Поглавје дваесет
Цврсто држи го во мислите Јеховиниот ден
1. Како си се чувствувал кога првпат си дознал дека е близу ослободувањето од маките на овој стар систем?
ЕДНА од првите работи што си ја научил од Библијата била таа дека Јеховина намера е целата Земја да стане рај. Во тој нов свет повеќе нема да има војна, криминал, сиромаштија, болест, страдање и смрт. Дури и мртвите ќе се вратат во живот. Какви само величествени изгледи! Близината на сето ова е нагласена со доказите дека невидливата присутност на Христос како владејачки Цар започнала во 1914 година и дека оттогаш сме во последните денови на овој злобен свет. На крајот од овие последни денови, Јехова ќе го уништи овој сегашен систем на работи и ќе го воспостави ветениот нов свет!
2. Што е „Јеховиниот ден“?
2 Тоа идно време на уништување Библијата го нарекува ‚Јеховин ден‘ (2. Петрово 3:10). Тоа е „денот на Господовиот [Јеховиниот, NW] гнев“ против целокупниот Сатанов свет (Софонија 2:3). Тој ќе ја достигне својата кулминација во „војната на големиот ден на Семоќниот Бог . . . кое на хебрејски се вика Ар-Магедон“, во кој ќе бидат уништени „царевите од целата населена земја“ (Откровение 16:14, 16). Дали твојот начин на живот покажува дека си уверен дека овој ‚Јеховин ден‘ е близу? (Софонија 1:14—18; Еремија 25:33).
3. а) Кога ќе дојде Јеховиниот ден? б) Како се покажало корисно тоа што Јехова не го открил „тој ден или час“?
3 Библијата не ни го кажува точниот датум кога Исус Христос ќе дојде како Јеховин Погубител на Сатановиот систем на работи. „За тој ден или час никој не знае, ниту ангелите на небото ниту Синот, туку Таткото“, рекол Исус (Марко 13:32). Ако некои не го љубат Јехова вистински, тие ќе бидат склони во своите мисли да го одложуваат неговиот ден и да се свртат кон световни стремежи. Но, оние што вистински го љубат Јехова, ќе му служат со сета душа, без оглед на тоа кога ќе дојде крајот на овој зол систем (Псалм 37:4; 1. Јованово 5:3).
4. Какво предупредување дал Исус?
4 Предупредувајќи ги оние што го сакаат Јехова, Исус вели: „Постојано гледајте, бидете будни, зашто не знаете кога е одреденото време“ (Марко 13:33—37). Тој нѐ поттикнува да не дозволиме јадењето и пиењето или „животните грижи“ толку многу да ни го окупираат вниманието што ќе ја изгубиме од вид сериозноста на времињата (Лука 21:34—36; Матеј 24:37—42).
5. Како што објаснил Петар, што ќе се случи во Јеховиниот ден?
5 На сличен начин, Петар нѐ советува цврсто да ја држиме во мислите „присутноста на Јеховиниот ден, преку кој небесата ќе се распаднат во оган и елементите ќе се растопат од силна вжареност“. Сите човечки влади — „небесата“ — ќе бидат уништени, како и злобното човечко општество во целина — „земјата“ — и нејзините „елементи“, идеите и активностите на овој зол свет, како што е неговиот став на независност од Бог и неговиот неморален и материјалистички начин на живот. Тие ќе бидат заменети со „нови небеса [Божјето небесно Царство] и нова земја [ново земно општество], во кои „ќе престојува праведност“ (2. Петрово 3:10—13). Овие настани што ќе го потресат светот ќе започнат ненадејно и во неочекуван ден и час (Матеј 24:44).
Внимавај на знакот
6. а) До кој обем Исусовиот одговор на прашањето на неговите ученици се однесува на крајот на еврејскиот систем? б) Кои делови на Исусовиот одговор го сосредоточуваат вниманието на настаните и ставовите од 1914 наваму?
6 Со оглед на времињата во кои живееме, треба да бидеме добро запознаени со деталите од комбинираниот знак што ги идентификува последните денови — „завршетокот на системот на работи“. Задржи на ум дека, кога Исус одговорил на прашањето на своите ученици запишано во Матеј 24:3, нешто од она што тој го опишал во стиховите 4 до 22 веќе имало исполнување во мал обем врз еврејскиот систем помеѓу 33 и 70 н.е. Но, пророштвото има свое главно исполнување во периодот од 1914 наваму, времето на Христовата „присутност и завршетокот на системот на работи“. Матеј 24:23—28 кажува што ќе се случува од 70 н.е. до ова време на Христовата присутност. Настаните што се опишани во Матеј 24:29—25:46, се случуваат во времето на крајот.
7. а) Зошто треба лично да бидеме будни во поглед на тоа како тековните настани го исполнуваат знакот? б) Одговори на прашањата на крајот од овој пасус и покажи како се исполнува знакот од 1914 наваму.
7 Ние лично мораме да ги набљудуваме настаните и ставовите преку кои се исполнува знакот. Ако овие работи ги поврземе со библиското пророштво, тоа ќе ни помогне цврсто да го држиме во мислите Јеховиниот ден. Исто така, ќе ни овозможи да бидеме уверливи кога ги предупредуваме другите на близината на тој ден (Исаија 61:1, 2). Имајќи ги на ум овие цели, да ги разгледаме следните прашања кои истакнуваат некои делови од знакот, кои се запишани во Матеј 24:7 и Лука 21:10, 11.
На кој посебен начин се исполнило кревањето на ‚народ против народ и царство против царство‘, почнувајќи од 1914? Што се случило оттогаш во поглед на војните?
Која болест во 1918 одзела повеќе животи отколку I светска војна? Кои болести, и покрај човековите познавања од областа на медицината, сѐ уште убиваат милиони лица?
До кој обем Земјата била погодена со недостиг на храна и покрај научниот напредок во минатиот век?
Што те уверува тебе дека 2. Тимотеј 3:1—5, 13 не го опишува начинот на живот што постоел отсекогаш, туку начинот на кој лошите услови се влошувале како што одиме кон крајот на последните денови?
Одвојување на луѓето
8. а) Што друго поврзал Исус со завршетокот на системот на работи, како што е опишано во Матеј 13:24—30, 36—43? б) Што значи Исусовата илустрација?
8 Постојат и други значајни настани што Исус ги поврзал со завршетокот на системот на работи. Еден од нив е одвојувањето на „синовите на царството“ од „синовите на злобниот“. Исус зборувал за ова во својата парабола за полето со жито, кое еден непријател го пресеал со плевел. „Житото“ во неговата илустрација ги претставува вистинските помазани христијани. „Плевелот“ се оние што се декларираат како христијани, но се покажуваат како ‚синови на злобниот‘, бидејќи цврсто се држат за светот, чиј владетел е Ѓаволот. Тие се одвоени од ‚синовите на [Божјето] царство‘ и се обележани за уништување (Матеј 13:24—30, 36—43). Дали ова одвојување навистина се случило?
9. а) Какво големо одвојување на сите оние што тврделе дека се христијани се случило по I светска војна? б) На кој начин помазаните христијани дале доказ дека се вистински слуги на Царството?
9 По I светска војна, сите оние што тврделе дека се христијани биле одвоени во две класи: 1) свештенството на христијанскиот свет и нивните следбеници, кои ѝ дале силна поддршка на Лигата на народите (сега Обединетите нации), а истовремено цврсто се држеле за својата национална лојалност, и 2) вистинските христијани од таа повоена ера, кои му дале целосна поддршка на Божјето месијанско Царство, а не на нациите од овој свет (Јован 17:16). Тие се покажале вистински слуги на Божјето Царство со тоа што го презеле водството во проповедањето на „оваа добра вест за царството“ ширум Земјата (Матеј 24:14). Со какви резултати?
10. Кој бил првиот резултат од активноста на проповедање на Царството?
10 Како прво, дошло до собирање на остатокот од оние што биле помазани со Божји дух, кои ја имале надежта да бидат со Христос како дел од небесното Царство. Иако таквите биле расеани меѓу нациите, тие биле доведени во организациско единство. Конечното запечатување на овие помазаници се ближи кон крај (Откровение 7:3, 4).
11. а) Кое дело на собирање сѐ уште трае, и во склад со кое пророштво? б) Што значи исполнувањето на ова пророштво?
11 Потоа, под Христово водство, започнало собирањето на „едно големо мноштво . . . од сите нации и племиња и народи и јазици“. Тие ги сочинуваат ‚другите овци‘ кои ќе ја преживеат „големата неволја“ и ќе влезат во Божјиот нов свет (Откровение 7:9, 14; Јован 10:16). Ова дело на проповедање на Божјето Царство пред да дојде крајот трае до ден-денес. Лојално, големото мноштво од други овци, кое сега брои милиони, му помага на помазаниот остаток да ја објавува животоважната порака за Царството. Оваа порака се слуша во сите нации.
Што ни претстои?
12. Уште колку треба да се извршува делото на проповедање пред да пристигне Јеховиниот ден?
12 Сево ова значи дека сме близу до крајот на последните денови и дека Јеховиниот ден е близу. Но, дали има пророштва кои допрва треба да се исполнат пред да почне тој ден што влева страв? Да. Како прво, одвојувањето на луѓето врз основа на спорното прашање за Царството уште не е завршено. Во некои подрачја каде со години постоело жестоко противење, сега има пораст на нови ученици. Дури и таму каде што луѓето ја отфрлаат добрата вест, Јеховината милост се покажува со тоа што даваме сведоштво. Затоа, напред со делото! Исус нѐ уверува дека штом ќе заврши делото, ќе дојде крајот.
13. Како што е запишано во 1. Солуњаните 5:2, 3, кој значаен настан допрва ќе се случи, и што ќе значи тоа за нас?
13 Едно друго значајно библиско пророштво претскажува: „Кога ќе зборуваат: ‚Мир и сигурност!‘ тогаш врз нив веднаш ќе дојде ненадејно уништување како породилни болки на бремена жена; и никако нема да побегнат“ (1. Солуњаните 5:2, 3). Каков облик ќе има таа објава на „мир и сигурност“, останува да се види. Но, тоа сигурно нема да значи дека светските лидери навистина ги решиле проблемите на човештвото. Оние што цврсто го држат во мислите Јеховиниот ден, нема да бидат заведени од таа објава. Тие знаат дека непосредно по тоа ќе дојде ненадејно уништување.
14. Кои настани ќе се случат во текот на големата неволја, и по кој редослед?
14 Во почетокот на големата неволја, владетелите ќе се свртат против Големиот Вавилон, светското царство на лажна религија, и ќе го погубат (Матеј 24:21; Откровение 17:15, 16). По тоа, нациите ќе се свртат против оние што ја поддржуваат Јеховината сувереност, и со тоа ќе го предизвикаат Јеховиниот гнев против политичките влади и нивните приврзаници, кое ќе резултира со нивно целосно уништување. Тоа ќе биде Армагедон, кулминацијата на големата неволја. Потоа, Сатана и неговите демони ќе бидат фрлени в бездна и повеќе не ќе можат да влијаат врз човештвото. Со тоа ќе заврши Јеховиниот ден во кој неговото име ќе биде возвишено (Езекиел 38:18, 22, 23; Откровение 19:11—20:3).
15. Зошто би било немудро да резонираме дека Јеховиниот ден е уште далеку?
15 Крајот на овој систем ќе дојде точно на време, според Божјиот временски распоред. Нема да задоцни (Хабакук 2:3). Запомни, уништувањето на Ерусалим во 70 н.е. дошло брзо, кога Евреите не го очекувале, кога мислеле дека опасноста поминала. А како било со древниот Вавилон? Тој бил моќен, изгледал безбеден и бил зајакнат со масивни ѕидини. Но, паднал во една ноќ. Исто така, ненадејно уништување ќе дојде и врз сегашниот зол систем. Кога ќе дојде, да бидеме најдени обединети во вистинското обожавање, цврсто држејќи го во мислите Јеховиниот ден.
Дискусија за повторување
• Зошто е од животна важност цврсто да го држиме во мислите Јеховиниот ден? Како можеме да го правиме тоа?
• На кој начин лично сме засегнати од одвојувањето на луѓето кое е во тек?
• Што допрва претстои пред да почне Јеховиниот ден? Според тоа, што треба лично да правиме?
[Слики на страници 180 и 181]
Наскоро, последните денови ќе завршат со уништувањето на Сатановиот систем