да го чекам Богот на моето спасение“ (Мих. 7:7). Се разбира, Михеј не седел со скрстени раце додека чекал да дојде крајот. Тој бил зафатен како пророк на Јехова. Додека чекаме да дојде Јеховиниот ден, треба да се трудиме ‚нашите дела да бидат свети и по нив да се види дека сме му оддадени на Бог‘ (2. Пет. 3:11, 12). Тоа што Јехова е стрплив им дава можност на луѓето да се покаат (2. Пет. 3:9). Затоа, да го послушаме библискиот совет кој нѐ поттикнува да бидеме стрпливи како пророците (Јак. 5:10).
3. Зошто да го молиме Јехова за свет дух?
3 Да бараме сила од Јехова: Бидејќи задачата што ја имал не била лесна, Михеј барал сила од Јехова за да ја изврши (Мих. 3:8). Јехова знае дека и нам ни е потребна сила од него. Токму затоа, во Библијата нѐ поттикнува да бараме да ни даде сила. Тој великодушно им дава сила на оние што се изморени за да ги извршуваат христијанските одговорности (Пс. 84:5, 7; Иса. 40:28-31). Дали и ти лично си почувствувал како Јехова ти дава сила додека му служиш? Дали постојано го молиш да ти помага со својот моќен свет дух? (Лука 11:13).
4. Каков пример ни оставил Михеј?
4 На Михеј најважно во животот му било да ја врши Јеховината волја. Тој бил решен да остане верен иако луѓето околу него биле расипани. И нашата вера секој ден е ставена на испит. Затоа, да бидеме уште порешени да „одиме во името на Јехова, нашиот Бог, довека, во сета вечност“ (Мих. 4:5).