Јехова, непристрасниот ‚Судија на целата земја‘
„Таткото . . . суди непристрасно според делото на секој еден“ (1. ПЕТРОВО 1:17, NW).
1, 2. а) Зошто треба истовремено да имаме страв и да нѐ утешува помислата дека Јехова е големиот Судија? б) Каква улога играат Јеховините земски слуги во неговиот правен случај против нациите?
ЈЕХОВА е големиот ‚Судија на целата земја‘ (1. Мојсеева 18:25). Како Врховен Бог на вселената, го има неограниченото право да им суди на своите суштества. Тоа е истовремено и утешна мисла која влева стравопочитување. Мојсеј трогателно го изразил овој наизгледен парадокс кога рекол: „Јехова, вашиот Бог, е Бог над боговите и Господар над господарите, големиот, силен Бог кој влева стравопочитување, кој со никого не постапува пристрасно, ниту прифаќа мито, кој извршува суд за момчето без татко и за вдовицата, и го сака странскиот жител така што му дава леб и покривка“ (5. Мојсеева 10:17, 18, NW).
2 Каква извонредна рамнотежа! Голем, моќен Бог кој влева стравопочитување, а сепак непристрасен, и љубезно ги брани интересите на сираците, вдовиците и странските жители. Кој би можел да посака пољубезен Судија од Јехова? Опишувајќи се себеси како има правен случај против нациите од Сатановиот свет, Јехова ги повикува своите слуги на Земјата да му бидат сведоци (Исаија 34:8; 43:9-12). Тој не зависи од нивното сведоштво за да докаже дека е бог и за да ја докаже својата законска сувереност. Но, на своите сведоци им ја дава извонредната предност да сведочат пред целото човештво дека ја признаваат неговата врховна власт. Неговите сведоци сами се подложуваат на неговата законска сувереност, и преку својата јавна служба ги поттикнуваат другите да се стават под власта на Врховниот Судија.
Јеховиниот начин на судење
3. Како би можел накратко да се опише Јеховиниот начин на судење, и како било илустрирано тоа во случајот со Адам и Ева?
3 Во текот на раната историја на човештвото, Јехова лично им судел на одредени престапници. Примерите на неговиот начин на водење на судски постапки го поставиле образецот за оние негови слуги кои подоцна требало да бидат одговорни да водат судски постапки меѓу неговиот народ (Псалми 77:11, 12, Даничиќ–Караџиќ). Неговиот начин на судење накратко би можело да се опише вака: одлучност кадешто е потребно, милост кадешто е можно. Во случајот со Адам и Ева, совршени човечки суштества кои намерно се побуниле, немало заслуга за милост. Затоа, Јехова ги осудил на смрт. Но неговата милост дошла до израз спрема нивното потомство. Јехова го одложил извршувањето на смртната казна, со што им дозволил на Адам и Ева да имаат деца. Тој љубезно им дал на нивните потомци надеж за ослободување од ропството на гревот и смртта (1. Мојсеева 3:15; Римјаните 8:20, 21).
4. Како Јехова постапил со Каин, и зошто овој случај е од посебен интерес?
4 Начинот на кој Јехова постапил со Каин е од посебна важност поради тоа што е првиот забележан случај во кој бил вклучен еден од несовршените потомци на Адам и Ева, ‚продадени на гревот‘ (Римјаните 7:14). Дали Јехова го зел предвид тоа и дали со Каин постапил поинаку од начинот на кој постапил со неговите родители? И дали овој случај би можел да им даде поука на христијанските надгледници денес? Да видиме. Увидувајќи ја Каиновата погрешна реакција кога не ја прифатил со наклоност неговата жртва, Јехова од љубов го предупредил за опасноста во која се наоѓал. Една стара поговорка вели: ‚Подобро да се спречи отколку да се лечи‘. Јехова колку што можел го предупредувал Каин да не дозволи неговата грешна склоност да го надвладее. Тој настојувал да му помогне ‚да се обрати да чини добро‘ (1. Мојсеева 4:5-7, NW). Тоа е прв пат Бог да бара еден грешен човек да се покае. Откако Каин покажал непокајнички став и го извршил своето злосторство, Јехова го осудил на прогонство, а тоа го ублажил со пресуда со која забранил другите луѓе да го убијат (1. Мојсеева 4:8-15).
5, 6. а) Како Јехова постапувал со претпотопната генерација? б) Што направил Јехова пред да изврши осуда против жителите на Содом и Гомора?
5 Пред Потопот, кога ‚[Јехова] виде дека расипаноста на луѓето е голема, му беше жал во срцето‘ (1. Мојсијева 6:5, 6, ДК). Тој ‚се покајал‘ така што се каел што мнозинството од претпотопната генерација ја злоупотребило својата слободна волја, и дека морал над нив да изврши осуда. Сепак, им дал соодветно предупредување, користејќи го Ное многу години како „проповедник на праведност“. Потоа, Јехова немал причина ‚да се воздржува да го казни тој свет од безбожни луѓе‘ (2. Петрово 2:5, NW).
6 Јехова исто така бил принуден да води правен случај против расипаните жители на Содом и Гомора. Но, забележи како постапил. Тој слушнал ‚извик на поплака‘ поради шокантното однесување на тие луѓе, можеби само преку молитвите на праведниот Лот (1. Мојсеева 18:20, NW; 2. Петрово 2:7, 8). Но пред да дејствува, ‚слегол‘ со посредство на своите ангели, за да ги потврди фактите (1. Мојсеева 18:21, 22; 19:1). Тој исто така одвоил време да го увери Авраам дека нема да постапува неправедно (1. Мојсеева 18:23-32).
7. Кои поуки од примерот на Јеховиниот начин на судење можат да ги научат старешините кои служат во правните одбори?
7 Што можат старешините денес да научат од овие примери? Во случајот со Адам и Ева, Јехова покажал љубов и обѕирност спрема оние кои, иако биле поврзани со виновниците, не биле криви во случајот. Тој покажал милост спрема потомците на Адам и Ева. Во Каиновиот случај, Јехова ја предвидел опасноста во која се наоѓал Каин и љубезно го уверувал и се обидувал да го спречи извршувањето на гревот. Дури и откако го прогонил, Јехова бил обѕирен спрема Каин. Понатаму, Јехова извршил осуда над претпотопната генерација дури откако покажал многу стрплива истрајност. Соочен со тврдоглавото зло, на Јехова „му беше жал во срцето“. Му било жал што луѓето се побуниле против неговото праведно владеење и што бил принуден неповолно да им суди (1. Мојсијева 6:6, ДК; спореди Језекиел 18:31; 2. Петрово 3:9). Во случајот со Содом и Гомора, Јехова дејствувал дури откако ги потврдил фактите. Какви одлични примери за оние кои денес мораат да водат правни случаи!
Човечки судии во времето на патријарсите
8. Кои основни Јеховини закони биле познати во патријахалното доба?
8 Иако во тоа време очигледно немало пишан закон, патријахалното општество било запознаено со Јеховините основни закони, а неговите слуги биле должни да ги држат. (Спореди 1. Мојсеева 26:5.) Драмата во Еден ја покажала потребата од послушност и подложност на Јеховината сувереност. Каиновиот случај го открил Јеховиното неодобрување на убиството. Веднаш по Потопот, Бог му дал на човештвото закони за светоста на животот, за убиството, смртната казна и за јадењето крв (1. Мојсеева 9:3-6). Јехова остро ја осудил прељубата во случајот со Авраам, Сара и Авимелех, царот од Герар, близу Газа (1. Мојсеева 20:1-7).
9, 10. Кои примери покажуваат дека во патријахалното општество постоел правен систем?
9 Во тоа време семејните поглавари играле улога на судии и раководеле со правни проблеми. Во врска со Авраам, Јехова навел: „Него го избрав за да им заповеда на синовите свои, и на домот свој по себе, да одат по патот [Јеховин] и да извршуваат правда и суд“ (1. Мојсеева 18:19). Авраам покажал несебичност и остроумност во смирувањето на караницата помеѓу своите и Лотовите овчари (1. Мојсеева 13:7-11). Постапувајќи како патријахален поглавар и судија, Јуда досудил неговата снаа Тамара да биде каменувана до смрт и запалена, мислејќи дека е прељубница (1. Мојсеева 38:11, 24; спореди Исус Навин 7:25). Меѓутоа, кога ги дознал сите факти, ја прогласил за поправедна од самиот себе (1. Мојсеева 38:25, 26). Колку е важно да се научат сите факти пред да се донесе некоја правна одлука!
10 Книгата на Јов индиректно укажува на еден правен систем и ја покажува пожелноста на непристрасно судење (Јов 13:8, 10; 31:11; 32:21). Самиот Јов се присетува на времето кога бил почитуван судија кој седел на градските порти и делел правда и го бранел случајот на вдовицата и на момчето без татко (Јов 29:7-16). Според тоа, постојат докази дека во рамките на патријархалното општество, ‚постари мажи‘ играле улога на судии меѓу Авраамовите потомци, уште пред Исходот и пред правното конституирање на израелската нација кое било дадено од Бог (2. Мојсеева 3:16, 18, NW). Всушност, условите на Сојузот на Законот, Мојсеј им ги претставил на „постарите мажи“ или старешини на Израел кои го претставувале народот (2. Мојсеева 19:3-7, NW).
Правниот систем на Израел
11, 12. Според двајца библиски научници, по што се разликувал израелскиот правен систем од оној на другите нации?
11 Делењето на правда во Израел прилично се разликувало од правните постапки кои ги следеле околните народи. Не се правела разлика помеѓу граѓанско право и кривично право. Обата биле испреплетени со морални и религиозни закони. Прекршокот против ближниот бил прекршок против Јехова. Во својата книга Народот и верата на Библијата (The People and the Faith of the Bible), авторот Андре Шураки пишува: „Правната традиција на Евреите се разликува од онаа на нивните соседи, не само во нејзината дефиниција на престапите и казните, туку и во самиот дух на законите. . . . Тората [Законот] не е одвоена од секојдневниот живот; таа ја надзира природата и содржината на дневниот живот доделувајќи благослов или проклетство. . . . Во Израел . . . скоро е невозможно да се направи јасна разлика во правните активности на градот. Тие биле скриени во единственоста на еден живот потполно насочен кон исполнувањето на волјата на живиот Бог“.
12 Оваа единствена ситуација го ставила вршењето на правдата во Израел на многу повисоко ниво отколку кај другите нации во тоа време. Библискиот научник Роланд де Во пишува: „Израелскиот закон, и покрај неговите сличности по форма и содржина, радикално се разликува од клаузулите на ‚договорите‘ на Ориентот и од членовите на нивните ‚законски зборници‘. Тоа е религиозен закон. . . . Ниеден закон на Ориентот не може да се спореди со израелскиот закон кој во неговата потполност му се припишува на Бог како негов автор. Иако содржи и често помешува етички и ритуални правила, тоа е затоа што ја покрива целата област на божествениот Сојуз, затоа што овој Сојуз ги регулира меѓусебните односи помеѓу луѓето како и нивните односи со Бог“. Не е чудно што Мојсеј прашал: „Има ли некој голем народ со такви праведни наредби и закони, како целиот овој закон, што ви го предавам денес?“ (5. Мојсеева 4:8).
Судии во Израел
13. Во кој поглед Мојсеј бил одличен пример за старешините денес?
13 Со еден таков издигнат правен систем, каков човек бил потребен за да дејствува како судија? За првиот судија поставен во Израел, Библијата вели: „Мојсеј беше најкроткиот човек меѓу сите луѓе на земјата“ (4. Мојсеева 12:3). Тој не бил премногу уверен во себе (2. Мојсеева 4:10). Иако од него се барало да му суди на народот, понекогаш бил нивни бранител пред Јехова, молејќи го да им прости и дури се нудел да се жртвува себеси во нивна корист (2. Мојсеева 32:11, 30-32). Поетично се изразил: „Нека падне како роса говорот мој, како ситен дожд на млада трева и како крупен дожд на порасната трева“ (5. Мојсијева 32:2, ДК). Далеку од тоа да им суди на луѓето потпирајќи се на сопствена мудрост, тој објавил: „Кога ќе се појави некој правен случај, мора да дојде пред мене и јас морам да судам помеѓу едната и другата страна, и морам да ги објавам одлуките на вистинскиот Бог и неговите закони“ (2. Мојсеева 18:16, NW). Кога се двоумел, работата му ја предавал на Јехова (4. Мојсеева 9:6-8; 15:32-36; 27:1-11). Мојсеј бил одличен пример за старешините кои денес ‚го пасат Божјето стадо‘ и донесуваат правни одлуки (Дела апостолски 20:28, NW). Нека и нивниот однос со нивните браќа се покаже „како ситен дожд на млада трева“.
14. Кои биле духовните способности на мажите коишто Мојсеј ги поставил како судии во Израел?
14 Со текот на времето, Мојсеј не можел сам да го носи товарот на водење на правните случаи во народот (2. Мојсеева 18:13, 18). Тој го прифатил предлогот на својот тест да ангажира помош. И повторно, какви луѓе биле избрани? Читаме: „,Ти од сиот народ одбери способни луѓе, кои се плашат од Бога; луѓе справедливи, кои мразат горделивост‘. . . . И избра Мојсеј од сиот Израил луѓе способни, па ги постави за управители над народот: илјадници, стотници, педесетници и десетници. И тие му судеа на народот во секое време, а за тешките работи му кажуваа на Мојсеја; за сите мали работи, пак, судеа сами“ (2. Мојсеева 18:21-26).
15. Кои биле способностите на оние кои служеле како судии во Израел?
15 Може да се види дека возраста не била единствениот критериум за одбирање на мажи кои требало да дејствуваат како судии. Мојсеј изјавил: „Изберете си според вашите племиња луѓе мудри, разумни и искусни, а јас ќе ви ги поставам за началници“ (5. Мојсеева 1:13). Мојсеј бил потполно запознаен со она што го изјавил младиот Елијуј пред многу години: „Не се покажуваат мудри само оние кои се многу стари, ниту го разбираат судот само старите“ (Јов 32:9, NW). Секако дека оние кои биле наименувани морале да бидат „искусни мажи“. Но пред сѐ, морале да бидат способни, богобојазливи, доверливи мажи, кои мразеле неправедна добивка и кои биле мудри и разумни. Според тоа, изгледа јасно дека ‚поглаварите‘ и ‚судиите‘ споменати во Исус Навин 23:2 и 24:1, (NW), не биле одделени од ‚постарите мажи‘ споменати во истите тие стихови, туку биле избрани меѓу нив. (Види Insight on the Scriptures, том 2, стр. 549.)
Спроведување на правда
16. Што треба денес да забележиме во врска со упатствата што Мојсеј им ги дал на новопоставените судии?
16 Што се однесува до упатствата дадени на тие поставени судии, Мојсеј рекол: „Им заповедав на судиите ваши во тоа време, и реков; ‚Ислушувајте ги браќата свои и судете справедливо како човек спрема брат, така и неговиот придојден; Во судот не правете разлика меѓу лицата, ислушувајте го и малиот, и големиот: не плашете се од лицето човечко, бидејќи судот е Божји; а ако имате дело, кое е тешко за вас, обрнете се до мене [Мојсеј], и јас ќе го ислушам‘“ (5. Мојсеева 1:16, 17).
17. Кои биле поставени како судии, и какво предупредување им дал цар Јосафат?
17 Се разбира, некој случај можел да се изнесе пред Мојсеј само во текот на неговиот живот. Затоа биле направени понатамошни подготовки за тешките случаи да бидат упатени до свештеници, Левити и посебно наименувани судии (5. Мојсеева 17:8-12; 1. Дневници 23:1-4; 2. Дневници 19:5, 8). На судиите што ги поставил во градовите на Јуда, царот Јосафат им изјавил: „Внимавајте што правите, зашто не судите за човек, туку за Јехова . . . Вака треба да правите во Јеховин страв со верност и цело срце. А што се однесува до секој правен случај што ќе дојде пред вас од вашите браќа кои живеат во нивните градови, . . . морате да ги предупредите да не грешат против Јехова и да не мора да дојде гнев на вас и на вашите браќа. Вака треба да правите за да не навлечете на себе вина“ (2. Дневници 19:6-10, NW).
18. а) Кои се некои од начелата коишто судиите во Израел морале да ги применуваат? б) Што морале судиите да имаат на ум, и кои библиски стихови ги покажуваат последиците кога би заборавиле на тоа?
18 Меѓу начелата кои што судиите во Израел требало да ги применуваат, биле следниве: еднаква правда за богатите и сиромашните (2. Мојсеева 23:3, 6; 3. Мојсеева 19:15); строга непристрасност (5. Мојсеева 1:17); да не примаат мито (5. Мојсеева 16:18-20, NW). Судиите морале постојано да имаат на ум дека оние кои ги суделе биле Јеховини овци (Псалми 100[99]:3). Фактички, една од причините зошто Јехова го отфрлил телесниот Израел била таа што нивните свештеници и пастири не успеале да судат со праведност, и со народот постапувале грубо (Јеремија 22:3, 5, 25; 23:1, 2; Језекиел 34:1-4; Малахија 2:8, 9).
19. Од каква вредност за нас е ова испитување на Јеховините мерила за правда пред нашата ера, и што ќе се разгледува во следната статија?
19 Јехова не се менува (Малахија 3:6). Овој краток преглед на начинот на којшто требало да се извршува судењето во Израел и како Јехова гледал на какво и да е одбивање на правда треба да ги натера старешините кои денес се одговорни за донесување на правни одлуки да застанат и да размислат. Јеховиниот пример како Судија, и правниот систем што го вовел во Израел, поставиле начела кои го сочинувале образецот за спроведувањето на правда во христијанското собрание. Тоа ќе го видиме во следната статија.
Прашања за повторување
◻ Како би можел накратко да се опише Јеховиниот начин на судење?
◻ Како бил покажан со пример Јеховиниот начин во неговото постапување со Каин и со претпотопната генерација?
◻ Кој играл улога на судија во времето на патријарсите, и како?
◻ По што се разликувал израелскиот правен систем од оној на другите нации?
◻ Какви мажи биле поставувани за судии во Израел, и кои начела требало да ги следат?
[Слика на страница 10]
Во времето на патијарсите и во Израел, наименуваните постари мажи спроведувале правда кај градските порти