8. поглавје
Што се случува при смртта?
1. Кои прашања често ги поставуваат луѓето за мртвите?
МОЖЕБИ ти е познато чувството на празнина што се јавува кога некоја сакана личност ќе умре. Колку тажни и беспомошни сме тогаш! Затоа е сосема природно да се прашаме: Што се случува со човекот кога ќе умре? Дали продолжува да живее некаде на друго место? Дали живите некогаш ќе можат, овде на Земјата, да бидат заедно со оние кои сега се мртви?
2. Што се случило со првиот човек Адам кога умрел?
2 За да одговориме на овие прашања, ќе ни помогне ако знаеме што се случило со Адам кога умрел. Откако згрешил, Бог му рекол: ”додека не се вратиш во земјата, од која си земен; бидејќи си прав, и во прав ќе се вратиш“ (1. Мојсеева 3:19, ДК). Размисли што значи тоа. Пред Бог да го создаде од прав, Адам го немало. Тој не постоел. Така по својата смрт Адам се вратил во истата состојба на непостоење.
3. (а) Што е смрт? (б) Што пишува за состојбата на мртвите во Проповедник 9:5, 10?
3 Едноставно речено, смртта е спротивност на животот. Библијата тоа ни го покажува во Проповедник 9:5, 10: ”Зашто живите знаат дека ќе умрат, а мртвите не знаат ништо ниту имаат плата, зашто споменот им се заборавил. Сѐ што ти дојде при рака да правиш, прави го според својата можност, зашто нема работа ни мислење ни знаење ни мудрост во гробот во кој одиш.“
4. (а) Што се случува со способноста за размислување при смртта на човекот? (б) Зошто при смртта престануваат да функционираат сите сетила на човекот?
4 Тоа значи дека мртвите не можат ништо да прават или да чувствуваат. Не можат повеќе ниту да мислат, зашто Библијата вели: ”Немајте доверба во благородните ни во синот на земскиот човек во кого нема спасение. Неговиот дух излегува, се враќа во својата земја, тој ден пропаѓаат сите негови мисли“ (Псалми 146:3, 4, NW). При смртта на човекот, ”излегува“ неговиот дух, животната сила која што се одржува преку дишењето. Таа повеќе не постои. Сетилата за слух, вид, допир, мирис и вкус, кои се тесно поврзани со способноста на размислување, сите престануваат да функционираат. Според Библијата, мртвите се наоѓаат во состојба на потполна бесвесност.
5. (а) Како Библијата покажува дека мртвите луѓе и мртвите животни се наоѓаат во иста состојба? (б) Што е ”духот“ кој ги оживува и луѓето и животните?
5 И животните и луѓето после смртта се наоѓаат во иста состојба на потполна бесвесност. Забележи како Библијата ова го истакнува: ”Како умира едниот, така умира и другиот; и сите тие имаат само еден дух, така што човекот не е понадмоќен од животните; зашто сѐ е ништожност. Сите одат на едно место. Сите настанале од прав, и сите се враќаат во прав“ (Проповедник 3:19, 20, NW). Истиот ”дух“ ги оживува и животните и луѓето. Кога тој дух, или невидлива животна сила ќе излезе, и човекот и животното се враќаат повторно во прав од кој се направени.
ДУШАТА УМИРА
6. Како Библијата покажува дека животните се души?
6 Некои велат дека човекот се разликува од животното по тоа што има душа. Меѓутоа, во 1. Мојсеева 1:20, 30 читаме дека Бог создал ”живи души“ за да живеат во вода, и дека животните имаат ”живот како душа“. Во некои преводи на Библијата во овие стихови се појавуваат зборовите ”суштество“ или ”живот“ наместо ”душа“, но во фуснотите на тие преводи пишува дека на оригиналниот јазик на овие места стои зборот ”душа“. Еден од библиските стихови каде што животните се означени како ”душа“, е стихот од 4. Мојсеева 31:28. Таму се говори за ”една душа од петстотини, од луѓе, од говеда, од магариња и од овци“.
7. Како Библијата покажува дека умираат душите и на животните и на луѓето?
7 Бидејќи животните се души, кога умираат тие, умираат и нивните души. Во Библијата пишува: ”секоја жива душа умре во морето“ (Откровение 16:3). А што се случува со човечките души? Како што научивме од претходното поглавје, Бог не го создал човекот со душа, туку самиот човек е душа. Затоа, како што би се очекувало, кога умира човекот, умира и неговата душа. Библијата тоа постојано го потврдува. Таа никаде не вели дека душата е бесмртна или дека не умира. ”Пред него ќе се поклонат сите кои што одат во прав, и никој не може да ја сочува својата душа во живот“, пишува во Псалми 22:29 (NW). ”Која душа ќе згреши, таа ќе умре“, читаме во Езекиел 18:4, 20 (ДК). И ако ја отвориш книгата на Исус Навин 10:28–39, ќе најдеш седум места каде што се говори дека душата може да биде убиена или уништена.
8. Како знаеме дека Исус Христос умрел како човечка душа?
8 Во едно пророштво за Исус Христос, Библијата вели: ”Тој ја излеа својата душа во самата смрт (...) и самиот ги носи гревовите на многумина“ (Исаија 53:12, NW). Науката за откупнината докажува дека постоела душа (Адам) која згрешила и морала да биде жртвувана соодветна душа (човек) за да можат луѓето да бидат откупени. Со тоа што Христос ја ”излеал својата душа во смрт“, обезбедил откупна цена. Исус умрел како човечка душа.
9. Што значат зборовите: ’духот се враќа кај Бог кој го дал‘?
9 Како што видовме, ”духот“ е нешто поинакво од нашата душа. Духот е нашата животна сила. Оваа животна сила дејствува во секоја клетка во телото, како кај луѓето така и кај животните, а се одржува со дишењето. Што значи тоа кога Библијата вели дека при смртта ”правот се враќа во земјата (...), а духот се враќа кај Бог кој го дал“? (Проповедник 12:7, ДК). При смртта, животната сила постепено ги напушта сите клетки на телото, а телото почнува да се распаѓа. Но тоа не значи дека животната сила дословно ја напушта Земјата и дека лета низ вселената до Бог. Напротив, духот се враќа кај Бог во таа смисла што сега нашата надеж за идниот живот потполно зависи од Бог. Само тој со својата сила може да ни го врати духот или животната сила за да можеме повторно да живееме (Псалми 104:29, 30).
ЛАЗАР — ЧОВЕК КОЈ БИЛ МРТОВ ЧЕТИРИ ДЕНА
10. Што рекол Исус за состојбата на Лазар, иако овој бил умрен?
10 Состојбата на мртвите подобро ќе ја разбереме ако разгледаме што се случило со Лазар, човек кој бил мртов четири дена. Исус им рекол на своите ученици: ”Нашиот пријател Лазар заспа; но, одам да го разбудам.“ Меѓутоа, учениците му одговориле: ”Господе, ако заспал, ќе стане.“ Тогаш Исус отворено им рекол: ”Лазар умре.“ Зошто Исус рекол дека Лазар спие кога тој, всушност, умрел? Да видиме.
11. Што сторил Исус за умрениот Лазар?
11 Кога Исус се приближил до селото во кое живеел Лазар, го сретнала Марта, сестрата на Лазар. Наскоро заедно со многу други, отишле до гробот во кој бил положен Лазар. Тоа било пештера на која бил навален камен. Исус рекол: ”Кренете го каменот.“ Бидејќи Лазар бил мртов веќе четири дена, Марта приговорила: ”Господе, веќе смрди“. Каменот бил отстранет и Исус повикал: ”Лазаре, излези надвор!“ И навистина излегол жив надвор, но сѐ уште завиткан во повоите за закоп. ”Одвиткајте го и пуштете го да оди“, рекол Исус (Јован 11:11–44, д-р Чарниќ).
12, 13. (а) Зошто можеме да бидеме сигурни дека Лазар кога умрел бил без свест? (б) Зошто Исус рекол дека Лазар спие, кога всушност, бил мртов?
12 Размисли за следново: Во каква состојба се наоѓал Лазар додека четири дена бил мртов? Дали бил на небото? Тој бил добар човек. Сепак, Лазар не рекол ништо дека бил на небото. Тој сигурно би рекол ако бил таму. Не, Лазар бил навистина мртов, како што рекол и Исус. Зошто Исус првин им рекол на своите ученици дека Лазар спие?
13 Па, Исус знаел дека умрениот Лазар бил без свест, како што вели Библијата: ”Мртвите не знаат ништо“ (Проповедник 9:5, ДК). Но, жив човек може да биде разбуден од длабок сон. Така Исус сакал да покаже дека со помош на силата која што му ја дал Бог, можел да го разбуди од смртта својот пријател Лазар.
14. Каква желба треба да осетиме затоа што Христос има моќ да ги воскресне мртвите?
14 Кога некој спие во длабок сон, не се сеќава за ништо. Слично е и со мртвите. Тие ништо не чувствуваат. Повеќе не постојат. Но, во време одредено од Бог, мртвите коишто Бог ги откупил ќе бидат разбудени во живот (Јован 5:28). Секако, ова сознание треба да нѐ поттикне да ја здобиеме Божјата милост. Ако го правиме тоа, Бог ќе се сети на нас ако умреме, и повторно ќе нѐ врати во живот (1. Солунјаните 4:13, 14).
[Слика на страница 76]
АДАМ — создаден од прав . . . се вратил во прав
[Слика на страница 78]
Во каква состојба бил Лазар пред Исус да го воскресне?