Енох одел со Бог во еден безбожен свет
ЃАВОЛОТ тврди дека може сите луѓе да ги одврати од Бог, и понекогаш, секако, изгледало како да успева. Речиси пет века по смртта на Авел, никој не се издвоил како верен слуга на Јехова. Напротив, грешното и безбожно однесување станало норма.
Во текот на тоа духовно изопачено време, на сцената се појавил Енох. Библиската хронологија го сместува неговото раѓање во 3404 пр.н.е. За разлика од неговите современици, Енох се докажал како човек прифатлив за Бог. Апостол Павле го вклучил меѓу Јеховините слуги чија вера претставува пример за христијаните. Кој бил Енох? Со какви предизвици морал да се соочува? Како се справил со нив? И каква врска има неговиот интегритет со нас?
Во деновите на Енос, речиси четири века пред Енох, ‚почнало да се повикува името на Јехова‘ (Битие 4:26, NW). Божественото име било користено уште од почетокот на човечката историја. Според тоа, она што почнало кога Енос бил жив изгледа дека не било повикување на Јехова во вера и во чисто обожавање. Некои еврејски изучувачи сметаат дека Битие 4:26 треба да гласи: „почна со сквернавење“ или „тогаш почна сквернавење“. Можеби луѓето го применувале Јеховиното име на себе или на други луѓе преку кои се преправале дека му пристапуваат на Бог за да го обожаваат. Или, пак, можеби неговото име го применувале на идоли.
‚Енох одел со вистинскиот Бог‘
Иако бил опкружен со безбожност, Енох ‚одел со вистинскиот Бог‘, Јехова. Не се вели дека неговите предци — Сит, Енос, Каинан, Малелеил и Јаред — оделе со Бог. Барем не го правеле тоа до ист степен како Енох, кој по својот начин на живот изгледа се разликувал од нив (Битие 5:3-27).
Одењето со Јехова значело познанство и присност со Бог возможни само затоа што Енох живеел во согласност со божествената волја. Јехова ја одобрил оддаденоста на Енох. Всушност, грчката Септуагинта вели дека „Енох му угодувал“ на Бог, мисла што ја изразил и апостол Павле (Битие 5:22; Евреите 11:5).
Од централна важност за добриот однос на Енох со Јехова била неговата вера. Тој сигурно практикувал вера во ветеното „семе“ на Божјата „жена“. Ако лично го познавал Адам, Енох ќе можел да добие информации за Божјите постапки со првиот човечки пар во Еден. Спознанието за Бог го направило Енох личност која ‚сесрдно го барала‘ (Битие 3:15; Евреите 11:6, 13).
Во случајот на Енох и во нашиот случај, добриот однос со Јехова бара повеќе отколку само спознание за Бог. Ако посебно ја цениме присноста со некое лице, зарем не е точно дека нашите мисли и постапки се под влијание на неговите гледишта? Избегнуваме зборови или постапки кои би го уништиле тоа пријателство. И ако размислуваме да направиме некаква промена во нашите околности, зарем не земаме предвид и како тоа ќе влијае врз тој однос?
Желбата да задржиме близок однос со Бог влијае и врз она што го правиме. Предуслов е точното спознание за тоа што тој одобрува а што не одобрува. Потоа треба да бидеме водени од тоа спознание, настојувајќи да му угодиме во мислите и во постапките.
Да, за да одиме со Бог, мораме да му угодуваме. Енох го правел тоа стотици години. Всушност, обликот на хебрејскиот глагол што покажува дека Енох ‚одел‘ со Бог означува повторливо, континуирано дејство. Друг верен човек кој ‚одел со Бог‘ бил Ное (Битие 6:9).
Енох бил семеен човек кој имал сопруга и кому му се родиле „синови и ќерки“. Еден од неговите синови бил Матусал (Битие 5:21, 22). Сигурно Енох правел сѐ што можел за да го предводи своето домаќинство на еден убав начин. Меѓутоа, затоа што бил опкружен со безбожност, не му било лесно да му служи на Бог. Ламех, таткото на Ное, можеби бил единствен негов современик кој практикувал вера во Јехова (Битие 5:28, 29). Сепак, Енох храбро го практикувал вистинското обожавање.
Што му помогнало на Енох да му остане верен на Бог? Несомнено, не се дружел со оние што хулеле на Јеховиното име ниту со луѓе што не биле пригодно друштво за еден обожавател на Бог. Исто така, барањето на Јеховината помош во молитва сигурно ја зајакнало решеноста на Енох да избегнува сѐ што можело да му биде неугодно на неговиот Творец.
Пророштво против безбожните
Да се задржат високи мерила кога сме опкружени со безбожни луѓе е доста тешко. Но, Енох пренесувал и една бескомпромисна порака на суд против злобните. Воден од Божјиот дух, Енох пророчки изјавил: „Гледај! Јехова дојде со своите свети миријади за да изврши суд над сите, и да ги прогласи за виновни сите безбожни поради сите нивни безбожни дела што ги извршија на безбожен начин и поради сите шокантни работи што ги зборуваа безбожните грешници против него“ (Јуда 14, 15).
Каков ефект имала таа порака врз изопачените неверници? Разумно е да се претпостави дека тие остри зборови го направиле Енох непопуларен, можеби поради нив си навлекол потсмевање, подбивање и закани. Сигурно некои сакале да го замолчат засекогаш. Меѓутоа, Енох не се уплашил. Знаел што му се случило на праведниот Авел и, исто како него, бил решен да му служи на Бог, па што и да биде.
„Бог го зеде“
Изгледа дека кога ‚Бог го зел‘, Енох се наоѓал во смртна опасност (Битие 5:24). Јехова не дозволил неговиот верен пророк да страда од рацете на бесните непријатели. Според апостол Павле, ‚Енох бил пренесен за да не види смрт‘ (Евреите 11:5). Многумина велат дека Енох не умрел — дека Бог го зел на небото, каде што продолжил да живее. Меѓутоа, Исус јасно кажал: „Никој не се качил на небото, освен оној кој слезе од небото, Синот човечки“. Исус бил „претходник“ на сите што се вознесуваат на небото (Јован 3:13; Евреите 6:19, 20).
Тогаш, што се случило со Енох? Тоа што бил „пренесен за да не види смрт“ можеби значи дека Бог го ставил во еден пророчки транс и потоа, додека се наоѓал во таква состојба, го прекинал неговиот живот. Под такви околности, Енох не би ги вкусил болките на смртта. Потоа, ‚никаде не можел да се најде‘, изгледа бидејќи Јехова го отстранил неговото тело исто како што го отстранил и телото на Мојсеј (Второзаконие 34:5, 6).
Енох живеел 365 години — ни приближно колку повеќето негови современици. Но, најважното нешто за љубителите на Јехова е да му служат верно до крајот на својот живот. Знаеме дека Енох го правел тоа затоа што ‚пред да биде пренесен, тој имал сведоштво дека му угодил на Бог‘. Писмото не открива како Јехова му го соопштил тоа на Енох. Сепак, пред да умре, Енох добил гаранција за Божје одобрување и можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе се сети на него во воскресението.
Имитирај ја верата на Енох
И ние можеме да ја имитираме верата на побожните луѓе (Евреите 13:7). Енох со вера служел како прв верен пророк на Бог. Светот во неговото време бил како во нашево — насилен, богохулнички и безбожен. Меѓутоа, Енох бил поинаков. Имал вистинска вера и бил примерен во побожната оддаденост. Да, Јехова му дал да објавува една тешка судска порака, но и го зајакнал за да го изврши тоа. Енох храбро го спровел својот налог, и Бог се грижел за него наспроти противењето од непријателите.
Ако практикуваме вера како Енох, Јехова ќе нѐ зајакне да ја објавиме неговата порака во овие последни денови. Тој ќе ни помогне храбро да се соочиме со противењето а нашата побожна оддаденост ќе нѐ направи многу поинакви од безбожните. Верата ќе ни овозможи да одиме со Бог и да се однесуваме на начин што ќе го радува неговото срце (Пословици 27:11). Со вера, праведниот Енох успеал да оди со Јехова во еден безбожен свет, па така можеме да успееме и ние.
[Рамка на страница 30]
Дали Библијата цитира од книгата Енох?
Книгата Енох е апокрифен и псевдоепиграфски текст. Лажно му се припишува на Енох. Направена веројатно некаде во текот на вториот и првиот век пр.н.е., таа е збирка на претерани и неисториски еврејски митови, изгледа производ на толковни елаборации на кратките осврти во Битие на Енох. Овој факт, сам по себе, им е доволен на љубителите на Божјата инспирирана Реч за да ја не ја признаат таа книга.
Во Библијата, само книгата Јуда ги содржи пророчките зборови на Енох: „Гледај! Јехова дојде со своите свети миријади за да изврши суд над сите, и да ги прогласи за виновни сите безбожни поради сите нивни безбожни дела што ги извршија на безбожен начин и поради сите шокантни работи што ги зборуваа безбожните грешници против него“ (Јуда 14, 15). Многу изучувачи тврдат дека пророштвото на Енох против безбожните современици е цитирано директно од книгата Енох. Дали е можно Јуда да користел неверодостојна апокрифна книга како извор?
Во Писмото не е откриено од каде знаел Јуда за пророштвото на Енох. Можеби само цитирал некој познат извор, веродостојна традиција пренесена од далечното минато. Очигледно Павле направил нешто слично кога по име ги спомнал Јаниј и Јамвриј, кои инаку биле анонимни маѓепсници на фараоновиот двор, кои му се противеле на Мојсеј. Ако писателот на книгата Енох имал пристап до некој ваков древен извор, зошто да му го негираме тоа на Јуда?a (Излез 7:11, 22; 2. Тимотеј 3:8).
На кој начин Јуда ги добил информациите за пораката што ја имал Енох за безбожните е ситна работа. Нејзината веродостојност ја потврдува фактот што Јуда пишувал под божествена инспирација (2. Тимотеј 3:16). Божјиот свет дух го чувал за да не каже нешто неточно.
[Фуснота]
a Ученикот Стефан исто така дал информации што ги нема на ниедно друго место во Библијата. Се однесуваат на египетското образование на Мојсеј, дека имал 40 години кога побегнал од Египет, дека неговиот престој во Мадијам траел 40 години и дека ангел одиграл улога во пренесувањето на Мојсеевиот закон (Дела 7:22, 23, 30, 38).
[Слика на страница 31]
Енох храбро ја објавувал Јеховината порака