Науката и Библијата
Многу луѓе тврдат дека науката го побива она што е запишано во библискиот извештај за создавањето. Но, вистинската противречност не е помеѓу науката и Библијата, туку помеѓу науката и верувањата на некои верски групи што ја толкуваат Библијата буквално. Некои од овие групи погрешно тврдат дека, според Библијата, сето материјално творештво било создадено пред околу 10.000 години, во период од шест дена од по 24 часа.
Меѓутоа, Библијата не го поткрепува тоа тврдење. Да беше така, многу научни откритија во изминативе стотина години навистина ќе ја побиеја Библијата. Внимателното проучување на она што го пишува во Библијата не открива никаква противречност со установените научни факти. Од таа причина, Јеховините сведоци не се согласуваат со учењата на тие верски групи. Еве што навистина учи Библијата.
Во книгата 1. Мојсеева не пишува дека Земјата и вселената биле создадени пред околу 10.000 години, во период од шест дена од по 24 часа
Кога бил „почетокот“?
Извештајот од 1. Мојсеева, првата книга во Библијата, започнува со оваа едноставна, силна изјава: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“ (1. Мојсеева 1:1). Многу изучувачи на Библијата се согласуваат дека во овој стих се опишува дејство што е независно од деновите на создавање за кои се зборува од 3. стих натаму. Ова е многу битен факт. Како што покажуваат уводните зборови од Библијата, нашата вселена, вклучувајќи ја и планетата Земја, постоела уште пред да започнат деновите на создавање.
Геолозите проценуваат дека Земјата е стара 4 милијарди години, а според пресметките на астрономите, вселената е стара и до 15 милијарди години. Дали овие откритија — или нивните евентуални доразјаснувања во иднина — се во спротивност со 1. Мојсеева 1:1? Не. Во Библијата не е конкретно кажано колку време постојат „небото и земјата“. Науката не го побива она што го пишува во неа.
Колку долго траеле деновите на создавање?
Колку долги биле деновите на создавање? Дали секој од нив траел буквално 24 часа? Некои сметаат дека е така врз основа на тоа што Мојсеј — кој ја напишал книгата 1. Мојсеева — подоцна го спомнал денот што следел по шесте дена на создавање и го навел како пример за ден за одмор во седмицата (2. Мојсеева 20:11). Дали она што е кажано во 1. Мојсеева го поткрепува овој заклучок?
Не. Хебрејскиот збор што е преведен со „ден“ може да означува различни временски периоди, а не само период од 24 часа. На пример, кога дава преглед на Божјите дела на создавање, Мојсеј се осврнува на сите шест дена на создавање како на еден ден (1. Мојсеева 2:4). Освен тоа, при првиот ден на создавање, ‚Бог светлината ја нарекол „ден“, а темнината ја нарекол „ноќ“‘ (1. Мојсеева 1:5). Овде, со зборот „ден“ е означен само еден дел од периодот од 24 часа. Библијата не дава никаква основа да се претпостави дека секој ден на создавање бил долг по 24 часа.
Тогаш, колку долго траеле деновите на создавање? Библијата не кажува, но од она што е запишано во 1. и 2. поглавје од книгата 1. Мојсеева може да се види дека се работи за прилично долги периоди.
Шест периоди на создавање
Мојсеј го напишал својот извештај на хебрејски јазик и од гледна точка на некој што се наоѓа на Земјата. Овие два факта, како и податокот дека вселената постоела пред да започнат деновите на создавање, помагаат да се разрешат голем дел од полемиките во врска со извештајот за создавањето. Како?
Со внимателно проучување на извештајот од 1. Мојсеева ќе видиме дека настаните што почнале во текот на еден „ден“ продолжиле и во еден или повеќе од наредните „денови“. На пример, пред да започне првиот „ден“ на создавање, светлината од Сонцето, кое веќе постоело, не можела да допре до површината на Земјата, веројатно затоа што имало густи облаци (Јов 38:9). Во текот на првиот „ден“, оваа препрека почнала да се расчистува, при што низ атмосферата почнала да навлегува дифузна светлина.a
На вториот „ден“ изгледа дека атмосферата продолжила да се расчистува, при што се создал простор помеѓу густите облаци одозгора и океанот одоздола. На четвртиот „ден“ атмосферата се расчистила до тој степен што „на небесниот свод“ се појавиле Сонцето и Месечината (1. Мојсеева 1:14-16). Со други зборови, од гледна точка на некој што е на Земјата, на четвртиот ден почнале да се гледаат Сонцето и Месечината. Сето ова се одвивало постепено.
Од извештајот од 1. Мојсеева гледаме и дека, како што атмосферата продолжила да се расчистува, на петтиот „ден“ почнале да се појавуваат суштества што летаат, вклучувајќи ги и инсектите.
Од она што е кажано во Библијата може да се заклучи дека некои од позначајните настани што се случиле во текот на секој ден, односно период на создавање, веројатно се одвивале постепено, а не одеднаш, и можеби некои од нив продолжиле да се одвиваат и во следните ‚денови‘ на создавање.b
Според својот вид
Дали ваквото постепено појавување на растенијата и животните значи дека Бог се послужил со еволуција за да ги создаде различните видови живи суштества? Не. Извештајот јасно кажува дека Бог ги создал сите основни „видови“ на растителниот и животинскиот свет (1. Мојсеева 1:11, 12, 20-25). Дали овие првобитни „видови“ растенија и животни биле програмирани да се приспособуваат на променливите услови во животната средина? Што ги одредува границите на еден „вид“? Библијата не ни го кажува тоа. Меѓутоа, таа кажува дека живите суштества ‚се намножиле според својот вид‘ (1. Мојсеева 1:21). Од ова се гледа дека има граници во поглед на промените што можат да настанат во рамките на еден „вид“. И фосилните докази и современите истражувања ја поткрепуваат идејата дека основните категории растенија и животни не претрпеле значителни промени во текот на долги временски периоди.
Спротивно на тврдењата на некои верски групи, 1. Мојсеева не кажува дека вселената, вклучувајќи ја и Земјата и сите живи суштества на неа, била создадена за кратко време во релативно блиско минато. Напротив, описот од 1. Мојсеева во врска со создавањето на вселената и појавата на живот на Земјата е во склад со поновите научни откритија.
Поради своите филозофски убедувања, многу научници го отфрлаат она што го вели Библијата — дека Бог создал сѐ. Меѓутоа, интересно е тоа што во древната библиска книга 1. Мојсеева, Мојсеј напишал дека вселената имала почеток и дека животот се појавувал во етапи, постепено, во текот на одредени временски периоди. Како можел Мојсеј да знае такви научно точни податоци пред околу 3.500 години? Постои само едно логично објаснување. Оној што има моќ и мудрост да ги создаде небото и Земјата сигурно можел да му ги даде на Мојсеј тие точни податоци. Ова го поткрепува тврдењето на Библијата дека таа е ‚вдахновена од Бог‘c (2. Тимотеј 3:16).
Но, можеби се прашуваш: ‚Зарем навистина е толку важно дали верувам во библискиот извештај за создавањето?‘ Разгледај некои убедливи причини зошто е важно тоа.
a Во описот на она што се случило на првиот „ден“, хебрејскиот збор што се користи за светлина е ’ор, кој значи светлина воопшто, но во врска со четвртиот „ден“, зборот што се користи е ма’ор, кој се однесува на извор на светлина.
b На пример, во текот на шестиот ден на создавање, Бог им дал заповед на луѓето ‚да се множат и да ја наполнат земјата‘ (1. Мојсеева 1:28, 31). Сепак, тоа почнало да се случува дури следниот „ден“ (1. Мојсеева 2:2).
c За да дознаеш нешто повеќе, гледај го видеоклипот Дали Библијата е книга од Бог? на jw.org/mk.