Нов и интересен начин на сведочење на јавни места
1. На што беа поттикнати собранијата на чие подрачје има јавни места каде што се движат многу луѓе?
1 Собранијата на чие подрачје има јавни места каде што се движат многу луѓе беа поттикнати да организираат сведочење со штандови или колички. Ако се користат колички, најмалку еден објавител може да стои или да седи до нив. Но, ако се користи штанд, покрај него треба да има двајца објавители. Оние што стојат до количките и штандовите треба да бидат љубезни, срдечни и пријателски настроени. Ако некое лице гледа во изложените публикации, еден од објавителите би можел да започне разговор со прашањето: „Дали некогаш сте се прашале што вели Библијата за оваа тема?“
2. Раскажи искуство кое покажува зошто е важно да сведочиме на јавни места со количка или штанд.
2 Со овој вид сведочење многу луѓе започнаа да ја проучуваат Библијата. Една студентка на факултет одлучила да напише семинарски труд за Јеховините сведоци, но не можела да најде Сала на Царството. По една седмица, видела штанд со библиски публикации во студентскиот комплекс. Таа почнала да ја проучува Библијата, се крстила, а сега и самата учествува во овој вид сведочење.
3. Што мислат некои објавители за овој вид сведочење?
3 Една сестра која ужива во овој вид сведочење вели: „Некои луѓе застануваат да ги земат најновите броеви од списанијата. Други никогаш порано не слушнале за Јеховините сведоци. Сфаќам дека вака многумина имаат можност да чујат за вистината“. Друга сестра вели: „Ова е нов и интересен начин на сведочење затоа што луѓето сами доаѓаат кај тебе. Дури и оние што не се многу заинтересирани пристапуваат од љубопитност“.
4. Зошто е добро секоја седмица штандовите или количките да се поставуваат во исто време и на исто место?
4 Добро е секоја седмица количките или штандовите да се поставуваат на исто место, во ист ден и во исто време. Така луѓето ќе се навикнат да ги гледаат и со текот на времето ќе се чувствуваат послободни да ни пристапат за да постават прашање или да земат литература. Дали твоето собрание организира сведочење на јавни места? Ако да, можеби и ти ќе имаш прилика да ја објавуваш веста за Божјето Царство на овој интересен и делотворен начин (Лука 9:60).