Зошто старееме и умираме?
БОГ немал намера луѓето да умираат. Нашите прародители, Адам и Ева, биле создадени со совршен ум и тело. Всушност, тие можеле да бидат живи до ден-денес. Ова јасно се гледа од зборовите што Јехова му ги кажал на Адам во врска со едно дрво во рајската градина.
„Кога ќе каснеш од [дрвото], сигурно ќе умреш“, му рекол Бог (1. Мојсеева 2:17). Оваа заповед би немала никаква смисла ако Адам секако требало да остари и да умре. Тој знаел дека ако не јаде од дрвото, нема да умре.
БОГ НЕМАЛ НАМЕРА ЛУЃЕТО ДА УМИРААТ
Бидејќи во градината имало многу други родни дрвја, Адам и Ева не морале да јадат од тоа дрво за да преживеат (1. Мојсеева 2:9). Ако не јаделе од дрвото, првите луѓе ќе покажеле дека му се послушни на оној што им го подарил животот. Освен тоа, така ќе признаеле дека Бог има право да одредува што е исправно, а што погрешно за нив.
ЗОШТО АДАМ И ЕВА УМРЕЛЕ
За да дознаеме зошто умреле Адам и Ева, треба да разгледаме како течел еден разговор кој имал далекусежни последици. Преку една змија, Сатана Ѓаволот кажал злобна лага. Библијата вели: „Змијата беше најпретпазлива од сите диви полски животни што ги беше направил Јехова Бог. Затоа ѝ рече на жената: ’Навистина ли рекол Бог дека не смеете да јадете од секое дрво во градината?‘“ (1. Мојсеева 3:1).
А Ева ѝ одговорила: „Од плодовите на дрвјата во градината смееме да јадеме. Но, за плодот од дрвото што е среде градината, Бог рече: ’Не јадете од него и не допирајте го за да не умрете!‘“ Тогаш змијата ѝ рекла: „Не, вие нема да умрете. Зашто Бог знае дека, во оној ден кога ќе јадете од него, ќе ви се отворат очите, па ќе станете како Бог и ќе знаете што е добро, а што зло“. На тој начин, Сатана го обвинил Јехова дека е лажливец кој им скратува нешто добро (1. Мојсеева 3:2-5).
Ева поверувала во она што го чула. Таа се загледала во дрвото, кое почнало да ѝ се чини многу примамливо и пожелно. На крајот, ја испружила раката, скинала еден плод и каснала од него. Библијата вели: „Потоа му даде од плодот и на својот маж, кога беше со неа, па и тој јадеше“ (1. Мојсеева 3:6).
Бог му рекол на Адам: „Кога ќе каснеш од [дрвото], сигурно ќе умреш“ (1. МОЈСЕЕВА 2:17)
На Бог сигурно му било многу тешко кога видел дека неговите сакани деца свесно избрале да не му бидат послушни. Тој му рекол на Адам: „[Ќе] се вратиш во земјата, бидејќи од неа си земен. Зашто си прав, и во прав ќе се вратиш“ (1. Мојсеева 3:17-19). Библијата вели: „Адам живееше вкупно деветстотини и триесет години, па умре“ (1. Мојсеева 5:5). Тој не отишол на небото ниту, пак, продолжил да живее во некој духовен свет. Адам не постоел никаде пред Јехова да го создаде од земниот прав. Кога умрел, станал безживотен исто како правот од кој бил создаден. Тој едноставно престанал да постои. Колку жалосно!
ЗОШТО НЕ СМЕ СОВРШЕНИ
Бидејќи намерно не го послушале Бог, Адам и Ева го изгубиле совршенството, како и можноста да живеат засекогаш. Тие претрпеле физичка промена — станале несовршени и грешни. Но, тоа што биле непослушни и направиле грев не влијаело само врз нив. Тие го пренеле гревот и на своите потомци. Во Римјаните 5:12 пишува: „Преку еден човек гревот влезе во светот и преку гревот смртта, и така смртта се прошири на сите луѓе, зашто сите згрешија“.
Библијата ги споредува гревот и смртта со прекривка „што ги прекрива сите народи“ (Исаија 25:7). Таа го покрива човештвото како густа и отровна магла од која никој не може да се спаси. Библијата вели дека „во Адам сите умираат“, и тоа навистина е така (1. Коринќаните 15:22). Но, се наметнува прашањето кое го поставил и апостол Павле: „Кој ќе ме избави од телото, кое ме води во таква смрт?“ (Римјаните 7:24). Дали некој сепак може да нѐ спаси?