Јехова е долготрпелив Бог
„Јахве! Господ! Бог дарежлив и милостив, долготрпелив на гнев, многумилостив“ (ИЗЛЕЗ 34:6).
1, 2. а) Кој во минатото извлекол корист од Јеховината долготрпеливост? б) Што значи зборот „долготрпеливост“?
ЛУЃЕТО во времето на Ное, Израелците што оделе низ пустелијата со Мојсеј, Евреите што биле живи кога Исус одел по Земјата — живееле под различни околности. Но, сите извлекле корист од истата љубезна особина на Јехова — долготрпеливоста. За некои тоа значело живот. А Јеховината долготрпеливост може да значи живот и за нас.
2 Што е долготрпеливост? Кога ја покажува Јехова, и зошто? „Долготрпеливост“ се дефинира како „стрпливо поднесување зло или провокација, комбинирано со одбивање да се откажеме од надежта дека нарушениот однос ќе се подобри“. Според тоа, оваа особина има цел. Таа особено води сметка за благосостојбата на оној што ја предизвикува непријатната ситуација. Меѓутоа, да се биде долготрпелив не значи да се одобрува злото. Штом ќе се постигне целта на долготрпеливоста или штом повеќе не вреди да се поднесува ситуацијата, долготрпеливоста престанува.
3. Каква била целта на Јеховината долготрпеливост, и до каде е нејзината граница?
3 Иако луѓето можат да бидат долготрпеливи, Јехова е ненадминлив пример за оваа особина. Во годините откако гревот го нарушил односот меѓу Јехова и неговото човечко создание, нашиот Творец стрпливо поднесувал и го обезбедил средството преку кое луѓето што се каат можат да го подобрат својот однос со него (2. Петрово 3:9; 1. Јованово 4:10). Но, тогаш кога неговата долготрпеливост ќе ја постигне својата цел, Бог ќе преземе акција против намерните престапници, ставајќи му крај на сегашниов зол систем (2. Петрово 3:7).
Доследна на Божјите главни особини
4. а) Како е изразена идејата за долготрпеливост во Хебрејските списи? (Види ја и фуснотата.) б) Како пророкот Наум го опишува Јехова, и што открива ова за Јеховината долготрпеливост?
4 Во Хебрејските списи, поимот долготрпеливост е изразен со два хебрејски збора што буквално значат „должина на носниците“ и во Превод Нов свет се преведени со „бавен на гнев“.a Говорејќи за Божјата долготрпеливост, пророкот Наум рекол: „Господ е долготрпелив [бавен на гнев, NW], ама голем во сила. Никако Господ нема да ги пушти виновниците неказнети“ (Наум 1:3). Според тоа, Јеховината долготрпеливост не е знак на слабост и не е без граници. Фактот дека семоќниот Бог е истовремено бавен на гнев и голем во сила покажува дека неговата долготрпеливост е резултат на смисловно воздржување. Тој има моќ да казнува, но намерно се воздржува веднаш да го стори тоа за да му даде на престапникот шанса да се промени (Езекиел 18:31, 32). Според тоа, Јеховината долготрпеливост е израз на неговата љубов и ја покажува неговата мудрост во користењето на неговата моќ.
5. На кој начин Јеховината долготрпеливост е во склад со неговата правда?
5 Јеховината долготрпеливост е во склад и со неговата правда и праведност. Тој му се открил на Мојсеј како „Бог дарежлив и милостив, долготрпелив на гнев, многумилостив и вистински“ (Излез 34:6). По неколку години, Мојсеј во фалба на Јехова пеел: ‚Прави се сите негови патишта. Тој е верен Бог и нема неправда, Тој е праведен и вистинит‘ (Второзаконие 32:4). Да, Јеховината милост, долготрпеливост, правда и исправност функционираат складно.
Јеховината долготрпеливост пред Потопот
6. Каков извонреден доказ за долготрпеливост покажал Јехова кон потомците на Адам и Ева?
6 Со побуната на Адам и Ева во Еден трајно бил прекинат драгоцениот однос што тие го имале со својот љубезен Творец, Јехова (Битие 3:8-13, 23, 24). Ваквата отуѓеност влијаела врз нивното потомство, кое наследило грев, несовршеност и смрт (Римјаните 5:17-19). Иако првиот маж и жена биле намерни грешници, Јехова им дозволил да раѓаат деца. Подоцна, тој со љубов го обезбедил средството преку кое потомците на Адам и Ева можеле да се помират со него (Јован 3:16, 36). Апостол Павле објаснил: „Бог ја препорачува својата љубов кон нас со тоа што Христос умре за нас додека уште бевме грешници. Затоа, дотолку повеќе што со неговата крв сега сме прогласени за праведни, ќе бидеме спасени преку него од гнев. Зашто ако, кога бевме непријатели, се помиривме со Бог преку смртта на неговиот Син, многу повеќе сега кога сме помирени, ќе бидеме спасени преку неговиот живот“ (Римјаните 5:8-10).
7. Како покажал Јехова долготрпеливост пред Потопот, и зошто уништувањето на претпотопната генерација било оправдано?
7 Јеховината долготрпеливост била видлива во времето на Ное. Повеќе од еден век пред Потопот, ‚Бог видел како се расипала земјата — та секое суштество на земјата се изопачило‘ (Битие 6:12). Сепак, едно ограничено време Јехова покажувал долготрпеливост кон човештвото. Тој рекол: „Мојот Дух нема да остане довека во човекот; човекот е телесен, па векот нека му биде сто и дваесет години“ (Битие 6:3). Тие 120 години му дале на верниот Ное време да создаде семејство и — кога бил информиран за Божјата одредба — да изгради арка и да ги предупреди своите современици на претстојниот Потоп. Апостол Петар напишал: „Божјата стрпливост [особина сродна на долготрпеливост] чекаше во Ноевите денови додека се градеше арката во која неколкумина, односно осум души, безбедно беа пренесени преку водата“ (1. Петрово 3:20). Точно, оние што не биле дел од потесното домаќинство на Ное ‚не обрнувале внимание‘ на неговото проповедање (Матеј 24:38, 39). Но, со тоа што дал налог Ное да ја изгради арката и можеби неколку децении служел како „проповедник на праведноста“, Јехова им дал на Ноевите современици големи шанси да се покаат за своите насилнички патишта и да се свртат за да Му служат (2. Петрово 2:5; Евреите 11:7). Крајното уништување на таа злобна генерација било целосно оправдано.
Примерна долготрпеливост кон Израел
8. Како покажал Јехова долготрпеливост кон нацијата Израел?
8 Јеховината долготрпеливост кон Израел траела многу повеќе од 120 години. Во текот на над 1.500 години од нивната историја како Божји избран народ, имало релативно малку периоди кога Израелците не ја испитале Божјата долготрпеливост до крај. Само неколку седмици откако на чудесен начин биле ослободени од Египет, тие се свртеле кон обожавање идоли, покажувајќи крајно непочитување кон својот Спасител (Излез 32:4; Псалм 106:21). Во текот на наредните децении Израелците се жалеле на храната што Јехова на чудесен начин им ја обезбедувал во пустелијата, мрмореле против Мојсеј и Арон, отворено зборувале против Јехова и вршеле блуд со пагани, па дури и учествувале во обожавањето на Ваал (Броеви 11:4-6; 14:2-4; 21:5; 25:1-3; 1. Коринќаните 10:6-11). Јехова со право можел да го истреби својот народ, но наместо тоа, покажал долготрпеливост (Броеви 14:11-21).
9. На кој начин се покажал Јехова како долготрпелив Бог во времето на Судиите и во текот на монархијата?
9 Во времето на Судиите, Израелците секогаш одново запаѓале во идолопоклонство. Кога го правеле тоа, Јехова ги препуштал на нивните непријатели. Но, кога се каеле и го повикувале за помош, тој покажувал долготрпеливост и им подигал судии за да ги избави (Судии 2:17, 18). Во долгиот период на монархија, малку цареви покажале исклучителна оддаденост кон Јехова. Па дури и под владеењето на верните цареви, луѓето честопати го мешале вистинското обожавање со лажното. Кога Јехова им подигал пророци за да ги предупреди на неверноста, луѓето обично претпочитале да ги слушаат расипаните свештеници и лажните пророци (Еремија 5:31; 25:4-7). Всушност, Израелците ги прогонувале Јеховините верни пророци, па дури и убиле некои од нив (2. Летописи 24:20, 21; Дела 7:51, 52). Сепак, Јехова продолжил да покажува долготрпеливост (2. Летописи 36:15).
Јеховината долготрпеливост не престанала
10. Кога достигнала граница Јеховината долготрпеливост?
10 Меѓутоа, историјата покажува дека Божјата долготрпеливост има граница. Во 740 пр.н.е. тој дозволил Асирците да го поразат десетплеменското царство Израел и да ги одведат неговите жители во изгнанство (2. Цареви 17:5, 6). А кон крајот на наредниот век, дозволил Вавилонците да го нападнат двоплеменското царство Јуда и да го уништат Ерусалим со неговиот храм (2. Летописи 36:16-19).
11. Како направил Јехова место за долготрпеливост дури и кога спроведувал суд?
11 Сепак, дури и кога ги спроведувал своите судови врз Израел и Јуда, долготрпеливоста на Јехова не престанала. Преку својот пророк Еремија, Јехова претскажал враќање на својот избран народ. Тој рекол: „Токму кога на Вавилон ќе му се исполнат оние седумдесет години, Јас ќе ве посетам та ќе ви го исполнам доброто ветување за да ве вратам на ова место. И ќе оставам да Ме најдете . . . ќе ја изменам вашата судбина и ќе ве соберам од сите места каде што ве истерав“ (Еремија 29:10, 14).
12. Како се покажало дека враќањето на еден еврејски остаток во Јуда е водено од Бог во однос на доаѓањето на Месијата?
12 Еден остаток од изгнаните Евреи навистина се вратил во Јуда и го обновил обожавањето на Јехова во повторно изградениот храм во Ерусалим. Во остварување на Јеховините намери, овој остаток требало да стане како „роса што доаѓа од Господа“, која донесува освежување и напредок. Исто така, неговите членови требало да бидат храбри и силни како „лав меѓу горските ѕверови“ (Михеј 5:7, 8). Последниов израз можеби се исполнил во макавејскиот период кога Евреите под семејството Макавејци ги истерале своите непријатели од Ветената земја и повторно го посветиле храмот, кој бил обесчестен. На тој начин земјата и храмот биле зачувани за да може еден друг верен остаток да му изрази добредојде на Синот Божји кога се појавил таму како Месија (Даниел 9:25; Лука 1:13-17, 67-79; 3:15, 21, 22).
13. Дури и откако Евреите го убиле неговиот Син, како продолжил Јехова да покажува долготрпеливост кон нив?
13 Дури и откако Евреите го погубиле неговиот Син, Јехова продолжил да покажува долготрпеливост кон нив уште три и пол години, давајќи им ја исклучителната прилика да бидат наречени дел од духовното семе на Авраам (Даниел 9:27).b Пред и по 36 н.е., некои Евреи го прифатиле овој повик, и со тоа, како што подоцна рекол Павле, ‚се појавил еден остаток според избор извршен на темел на незаслужена љубезност‘ (Римјаните 11:5).
14. а) Во 36 н.е. кому му била упатена предноста да стане дел од духовното семе на Авраам? б) Како ги изразил Павле своите чувства во врска со начинот на кој Јехова ги избира членовите на духовниот Израел?
14 Во 36 н.е. предноста да се стане дел од духовното семе на Авраам за првпат им била упатена на оние што не биле ни Евреи ни прозелити. Сите што се одѕвале, станале и приматели на Јеховината незаслужена љубезност и долготрпеливост (Галатите 3:26-29; Ефешаните 2:4-7). Изразувајќи високо ценење за мудроста и целта што стои зад Јеховината милостива долготрпеливост, преку која тој го создава вкупниот број на оние што се повикани да го потполнат духовниот Израел, Павле воскликнал: „О длабочино на Божјето богатство и мудрост и спознание! Колку се неистражливи неговите судови и недоловливи неговите патишта!“ (Римјаните 11:25, 26, 33; Галатите 6:15, 16).
Долготрпеливост заради своето име
15. Која е првенствена причина за божествената долготрпеливост, и решавањето на кое спорно прашање барало време?
15 Зошто покажува Јехова долготрпеливост? Првенствено за да го прослави своето свето име и да го оправда својот суверенитет (1. Самоил 12:20-22). Моралното спорно прашање што го подигнал Сатана во врска со начинот на кој Јехова го користи својот суверенитет барало време за да се реши на задоволителен начин пред целото создание (Јов 1:9-11; 42:2, 5, 6). Затоа, кога неговиот народ бил угнетуван во Египет, Јехова му рекол на фараонот: „Те поштедив за да ја покажам Својата сила и за да се објави Моето име по целата земја“ (Излез 9:16).
16. а) На кој начин Јеховината долготрпеливост овозможила да се подготви народ за неговото име? б) На кој начин ќе биде посветено Јеховиното име и ќе биде оправдан неговиот суверенитет?
16 Јеховините зборови упатени до фараонот ги цитирал апостол Павле кога ја објаснил улогата на Божјата долготрпеливост во прославувањето на Неговото свето име. Притоа Павле напишал: „А ако Бог, иако сакал да го покаже својот гнев и да ја разгласи својата моќ, со голема долготрпеливост ги поднесувал садовите на гневот кои се направени погодни за уништување, за да го разгласи богатството на својата слава над садовите на милосрдноста, кои однапред ги подготви за слава, имено нас, кои нѐ повика не само од Евреите туку и од нациите, што тогаш? Како што тој вели и во Осија: ‚Оние кои не се мој народ ќе ги наречам ‚мој народ‘“ (Римјаните 9:17, 22-25). Затоа што покажал долготрпеливост, Јехова можел да земе од нациите „народ за своето име“ (Дела 15:14). Под нивната Глава, Исус Христос, овие „свети“ се наследници на Царството што Јехова ќе го употреби за да го посвети своето големо име и да го оправда својот суверенитет (Даниел 2:44; 7:13, 14, 27; Откровение 4:9-11; 5:9, 10).
Јеховината долготрпеливост донесува спасение
17, 18. а) Со што би можеле несвесно да го критизираме Јехова заради тоа што покажува долготрпеливост? б) Како сме охрабрени да гледаме на Јеховината долготрпеливост?
17 Од првобитното катастрофално запаѓање на човештвото во грев па досега, Јехова се покажува како долготрпелив Бог. Неговата долготрпеливост пред Потопот овозможила време за да се даде соодветно предупредување и да се изгради средство за спасение. Но, неговата стрпливост ја достигнала границата, и дошол Потопот. На сличен начин и денес, Јехова покажува голема долготрпеливост, и таа трае подолго отколку што можеби некои очекувале. Меѓутоа, тоа не е причина да се откажеме. Тоа би било исто како да го критизираме Бог заради тоа што е долготрпелив. Павле прашал: „Или, пак, го презираш богатството на неговата љубезност и воздржливост и долготрпеливост затоа што не знаеш дека Божјата љубезност настојува да те доведе до покајание?“ (Римјаните 2:4).
18 Никој од нас не може да ја знае потполната мера до која ни е потребна Божјата долготрпеливост за да бидеме сигурни дека го имаме неговото одобрување за спасение. Павле нѐ советува да ‚продолжиме да работиме на своето спасение со страв и трепет‘ (Филипјаните 2:12). Апостол Петар им напишал на сохристијаните: „Јехова не е бавен во врска со своето ветување, како што некои тоа го сметаат за бавност, туку е стрплив со вас бидејќи не сака никој да биде уништен, туку сака сите да дојдат до покајание“ (2. Петрово 3:9).
19. На кој начин можеме да извлечеме корист од Јеховината долготрпеливост?
19 Затоа, да не бидеме нестрпливи поради начинот на кој Јехова се справува со работите. Наместо тоа, да го следиме натамошниот совет на Петар и ‚стрпливоста на нашиот Господ да ја сметаме за спасение‘. Чие спасение? Нашето и, во поширока смисла, на безброј други што допрва треба да ја чујат ‚добрата вест за царството‘ (2. Петрово 3:15; Матеј 24:14). Тоа ќе ни помогне да ја цениме богатата великодушност на Јеховината долготрпеливост и ќе нѐ поттикне да бидеме долготрпеливи во постапките со другите.
[Фусноти]
a На хебрејски, зборот за „нос“ или „носница“ (аф) честопати се користи симболично за лутина. Ова е случај поради гневното дишење или фучење на разбеснет човек.
b За понатамошно објаснување на ова пророштво, види ја книгата Обрни внимание на Даниеловото пророштво!, страници 191—194, издадена од Јеховини сведоци.
Можеш ли да објасниш?
• Што се мисли во Библијата со зборот „долготрпеливост“?
• На кој начин ја покажал Јехова својата долготрпеливост пред Потопот, по заробеништвото во Вавилон и во првиот век н.е.?
• Од кои важни причини покажувал Јехова долготрпеливост?
• Како треба да гледаме на Јеховината долготрпеливост?
[Слика на страница 9]
Јеховината долготрпеливост пред Потопот им дала на луѓето големи шанси да се покаат
[Слика на страница 10]
По падот на Вавилон, Евреите извлекле корист од Јеховината долготрпеливост
[Слика на страница 11]
Во првиот век, и Евреите и не-Евреите извлекле корист од Јеховината долготрпеливост
[Слики на страница 12]
Христијаните денес ја користат Јеховината долготрпеливост