Кога ќе дојде крајот?
Од претходната статија дознавме дека крајот на светот кој е спомнат во Библијата не се однесува на крајот на планетата или на човечкиот род. Наместо тоа, крајот за кој зборува Библијата се однесува на крајот на сегашниот расипан свет и на сите оние што го поддржуваат. Но, дали во Библијата пишува кога ќе му дојде крајот на овој злобен свет?
ДА РАЗГЛЕДАМЕ ДВЕ ИЗЈАВИ НА ИСУС ВО ВРСКА СО КРАЈОТ:
„Бдејте, зашто не го знаете ниту денот ниту часот“ (МАТЕЈ 25:13).
„Внимавајте, бидете будни, бидејќи не знаете кога е времето да се случи тоа“ (МАРКО 13:33).
Бог го одредил денот и часот кога ќе дојде крајот на овој свет (Матеј 24:36). Сепак, никој од луѓето не знае кога точно ќе се случи тоа. Дали ова значи дека воопшто не можеме да знаеме дека крајот се приближил? Не. Исус им кажал на своите ученици да обрнат внимание на одредени настани кои ќе покажуваат дека крајот е многу близу.
ЗНАКОТ ДЕКА КРАЈОТ Е БЛИЗУ
Тие настани ќе бидат знакот на „свршетокот на овој поредок“. Исус рекол: „Ќе се крене народ против народ и царство против царство, и ќе има глад и земјотреси на разни места“ (Матеј 24:3, 7). Тој исто така рекол дека ќе има смртоносни зарази, односно епидемии (Лука 21:11). Дали ги гледаш настаните кои ги прорекол Исус?
Денес луѓето страдаат поради војни, глад, земјотреси и разни болести. На пример, во 2004 год., еден силен земјотрес во Индискиот Океан предизвика цунами кое однесе 225.000 човечки животи. За три години, поради пандемијата со КОВИД-19 починаа околу 6,9 милиони луѓе во целиот свет. Исус рекол дека ваквите настани ќе бидат знак дека крајот на овој свет е близу.
„ПОСЛЕДНИТЕ ДЕНОВИ“
Во Библијата, периодот пред крајот е наречен „последните денови“ (2. Петрово 3:3, 4). Според 2. Тимотеј 3:1-5, моралните вредности на луѓето во последните денови ќе бидат на многу ниско ниво. (Види ја рамката „Пред самиот крај на светот“.) Дали гледаш луѓе кои се себични, алчни, сурови и не покажуваат љубов едни кон други? И ова е еден од доказите дека живееме пред самиот крај на светот.
Колку долго ќе траат последните денови? Според Библијата, само „кратко време“. Потоа Бог ќе ги уништи „оние што ја уништуваат Земјата“ (Откровение 11:15-18; 12:12).
НАСКОРО ЗЕМЈАТА ЌЕ СТАНЕ РАЈ!
Бог веќе одредил ден и час кога ќе му стави крај на овој сегашен злобен свет (Матеј 24:36). Но, има уште една добра вест — Бог „не сака никој да биде уништен“ (2. Петрово 3:9). Тој им дава можност на луѓето да дознаат која е неговата волја и да му бидат послушни. Тој сака да го преживееме крајот на овој свет и да живееме во новиот свет кога Земјата ќе биде рај.
Бог се погрижил низ целиот свет да се спроведува една образовна програма преку која луѓето можат да научат како да станат дел од новиот свет со кој ќе владее Божјето Царство. Исус рекол дека добрата вест за Божјето Царство ќе се проповеда „по целиот свет“ (Матеј 24:14). Низ целиот свет, Јеховините сведоци минуваат милијарди часови проповедајќи ја добрата вест и поучувајќи ги луѓето за Бог. Исус рекол дека ова проповедничко дело ќе се извршува низ целата Земја пред да дојде крајот.
На човечкото владеење му се избројани деновите. Но добрата вест е дека ти можеш да го преживееш крајот на светот и да живееш во рајот на Земјата кој го ветил Бог. Во следната статија ќе дознаеш што треба да правиш за да живееш во новиот свет.
Пророштвото на Исус во врска со последните денови ни дава надеж