СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 6
„Глава на жената е мажот“
Глава на жената е мажот (1. КОР. 11:3)
ПЕСНА 13 Исус, нашиот пример
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1. Кои прашања треба да си ги постави една сестра кога размислува со кого да стапи во брак?
ИСУС ХРИСТОС кој е глава на сите христијани е совршен. Но, кога една христијанка ќе стапи во брак, таа треба да покажува почит и да му биде послушна на еден несовршен маж. Ова не е секогаш лесно. Затоа, кога размислува дали некој брат би ѝ бил добар сопруг, треба да се праша: Што покажува дека овој брат добро ќе ја извршува својата улога на глава на семејството? Дали духовните активности заземаат важно место во неговиот живот? Ако тоа не е случај, зошто мислам дека добро ќе предводи во духовен поглед откако ќе стапиме во брак? Се разбира, добро е сестрата да си ги постави и следниве прашања: Со кои особини ќе можам самата да придонесам нашиот брак да биде среќен? Дали сум стрплива и дарежлива? Дали имам близок личен однос со Јехова? (Проп. 4:9, 12). Ако една жена донесува мудри одлуки уште пред да се омажи, тоа ќе ѝ помогне да има успешен и среќен брак.
2. Што ќе разгледаме во оваа статија?
2 Милиони наши сестри даваат одличен пример со тоа што се послушни на своите сопрузи. Тие навистина заслужуваат пофалба! Ние сме многу среќни што можеме да му служиме на Јехова заедно со тие верни жени. Во оваа статија ќе го разгледаме одговорот на три прашања: 1) Со какви тешкотии се соочуваат сопругите? 2) Зошто една жена одлучува да му биде послушна на својот сопруг? 3) Што можат да научат сите Божји слуги кои се во брак во врска со послушноста од примерот на Исус, Авигеја и Марија, која му била жена на Јосиф и мајка на Исус?
СО КАКВИ ТЕШКОТИИ СЕ СООЧУВААТ СОПРУГИТЕ?
3. Зошто не постои совршен брак?
3 Бракот е совршен дар од Бог. Но, луѓето се несовршени (1. Јов. 1:8). Затоа Божјата реч предупредува дека оние што се во брак ќе се соочат со тешкотии, кои во Библијата се наречени „телесни неволји“ (1. Кор. 7:28). Да разгледаме само некои од проблемите со кои може да се соочи една сопруга.
4. Зошто една жена може да мисли дека е понижување да му биде послушна на својот сопруг?
4 Поради своето потекло и воспитание, една жена можеби смета дека е понижување да му биде послушна на својот сопруг. Марисол, која живее во САД, вели: „Таму каде што пораснав, на жените постојано им се нагласуваше дека мораат да бидат еднакви со мажите во сѐ. Знам дека Јехова го поставил начелото за поглаварство, и дека очекува од жените да им бидат послушни на своите мажи, но и дека очекува од мажите да покажуваат почит кон нив. Сепак, не е лесно да се задржи урамнотежено гледиште кон поглаварството“.
5. Каков погрешен став имаат некои мажи во врска со улогата на жената?
5 Од друга страна, една жена можеби е мажена со некој што мисли дека жените се граѓани од втор ред. Една сестра по име Ивон, која живее во Јужна Америка, вели: „Во мојот крај прво јадат мажите, а потоа жените. Од девојчињата се очекува да готват и да чистат, а на машките деца им се вели дека се цареви во куќата и дека нивните мајки и сестри треба да им служат“. Една сестра по име Јинглинг, која живее во Азија, вели: „Во мојот јазик има една изрека која укажува дека од жените не се очекува да бидат ни паметни ни способни. Нивната улога е да ги вршат сите работи низ дома, но не смеат да му го кажат своето мислење на мажот“. Еден маж кој не покажува љубов и кој е под влијание на такви небиблиски ставови многу ѝ го отежнува животот на својата жена, не го следи примерот на Исус и го лути Јехова (Еф. 5:28, 29; 1. Пет. 3:7).
6. Што треба да прават жените за да си го зајакнат својот личен однос со Јехова?
6 Како што видовме во претходната статија, Јехова очекува од мажите да се грижат за духовните, емоционалните и материјалните потреби на своето семејство (1. Тим. 5:8). Сепак, иако се многу зафатени, мажените сестри мора да одвојат време секој ден за да ја читаат Божјата реч, да размислуваат за неа и сесрдно да му се молат на Јехова. Ова не е секогаш лесно. Бидејќи имаат толку многу обврски, можеби си мислат дека немаат доволно време и сила да ги прават тие работи. Сепак, многу е важно да одвојат време за нив. Зошто? Бидејќи Јехова очекува од секој од нас да има близок личен однос со него (Дела 17:27).
7. Што ќе ѝ помогне на една жена да го почитува својот маж и да му биде послушна?
7 Се разбира, една жена мора да вложи многу труд за да му биде послушна на својот несовршен маж. Сепак, ќе ѝ биде полесно да ја исполни улогата што Јехова ѝ ја дал ако разбира од кои причини тој го бара тоа од неа и ако се согласува со нив.
ЗОШТО ЕДНА ЖЕНА ОДЛУЧУВА ДА МУ БИДЕ ПОСЛУШНА НА СВОЈОТ СОПРУГ?
8. Според Ефешаните 5:22-24, зошто една христијанка одлучува да му биде послушна на својот сопруг?
8 Една христијанка одлучува да му биде послушна на својот сопруг затоа што Јехова го очекува тоа од неа. (Прочитај Ефешаните 5:22-24.) Таа има доверба во својот небесен Татко, бидејќи знае дека тој ја сака и дека го бара од неа само она што е за нејзино добро (5. Мој. 6:24; 1. Јов. 5:3).
9. Кој е резултатот кога една христијанка го почитува својот сопруг како глава на семејството?
9 Светот ги поттикнува жените да не обрнуваат внимание на Јеховините мерила и да мислат дека е понижување да му бидат послушни на својот сопруг. Се разбира, оние што шират вакви идеи не го познаваат нашиот грижлив Бог. Јехова никогаш не би им дал на своите скапоцени ќерки заповед со која би ги понижил. Една сестра што многу се труди да ја исполни улогата што Јехова ѝ ја дал придонесува во нејзиното семејство да владее мир (Пс. 119:165). Од тоа извлекуваат корист сите — и таа и сопругот и децата.
10. Што може да научиме од она што го кажала Керол?
10 Една жена која е послушна на својот несовршен маж, покажува дека го сака и го почитува Јехова, кој го поставил начелото за поглаварство. Керол, која живее во Јужна Америка, вели: „Свесна сум дека мојот маж ќе прави грешки, но знам и дека начинот на кој реагирам на неговите грешки ќе открие колку многу ми значи пријателството со Јехова. Затоа, се трудам да го почитувам маж ми бидејќи сакам да го радувам мојот небесен Татко“.
11. Што ѝ помага на една сестра по име Анис спремно да прости, и што учиме од она што го кажала таа?
11 На една жена може да не ѝ биде лесно да покажува почит кон својот маж и да му биде послушна ако мисли дека не му е гајле за нејзините чувства и нејзините грижи. Но, забележи како реагира на тоа една мажена сестра по име Анис. Таа вели: „Се трудам да не му се лутам. Се потсетувам дека сите правиме грешки. Сакам спремно да простувам, исто како Јехова. А кога ќе простам, повторно чувствувам мир“ (Пс. 86:5). Кога жената е спремна да прости, полесно ѝ е да покажува почит кон својот маж.
ШТО МОЖЕ ДА НАУЧИМЕ ОД ПРИМЕРИТЕ ВО БИБЛИЈАТА?
12. Какви примери има во Библијата?
12 Некои сметаат дека послушноста е знак на слабост, но тоа воопшто не е точно. Во Библијата има многу примери на послушни личности што биле цврсти и храбри. Да видиме што можеме да научиме од Исус, од Авигеја и од Марија.
13. Зошто Исус му е послушен на Јехова? Објасни.
13 Исус му е послушен на Јехова. Тоа во никој случај не значи дека не е интелигентен или способен. Само некој што е многу паметен може да поучува на таков едноставен и јасен начин како што поучувал Исус (Јован 7:45, 46). Јехова толку многу ги ценел способностите на Исус што му дозволил да соработува со него додека ја создавал вселената (Изр. 8:30; Евр. 1:2-4). А откако Исус воскреснал, Бог му ја дал „сета власт на небото и на земјата“ (Мат. 28:18). Иако е многу способен, Исус сепак бара водство од Јехова. Зошто? Затоа што го сака својот Татко (Јован 14:31).
14. Што можат да научат мажите а) од начинот на кој Јехова гледа на жените? б) од она што го пишува во Изреки 31?
14 Што можат да научат мажите. Јехова не очекува жената да му биде послушна на својот маж затоа што смета дека жените се помалку вредни од мажите. Ова го покажал така што избрал и мажи и жени да владеат заедно со Исус (Гал. 3:26-29). Јехова покажал доверба во својот Син со тоа што му доверил власт. На сличен начин, еден мудар сопруг ѝ доверува одредени овластувања на својата жена. Библијата опишува што сѐ може да прави една способна жена. На пример, таа го надгледува своето домаќинство, купува и продава земјиште и тргува. (Прочитај Изреки 31:15, 16, 18.) Таа не е робинка и не е безгласна буква која нема право да си го каже своето мислење. Напротив, нејзиниот маж има доверба во неа и спремно ги слуша нејзините предлози. (Прочитај Изреки 31:11, 26, 27.) Кога мажот покажува на таков начин почит кон својата жена, таа со радост ќе му биде послушна.
15. Што можат да научат жените од примерот на Исус?
15 Што можат да научат жените. И покрај сите величествени работи што ги направил, за Исус не е понижување да му биде послушен на Јехова (1. Кор. 15:28; Фил. 2:5, 6). Слично на тоа, за една способна жена која го следи примерот на Исус не е понижување да му биде послушна на својот маж. Таа му ја дава својата поддршка не само затоа што го сака него, туку главно затоа што го сака и го почитува Јехова.
16. Според 1. Самоилова 25:3, 23-28, со какви проблеми се соочила Авигеја? (Види ја сликата на насловната страница.)
16 Авигеја била мажена за Навал кој бил себичен, горделив и неблагодарен човек. И покрај тоа, таа не се обидела лесно да се ослободи од тој брак. Можела да си молчи и да му дозволи на Давид и на неговите луѓе да го убијат нејзиниот маж. Наместо тоа, презела чекори да го заштити и Навал и нивното големо домаќинство. Замисли колку голема храброст ѝ требало на Авигеја да излезе пред 400 вооружени мажи и со почит да разговара со Давид. Таа дури била спремна да ја преземе на себе вината за постапките на својот маж. (Прочитај 1. Самоилова 25:3, 23-28.) Давид веднаш сфатил дека Јехова ја употребил оваа храбра жена да му го даде потребниот совет и да го спречи да направи тежок грев.
17. Што можат да научат мажите од извештајот за Давид и Авигеја?
17 Што можат да научат мажите. Авигеја била мудра жена. Давид постапил разумно така што го послушал нејзиниот совет. Тоа го спречило да убие невини луѓе. На сличен начин, пред да донесе некоја важна одлука, еден мудар маж внимателно ќе размисли за она што го кажува неговата жена. Можеби нејзиното мислење ќе го спречи да донесе немудра одлука.
18. Што можат да научат жените од примерот на Авигеја?
18 Што можат да научат жените. Жената која го сака и го почитува Јехова може да има добро влијание врз своето семејство, дури и кога нејзиниот маж не му служи на Бог, или не живее според неговите мерила. Таа нема да бара небиблиски излез од таквиот брак. Наместо тоа, со тоа што ќе покажува почит и ќе му биде послушна на својот маж, таа ќе се труди да го поттикне да научи нешто повеќе за Јехова (1. Пет. 3:1, 2). Но, дури и ако тој не одлучи да ја прифати вистината, Јехова ќе се радува затоа што таа му останува верна со тоа што му е послушна на својот сопруг.
19. Во кој случај жената нема да му биде послушна на својот маж?
19 Меѓутоа, една послушна христијанка нема да го поддржува својот маж ако тој бара од неа да прекрши библиски закони или начела. На пример, мажот кој не е Јеховин сведок можеби ќе побара од својата жена да лаже, да краде или да направи нешто друго што Јехова не го одобрува. Сите христијани, вклучувајќи ги и мажените сестри, првенствено треба да му бидат послушни на Јехова Бог. Ако мажот побара од нашата сестра да прекрши некои библиски начела, таа треба да одбие и да му објасни љубезно, но одлучно зошто не може да го направи она што тој го бара од неа (Дела 5:29).
20. Од каде знаеме дека Марија имала близок личен однос со Јехова?
20 Марија имала близок личен однос со Јехова. Очигледно, таа добро ги познавала светите списи. Во еден разговор со Елисавета, мајката на Јован Крстител, Марија се осврнала повеќе од 20 пати на Хебрејските списи (Лука 1:46-55). Размисли и за следново: Иако Марија била свршена за Јосиф, Јеховиниот ангел не му се појавил најпрвин нему. Ангелот прво зборувал директно со Марија и ѝ кажал дека ќе го роди Божјиот Син (Лука 1:26-33). Јехова многу добро ја познавал и имал доверба дека таа ќе го сака неговиот Син и дека ќе се грижи за него. Марија, без сомнение, останала блиска со Јехова дури и откако Исус умрел и бил воскреснат на небото (Дела 1:14).
21. Што можат да научат мажите од библискиот извештај за Марија?
21 Што можат да научат мажите. Еден мудар маж треба да биде среќен затоа што знае дека неговата жена добро ја познава Библијата. Тој не се плаши од тоа и не се чувствува загрозен од својата жена. Тој сфаќа дека една сестра што добро ја познава Библијата и библиските начела може многу да му помогне на семејството. Се разбира, дури и кога жената има повисоко образование од својот маж, сепак, тој има одговорност да предводи во семејното проучување и во другите теократски активности (Еф. 6:4).
22. Што можат да научат жените од Марија?
22 Што можат да научат жените. Иако треба да му биде послушна на својот маж, жената сепак е одговорна да го одржува својот близок однос со Јехова (Гал. 6:5). За таа цел, мора да најде време лично да ја проучува Библијата и да размислува за неа. На тој начин ќе може и понатаму да го сака и да го почитува Јехова и со радост да му биде послушна на својот маж.
23. Каков е резултатот ако една жена му е послушна на својот маж?
23 Жените кои му остануваат послушни на својот маж од љубов кон Јехова, ќе бидат многу посреќни и порадосни од оние што го отфрлаат Божјето начела за поглаварство. Тие им даваат убав пример и на младите мажи и на младите жени. Освен тоа, придонесуваат и во нивниот дом и во собранието да владее срдечна атмосфера (Тит 2:3-5). Денес, повеќето од Јеховините верни слуги се жени (Пс. 68:11). Сите ние, сеедно дали сме мажи или жени, имаме важна улога во собранието. Во следната статија ќе видиме како секој од нас може да си ја исполни својата улога.
ПЕСНА 131 „Двајцата ќе бидат едно тело“
a Јехова одлучил жената да му биде послушна на својот сопруг и да го почитува како глава на семејството. Но, што значи тоа? Божјите слуги кои се во брак можат да научат многу за ова од примерот на Исус и на некои жени за кои се зборува во Библијата.
b ОПИС НА СЛИКАТА: Во разговорот со Елисавета, мајката на Јован Крстител, Марија цитирала напамет делови од Хебрејските списи.
c ОПИС НА СЛИКАТА: Една мажена христијанка одвојува време да ја проучува Библијата за да го одржува својот близок однос со Јехова.