ПОГЛАВЈЕ 4
Зошто да ги почитуваме оние што имаат авторитет?
„Почитувајте го секого, сите браќа сакајте ги, од Бог бојте се, царот почитувајте го“ (1. ПЕТРОВО 2:17)
1-2. а) Чие водство треба да го следиме? б) Кои прашања ќе ги разгледаме во ова поглавје?
КОГА си бил дете, веројатно имало ситуации кога родителите ќе ти кажеле да направиш нешто што не си сакал да го направиш. Иако си ги сакал родителите и си знаел дека треба да ги слушаш, понекогаш веројатно не си сакал да го направиш она што ти го кажале.
2 Знаеме дека нашиот Татко, Јехова, нѐ сака. Тој се грижи за нас и ни дава сѐ што ни е потребно за да му се радуваме на животот. Ни дава водство, односно совети и упатства кои секогаш се за наше добро. Понекогаш го прави тоа преку луѓе. Јехова очекува да го почитуваме неговиот авторитет (Изреки 24:21). Но зошто во некои ситуации ни е тешко да прифатиме совети и упатства? Зошто Јехова го бара тоа од нас? И како можеме да покажеме почит кон неговиот авторитет? (Види Белешка 9.)
ЗОШТО ТОА Е ТЕШКО?
3-4. а) Зошто луѓето се несовршени? б) Зошто може да ни биде тешко да прифатиме водство од другите?
3 Ние луѓето имаме склоност да се бунтуваме. Ова се гледа уште од времето кога првите луѓе, Адам и Ева, згрешиле. Иако биле создадени совршени, тие се побуниле против авторитетот на Бог. Оттогаш, сите луѓе се раѓаат несовршени. Токму нашата несовршеност е една од причините зошто може да ни биде тешко да прифатиме водство од Јехова и од луѓето. Друга причина е тоа што и луѓето преку кои Јехова ни дава водство се несовршени (1. Мојсеева 2:15-17; 3:1-7; Псалм 51:5; Римјаните 5:12).
4 Бидејќи сме несовршени, склони сме да бидеме горделиви. Горделивоста ни отежнува да прифатиме водство. Да разгледаме еден пример. Во древниот Израел, Јехова го избрал Мојсеј да го води неговиот народ. Но, еден човек по име Кореј, кој со години му служел на Јехова, се возгордеал и покажал големо непочитување кон Мојсеј. Од друга страна, Мојсеј не бил горделив иако го водел Божјиот народ. Напротив, за него Библијата вели дека бил најкроткиот, односно најпонизниот човек во тоа време. Но Кореј не сакал да го прифати водството од Мојсеј. Дури успеал да убеди голема група луѓе да застанат на негова страна и да се побунат против Мојсеј. Што се случило со Кореј и другите бунтовници? Сите загинале (4. Мојсеева 12:3; 16:1-3, 31-35). Во Библијата има многу примери кои покажуваат дека горделивоста носи сериозни последици (2. Летописи 26:16-21; види Белешка 10).
5. Како некои луѓе ја злоупотребиле својата моќ?
5 Можеби си ја чул изреката: „Моќта расипува“. Низ историјата, многу луѓе ја злоупотребиле својата моќ. (Прочитај Проповедник 8:9.) Тоа било случај и со Саул. Тој бил добар и понизен човек кога Јехова го избрал за цар на Израел. Но, со текот на времето дозволил гордоста и љубомората да пуштат корен во неговото срце, и затоа почнал да го прогонува Давид, кој не направил ништо лошо (1. Самоилова 9:20, 21; 10:20-22; 18:7-11). Подоцна, Давид станал еден од најдобрите цареви на Израел. Сепак, по некое време и тој ја злоупотребил својата моќ. Давид имал сексуални односи со Витсавеа, сопругата на еден човек по име Урија. Потоа се обидел да го скрие својот грев така што наместил Урија да загине во битка (2. Самоилова 11:1-17).
ЗОШТО ГО ПОЧИТУВАМЕ АВТОРИТЕТОТ НА ЈЕХОВА?
6-7. а) На што нѐ поттикнува љубовта кон Јехова? б) Како примерот на Исус ни помага да му бидеме послушни на Јехова дури и кога тоа не ни е лесно?
6 Од љубов кон Јехова, ние ги почитуваме советите и упатствата што ни ги дава. Бидејќи го сакаме Јехова повеќе од кој и да е друг, ние сакаме да го радуваме. (Прочитај Изреки 27:11; Марко 12:29, 30.) Уште откако постојат луѓето, Сатана има цел да ги наведе да мислат дека Јехова нема право да им кажува што да прават. Но, ние знаеме дека ова е лага. Се согласуваме со овие зборови: „Достоен си, Јехова, Боже наш, да ја примиш славата и честа и моќта, бидејќи ти создаде сѐ“ (Откровение 4:11).
7 Кога си бил дете, веројатно родителите те поучувале да ги слушаш дури и кога тоа не ти се допаѓало. Слично на тоа, понекогаш не ни е лесно да му бидеме послушни на Јехова. Но, бидејќи го сакаме и го почитуваме, правиме сѐ што можеме за да му бидеме послушни. Исус ни оставил добар пример во овој поглед. Тој му бил послушен на Јехова дури и кога тоа не му било лесно. Токму затоа можел да му каже на својот Татко: „Нека не биде мојата волја, туку твојата“ (Лука 22:42; види Белешка 11).
8. Кои се некои начини на кои Јехова ни дава водство? (Види ја рамката „Прифати совет“.)
8 Денес, Јехова ни дава водство на различни начини. На пример, ни ја дал Библијата. Исто така, ни ги дал старешините во собранието. Кога ги почитуваме оние преку кои Јехова нѐ води, покажуваме почит кон неговиот авторитет. Ако не го прифаќаме нивното водство, всушност, го отфрламе Јехова. Кога Израелците го отфрлиле Мојсеј, за Јехова тоа било како да го отфрлиле него лично (4. Мојсеева 14:26, 27; види Белешка 12).
9. Зошто може да се каже дека покажуваме љубов кон нашите соверници кога ги следиме упатствата?
9 Кога ги почитуваме оние што имаат авторитет, покажуваме љубов и кон браќата и сестрите. Размисли за следниов пример. Кога ќе се случи некоја природна катастрофа, честопати членовите на еден тим за спасување соработуваат заедно за да спасат колку што е можно повеќе луѓе. За тимот да биде ефикасен, некој мора да го води и да го организира, а секој член на тимот треба да ги следи упатствата. Но што ќе се случи ако некој не ги следи упатствата и едноставно прави што сака? Дури и да има добра намера, неговата непослушност би можела да им направи проблеми на другите од тимот, на пример, некој би можел да биде сериозно повреден. Слично на тоа, ако не го следиме водството од Јехова и од оние на кои тој им дал некаков авторитет, можеме да им нанесеме штета на нашите браќа и сестри. Но кога сме му послушни на Јехова, покажуваме дека ги сакаме соверниците и дека го почитуваме начинот на кој ги води работите (1. Коринќаните 12:14, 25, 26).
10-11. Што ќе разгледаме сега?
10 Сѐ што бара Јехова од нас е за наше добро. Кога покажуваме почит кон авторитетот во семејството и во собранието и кога ги почитуваме властите, тоа им користи на сите (5. Мојсеева 5:16; Римјаните 13:2-4; Ефешаните 6:2, 3; Евреите 13:17).
11 Ако разбереме зошто Јехова сака да ги почитуваме другите, ќе ни биде полесно да го правиме тоа. Сега ќе видиме нешто повеќе за тоа како можеме да покажуваме почит на три подрачја од животот.
ПОЧИТ ВО СЕМЕЈСТВОТО
12. Како еден маж може да покаже дека го почитува авторитетот на Јехова?
12 Јехова го основал семејството и на секој член му дал одредена улога. Ако секој го прави она што Јехова го очекува од него, во семејството ќе владее слога и сите ќе бидат среќни (1. Коринќаните 14:33). Јехова го поставил мажот за глава на семејството. Ова значи дека Јехова очекува од него со љубов да им дава водство на жената и на децата и добро да се грижи за нив. Според тоа, мажот ќе поднесе сметка пред Јехова за начинот на кој постапува со членовите на своето семејство. Еден маж што му служи на Јехова треба да биде обѕирен и благ и да постапува со жената и со децата исто како што Исус постапува со собранието. Така ќе покаже дека го почитува Јехова (Ефешаните 5:23; види Белешка 13).
13. Како една жена ќе покаже дека го почитува авторитетот на својот маж?
13 И жената има важна улога во семејството. Таа треба да го поддржува својот маж додека тој дава сѐ од себе за добро да се грижи за семејството. Исто како мажот, и таа е одговорна за воспитувањето на децата. Еден начин на кој ги поучува децата да покажуваат почит е така што самата им дава добар пример (Изреки 1:8). Жената треба да го почитува својот сопруг и да ги поддржува неговите одлуки. Дури и кога за нешто не се согласува со него, со почит и на љубезен начин му го кажува своето мислење. Кога една жена е во брак со некој што не е Јеховин сведок, таа се соочува со специфични проблеми. Но, ако продолжи да покажува љубов и почит кон својот маж, можеби еден ден и тој ќе сака да го запознае Јехова и да му служи. (Прочитај 1. Петрово 3:1.)
14. Како можат децата да покажат почит кон авторитетот на родителите?
14 Децата се скапоцени за Јехова, и ним особено им се потребни заштита и водство. Родителите се многу среќни кога децата им се послушни. Што е уште поважно, со својата послушност децата покажуваат почит кон Јехова и многу го радуваат (Изреки 10:1). За жал, многу деца растат само со еден родител. Во таквите семејства, и родителот и децата може да се соочат со многу тешкотии. Но, ако децата се послушни и ако го поддржуваат својот родител, ќе имаат многу подобар семеен живот. Како и да е, ниту едно семејство не е совршено. Сепак, семејствата можат да бидат посреќни ако секој го следи водството од Јехова. Ова му носи слава нему бидејќи тој е основачот на семејството (Ефешаните 3:14, 15).
ПОЧИТ ВО СОБРАНИЕТО
15. Како може секој во собранието да покаже почит кон авторитетот на Јехова?
15 Јехова ни дава водство преку христијанското собрание. Тој му дал на Исус целосен авторитет над собранието (Колошаните 1:18). А Исус, пак, го поставил „верниот и разборит роб“ да се грижи за Божјиот народ на Земјата (Матеј 24:45-47). Денес, „верниот и разборит роб“ е Водечкото тело. Водечкото тело ни дава духовна храна во вистинско време која ни помага да ја зачуваме цврста нашата вера. Старешините, слуга-помошниците и покраинските надгледници добиваат упатства од Водечкото тело и им помагаат на собранијата низ целиот свет да останат духовно јаки. Сите овие браќа имаат одговорност да се грижат за нас. Тие ќе поднесат сметка пред Јехова за тоа како ја извршуваат оваа одговорност. Затоа, кога покажуваме почит кон овие браќа, покажуваме почит и кон Јехова. (Прочитај 1. Солуњаните 5:12; Евреите 13:17; види Белешка 14.)
16. Зошто може да се каже дека старешините и слуга-помошниците се именувани од светиот дух?
16 Старешините и слуга-помошниците им помагаат на сите во собранието да му останат верни на Бог и да бидат обединети. Се разбира, и тие се несовршени како нас. А како се именуваат старешините и слуга-помошниците? Тие браќа треба да ги исполнат условите кои се запишани во Библијата (1. Тимотеј 3:1-7, 12; Тит 1:5-9). Јехова го користел светиот дух за да им помогне на писателите на Библијата јасно да ги наведат овие услови. Старешините му се молат на Јехова да им даде свет дух кога заедно разгледуваат кој треба да биде именуван за старешина или за слуга-помошник. Ова јасно покажува дека Јехова и Исус ги водат собранијата (Дела 20:28). Браќата кои се поставени да ни помагаат и да се грижат за нас се дарови од Бог (Ефешаните 4:8).
17. Што ќе треба понекогаш да направи една сестра за да покаже почит?
17 Понекогаш во некое собрание можеби нема доволно старешини или слуга-помошници за да извршат одредена задача. Во таков случај, задачата обично може да ја извршат други крстени браќа. Но доколку нема ниту еден таков брат, тогаш задачата можеби ќе треба да ја изврши сестра. Кога една сестра извршува задача што нормално би ја извршувал крстен брат, треба да си ја покрие главата, можеби со марама или со капа (1. Коринќаните 11:3-10). Така таа покажува дека го почитува начинот на кој Јехова го води семејството и собранието. (Види Белешка 15.)
ПОЧИТ КОН ВЛАСТИТЕ
18-19. а) Што учиме од Римјаните 13:1-7? б) На кој друг начин покажуваме почит кон властите?
18 Денес, Јехова им дозволува на човечките власти да имаат одреден авторитет, и ние треба да ги почитуваме. Тие овозможуваат во државите да има одредена мера ред и им обезбедуваат на луѓето различни услуги. Божјите слуги се послушни на упатството запишано во Римјаните 13:1-7. (Прочитај.) Ние ги почитуваме властите и законите во земјата во која живееме. Овие закони може да се однесуваат на нашето семејство, работата или нашиот имот. На пример, плаќаме даноци и даваме точни податоци кога пополнуваме разни формулари или документи што ги бараат властите. Но што ако властите бараат од нас да направиме нешто што е спротивно на Божјите закони? Апостол Петар рекол: „Мораме да му се покоруваме на Бог, а не на луѓето“ (Дела 5:28, 29).
19 Ако треба да зборуваме со некое службено лице како, на пример, со судија или со полицаец, секогаш треба да покажуваме почит. Младите треба да ги почитуваат своите наставници и другите вработени во нивното училиште. А на работното место го почитуваме нашиот работодавач дури и ако другите вработени не го прават тоа. Кога постапуваме на ваков начин, го следиме примерот на апостол Павле кој ги почитувал властите иако тоа не било секогаш лесно (Дела 26:2, 25). Ние покажуваме почит дури и кон оние што не постапуваат добро со нас. (Прочитај Римјаните 12:17, 18; 1. Петрово 3:15.)
20-21. Што се постигнува кога ги почитуваме другите?
20 Луѓето во светот сѐ помалку ги почитуваат другите. Но, ова не е случај и со Божјите слуги. Ние се трудиме да ги почитуваме сите луѓе бидејќи сакаме да постапуваме во склад со советот на апостол Петар: „Почитувајте го секого“ (1. Петрово 2:17). Другите забележуваат кога покажуваме почит кон нив. Исус рекол: „Нека свети вашата светлина пред луѓето, за да ги видат вашите добри дела и да го слават вашиот Татко“ (Матеј 5:16).
21 Кога покажуваме почит во семејството, во собранието и на други подрачја во животот, со нашиот добар пример можеме да ги поттикнеме другите да дознаат нешто повеќе за Јехова. А кога ги почитуваме другите, покажуваме почит и кон Бог. Така го радуваме Јехова и му покажуваме дека го сакаме.