СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 34
ПЕСНА 107 Да покажуваме љубов како Бог
Како старешините им покажуваат љубов и милост на оние што направиле грев
Божјата добрина сака да те доведе до покајание (РИМ. 2:4)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да видиме како старешините се трудат да им помогнат на оние во собранието кои направиле тежок грев.
1. Каква можност постои за оние што направиле тежок грев?
ВО ПРЕТХОДНАТА статија видовме што му рекол апостол Павле на собранието во Коринт за тоа како да постапи со еден христијанин кој правел тежок грев. Тој човек не се каел и требало да биде отстранет од собранието. Сепак, како што покажува стихот на кој се темели оваа статија, на некои што направиле тежок грев Бог може да им помогне да се покаат (Рим. 2:4). Како тој ги користи старешините за да му помогне на некое лице да се покае?
2-3. Што треба да правиме ако дознаеме дека некој наш соверник направил тежок грев, и зошто?
2 Ако старешините не знаат дека некој направил тежок грев, тие нема да можат да му помогнат. Тогаш, што треба да правиме ако дознаеме дека некој наш соверник направил тежок грев поради што би можел да биде отстранет од собранието? Треба да го поттикнеме да побара помош од старешините (Иса. 1:18; Дела 20:28; 1. Пет. 5:2).
3 Но, што ако оној што направил грев не сака да зборува со старешините? Тогаш ние ќе зборуваме со нив за да може лицето да ја добие потребната помош. Со тоа, всушност, покажуваме љубов кон тој соверник бидејќи не сакаме да го изгубиме. Ако тој продолжи да го прави она што е погрешно, уште повеќе ќе си го наруши пријателството со Јехова. Освен тоа, би можел да му нанесе срам на собранието. Затоа, поттикнати од љубов кон соверникот и кон Јехова, храбро преземаме иницијатива да зборуваме со старешините (Пс. 27:14).
КАКО СТАРЕШИНИТЕ ИМ ПОМАГААТ НА ОНИЕ ШТО НАПРАВИЛЕ ТЕЖОК ГРЕВ
4. Која е целта на старешините кога ќе се состанат со некој што направил тежок грев?
4 Кога некој во собранието ќе направи тежок грев, старешинството ќе избере тројца старешини кои ќе служат како одбор.a Овие браќа треба да бидат скромни и понизни. Тие ќе се трудат да му помогнат на престапникотb да се покае, но свесни се дека не можат сосила да натераат некого да се промени (5. Мој. 30:19). Старешините знаат дека нема секој да се покае како што се покајал цар Давид (2. Сам. 12:13). Некои престапници ќе изберат да ги отфрлат Јеховините опомени (1. Мој. 4:6-8). Сепак, целта на старешините е, доколку е можно, да му помогнат на лицето кое згрешило да се покае. Кои работи треба да ги имаат на ум старешините кога ќе се состанат со него?
5. Кој совет треба да го имаат на ум старешините кога ќе се состанат со некој што направил тежок грев? (2. Тимотеј 2:24-26; види ја и сликата).
5 Старешините гледаат на престапникот како на скапоцена овчичка која се загубила (Лука 15:4, 6). Затоа, кога ќе се состанат со лицето, тие нема да зборуваат грубо и нема да постапуваат нељубезно со него. Старешините нема да гледаат на таа средба како на обична рутина во која само ќе следат одредена процедура. Наместо тоа, тие ќе ги покажуваат особините запишани во 2. Тимотеј 2:24-26. (Прочитај.) Старешините ќе останат благи и љубезни додека се трудат да допрат до срцето на престапникот.
6. Како старешините ќе си го подготват срцето пред да се состанат со престапникот? (Римјаните 2:4).
6 Старешините одвојуваат време за да си го подготват срцето. Тие се обидуваат да го следат примерот на Јехова во начинот на кој постапуваат со оној што направил грев. Притоа ги имаат на ум следниве зборови на апостол Павле: „Божјата добрина сака да те доведе до покајание“. (Прочитај Римјаните 2:4.) Старешините мора да имаат на ум дека тие, пред сѐ, се пастири кои треба да го следат примерот и водството на Христос (Иса. 11:3, 4; Мат. 18:18-20). Пред да се состанат со престапникот, старешините од одборот ќе се молат во врска со нивната цел — да му помогнат да се покае. Тие ќе истражуваат во Библијата и во нашите публикации, и ќе го молат Јехова за проникливост. Освен тоа, ќе се прашаат кои работи треба да ги знаат за личноста што можеби довеле до тоа да размислува и да постапува погрешно (Изр. 20:5).
7-8. Како можат старешините да бидат стрпливи по примерот на Јехова кога ќе се состанат со некој што направил грев?
7 Старешините се трудат да бидат стрпливи по примерот на Јехова. Тие имаат на ум како постапувал Јехова во минатото со оние што направиле некаков грев. На пример, Јехова стрпливо разговарал со Каин, го предупредил за последиците од гревот и му кажал дека ќе го благослови ако го послуша (1. Мој. 4:6, 7). Јехова му помогнал на Давид преку пророкот Натан, кој кажал една споредба што допрела до срцето на царот (2. Сам. 12:1-7). Исто така, Јехова одново и одново ги испраќал своите пророци кај бунтовните Израелци (Ерем. 7:24, 25). Тој не чекал неговиот народ да се покае, па дури потоа да му пружи помош. Наместо тоа, преземал иницијатива така што го поттикнувал да се покае.
8 Старешините го следат примерот на Јехова кога се трудат да им помогнат на оние кои направиле тежок грев. Како што пишува во 2. Тимотеј 4:2, тие се трудат да бидат многу стрпливи со таквите поединци. Во склад со тоа, старешините секогаш треба да бидат смирени и стрпливи за да му помогнат на оној што прави грев да сака да постапува исправно. Ако некој од старешините се изнервира или се разгневи, престапникот можеби нема да сака да го послуша советот или можеби ќе одбие да се покае.
9-10. Како можат старешините да му помогнат на престапникот да сфати што водело до тоа да направи грев?
9 Старешините се трудат да утврдат кои работи воделе до тоа лицето да направи грев. На пример, дали поединецот постепено ослабнал духовно затоа што го занемарил личното проучување или затоа што не одел редовно во служба? Дали престанал редовно да му се моли на Јехова или неговите молитви станале површни? Дали престанал да им се спротивставува на погрешните желби? Дали донел немудри одлуки во поглед на друштвото или забавата? Како влијаеле тие одлуки врз неговото срце? Дали сфаќа како неговите постапки и одлуки влијаат врз неговиот Татко, Јехова?
10 Со тоа што поставуваат соодветни прашања, без непотребно да навлегуваат во приватноста, старешините на љубезен начин го поттикнуваат престапникот да размисли за работите кои придонеле да му ослабне пријателството со Јехова и да направи грев (Изр. 20:5). Освен тоа, тие можат да употребат некоја споредба за да му помогнат на лицето да размисли за своите постапки и да сфати зошто тие се погрешни, исто како што Натан употребил споредба за да му помогне на Давид. Можеби за време на првиот состанок со него, престапникот ќе почне да жали за одлуките што ги донел и за начинот на кој размислува. А можеби дури и ќе се покае.
11. Како постапувал Исус со грешниците?
11 Старешините се трудат да го следат примерот на Исус. Воскреснатиот Исус сакал да му помогне на Савле од Тарс да сфати дека она што го прави е погрешно и затоа му поставил едно мудро прашање: „Савле, Савле, зошто ме прогонуваш?“ (Дела 9:3-6). А во случајот со „таа жена Језавела“, која е спомната во книгата Откровение, Исус рекол: „Ѝ дадов време да се покае“ (Отк. 2:20, 21).
12-13. Како можат старешините да му дадат време на некој престапник да се покае? (Види ја и сликата.)
12 По примерот на Исус, старешините не заклучуваат пребрзо дека оној што направил тежок грев нема да се покае. Некој можеби ќе се покае за време на првиот состанок со одборот, но на некој друг можеби ќе му треба повеќе време. Затоа, старешините можеби ќе се договорат со престапникот да се состанат повеќе пати. По првиот состанок, лицето можеби ќе почне сериозно да размислува за она што му било кажано и понизно ќе го моли Јехова да му го прости гревот (Пс. 32:5; 38:18). Затоа, на следниот состанок, престапникот можеби ќе има поинаков став од оној што го покажал на првиот состанок.
13 За да му помогнат на престапникот да се покае, старешините покажуваат сочувство и љубов. Тие го молат Јехова да го благослови нивниот труд и се надеваат дека нивниот соверник ќе се вразуми и ќе се покае (2. Тим. 2:25, 26).
14. Кој е заслужен кога еден престапник ќе се покае, и зошто?
14 Ако престапникот се покае, тоа е причина за голема радост! (Лука 15:7, 10). Дали старешините се заслужни за тоа? Сети се што напишал Павле за оние што направиле грев: „Бог да им даде да се покаат“ (2. Тим. 2:25). Значи Јехова, а не некој човек, е тој што всушност му помага на еден христијанин да ги промени својот став и својот начин на размислување. Павле објаснува кои убави резултати произлегуваат кога некој ќе се покае. Тој може да почне подобро да ја разбира вистината, да се вразуми и да се извлече од замката на Ѓаволот (2. Тим. 2:26).
15. Како можат старешините да продолжат да му помагаат на еден престапник што се кае?
15 Ако некој што направил тежок грев се покае, одборот од старешини ќе организира пастирски посети за да може лицето да продолжи да ја добива помошта што му е потребна за да се бори против замките на Сатана и да го прави она што е исправно (Евр. 12:12, 13). Се разбира, старешините никому не му откриваат детали за она што го направил престапникот. Сепак, за што можеби ќе треба да биде известено собранието?
„УКОРИ ГИ ПРЕД СИТЕ“
16. Според 1. Тимотеј 5:20, на кого мислел Павле кога рекол „пред сите“?
16 Прочитај 1. Тимотеј 5:20. Павле му ги напишал овие зборови на Тимотеј, кој исто така бил старешина, за да му каже како да постапи со „оние што прават грев“. Дали сакал да каже дека треба да бидат укорени пред целото собрание? Не секогаш. Кога рекол „пред сите“, тој мислел на оние неколкумина кои можеби веќе знаеле за гревот. Тоа би можело да бидат очевидците или оние на кои престапникот им се доверил. Старешините ќе им кажат само на овие лица дека презеле нешто во врска со случајот и дека престапникот е укорен.
17. Ако многумина во собранието знаат дека некој направил тежок грев или веројатно ќе дознаат за тоа, какво известување треба да се даде, и зошто?
17 Понекогаш, многумина во собранието веќе знаат дека некој направил тежок грев или веројатно ќе дознаат за тоа. Во таков случај, изразот „пред сите“ се однесува на целото собрание. Затоа, еден старешина ќе го извести собранието дека некој соверник е укорен. Зошто? Како што објаснил Павле, за да можат другите да извлечат поука од тоа и да не направат тежок грев.
18. Како ќе постапат старешините ако еден крстен малолетник направи тежок грев? (Види ја и сликата.)
18 Што прават старешините кога некое крстено малолетно лице — под 18 години — ќе направи тежок грев? Старешинството ќе организира двајца старешини да се состанат со малолетникот и со неговите родителиc кои се Јеховини сведоци. Старешините ќе ги прашаат родителите какви чекори веќе презеле за да му помогнат на нивното дете да ги направи потребните промени и да се покае. Ако детето ги слуша советите на родителите и ги прави потребните промени, двајцата старешини можеби ќе одлучат дека не мора да се преземе ништо повеќе. Старешините се свесни дека родителите се тие на кои Јехова им ја дал на одговорноста со љубов да ги исправаат своите деца (5. Мој. 6:6, 7; Изр. 6:20; 22:6; Еф. 6:2-4). Старешините повремено ќе зборуваат со родителите за да се уверат дека малолетникот ја добива потребната помош. Но, што ако еден крстен малолетник не се кае и продолжува со погрешното постапување? Во тој случај, еден одбор од старешини ќе се состане со него и со неговите родители кои се Јеховини сведоци.
„ЈЕХОВА Е ПОЛН СО СОЧУВСТВО И МИЛОСРДЕН“
19. Како старешините се трудат да го следат примерот на Јехова кога се состануваат со оние што направиле тежок грев?
19 Браќата кои служат во одбор од старешини имаат одговорност пред Јехова да го чуваат собранието чисто (1. Кор. 5:7). Исто така, тие прават сѐ што можат за да им помогнат на оние кои направиле некаков грев, доколку е можно, да се покаат. Затоа, додека им помагаат на тие соверници, старешините задржуваат позитивен став и не губат надеж дека ќе се сменат. Зошто? Бидејќи сакаат да го следат примерот на Јехова, кој е „полн со сочувство и милосрден“ (Јак. 5:11). Забележи како остарениот апостол Јован покажал таков став. Тој напишал: „Дечиња мои, ова ви го пишувам за да не направите грев. Но, ако некој и направи грев, имаме помошник кај Таткото — Исус Христос, праведникот“ (1. Јов. 2:1).
20. Што ќе разгледаме во следната статија?
20 За жал, има ситуации кога престапникот не сака да се покае. Во таков случај, тој мора да биде отстранет од собранието. Што прават старешините ако се случи такво нешто? Тоа ќе го разгледаме во следната статија.
ПЕСНА 103 Пастирите — дар од Бог
a Во минатото, ваквата група старешини беше наречена правен одбор. Но, бидејќи судењето е само еден аспект од нивната задача, повеќе нема да го користиме тој израз. Наместо тоа, оваа група едноставно ќе ја наречеме одбор од старешини.
b Во оваа статија, зборот „престапник“ е во машки род. Но, информациите во неа се однесуваат и на лица од женски пол.
c Она што е кажано за родителите важи и за законските старатели или за други кои имаат одговорност да се грижат за малолетни деца.