МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ
Како социјалните мрежи влијаат врз мене?
Дали твоите родители ти дозволуваат да користиш социјални мрежи? Ако да, оваа статија ќе ти помогне на три важни полиња од твојот живот.
Овде ќе дознаеш:
Како социјалните мрежи влијаат врз моето време?
Користењето социјални мрежи е како да јаваш темпераментен коњ — мора да го држиш под контрола, во спротивно тој ќе те контролира тебе.
„Ќе се вклучам на некоја социјална мрежа — само кратко да проверам нешто — но, потоа останувам со часови. Социјалните мрежи може да создадат зависност и да ти го потрошат времето“ (Џоана).
Дали си знаел? Социјалните мрежи се направени да создадат зависност. Веб дизајнерите знаат дека рекламната индустрија е спремна да плаќа повеќе пари ако една интернет-страница е популарна и ако луѓето поминуваат многу време на неа.
Прашај се: „Дали често ми се случува да изгубам осет за времето додека гледам што има на некоја социјална мрежа? Дали би можел тоа време да го потрошам за покорисни работи?“
Што можеш да направиш. Одреди си колку време ќе поминуваш на некоја социјална мрежа, и потоа држи се за тој план.
„Си поставувам тајмер на мојот телефон за да се заклучат одредени апликации откако веќе некое време сум ги користела. Откако некое време се држев за овој план, можев поурамнотежено да ги користам социјалните мрежи и да не трошам премногу време на нив“ (Тина).
Библиско начело: „Добро користете го времето што го имате“ (Ефешаните 5:16, фуснота).
Како социјалните мрежи влијаат врз мојот сон?
Повеќето експерти велат дека на тинејџерите им се потребни најмалку осум часа сон секоја ноќ, но многумина спијат помалку од тоа. Една причина е тоа што тинејџерите користат социјални мрежи наместо да спијат.
„Пред да си легнам го проверувам телефонот за да видам дали има нешто важно, но потоа трошам часови проверувајќи објави на социјални мрежи. Се трудам да прекинам со оваа лоша навика“ (Марија).
Дали си знаел? Недоволното спиење може да води до анксиозност и депресија. Според Џин Твенџи, професорка по психологија, недостатокот на сон е една од главните причини зошто луѓето не се чувствуваат среќно и задоволно. Таа додава дека, ако некој не спие доволно подолг временски период, тоа може да води до „сериозни проблеми со менталното здравје“.a
Прашај се: „Колку часови спијам секоја вечер? Дали ги проверувам социјалните мрежи кога е време за одмор и спиење?“
Што можеш да направиш. Навечер, чувај ги електронските уреди надвор од собата каде што спиеш. Секогаш кога е можно, немој да користиш електронски уреди два часа пред да си легнеш. Ако ти е потребен аларм да те разбуди, размисли дали би можел да користиш аларм што не е на телефон или таблет.
„Понекогаш го користам телефонот до доцна во ноќта, но се трудам да го сменам тоа. Сакам да станам позрел, а тоа вклучува и да бидам поодговорна личност. Си поставив за цел да си легнувам порано за да бидам доволно одморен и за да можам да ги завршам сите обврски следниот ден“ (Џереми).
Библиско начело: „[Проценете] што е најважно“ (Филипјаните 1:10).
Како социјалните мрежи влијаат врз моите чувства?
Според едно истражување, речиси половина од испитаните девојчиња на средношколска возраст изјавиле дека „постојано се чувствуваат тажно и безнадежно“. Социјалните мрежи може делумно да се причината за таквите чувства. „Колку повеќе време поминуваш на социјалните мрежи, споредувајќи се со другите, толку поверојатно е дека ќе се чувствуваш депресивно“, вели д-р Ленард Сакс.b
„Вообичаено е младите да се споредуваат со другите, а преку социјалните мрежи тоа е уште полесно. Можеш со часови да ги гледаш сликите што другите ги објавиле и да се споредуваш со нив или да гледаш како твоите пријатели се забавуваат и да си мислиш дека твојот живот е досаден во споредба со нивниот“ (Фиби).
Дали си знаел? Точно е дека социјалните мрежи можат да ти помогнат да останеш во контакт со пријателите, сепак многу е подобро кога разговараме лице в лице со нив. Д-р Николас Кардерас напишал: „Изгледа дека комуникацијата преку електронски уред не ја задоволува вистински нашата длабоко вкоренета потреба да имаме контакт со другите. Таквата комуникација не нѐ прави среќни, бидејќи како луѓе имаме потреба лично да разговараме со другите“.c
Прашај се: „Дали се чувствувам осамено кога гледам што прават пријателите? Дали мислам дека мојот живот е здодевен во споредба со навидум интересниот живот што моите пријатели го прикажуваат на сликите на социјалните мрежи? Дали се обесхрабрувам кога добивам малку или воопшто не добивам лајкови на некоја моја објава?“
Што можеш да направиш. Пробај да направиш пауза од социјалните мрежи — неколку денови, една седмица, па дури и еден месец. Поминувај повеќе време со пријателите лице в лице или преку телефон. Веројатно ќе забележиш дека чувствуваш помалку стрес и дека си посреќен додека паузираш од социјалните мрежи.
„Сфатив дека, додека користев социјални мрежи, ми беше многу важно што прават другите. Откако ги избришав моите профили, се почувствував како голем камен да ми падна од рамениците. Така имав повеќе време за покорисни работи“ (Бриана).
Библиско начело: „Секој нека го испита своето дело, па ќе има причина за задоволство во самиот себе, а не споредувајќи се со други“ (Галатите 6:4).