Јеховината врховна власт и Божјето Царство
„Твои се, Јехова, величието и моќта и убавината и возвишеноста и честа... Твое е царството, Јехова“ (1. ЛЕТОПИСИ 29:11).
1. Зошто Јехова е со право Севишен Владетел на вселената?
„ЈЕХОВА го зацврсти својот престол на небесата и неговата царска власт се протега над сѐ“ (Псалм 103:19). Со овие зборови, псалмистот изнел една темелна вистина во врска со владеењето: Јехова Бог, кој е Творец на сѐ, со право е Севишен Владетел на вселената.
2. Како го опишал Даниел духовниот свет во кој престојува Јехова?
2 Се разбира, за да може еден владетел да ја спроведува својата власт, мора да има поданици. Во почетокот, Јехова владеел над духовните суштества што ги создал — најпрво над својот единороден Син, а потоа и над многубројните ангели (Колошаните 1:15-17). Многу, многу подоцна, Бог му дал можност на пророкот Даниел да види дел од тој небесен свет. Даниел напишал: „Додека гледав, беа поставени престоли и Прадревниот седна... Илјада илјади му служеа, десет илјади по десет илјади стоеја пред него“ (Даниел 7:9, 10). Во текот на милијарди години, Јехова, кој е наречен „Прадревниот“, управувал како Севишен Владетел со своето огромно семејство од духовни синови, кои го почитувале редот што го воспоставил тој и биле „слуги“ кои ја вршеле неговата волја (Псалм 103:20, 21).
3. Како Јехова ја проширил својата власт и на материјалната вселена?
3 Постепено Јехова ја проширил својата власт и над целата огромна вселена што ја создал, во која спаѓа и нашата планета (Јов 38:4, 7). Гледано од Земјата, небесните тела се движат во таков ред и со таква точност што навидум нема никаква потреба некој да ги управува. Сепак, во врска со нив псалмистот изјавил: „[Јехова] заповеда, и тие беа создадени! Ги постави да стојат засекогаш, за сите векови. Одреди закон, кој нема да помине“ (Псалм 148:5, 6). Јехова отсекогаш ја спроведувал својата власт така што управувал и со духовниот свет и со материјалната вселена (Неемија 9:6).
4. На каков начин владее Јехова со луѓето?
4 Кога ја создал првата човечка двојка, Јехова покажал дека е Владетел на уште еден начин. Покрај тоа што им обезбедил на луѓето сѐ што им било потребно за да водат исполнет и смисловен живот, Јехова им дал да владеат над нижите суштества на Земјата, односно им доверил извесна мера власт (1. Мојсеева 1:26-28; 2:8, 9). Од ова јасно се гледа дека Бог владее на љубезен начин, кој е за доброто на неговите поданици. Но, исто така се гледа дека тој им оддава чест и дека го почитува нивното достоинство. Сѐ додека ѝ се подложувале на Јеховината власт, Адам и Ева имале можност да живеат засекогаш во рајот на Земјата (1. Мојсеева 2:15-17).
5. Што можеме да кажеме за начинот на кој владее Јехова?
5 Што можеме да заклучиме од сето ова? Прво, дека Јехова отсекогаш владеел со сето свое творештво. Второ, дека Бог е Владетел кој прави сѐ за доброто на своите поданици и го почитува нивното достоинство. И трето, дека ќе имаме вечни благослови ако сме му послушни и подложни на Бог како владетел. Затоа, не е воопшто чудно што Давид, царот на древниот Израел, бил поттикнат да воскликне: „Твои се, Јехова, величието и моќта и убавината и возвишеноста и честа, зашто твое е сѐ што е на небото и на земјата. Твое е царството, Јехова, ти си возвишен како поглавар на сите“ (1. Летописи 29:11).
Зошто има потреба од Божје Царство?
6. Каква е врската меѓу Божјата врховна власт и неговото Царство?
6 Со оглед на тоа што Јехова, како Севишен Господар на вселената, отсекогаш ја спроведувал својата власт и моќ, зошто се јавила потреба од Божје Царство? Обично владетелите ја спроведуваат својата власт преку одредени извршни органи кои ги поставуваат над своите поданици. Во склад со ова, може да се каже дека Божјето Царство е извршниот орган кој Јехова го овластил и го користи за да ја спроведе својата врховна власт над своите суштества.
7. Зошто Јехова решил да ја спроведе својата власт на нов начин?
7 Во различни периоди, Јехова ја спроведувал својата власт на различни начини. Затоа, кога дошло до нова ситуација, тој решил да ја спроведе својата власт на еден нов начин. Ова се случило кога Сатана, еден негов бунтовен духовен син, успеал да ги наведе Адам и Ева да се побунат против Јеховината власт. Со оваа побуна бил нападнат Божјиот начин на владеење. Како? Со тоа што ѝ рекол на Ева дека ‚нема да умре‘ ако јаде од забранетиот плод, Сатана индиректно изјавил дека Јехова не ја кажува вистината и затоа не треба да му се верува. Потоа ѝ рекол на Ева: „Бог знае дека, во оној ден кога ќе јадете од него, ќе ви се отворат очите, па ќе станете како Бог и ќе знаете што е добро, а што зло“. Сатана ги навел Адам и Ева да помислат дека ќе им биде подобро ако не ја послушаат Божјата заповед и ако станат независни од него (1. Мојсеева 3:1-6). Ова било директен напад врз Божјето право да владее. Што сторил Јехова?
8, 9. а) Како би постапил еден човечки владетел доколку би дошло до побуна во неговата земја? б) Што сторил Јехова за да се справи со побуната во Еден?
8 Што би очекувале да стори еден владетел кога во неговата земја би дошло до отворена побуна? Оние што знаат нешто повеќе за историјата можат да се сетат дека во минатото имало такви случаи. Ако дојде до побуна, обично владетелот — дури и да е добар — не ја игнорира, туку изрекува суд над бунтовниците и ги прогласува виновни за предавство. Потоа тој може да овласти некого да ја задуши побуната и повторно да воспостави мир. Слично на ова, Јехова покажал дека потполно владее со новонастанатата ситуација кога веднаш презел чекори и изрекол пресуда над бунтовниците. Тој објавил дека Адам и Ева не се достојни да го примат вечниот живот како дар од него, и ги истерал од градината Еден (1. Мојсеева 3:16-19, 22-24).
9 Кога изрекол пресуда над Сатана, Јехова открил дека ќе ја спроведе својата власт на еден нов начин, односно открил преку кого ќе го обнови редот и мирот во целото свое царство. Тој му рекол на Сатана: „Ќе ставам непријателство помеѓу тебе и жената, и помеѓу твоето потомство и нејзиното потомство. Тој ќе ти ја смачка главата, а ти ќе го раниш во петицата“ (1. Мојсеева 3:15). Така Јехова открил дека има намера да овласти едно „потомство“, чија цел ќе биде да ги смачка Сатана и неговите приврзаници и да докаже дека Бог има право да владее и дека неговиот начин на владеење е најдобар (Псалм 2:7-9; 110:1, 2).
10. а) Кој го сочинува „потомството“? б) Што рекол Павле во врска со исполнувањето на првото пророштво?
10 Се покажало дека во тоа ‚потомство‘ спаѓаат Исус Христос и една посебна група негови совладетели. Сите заедно го сочинуваат Божјето месијанско Царство (Даниел 7:13, 14, 27; Матеј 19:28; Лука 12:32; 22:28-30). Но, сето ова не било откриено веднаш. Всушност, исполнувањето на првото пророштво останало ‚света тајна, која долго време била скриена‘ (Римјаните 16:25). Со векови верните лица копнееле да дојде времето кога „светата тајна“ ќе биде откриена и кога со исполнувањето на првото пророштво ќе биде оправдано Јеховиното право да владее (Римјаните 8:19-21).
„Светата тајна“ постепено е разоткриена
11. Што му открил Јехова на Авраам?
11 Како што одминувало времето, Јехова постепено откривал дел по дел од „светата тајна на Божјето царство“ (Марко 4:11). Еден од оние на кои им открил нешто во врска со светата тајна бил Авраам, кој бил наречен „Јеховин пријател“ (Јаков 2:23). Јехова му ветил на Авраам дека од него ‚ќе направи голем народ‘. Подоцна Бог му го открил и следново на Авраам, велејќи: „Цареви ќе излезат од тебе“ и „преку твоето потомство ќе се благословат сите народи на земјата“ (1. Мојсеева 12:2, 3; 17:6; 22:17, 18).
12. Како се покажало кое е потомството на Сатана по потопот?
12 До времето на Авраам, луѓето веќе се обиделе да воспостават некои облици на владеење. На пример, во врска со Нимрод, правнукот на Ное, Библијата вели: „Тој стана првиот моќен човек на земјата. Беше моќен ловец кој му се противеше на Јехова“ (1. Мојсеева 10:8, 9). Јасно е дека Нимрод и други самопоставени владетели биле само марионети во рацете на Сатана. Тие, заедно со сите што ги поддржувале, станале дел од потомството на Сатана (1. Јованово 5:19).
13. На што укажал Јехова преку Јаков?
13 И покрај тоа што Сатана упорно поставува човечки владетели, Јехова продолжува да ја исполнува својата намера. Преку Јаков, кој бил внук на Авраам, Јехова открил: „Жезолот нема да се оддели од Јуда, ниту заповедничката палка од нозете негови додека не дојде Сило — и нему ќе му се покоруваат народите“ (1. Мојсеева 49:10). Зборот „Сило“ значи „оној кому му припаѓа“. Според тоа, овие пророчки зборови покажале дека ќе дојде човек што ќе има законско право да го земе „жезолот“ и „заповедничката палка“, или, со други зборови, да владее над „народите“, односно над целото човештво. Кој ќе биде тој?
„Додека не дојде Сило“
14. Каков сојуз склучил Јехова со Давид?
14 Пастирот Давид, син на Јесеј, бил првиот потомок на Јуда што Јехова го избрал да владее како цар над Неговиот народa (1. Самоилова 16:1-13). И покрај своите гревови и грешки, Давид му бил мил на Јехова затоа што верно ја поддржувал Неговата власт. Расветлувајќи уште некои аспекти на пророштвото дадено во градината Еден, Јехова склучил сојуз со Давид, велејќи: „Ќе подигнам по тебе твој потомок, кој ќе потекне од тебе, и ќе го зацврстам неговото царство“. Ова не можело да се однесува само на Соломон, кој му бил син и наследник на Давид, бидејќи понатаму во сојузот стоело: „Ќе го утврдам за навек престолот на неговото царство“. Од овој сојуз склучен со Давид јасно можело да се види дека ветеното царско „потомство“ еден ден ќе дојде од семејната лоза на Давид (2. Самоилова 7:12, 13).
15. Зошто царството Јуда може да се смета за еден вид претслика на Божјето Царство?
15 Со Давид започнала да постои една династија од цареви, кои првосвештеникот ги помазувал со свето масло. Затоа овие цареви биле наречени помазаници, или месии (1. Самоилова 16:13; 2. Самоилова 2:4; 5:3; 1. Царевите 1:39). За нив се вели дека седеле на Јеховиниот престол и дека владееле како цареви во Јеховино име во Ерусалим (2. Летописи 9:8). Во таа смисла, царството Јуда го претставувало Божјето Царство, односно Јехова владеел преку него на Земјата.
16. Каков бил резултатот од владеењето на царевите во Јуда?
16 Кога царот и народот ѝ се подложувале на Јеховината власт, тој ги штител и ги благословувал. Особено владеењето на Соломон било обележано со неспоредлив мир и напредок. На тој начин, тоа претставувало пророчка претслика за владеењето на Божјето Царство кога Јехова потполно ќе го отстрани влијанието на Сатана и ќе го оправда своето право да владее (1. Царевите 4:20, 25). За жал, повеќето цареви од лозата на Давид не ги исполниле Јеховините барања, и затоа народот западнал во идолопоклонство и неморал. На крајот, Јехова им дозволил на Вавилонците да го уништат ова царство во 607 год. пр.н.е. Се чинело дека Сатана успеал во својот обид да им ја уништи на луѓето довербата во Божјето владеење.
17. Што покажува дека Јехова имал целосна контрола над работите и покрај тоа што Давидовото царство пропаднало?
17 Пропаста на Давидовото царство, како и претходното пропаѓање на северното царство Израел, не биле доказ дека Јехова нема право да владее ниту дека не владее на исправен начин. Напротив, тие се доказ дека влијанието на Сатана врз луѓето, како и нивната независност од Бог носат тешки последици (Изреки 16:25; Еремија 10:23). За да покаже дека тој сѐ уште е Врховен Владетел, Јехова го изјавил следново преку пророкот Езекиел: „Извади го турбанот и симни ја круната!.. Ќе ја уништам, ќе ја уништам, ќе ја уништам круната, и таа нема да биде ничија сѐ додека не дојде оној што според законот има право на неа, и нему ќе му ја дадам“ (Езекиел 21:26, 27). Овие зборови покажуваат дека ветеното ‚потомство‘ — Оној „што според законот има право“ на круната — сѐ уште не бил дојден.
18. Каква објава ѝ дал ангелот Гавриел на Марија?
18 Да појдеме сега напред во времето до 2 год. пр.н.е. Ангелот Гавриел бил испратен кај Марија, девица од Назарет, град во Галилеја, која се наоѓа во северна Палестина. Тој ѝ рекол: „Еве, ќе забремениш и ќе родиш син. Дај му го името Исус. Тој ќе биде голем и ќе биде наречен Син на Севишниот. Јехова Бог ќе му го даде престолот на Давид, неговиот татко, и тој ќе царува во домот на Јаков засекогаш, и неговото царство ќе нема крај“ (Лука 1:31-33).
19. Кои возбудливи настани ќе се случат наскоро?
19 Конечно наближило времето да се открие „светата тајна“. Наскоро требало да се појави главниот дел од ветеното ‚потомство‘ (Галатите 4:4; 1. Тимотеј 3:16). Сатана требало да го рани во петицата. Но, за возврат, тоа потомство требало да му ја смачка главата на Сатана, и да го отстрани сето влијание на Ѓаволот и на неговите следбеници. Исто така требало да посведочи дека, преку Божјето Царство, сета штета што ја направил Сатана ќе биде надоместена и ќе биде докажано дека само Јехова има право да владее (Евреите 2:14; 1. Јованово 3:8). Како Исус ќе го направи ова? Каков пример ни дал за да го следиме? Во следната статија ќе го најдеме одговорот на овие прашања.
[Фуснота]
a Саул, првиот што Бог го избрал да владее како цар над Израел, потекнувал од племето на Венијамин (1. Самоилова 9:15, 16; 10:1).
Можеш ли да објасниш?
• Зошто Јехова има право да владее со вселената?
• Зошто Јехова решил да го воспостави Царството?
• Како Јехова постепено ја откривал „светата тајна“?
• Што покажува дека Јехова имал потполна контрола над работите иако Давидовото царство пропаднало?
[Слика на страница 23]
На што укажал Јехова преку Авраам?
[Слика на страница 25]
Зошто пропаѓањето на Давидовото царство не е доказ дека Јехова нема право да владее?