Прашања од читателите
Кои луѓе ќе воскреснат на Земјата и какво воскресение ќе добијат?
Да видиме каков одговор дава Библијата на овие прашања.
Во Дела 24:15 пишува дека „Бог ќе ги воскресне и праведните и неправедните“. Праведните се оние кои му биле послушни на Бог додека биле живи, и затоа нивните имиња се запишани во книгата на животот (Мал. 3:16). Во неправедните спаѓаат оние кои умреле без да имаат соодветна можност да учат за Јехова, и затоа нивните имиња не се запишани во книгата на животот.
Зборовите запишани во Јован 5:28, 29 се однесуваат на двете групи спомнати во Дела 24:15. Исус рекол дека „оние што правеле добро“ ќе излезат „за воскресение за живот, а оние што правеле зло, за воскресение за осуда“. Праведните правеле добри работи додека биле живи. Тие ќе излезат за воскресение за живот бидејќи нивните имиња сѐ уште се запишани во книгата на животот. Но, неправедните правеле лоши работи додека биле живи. Тие ќе излезат за воскресение за осуда, односно за суд.a Нивните имиња сѐ уште не се запишани во книгата на животот и затоа тие ќе мора да поминат низ период на суд, односно пробен период во кој Исус и 144-те илјади ќе го набљудуваат нивното однесување. Во тој период, тие ќе имаат можност да учат за Јехова и нивните имиња да бидат запишани во книгата на животот.
Во Откровение 20:12, 13 е објаснето дека сите што ќе воскреснат ќе мора да бидат послушни на „она што е напишано во свитоците“, односно на новите закони кои Бог ќе ги даде во новиот свет. Јехова ќе ги уништи оние што нема да бидат послушни (Иса. 65:20).
Во Даниел 12:2 е проречено дека некои од оние што спијат во смртен сон ќе се разбудат „за вечен живот, а други за срам и за вечно гнасење“. Овој стих зборува за конечниот исход од нивното воскресение — „вечен живот“ или „вечно гнасење“. Значи, на крајот од илјадагодишното владеење некои ќе добијат вечен живот, а други ќе бидат уништени засекогаш (Отк. 20:15; 21:3, 4).
Да разгледаме една споредба. Она што ќе се случи со двете групи кои ќе воскреснат би можело да се спореди со она што се случува со странците кои сакаат да живеат во друга земја. Праведните се како оние кои добиваат работна виза или виза за долгорочен престој што им дава одредени права и слободи. За разлика од нив, неправедните се како странци кои можат да добијат виза за краткорочен престој или туристичка виза. Овие странци прво мора да исполнат одредени услови за да може да им биде дозволено да продолжат да живеат во земјата. Слично на тоа, неправедните кои ќе воскреснат ќе мора да им бидат послушни на Јеховините закони и да покажат дека се праведни за да можат да останат во рајот. Без разлика каква виза ќе добијат странците кога ќе пристигнат во друга земја, со текот на времето, некои можеби ќе добијат државјанство, а други можеби ќе бидат депортирани од земјата. Конечната одлука ќе зависи од тоа каков став имаат и како се однесуваат во таа земја. Слично на тоа, и конечната одлука за сите што ќе воскреснат ќе зависи од нивната верност и од нивното однесување во новиот свет.
Јехова не е само сочувствителен Бог туку е и праведен (5. Мој. 32:4; Пс. 33:5). Тој ќе ја покаже својата љубов така што ќе ги воскресне и праведните и неправедните. Но, тој ќе очекува од сите нив да се држат за неговите мерила за исправно и погрешно. Само на оние што ќе го сакаат и ќе живеат во склад со неговите мерила ќе им биде дозволено да продолжат да живеат во новиот свет.
a Претходно објаснувавме дека изразот кој е преведен со „осуда“ укажува на нешто негативно, односно на казна. На изворниот јазик, зборот кој е преведен со „осуда“ има пошироко значење. Иако може да укажува на осуда, односно на казна, се чини дека во овој контекст Исус мислел на поширокото значење на зборот. Еден библиски речник објаснува дека овој збор укажува на процес во кој некој е набљудуван за да се даде „проценка за него“.