ШЕСТО ПОГЛАВЈЕ
Каде се мртвите?
Што се случува со нас кога ќе умреме?
Зошто умираме?
Утешно ли е да се знае вистината за смртта?
1-3. Кои прашања ги поставуваат луѓето во врска со смртта, и какви одговори даваат различни религии?
ЗА ОВИЕ прашања луѓето размислуваат илјадници години. Ова се многу важни прашања. Без оглед на тоа кои сме или каде живееме, одговорите нѐ засегаат сите нас.
2 Во претходното поглавје дознавме дека можеме да добиеме вечен живот благодарение на откупната жртва на Исус Христос. Исто така, видовме дека во Библијата е проречено дека ќе дојде време кога „смрт нема да има веќе“ (Откровение 21:4). Но, дотогаш сите луѓе ќе умираат. „Живите се свесни дека ќе умрат“, рекол мудриот цар Соломон (Проповедник 9:5). Правиме сѐ што е во наша моќ за да живееме колку што е можно подолго. Сепак, се прашуваме што ќе се случи со нас кога ќе умреме.
3 Сите жалиме кога ќе умре некој од нашите најмили. Можеби се прашуваме: ,Што се случува со него? Дали се мачи? Дали нѐ гледа? Можеме ли да му помогнеме? Ќе го видиме ли некогаш пак?‘ Религиите во светот даваат различни одговори на овие прашања. Некои од нив учат дека, ако си бил добар човек, ќе одиш во рајот на небото, но ако си бил лош, ќе гориш во некое место на вечни маки. Други религии учат дека, кога луѓето ќе умрат, преминуваат во некој друг, духовен свет, каде што ќе бидат заедно со своите предци. А трети учат дека мртвите одат во некој подземен свет каде што им се суди, а потоа се реинкарнираат, односно повторно се раѓаат во некое друго тело.
4. Кое основно верување во врска со смртта им е заедничко на многу религии?
4 Сите овие верски учења имаат нешто заедничко — верувањето дека некој дел од нас продолжува да живее по смртта на телото. Според речиси сите религии, и древни и денешни, ние на некој начин продолжуваме да живееме со способност да гледаме, да слушаме и да размислуваме. Но, како е можно тоа? Нашите сетила и мисли се поврзани со работата на мозокот. При смртта, мозокот престанува да работи. Нашите спомени, чувства и сетила не продолжуваат да функционираат независно од него на некој мистериозен начин. Откако мозокот ќе престане да работи, тие повеќе не постојат.
ШТО НАВИСТИНА СЕ СЛУЧУВА ПРИ СМРТТА?
5, 6. Што ни кажува Библијата за состојбата на мртвите?
5 Она што се случува при смртта не е никаква тајна за Јехова, кој го создал мозокот. Тој ја знае вистината и во својата Реч, Библијата, ни објаснува во каква состојба се мртвите. Таа јасно ни го кажува следново: Кога човек ќе умре, тој престанува да постои. Смртта е спротивна на животот. Мртвите не гледаат, не слушаат и не размислуваат. Ниту еден дел од нас не продолжува да живее откако ќе умре телото. Ние немаме бесмртна душа или дух.a
6 Откако Соломон рекол дека живите знаат дека ќе умрат, напишал: „Мртвите не се свесни за ништо“. Потоа зборувал малку поопширно за оваа основна вистина и рекол дека мртвите не можат ниту да сакаат ниту да мразат, и дека „нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост во гробот“. (Прочитај Проповедник 9:5, 6, 10.) Слично на тоа, во Псалм 146:4 пишува дека, кога човек ќе умре, „пропаѓаат неговите мисли“. Ние сме смртни и не продолжуваме да живееме откако ќе умре нашето тело. Нашиот живот е како пламенот на една свеќа. Кога пламенот ќе згасне, тој не оди никаде. Едноставно го нема веќе.
ШТО РЕКОЛ ИСУС ЗА СМРТТА
7. Со што ја споредил Исус смртта?
7 И Исус Христос зборувал за состојбата на мртвите. На пример, кога умрел Лазар, еден човек со кој многу добро се познавал, Исус им рекол на своите ученици: „Нашиот пријател Лазар заспа“. Учениците си помислиле дека Исус сакал да каже дека Лазар спие за да закрепне од некоја болест. Но, Исус не мислел на тоа. Тој објаснил: „Лазар умре“. (Прочитај Јован 11:11-14.) Забележи дека Исус ја споредил смртта со спиење. Лазар не бил ниту во рај на небото ниту во пекол. Тој не се сретнал ниту со ангелите ниту со своите предци. Не се родил повторно како некој друг човек. Лазар починал, што било исто како да е длабоко заспан, но без да сонува. И во некои други библиски стихови смртта е споредена со спиење. На пример, кога ученикот Стефан бил убиен со каменување, Библијата вели дека ,умрел‘, или според изворниот јазик ,заспал‘ (Дела 7:60, фуснота). Слично на тоа, апостол Павле спомнал некои од негово време што ,умреле‘, односно ,заспале‘ (1. Коринќаните 15:6, фуснота).
8. Од каде знаеме дека Бог немал намера луѓето да умираат?
8 Дали во почетокот Бог имал намера луѓето да умираат? Се разбира дека не! Јехова го создал човекот за да живее вечно на Земјата. Како што веќе дознавме од оваа книга, Бог ги сместил првите маж и жена во еден прекрасен рај. Им дал совршено здравје. Јехова им го посакувал само најдоброто. Дали еден грижлив родител би посакал неговите деца да остарат и да умрат? Секако дека не! Јехова ги сакал своите деца и сакал да уживаат во бескрајна среќа на Земјата. Библијата вели дека Јехова ,им ја ставил вечноста на луѓето в срце‘ (Проповедник 3:11). Бог нѐ создал со желба да живееме вечно и направил сѐ што е потребно за да ни се исполни таа желба.
ЗОШТО ЛУЃЕТО УМИРААТ
9. Што му забранил Јехова на Адам, и зошто не било тешко да се послуша таа заповед?
9 Тогаш, зошто луѓето умираат? За да го дознаеме одговорот, мораме да видиме што се случило кога на Земјата живееле само еден маж и една жена. Библијата објаснува: „Јехова Бог направи да никнат од земјата секакви дрвја привлечни за гледање и добри за јадење“ (1. Мојсеева 2:9). Меѓутоа, имало една забрана. Јехова му рекол на Адам: „Од секое дрво во градината можеш да јадеш до ситост. А од дрвото на спознанието на доброто и злото не смееш да јадеш, зашто во оној ден кога ќе каснеш од него, сигурно ќе умреш“ (1. Мојсеева 2:16, 17). Не било тешко да се послуша оваа заповед. Имало многу други дрвја од кои Адам и Ева можеле да јадат. Но, сега имале посебна прилика да покажат дека му се благодарни на Оној што им дал сѐ, вклучувајќи го и совршениот живот. Освен тоа, со својата послушност ќе покажеле дека го почитуваат авторитетот на својот небесен Татко и дека сакаат тој да ги води.
10, 11. а) Како дошло до тоа првата човечка двојка да не го послуша Бог? б) Зошто непослушноста на Адам и Ева била сериозна работа?
10 За жал, првата човечка двојка одлучила да не го послуша Јехова. Зборувајќи преку една змија, Сатана ја прашал Ева: „Навистина ли рекол Бог дека не смеете да јадете од секое дрво во градината?“ Ева одговорила: „Од плодовите на дрвјата во градината смееме да јадеме. Но, за плодот од дрвото што е среде градината, Бог рече: ,Не јадете од него и не допирајте го за да не умрете!‘“ (1. Мојсеева 3:1-3).
11 „Не, вие нема да умрете“, рекол Сатана. „Бог знае дека, во оној ден кога ќе јадете од него, ќе ви се отворат очите, па ќе станете како Бог и ќе знаете што е добро, а што зло“ (1. Мојсеева 3:4, 5). Сатана сакал Ева да поверува дека за неа ќе биде добро ако јаде од забранетиот плод. Тој тврдел дека таа има право самата да одлучува што е исправно, а што е погрешно, и дека може да прави што сака. Исто така, Сатана го обвинил Јехова дека ги излажал кога им рекол дека ќе умрат ако јадат од плодот. Ева му поверувала на Сатана. Затоа, скинала од плодот и јадела. Потоа му дала и на својот маж, па и тој јадел. Тие не згрешиле од незнаење. Биле сосема свесни дека го прават токму она што Бог им рекол да не го прават. Со тоа што јаделе од плодот, намерно не послушале една едноставна и разумна заповед. Покажале презир кон својот небесен Татко и неговиот авторитет. Немало никакво оправдување за тоа што не покажале почит кон својот грижлив Творец!
12. Кој пример може да ни помогне да разбереме како се чувствувал Јехова кога му се спротивставиле Адам и Ева?
12 Да го објасниме ова со еден пример: Да речеме дека имаш син или ќерка, кои си ги одгледал со голема грижа и љубов. Но, со некоја своја постапка тие покажуваат толкава непослушност што јасно се гледа дека немаат никаква почит ниту трошка љубов кон тебе. Како би се чувствувал? Тоа сигурно многу би те болело. Тогаш, замисли си колку мора да го болело Јехова кога му се спротивставиле Адам и Ева.
13. Што рекол Јехова дека ќе се случи со Адам кога ќе умре, и што значи тоа?
13 Јехова немал никаква основа да ги остави непослушните Адам и Ева да живеат вечно. Се случило токму она што го кажал Јехова — умреле. Адам и Ева престанале да постојат. Тие не преминале во некој друг свет каде што живеат како духовни суштества. Ова го дознаваме од зборовите што Јехова му ги кажал на Адам кога го повикал на одговорност поради непослушноста. Бог рекол: „[Ќе] се вратиш во земјата, бидејќи од неа си земен. Зашто си прав, и во прав ќе се вратиш“ (1. Мојсеева 3:19). Бог го создал Адам од земниот прав (1. Мојсеева 2:7). Пред тоа, Адам не постоел. Значи, кога Јехова рекол дека Адам ќе се врати во прав, сакал да каже дека Адам ќе се врати во состојба на непостоење. Ќе бил исто толку безживотен како и правот од којшто бил создаден.
14. Зошто умираме?
14 Адам и Ева ќе можеле да бидат живи и ден-денес, но умреле затоа што избрале да не го послушаат Бог и со тоа направиле грев. Ние умираме затоа што Адам им ги пренел гревот и смртта на сите свои потомци. (Прочитај Римјаните 5:12.) Гревот е како некоја страшна наследна болест што никој не може да ја избегне. Неговата последица, смртта, е проклетство. Смртта е непријател, а не пријател (1. Коринќаните 15:26). Навистина треба да бидеме благодарни што Јехова обезбедил откупнина за да нѐ спаси од овој страшен непријател.
ЗОШТО Е ДОБРО ДА ЈА ЗНАЕМЕ ВИСТИНАТА ЗА СМРТТА
15. Зошто е утешно да ја знаеме вистината за смртта?
15 Она што го учи Библијата за состојбата на мртвите е многу утешно. Како што видовме, мртвите не страдаат и не чувствуваат болка. Нема причина да се плашиме од нив, бидејќи тие не можат да ни наштетат. Не им е потребна нашата помош, а ни тие не можат да ни помогнат нам. Не можеме да зборуваме со нив, а ни тие не можат да зборуваат со нас. Многу верски водачи тврдат дека можат да им помогнат на оние што умреле, и луѓето што им веруваат им даваат пари за тоа. Но, кога ја знаеме вистината за смртта, оние што поучуваат такви лаги не можат да нѐ измамат.
16. Кој влијаел врз учењата на многу религии, и на кој начин?
16 Дали и твојата религија го учи истото што го вели Библијата за мртвите? Со повеќето религии не е така. Зошто? Затоа што врз нивните учења влијаел Сатана. Тој ја користи лажната религија за да ги наведе луѓето да веруваат дека по смртта ќе продолжат да живеат во некој друг свет како духовни суштества. Оваа лага Сатана ја користи заедно со други лаги за да ги одврати луѓето од Јехова Бог. Како го прави тоа?
17. Зошто учењето за вечно мачење го срамоти Јехова?
17 Како што веќе спомнавме, некои религии учат дека лошите луѓе по смртта вечно ќе се мачат во пеколен оган. Ова учење го срамоти Бог. Јехова е Бог на љубовта и никогаш не би ги мачел луѓето на таков начин. (Прочитај 1. Јованово 4:8.) Што би помислил за човек што казнува некое непослушно дете ставајќи му ги рацете в оган? Би можел ли да почитуваш еден таков човек? Всушност, дали воопшто ќе сакаш да го запознаеш? Секако дека не! Најверојатно би мислел дека е многу свиреп. Сепак, Сатана сака да веруваме дека Јехова ги мачи луѓето во оган — и тоа вечно!
18. На која религиозна лага се темели обожавањето на мртвите?
18 Сатана користи некои религии за да го шири и верувањето дека по смртта луѓето стануваат духови што живите мораат да ги почитуваат и да ги слават. Според ова учење, духовите на мртвите можат да станат или моќни пријатели или страшни непријатели. Многу луѓе веруваат во оваа лага. Се плашат од мртвите и затоа ги слават и ги обожаваат. За разлика од тоа, Библијата учи дека мртвите спијат и дека треба да го обожаваме само вистинскиот Бог, Јехова, кој нѐ создал и ни дава сѐ што ни е потребно (Откровение 4:11).
19. Кое друго библиско учење можеме да го разбереме ако ја знаеме вистината за мртвите?
19 Вистината за мртвите те штити да не бидеш заведен од религиозните лаги. Таа ќе ти помогне да разбереш и некои други библиски учења. На пример, кога ќе сфатиш дека по смртта луѓето не преминуваат во некој друг свет за да живеат како духовни суштества, ветувањето за вечен живот на рајска Земја ќе ти стане логично.
20. Кое прашање ќе го разгледаме во следното поглавје?
20 Пред многу години, праведниот човек Јов го поставил прашањето: „Кога ќе умре човек, ќе живее ли пак?“ (Јов 14:14). Може ли некој што спие во смртен сон повторно да се врати во живот? Она што го учи Библијата во врска со ова прашање е многу утешно, како што ќе видиме во следното поглавје.
a За значењето на зборовите „душа“ и „дух“ види го Додатокот под темата „,Душа‘ и ,дух‘ — кое е точното значење на овие зборови?“.