СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 34
Живеј според вистината
За мене нема поголема радост од тоа да чујам дека моите деца живеат според вистината (3. ЈОВ. 4)
ПЕСНА 111 Имаме многу причини за радост
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1. Зошто е корисно да разговараме за тоа како сме ја запознале вистината?
„КАКО ја запозна вистината?“ Без сомнение многу пати си одговорил на ова прашање. Тоа е едно од првите прашања што некој соверник ни го поставува кога сака да нѐ запознае. Ние многу сакаме да чуеме како нашите браќа и сестри го запознале и го засакале Јехова, а и самите со радост кажуваме зошто нам ни значи вистината (Рим. 1:11). Ваквите разговори нѐ потсетуваат колку е за нас скапоцена вистината. Исто така, тие ни помагаат да бидеме уште порешени да живееме според вистината, односно да живееме на начин со кој ќе го радуваме Јехова и кој ќе ни донесе благослов од него (3. Јов. 4).
2. Што ќе разгледаме во оваа статија?
2 Во оваа статија ќе разгледаме некои причини зошто ја сакаме вистината. Потоа ќе видиме како можеме да продолжиме да покажуваме дека го цениме овој скапоцен дар. Без сомнение, она што ќе го разгледаме ќе ни помогне да бидеме уште поблагодарни за сето она што Јехова го направил за да нѐ привлече кон вистината (Јован 6:44). А ќе имаме и уште поголема желба да им ја пренесуваме вистината на другите.
ЗОШТО ЈА САКАМЕ ВИСТИНАТА?
3. Која е најважната причина зошто ја сакаме вистината?
3 Има многу причини зошто ја сакаме вистината. А што е најважно, ние го сакаме Јехова Бог кој е изворот на вистината. Преку неговата Реч, Библијата, сме дознале дека тој е Семоќниот Творец на небото и Земјата, но и наш небесен Татко кој многу нѐ сака и нежно се грижи за нас (1. Пет. 5:7). Ние знаеме дека нашиот Бог е „милосрден и љубезен, бавен на гнев, полн со милост и вистина“ (2. Мој. 34:6). Јехова ја сака правдата (Иса. 61:8). Тој чувствува болка кога гледа дека страдаме, и едвај чека да дојде времето кога ќе им стави крај на сите наши страдања (Ерем. 29:11). Колку прекрасно ќе биде тоа! Не е ни чудо што толку многу го сакаме Јехова!
4-5. Зошто апостол Павле ја споредил нашата надеж со котва?
4 Која е уште една причина зошто ја сакаме вистината? Таа многу ни користи. Размисли за следниов пример. Во библиската вистина спаѓа и нашата надеж за иднината. За да истакне колку е вредна таа надеж, апостол Павле напишал: „Таа надеж ни е како сигурна и цврста котва за душата“ (Евр. 6:19). Исто како што една котва спречува бродот да биде однесен од брановите, нашата библиска надеж може да ни даде стабилност и да ни помогне да останеме смирени кога ќе се соочиме со тешкотии во животот.
5 Во овој контекст, Павле зборувал за надежта за живот на небото што ја имаат помазаните христијани. Но, неговите зборови важат и за христијаните кои имаат надеж да живеат засекогаш во рајот на Земјата (Јован 3:16). Без сомнение, надежта за вечен живот ни дава смисла во животот.
6-7. Како ѝ користело на Ивон тоа што ја дознала вистината за иднината?
6 Да го разгледаме примерот на една сестра по име Ивон. Кога била дете, таа не ја знаела вистината и затоа се плашела од смртта. Ивон прочитала една мисла која постојано ја измачувала: „Никој не може да ѝ избега на смртта“. Таа вели: „Поради тие зборови честопати не можев да заспијам бидејќи размислував за иднината. Си мислев: ‘Животот мора да има некаква цел‘. Се прашував зошто постојам. Не сакав да умрам!“
7 Подоцна, кога била тинејџерка, Ивон дошла во контакт со Јеховините сведоци. Таа вели: „Почнав да верувам дека еден ден и јас ќе можам да живеам вечно во рајот на Земјата“. Како ѝ користело тоа што ја дознала вистината? Таа додава: „Повеќе не лежам будна во текот на ноќта плашејќи се од иднината или од смртта“. Очигледно е дека Ивон многу ја сака библиската вистина и таа со радост им зборува на другите за својата надеж за иднината (1. Тим. 4:16).
8-9. а) Како еден човек, кој е спомнат во една споредба на Исус, покажал колку многу го цени богатството што го нашол? б) Колку ти значи вистината тебе?
8 Во библиската вистина спаѓа и добрата вест за Божјето Царство. Исус ја споредил вистината за Царството со скриено богатство. Во Матеј 13:44 се запишани следниве зборови на Исус: „Со царството небесно е како со богатство скриено во нива, кое човек го нашол и го скрил. Потоа од радост оди и продава сѐ што има, па ја купува таа нива“. Забележи дека човекот не го барал тоа богатство. Но, кога го нашол, направил големи жртви за тоа да биде негово. Всушност, тој продал сѐ што имал. Зошто? Знаел дека тоа богатство има голема вредност. Тоа вредело многу повеќе од сето она од што морал да се откаже.
9 Дали и ти гледаш така на вистината? Нема никаков сомнеж во тоа. Знаеме дека ништо во овој свет не може да се спореди со радоста што ја имаме затоа што му служиме на Јехова, како и со надежта за вечен живот во иднина под власта на Божјето Царство. Честа што ја имаме да бидеме блиски пријатели со Јехова е вредна за секоја жртва што треба да ја направиме. Најголема радост ни причинува кога потполно му угодуваме на Јехова (Кол. 1:10).
10-11. Што го поттикнало Мајкл да направи големи промени во животот?
10 Многумина од нас направиле големи жртви за да му угодат на Јехова. Некои се откажале од угледна кариера во светот. Други се откажале од желбата да се збогатат. А некои целосно го смениле начинот на живеење кога ја дознале вистината за Јехова. Тоа било случај и со Мајкл. Тој не пораснал во вистината. Кога бил млад тренирал боречки вештини. Мајкл вели: „Ми беше многу важно постојано да бидам во одлична физичка состојба. Понекогаш мислев дека сум непобедлив“. Но, кога почнал да ја проучува Библијата, Мајкл дознал како Јехова гледа на насилството (Пс. 11:5). Во врска со брачниот пар кој ја проучувал Библијата со него, Мајкл вели: „Тие никогаш не ми кажаа да престанам да вежбам карате, туку само продолжија да ме поучуваат за библиската вистина“.
11 Колку повеќе Мајкл учел за Јехова, толку повеќе растела неговата љубов кон него. Тој бил особено трогнат од сочувството кое Јехова го покажува кон своите слуги. Со текот на времето, Мајкл сфатил дека треба да донесе одлука која ќе му го смени животот. Тој вели: „Знаев дека најтешкото нешто во животот ќе ми биде да се откажам од каратето. Но, исто така знаев дека тоа ќе го радува Јехова и бев уверен дека вреди да ја направам секоја жртва за да му служам“. Мајкл знаел колкава вредност има вистината што ја нашол и затоа бил поттикнат да направи големи промени во животот (Јак. 1:25).
12-13. Како Библијата ѝ помогнала на Мајли?
12 За да истакне колку е вредна вистината, Библијата ја споредува со светилка која свети во темнина (Пс. 119:105; Еф. 5:8). Мајли од Азербејџан длабоко ја цени помошта што ја добила од Божјата Реч. Нејзините родители припаѓале на различни религии. Татко ѝ бил муслиман, а мајка ѝ Еврејка. Мајли вели: „Иако никогаш не се сомневав дека постои Бог, сепак некои работи ме збунуваа. Се прашував зошто Бог ги создал луѓето и која е смислата некој да страда цел живот, а потоа да биде измачуван цела вечност во пеколот. Бидејќи луѓето велат дека сѐ што се случува е Божја волја, се прашував дали ние сме само марионети во рацете на Бог кој ужива додека гледа како луѓето страдаат“.
13 Мајли продолжила да го бара одговорот на нејзините прашања. Со текот на времето таа прифатила да ја проучува Библијата и станала Јеховин сведок. Мајли вели: „Уверливите одговори што ги добив од Библијата сосема ми го сменија ставот кон животот. Логичните објаснувања од Божјата Реч ми донесоа внатрешен мир“. Исто како Мајли, и ние го фалиме Јехова кој нѐ повикал „од темнината во својата прекрасна светлина“ (1. Пет. 2:9).
14. Како можеме да ја продлабочиме нашата љубов кон вистината? (Види ја и рамката „Дополнителни споредби“.)
14 Ова се само неколку споредби кои покажуваат колку е скапоцена вистината. Сигурно ќе се сетиш и на многу други. Би можеле да си поставиме за цел, во текот на нашето лично проучување, да најдеме и други причини зошто треба да ја сакаме вистината. На тој начин ќе ја продлабочиме нашата љубов кон вистината.
КАКО ПОКАЖУВАМЕ ДЕКА ЈА САКАМЕ ВИСТИНАТА
15. Кој е еден начин на кој можеме да покажеме дека ја сакаме вистината?
15 Можеме да покажеме дека ја сакаме вистината така што редовно ќе ги проучуваме Библијата и библиските публикации. Без разлика колку долго сме во вистината, секогаш можеме да научиме нешто ново. Во првиот број од ова списание пишуваше: „Вистината е речиси задушена од мноштво лаги, исто како едно мало цвеќенце меѓу трње и троскот. За да го најдеш, мора многу да го бараш. За да го имаш, мора да се наведнеш и да го набереш... Но, зошто да се задоволиш само со една вистина?... Продолжи да собираш, не престанувај да бараш“. Проучувањето бара да вложиш многу труд, но трудот ќе ти се исплати.
16. Кој начин на проучување си увидел дека најмногу ти користи тебе? (Изреки 2:4-6).
16 Читањето и проучувањето не се работи во кои секој ужива. Но, Јехова нѐ поттикнува да проучуваме за да го зголемиме нашето разбирање на вистината. (Прочитај Изреки 2:4-6.) Кога вложуваме таков труд, тоа секогаш ни користи. Во врска со своето читање на Библијата еден брат по име Кори вели дека, откако ќе прочита еден стих, веднаш истражува за него. Тој објаснува: „Ја читам секоја фуснота, ги барам сите маргиналии, а барам и дополнителни информации... Ова ми помага да извлечам многу поголема корист“. Без разлика дали го користиме овој начин на проучување или некој друг, ние покажуваме дека ја цениме вистината ако одвојуваме време и ако вложуваме труд за да проучуваме (Пс. 1:1-3).
17. Што значи да живееме според вистината? (Јаков 1:25).
17 Се разбира, знаеме дека не е доволно само да проучуваме. За да извлечеме потполна корист од вистината мора и да живееме според неа, односно да го применуваме во нашиот живот сето она што го учиме. Само тогаш вистината ќе ни донесе вистинска радост. (Прочитај Јаков 1:25.) Како можеме да бидеме сигурни дека живееме според вистината? Еден брат вели дека е добро да се преиспитуваме на кои полиња го применуваме она што го учиме, а на кои полиња треба да се подобриме. Апостол Павле рекол: „Сеедно колку сме напредувале досега, да продолжиме да одиме со истиот вообичаен чекор“ (Фил. 3:16).
18. Зошто даваме сѐ од себе за да живееме според вистината?
18 Размисли колку ни користи тоа што даваме сѐ од себе за да живееме според вистината. Освен што водиме подобар начин на живот, ги радуваме и Јехова и нашите соверници (Изр. 27:11; 3. Јов. 4). Ова се најдобрите причини зошто треба да ја сакаме вистината и да живееме според неа.
ПЕСНА 144 Гледај ја наградата!
a Нашите верувања и нашиот начин на живот честопати ги нарекуваме „вистината“. Без разлика дали од неодамна сме Јеховини сведоци или целиот наш живот го познаваме Јехова, може многу да ни користи тоа што ќе размислуваме зошто ја сакаме вистината. Ако го правиме тоа, ќе бидеме уште порешени да го радуваме Јехова.