Дали Бог е сеприсутен?
Што вели Библијата:
Бог може да види сѐ и да дејствува каде што сака (Изреки 15:3; Евреите 4:13). Меѓутоа, Библијата не вели дека Бог е сеприсутен, односно насекаде околу нас и во сѐ. Наместо тоа, таа покажува дека тој е личност и дека има свое живеалиште.
Како изгледа. Бог е духовно суштество (Јован 4:24). Тој е невидлив за луѓето (Јован 1:18). Виденијата што се запишани во Библијата покажуваат дека Бог престојува на одредено место. Ниту едно од нив не покажува дека тој е присутен насекаде (Исаија 6:1, 2; Откровение 4:2, 3, 8).
Каде живее. Бог престојува во духовното подрачје, кое е одвоено од сѐ што е материјално. Во Библијата пишува дека Бог живее на небото (1. Царевите 8:30). Исто така, во неа читаме дека, во една прилика, духовните суштества застанале пред Јехова,a што покажува дека тој се наоѓа на одредено место (Јов 1:6).
Ако Бог не е сеприсутен, дали може да се грижи за мене лично?
Да. Бог е заинтересиран за секој човек. Иако се наоѓа во духовното подрачје, тој ги забележува сите луѓе на Земјата што сакаат да му бидат послушни, и е спремен да им помогне (1. Царевите 8:39; 2. Летописи 16:9). Да видиме како Јехова покажува дека се грижи за оние што му се верни.
Кога се молиш. Јехова може да ја слушне твојата молитва во истиот момент кога ја кажуваш (2. Летописи 18:31).
Кога си потиштен. „Јехова е близу до оние што се скршени во срцето и ги спасува оние со скршен дух“ (Псалм 34:18).
Кога ти треба водство. Јехова ветил: „Ќе ти дадам разборитост и ќе те поучам“ (Псалм 32:8). Тој го прави тоа преку својата Реч, Библијата.
Погрешни верувања за сеприсутноста
Погрешно верување: Бог е присутен во сето она што го создал.
Вистина: Бог не престојува ниту на Земјата ниту на кое и да е друго место во материјалниот универзум (1. Царевите 8:27). Точно е дека ѕвездите и другите творби „ја објавуваат Божјата слава“ (Псалм 19:1). Но, исто како што еден уметник не живее во сликата што ја насликал, така и Бог не живее во она што го создал. Сепак, сликата може да ни открие нешто за оној што ја изработил. Слично на тоа, и материјалниот свет ни открива нешто за Божјите „невидливи особини“, на пример неговата моќ, мудрост и љубов (Римјаните 1:20, Стандарден Превод).
Погрешно верување: За да знае сѐ и да биде семоќен, Бог мора да е сеприсутен.
Вистина: За да дејствува, Бог го користи својот свет дух, односно својата сила. Преку светиот дух, Бог може да види сѐ и да направи сѐ што сака, каде сака и кога сака, без самиот да биде присутен (Псалм 139:7).
Погрешно верување: Псалм 139:8 кажува дека Бог е сеприсутен бидејќи во овој стих пишува: „Да се искачам и на небото, ти би бил таму, кога би го прострел во гробот своето легло, гледај, ти би бил и таму“.
Вистина: Овој стих не зборува за тоа каде живее Бог. Наместо тоа, со поетски зборови кажува дека Бог може да ни помогне каде и да сме бидејќи ниту едно место не е предалеку за него.
a Јехова е името на Бог, кое го дознаваме од Библијата.