СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 18
Истрчај ја трката до крај!
Трката ја истрчав до крај (2. ТИМ. 4:7)
ПЕСНА 129 Да истраеме до крајот!
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1. Што мора да правиме сите ние?
ДАЛИ би сакал да учествуваш во некоја тешка трка, особено ако си болен или уморен? Веројатно не. Сепак, апостол Павле рекол дека сите вистински христијани трчаат во една трка (Евр. 12:1). Сите ние, сеедно дали сме млади или стари, полни со сила или исцрпени, мора да истраеме до крај ако сакаме да ја освоиме наградата што ни ја ветува Јехова (Мат. 24:13).
2. Зошто Павле можел со право да го даде советот запишан во 2. Тимотеј 4:7, 8?
2 Павле со право можел да ги советува христијаните истрајно да трчаат во таа трка затоа што самиот успеал да ја заврши. (Прочитај 2. Тимотеј 4:7, 8.) Но, што точно е трката за која зборувал Павле?
ШТО Е ТРКАТА?
3. За каква трка зборувал Павле?
3 Павле понекогаш користел некои обележја на трките што се одржувале во древна Грција за да пренесе важни поуки (1. Кор. 9:25-27; 2. Тим. 2:5). Во неколку прилики, тој го споредил животот на христијаните со трка (1. Кор. 9:24; Гал. 2:2; Фил. 2:16). Ние влегуваме во оваа „трка“ кога ќе му се заветуваме на Јехова и ќе се крстиме (1. Пет. 3:21). А ќе стигнеме до целта кога тој ќе ни ја даде наградата — вечен живот (Мат. 25:31-34, 46; 2. Тим. 4:8).
4. Што ќе разгледаме во оваа статија?
4 Во кој поглед една маратонска трка е слична со животот на христијаните? Има неколку сличности. Да разгледаме три од нив. Прво, мора да трчаме по исправната патека; второ, мора да мислиме на целта; и трето, мора да продолжиме да трчаме иако наидуваме на пречки.
ТРЧАЈ ПО ИСПРАВНАТА ПАТЕКА
5. По која патека мора да трчаме, и зошто?
5 За да ја добијат наградата во една дословна трка, тркачите мора да ја следат патеката која ја одредуваат оние што го организираат настанот. Слично на ова, ако сакаме да добиеме вечен живот, ние мора да трчаме по исправната патека така што ќе ги следиме Христовите стапки (Дела 20:24; 1. Пет. 2:21). Но, Сатана и оние што го следат неговиот пример сакаат да направиме поинаков избор и да нѐ наведат повторно да трчаме со нив (1. Пет. 4:4). Затоа го исмејуваат нашиот начин на живот и тврдат дека патот по кој одат тие е подобар, и дека води до слобода. Но, тоа е чиста лага (2. Пет. 2:19).
6. Што учиш од примерот на Брајан?
6 Секој што ќе реши да трча заедно со другите кои се дел од светот на Сатана брзо ќе сфати дека патот што го избрал не води до слобода туку до ропство (Рим. 6:16). Да разгледаме што се случило со Брајан. Неговите родители го воспитувале да живее како христијанин. Но, кога станал тинејџер, почнал да се прашува дали таквиот начин на живот ќе го направи среќен, и решил да биде како оние што живеат според мерилата на Сатана. Тој вели: „Воопшто не помислував дека слободата по која копнеев ќе ме направи роб на многу зависности... Со текот на времето почнав да користам дрога, да пијам и да живеам неморално. Следните неколку години пробував сѐ потешки дроги и станав зависник од многу од нив... Почнав да продавам дрога за да дојдам до пари за моите пороци“. На крајот, Брајан одлучил да живее според Јеховините мерила. Решил да стане христијанин и се крстил во 2001 год. Денес тој е вистински среќен затоа што го избрал правиот пат.b
7. Според Матеј 7:13, 14, по кои два пата може да одиме?
7 Колку е важно да го избереме вистинскиот пат! Сатана сака сите да престанеме да одиме по тесниот пат „што води во живот“ и да преминеме на широкиот пат по кој одат повеќето луѓе од светот. Широкиот и простран пат им е пожелен на мнозина и по него полесно се оди. Но, тој „води во пропаст“. (Прочитај Матеј 7:13, 14.) За да останеме на вистинскиот пат и да не дозволиме ништо да ни го одвлече вниманието, мора да му веруваме на Јехова и мора да го слушаме.
МИСЛИ НА ЦЕЛТА И ПАЗИ ДА НЕ СЕ СПРЕПНЕШ
8. Што прави некој тркач ако се спрепне?
8 За да не се спрепнат, маратонците си гледаат пред себе и не го тргаат погледот од патеката. Сепак, некој би можел да се сопне ако згазне во некоја дупка. Или, пак, друг тркач би можел да го спрепне без да сака. Дури и да падне, тркачот се крева и продолжува да трча. Наместо да мисли на она што го спрепнало, најважно му е да стигне до целта и да ја добие наградата.
9. Што треба да правиме ако се спрепнеме?
9 Додека ја трчаме христијанската трка, може да се спрепнеме многу пати така што ќе згрешиме во нашите зборови или постапки. Можеби и нашите соверници кои трчаат заедно со нас ќе направат грешки со кои ќе нѐ повредат. Ова не треба да нѐ изненади. Сите сме несовршени, и сите трчаме по истиот тесен пат што води во живот. Затоа, сигурно ќе „турнеме“ некого или некој ќе нѐ „турне“ нас. Павле кажал дека одвреме-навреме секој од нас со право ќе има „жалба против некого“ (Кол. 3:13). Но, наместо да мислиме само на она што нѐ спрепнало, да го насочиме погледот на наградата што нѐ очекува. Дури и да се спрепнеме, решително да станеме и да продолжиме со трката. Ако сме лути и огорчени, и ако не сакаме повторно да застанеме на нозе, нема да стигнеме до целта и да ја примиме наградата. Освен тоа, веројатно ќе им станеме пречка на другите кои се трудат да трчаат по тесниот пат што води во живот.
10. Што ќе ни помогне да не ги спрепнуваме другите?
10 Нема да им бидеме „камен за спрепнување“ на соверниците кои трчаат заедно со нас ако не инсистираме на нашите права, туку дозволуваме секогаш кога е можно да ги прават работите како што сакаат тие (Рим. 14:13, 19-21; 1. Кор. 8:9, 13). Во овој поглед, не сме како дословните тркачи. Тие се натпреваруваат едни со други, и секој настојува да победи за да ја освои наградата. Овие тркачи се грижат само за себеси. Затоа можеби ќе се обидат да се истуркаат пред сите други. За разлика од нив, ние не се натпреваруваме меѓу себе (Гал. 5:26; 6:4). Напротив, сакаме да им помогнеме на што е можно повеќе браќа и сестри да стигнат до целта заедно со нас и да добијат вечен живот. Од таа причина, се трудиме да го примениме следниов совет на Павле: „Не грижете се само за себе туку и за другите“ (Фил. 2:4).
11. На што мислат тркачите, и зошто?
11 Освен што си гледаат пред себе додека трчаат, дословните тркачи мислат и на целта. Дури и да не ја гледаат со очите, можат да си замислат како стигнуваат до неа и како ја добиваат наградата. Тоа што мислат на наградата ги поттикнува да истраат во трката.
12. Што ни гарантира Јехова?
12 Јехова им гарантира на своите слуги дека, ако ја завршат христијанската трка, ќе добијат награда — вечен живот на небото или на рајската Земја. Бидејќи Библијата дава опис на таа награда, можеме уште сега да си замислиме колку прекрасен живот нѐ очекува во тоа време. Колку пожива ни е таа надеж во мислите и во срцето, толку порешени ќе бидеме да истраеме и да не дозволиме ништо трајно да нѐ спрепне во трката за живот.
ПРОДОЛЖИ ДА ТРЧАШ И ПОКРАЈ ПРЕЧКИТЕ
13. Каква предност имаме во однос на дословните тркачи?
13 Тркачите во грчките игри понекогаш морале да надминат некои предизвици, како што биле уморот и болката. Единствено нешто на кое можеле да се потпрат била нивната сопствена сила, како и нивниот претходен тренинг. Слично на тие тркачи, и ние добиваме обука за тоа како да ја трчаме нашата трка. Но, имаме на располагање уште нешто. Можеме да црпиме сила од еден бескраен извор на моќ. Ако се потпираме на Јехова, тој ветува не само дека ќе нѐ обучи, туку и дека ќе нѐ зајакне! (1. Пет. 5:10).
14. Како зборовите од 2. Коринќаните 12:9, 10 можат да ни помогнат да ги совладаме пречките?
14 Павле морал да совлада многу пречки. Освен што бил навредуван и прогонуван, понекогаш се чувствувал немоќно и морал да се бори со некој проблем што го нарекол „трн во телото“ (2. Кор. 12:7). Сепак, тој не дозволил овие работи да го наведат да се откаже од трката. Напротив, ги искористил за да покаже дека има целосна доверба во Јехова. (Прочитај 2. Коринќаните 12:9, 10.) Бидејќи Павле имал таков став, Јехова му помагал да се справи со сите неволји.
15. Што ќе имаме прилика да почувствуваме ако го следиме примерот на Павле?
15 Можеби и ние ќе бидеме навредувани или прогонувани поради нашата вера. Можеби ќе мора да се бориме со здравствени проблеми или со исцрпеност. Но, ако го следиме примерот на Павле, во секоја од тие ситуации може да покажеме доверба во Јехова и да ја почувствуваме неговата грижлива рака.
16. Што можеш да правиш дури и ако си болен?
16 Дали мораш да користиш инвалидска количка или, пак, си врзан за кревет? Дали имаш проблеми со колената или слаб вид? Ако да, можеш ли да трчаш заедно со оние што се млади и здрави? Се разбира дека можеш! Многу постари и болни браќа и сестри трчаат по патот кој води во живот. Но, не можат да го прават тоа со сопствени сили. Тие црпат сила од Јехова така што ги слушаат христијанските состаноци преку телефон или ги гледаат преку стриминг. Освен тоа, учествуваат во проповедањето така што им сведочат на лекарите, на медицинските сестри и на роднините.
17. Како гледа Јехова на оние што имаат физички ограничувања?
17 Немој никогаш да дозволиш твоите ограничувања толку да те обесхрабрат што ќе мислиш дека си премногу слаб за да трчаш по патот што води во живот. Јехова те сака поради твојата вера и поради сето она што си го правел за него низ годините. Сега ти е потребна неговата помош повеќе од кога и да било порано, и тој нема да те остави (Пс. 9:10). Напротив, Јехова уште повеќе ќе се зближи со тебе. Забележи што рекла една сестра која се бори со тешки здравствени проблеми: „Како што состојбата ми се влошува, сѐ поретко имам прилика да зборувам со другите за вистината. Сепак, уверена сум дека и она малку што го правам го радува Јехова, и среќна сум поради тоа“. Кога си потиштен, не заборавај дека не си сам — Јехова е со тебе. Размислувај за примерот на Павле, и сети се на неговите охрабрувачки зборови: „Уживам во слабостите... зашто, кога сум слаб, тогаш сум силен“ (2. Кор. 12:10).
18. Со кој особено тежок предизвик се борат некои браќа и сестри?
18 Некои од оние што трчаат по патот кој води во живот се соочуваат со уште еден предизвик. Тие се измачуваат со проблеми кои другите не можат да ги видат и можеби нема ни да ги разберат. На пример, некои се борат со депресија или со претерана загриженост и страв. Зошто ова може да биде особено тешко за тие браќа и сестри кои му се многу мили на Јехова? Затоа што кога некој има скршена рака или е врзан за инвалидска количка, сите се свесни за неговиот проблем, и затоа се поттикнати да му помагаат. Но, кога некој страда од емоционално или душевно нарушување, тоа не се гледа секогаш. Можеби овие браќа и сестри чувствуваат силна болка исто како да скршиле нога или рака. Меѓутоа, бидејќи другите не можат да го забележат нивното страдање, не можат секогаш да им го покажат потребното сочувство и разбирање.
19. Што учиме од примерот на Мефивостеј?
19 Ако и ти се бориш со вакви предизвици и чувствуваш дека не си разбран, можеш да црпиш утеха од примерот на Мефивостеј (2. Сам. 4:4). Тој бил инвалид, и во една прилика Давид донел погрешен заклучок за него. Мефивостеј воопшто не бил виновен за она што му се случило. Сепак, не дозволил поради тоа да стане негативен туку ги ценел убавите работи што ги имал. Бил благодарен за добротата што овој цар му ја имал покажано дотогаш (2. Сам. 9:6-10). Затоа, кога Давид донел погрешен суд за него, Мефивостеј се трудел да ја гледа целата слика. Не дозволил да го обземе огорченост поради грешката на Давид, и не го обвинувал Јехова за неправдата што му била нанесена. Мефивостеј мислел на она што сѐ уште можел да го прави за да го поддржува царот кој бил поставен од Јехова (2. Сам. 16:1-4; 19:24-30). Бог дал неговиот извонреден пример да биде запишан во Библијата за да учиме од него (Рим. 15:4).
20. Како влијае претераната вознемиреност врз некои браќа и сестри, но во што можат да бидат уверени?
20 Поради претерана вознемиреност и загриженост, некои браќа и сестри се чувствуваат многу непријатно и напнато кога се опкружени со луѓе во секојдневни ситуации. Иако можеби им е мачно да бидат во поголема група, тие продолжуваат да одат на состаноците, собирите и конгресите. Иако им е тешко да зборуваат со непознати луѓе, сепак го прават тоа во служба. Ако ова е случај и со тебе, биди уверен дека не си сам. Многу други се соочуваат со слични проблеми. Не заборавај дека Јехова многу се радува затоа што продолжуваш да му служиш со сета душа. Самото тоа што не се откажуваш е доказ дека тој те благословува и дека ти ја дава потребната силаc (Фил. 4:6, 7; 1. Пет. 5:7). Ако му служиш на Јехова и покрај тоа што се бориш со здравствени или емоционални проблеми, биди уверен дека тоа многу го радува.
21. Што ќе направиме сите ние со Јеховина помош?
21 За среќа, има разлики меѓу една дословна трка и трката за која зборувал апостол Павле. Во трките кои се одржувале во библиски времиња, само еден тркач добивал награда. Но, во христијанската трка, секој што верно ќе истрае до крајот ќе биде награден со вечен живот (Јован 3:16). Исто така, во дословната трка, сите тркачи мора да бидат во добра физичка состојба бидејќи во спротивно имаат многу мали шанси да победат. Но, ние истрајно трчаме иако мнозина од нас не се во добра здравствена состојба (2. Кор. 4:16). Со Јеховина помош, сите ќе ја истрчаме трката до крајот!
ПЕСНА 144 Гледај ја наградата!
a Многу Јеховини слуги денес се борат со старост или со тешки болести. А понекогаш сите се чувствуваме исцрпено. Затоа може да нѐ плаши помислата дека треба да учествуваме во некоја трка. Во оваа статија ќе видиме како сите можеме да трчаме со истрајност и да победиме во трката за живот за која зборувал апостол Павле.
b Види ја статијата „Библијата менува животи“, која излезе во Стражарска кула од 1 јануари 2013.
c Додатни практични предлози за тоа како да се справиш со претераната вознемиреност, како и примери на некои што успешно го прават тоа, има во месечната емисија за мај 2019 на jw.org®. Оди на БИБЛИОТЕКА > JW BROADCASTING®.
d ОПИС НА СЛИКАТА: Еден постар брат останува на исправната патека бидејќи е зафатен во службата.
e ОПИС НА СЛИКАТА: Би можеле да спрепнеме некого ако го тераме да пие повеќе или ако самите ние пиеме неумерено.
f ОПИС НА СЛИКАТА: Иако мора да лежи во болница и не може да се движи, еден брат останува во христијанската трка така што им сведочи на оние што се грижат за него.