Авраам — пример на вера
„[Авраам беше] татко на сите кои имаат вера“ (РИМЈАНИТЕ 4:11).
1, 2. а) По што се сеќаваат на Авраам денешните вистински христијани? б) Зошто е Авраам наречен „татко на сите кои имаат вера“?
ТОЈ бил прататко на една моќна нација, пророк, бизнисмен, водач. Сепак, денешните христијани најдобро се сеќаваат на него по особината што го поттикнала Јехова Бог да го смета за пријател — непоколеблива вера (Исаија 41:8; Јаков 2:23). Се викал Авраам, а Библијата го нарекува „татко на сите кои имаат вера“ (Римјаните 4:11).
2 Зар не покажувале вера и некои мажи пред Авраам, како што биле Авел, Енох и Ное? Да, но со Авраам бил склучен сојуз да бидат благословени сите нации на Земјата (Битие 22:18). Со тоа тој станал симболичен татко на сите кои ќе положат вера во ветеното Семе (Галатите 3:8, 9). Во извесна смисла Авраам можеме да го сметаме за татко затоа што неговата вера ни служи како пример за имитирање. Целиот негов живот може да се смета како израз на вера, затоа што се состоел од многу испити и искушенија. Навистина, долго пред да се соочи со она што би можело да се нарече негов најголем испит на верата — заповедта да го принесе својот син Исак — Авраам ја докажал верата во повеќе помали испити (Битие 22:1, 2). Сега да разгледаме некои од тие рани испити на вера и да видиме кои лекции можеме ние денес да ги научиме од нив.
Заповедта да го напушти Ур
3. Што ни кажува Библијата за потеклото на Аврам?
3 Библијата нѐ запознава со Аврам (подоцна познат како Авраам) во Битие 11:26, каде што се вели: „Кога на Тара му беа седумдесет години, му се родија Аврам, Нахор и Аран“. Аврам бил потомок на богобојазливиот Сим (Битие 11:10-24). Според Битие 11:31, Аврам живеел со своето семејство во напредниот ‚Ур Халдејски‘, град кој некогаш лежел источно од реката Еуфрат.a Според тоа, тој не растел како номад во шатори туку како градски жител во место кое нудело многу во однос на раскошот. На пазарите во Ур можеле да се купат увезени стоки. По неговите улици биле нанижани куќи со по 14 одаи и варосани со бела боја, опремени со внатрешна водоводна инсталација.
4. а) Какви предизвици наметнувал Ур за обожавателите на вистинскиот Бог? б) Како дошло до тоа Аврам да положи вера во Јехова?
4 И покрај сите материјални предности, Ур наметнувал сериозен предизвик за секој што сакал да му служи на вистинскиот Бог. Тој бил град заглибен во идолопоклонство и суеверие. Навистина, во неговиот пејзаж доминирал еден огромен зигурат кој му оддавал чест на богот-месечина Нана. Несомнено Аврам бил под голем притисок да учествува во ваквото одвратно обожавање, а тука можеби спаѓал и притисокот од некои роднини. Според некои еврејски традиции, Аврамовиот татко Тара и самиот изработувал идоли (Исус Навин 24:2, 14, 15). Сеедно како било, Аврам не практикувал деградирачко лажно обожавање. Неговиот остарен прататко Сим сѐ уште бил жив и несомнено го споделил со него своето спознание за вистинскиот Бог. Како резултат на тоа, Аврам положил вера во Јехова, а не во Нана! (Галатите 3:6).
Испит на верата
5. Каква заповед и ветување му дал Бог на Аврам додека сѐ уште бил во Ур?
5 Аврамовата вера требало да биде ставена на испит. Бог му се јавил и му заповедал: „Излези од својата земја, од родното место и од татковиот дом; и оди во земјата што ќе ти ја покажам. Ќе направам голем народ од тебе, ќе те благословам, ќе го прославам твоето име и самиот ќе бидеш благослов. Јас ќе ги благословам оние, кои ќе те благословуваат, а ќе ги проколнам оние, кои ќе те проколнуваат. И во тебе ќе бидат благословени сите племиња на земјата“ (Битие 12:1-3; Дела 7:2, 3).
6. Зошто на Аврам му била потребна вистинска вера за да го напушти Ур?
6 Аврам бил стар и немал деца. Како можело од него да се направи „голем народ“? И каде точно била оваа земја во која требало да замине, според она што му било заповедано? Бог тогаш не му кажал. Затоа на Аврам му била потребна вистинска вера за да го напушти напредниот Ур и целиот негов комфор. Книгата Family, Love and the Bible (Семејството, љубовта и Библијата) за древните времиња забележува: „Најголемата казна што можела да му се одмери на еден член на семејството, кој бил виновен за сериозно злосторство, се состоела во тоа да биде истеран, лишен од неговото ‚членство‘ во фамилијата . . . Затоа, тоа што Авраам, следејќи го божествениот повик, не заминал само од својата земја туку и од својот род, било извонреден показател на безусловна послушност и доверба во Бог“.
7. Како би можеле христијаните денес да се соочат со испити слични на Аврамовите?
7 Христијаните денес можат да се соочат со слични испити. Исто како Аврам, можеби се наоѓаме под притисок материјалните интереси да ги ставиме пред теократските работи (1. Јованово 2:16). Можеби доживуваме противење од членовите на семејството што не се соверници, вклучувајќи ги и исклучените роднини, кои би можеле да се обидат да нѐ одвлечат во нездраво друштво (Матеј 10:34-36; 1. Коринќаните 5:11-13; 15:33). Во тој поглед Аврам ни дал добар пример. Пријателството со Јехова го ставил пред сѐ друго — дури и пред фамилијарните врски. Тој не знаел точно како, кога или каде ќе се исполнат Божјите ветувања. И покрај тоа, бил готов да го заложи својот живот за тие ветувања. Колку убаво охрабрување да го ставиме Царството на прво место во нашиот живот денес! (Матеј 6:33).
8. Каков ефект имала верата на Аврам врз членовите на неговото потесно семејство, и што би можеле да научат од ова христијаните?
8 А што е со членовите на потесното семејство на Аврам? Изгледа верата и увереноста на Аврам имале драматичен ефект врз нив, затоа што неговата сопруга Сарајb и неговиот внук сирак по име Лот биле поттикнати да го послушаат Божјиот повик и да го напуштат Ур. Аврамовиот брат Нахор и некои негови потомци подоцна го напуштиле Ур и се населиле во Харан, каде што го обожавале Јехова (Битие 24:1-4, 10, 31; 27:43; 29:4, 5). Па, дури и Тара, татко му на Аврам, се сложил да замине со својот син! Затоа Библијата му го припишува нему, како семеен поглавар, селењето во Ханан (Битие 11:31). Дали би можеле и ние да уживаме извесна мера успех ако тактично им сведочиме на нашите роднини?
9. Какви подготовки морал да направи Аврам за своето патување, и зошто можеби тоа вклучувало жртви?
9 Пред да тргне на пат, Аврам имал многу работа. Морал да го продаде имотот и материјалните добра и да купи шатори, камили, храна и потребна опрема. Можеби Аврам доживеал финансиска загуба поради тие брзи подготовки, но му причинувало задоволство да му биде послушен на Јехова. Каков само значаен ден мора да било кога подготовките биле завршени и караванот на Аврам стоел надвор од ѕидините на Ур, готов за патување! Следејќи го свиокот на реката Еуфрат, караванот се упатил кон северозапад. По неколку седмици патување, при што преминал околу 1.000 километри, тој стигнал до еден град во северна Месопотамија наречен Харан, главна попатна станица за караваните.
10, 11. а) Зошто Аврам веројатно останал некое време во Харан? б) Какво охрабрување може да им се даде на христијаните што се грижат за остарени родители?
10 Аврам се населил во Харан, веројатно од обѕир кон својот остарен татко Тара (Левит 19:32). Многу христијани денес на сличен начин имаат предност да се грижат за своите остарени или болни родители, а некои дури и морале да направат преиначувања за тоа. Кога тоа е потребно, таквите поединци можат да бидат уверени дека нивните љубезни жртви се ‚прифатливи во Божји очи‘ (1. Тимотеј 5:4).
11 Времето одминувало. „А Тариниот век стигна до двесте и пет години, а тогаш Тара почина во Харан.“ Аврам сигурно бил ожалостен поради оваа загуба, но кога периодот на жалење истекол, веднаш заминал. „Аврам имаше седумдесет и пет години кога излезе од Харан. Аврам ги поведе со себе: својата жена Сарај и својот внук Лот, со целиот имот што го спечалија и со сите луѓе што ги доби во Харан, и сите тргнаа кон Ханаанската Земја“ (Битие 11:32; 12:4, 5).
12. Што правел Аврам додека живеел во Харан?
12 Интересно е да се забележи дека, додека бил во Харан, Аврам ‚спечалил имот‘. Иако имал направено материјални жртви за да го напушти Ур, Аврам си заминал од Харан како богат човек. Јасно, ова се должело на Божјиот благослов (Проповедник 5:18). Иако Бог не му ветува богатство на целиот свој народ денес, тој е верен на своето ветување дека ќе се грижи за потребите на оние што ‚оставиле куќи, браќа или сестри‘ заради Царството (Марко 10:29, 30). Исто така, Аврам ‚добил луѓе‘, т.е. многу слуги. Ерусалимскиот Таргум и халдејската Парафраза велат дека Аврам вршел ‚прозелитизирање‘ (Битие 18:19). Дали верата те поттикнува да разговараш со соседите, колегите или соучениците? Наместо да се насели и да ја заборави Божјата заповед, Аврам продуктивно го искористил времето во Харан. Но, неговото време таму истекло. „Тогаш Аврам тргна, како што му рече Господ“ (Битие 12:4).
Од другата страна на Еуфрат
13. Кога ја преминал Аврам реката Еуфрат, и какво значење имал овој чин?
13 Аврам повторно морал да патува. Оставајќи го Харан зад себе, неговиот караван се упатил кон запад, патувајќи околу 90 километри. Можеби Аврам застанал на едно место на Еуфрат, од спротивната страна на древниот трговски центар Кархемис. Ова било главно место каде што преминувале караваните.c Кога караванот на Аврам ја преминал реката? Библијата покажува дека тоа се случило 430 години пред излезот на Евреите од Египет, кој се одиграл на 14 нисан 1513 пр.н.е. Во Излез 12:41 се вели: „И кога се наполнија четири стотини и триесет години — точно во тој ден — сите Господови чети излегоа од Египетската Земја“. Значи, изгледа авраамскиот сојуз стапил на сила на 14 нисан 1943 пр.н.е., кога Аврам послушно го преминал Еуфрат.
14. а) Што можел да види Аврам со очите на верата? б) Во која смисла Божјиот народ денес е поблагословен од Аврам?
14 Аврам оставил зад себе еден напреден град. Сепак, сега можел да си го претставува „градот кој има вистински темели“, праведната влада над човештвото (Евреите 11:10). Да, поседувајќи само скудни информации, Аврам почнал да го сфаќа нацртот на Божјата намера да го откупи човештвото кое е на умирање. Денес ние сме благословени со далеку поопсежно разбирање на Божјите намери отколку Аврам (Пословици 4:18). „Градот“, или владата на Царството, на кој Аврам се надевал, сега е реалност — воспоставен е на небото од 1914. Тогаш, зар не треба да бидеме поттикнати да покажуваме дела на вера и да имаме доверба во Јехова?
Почнува престојот во Ветената земја
15, 16. а) Зошто на Аврам му била потребна храброст за да му изгради жртвеник на Јехова? б) Како можат христијаните денес да бидат смели како Аврам?
15 Битие 12:5, 6 вели: „Стигнаа во Ханан. Аврам ја пропатува земјата до местото Сихем — до дабот Море“. Сихем се наоѓал 50 километри северно од Ерусалим и лежел во една плодна долина која била опишана како „рај на светата земја“. Сепак, ‚во тоа време Хананците живееле во земјата‘. Затоа што Хананците биле морално изопачени, Аврам морал многу да се труди за да си го заштити семејството од нивното расипувачко влијание (Излез 34:11-16).
16 По вторпат, „Господ му се јави на Аврам и рече: ‚Ќе му ја дадам оваа земја на твоето потомство‘“. Колку само возбудливо! Се разбира, на Аврам му била потребна вера за да се радува на нешто што можело да го ужива дури неговото идно потомство. Сепак, како одговор на тоа Аврам ‚направил таму жртвеник на Господа, Кој му се јавил‘ (Битие 12:7). Еден библиски изучувач укажува: „Тоа што подигнал жртвеник во земјата било, всушност, еден вид земање на земјата во посед на темел на право кое му било засигурано со практикувањето на неговата вера“. Изградбата на таков жртвеник била и еден храбар чин. Несомнено, овој жртвеник бил таков каков што подоцна бил специфициран во сојузот на Законот, што значи се состоел од природни (неделкани камења) (Излез 20:24, 25). Тој според изгледот впечатливо се разликувал од жртвениците што ги користеле Хананците. Со тоа Аврам зазел смел јавен став како обожавател на вистинскиот Бог, Јехова, изложувајќи се на непријателство и можеби на физичка опасност. А како е со нас денес? Дали некои од нас — особено младите — се воздржуваат да им кажат на соседите или соучениците дека го обожаваат Јехова? Нека смелиот пример на Аврам нѐ охрабри сите нас да бидеме горди што сме слуги на Јехова!
17. Како покажал Аврам дека е проповедник на Божјето име, и на што ги потсетува тоа христијаните денес?
17 Секаде каде што Аврам одел, обожавањето на Јехова секогаш имало приоритет. „Оттаму се премести кон ридот, што е на исток од Ветил. Таму го оптегна својот шатор, меѓу Ветил на запад и Гај на исток. И таму Му направи жртвеник на Господа и го повика Господовото [Јеховиното, NW] име“ (Битие 12:8). Хебрејската фраза ‚го повика името‘ значи и „го објавува (проповеда) името“. Несомнено, Аврам смело го објавувал Јеховиното име меѓу своите ханански соседи (Битие 14:22-24). Ова нѐ потсетува на должноста денес да имаме колку што е можно поголем удел во давањето „јавна изјава за неговото име“ (Евреите 13:15; Римјаните 10:10).
18. Каков бил односот на Аврам со жителите на Ханан?
18 Аврам не останал на ниедно од тие места многу долго. „Потоа Аврам продолжи да патува сѐ кон југ, кон Негев“ — полусушно подрачје јужно од јудејските планини (Битие 12:9). Со тоа што цело време бил во движење и покажувал дека е обожавател на Јехова на секоја нова локација, Аврам и неговото домаќинство ‚јавно изјавувале дека се туѓинци и привремени жители во земјата‘ (Евреите 11:13). Тие цело време избегнувале премногу да се зближат со своите пагански соседи. Исто така, христијаните денес и понатаму ‚не смеат да бидат дел од светот‘ (Јован 17:16). Иако сме љубезни и учтиви со соседите и со колегите на работа, внимаваме да не се заплеткаме во однесување кое го одразува духот на светот отуѓен од Бог (Ефешаните 2:2, 3).
19. а) Зошто номадскиот живот им наметнал предизвици на Аврам и Сарај? б) Какви понатамошни предизвици за Аврам се наѕирале на хоризонтот?
19 Да не заборавиме дека приспособувањето кон суровоста на номадскиот живот не било лесно ни за Аврам ни за Сарај. Тие јаделе нпроизводи од своите стада наместо храната што ја купувале на некој од добро снабдените пазари во Ур; живееле во шатори наместо во квалитетно изграден дом (Евреите 11:9). Деновите на Аврам биле исполнети со активности; имал многу работа во грижата за стадата и за слугите. Несомнено Сарај ги водела работите што традиционално ги извршуваат жените во таа култура: месење, печење леб, предење волна, шиење облека (Битие 18:6, 7; 2. Цареви 23:7; Пословици 31:19; Езекиел 13:18). Сепак, на хоризонтот се наѕирале нови испити. Набрзо Аврам и неговото домаќинство требало да се соочат со една ситуација што дури го ставила на коцка и нивниот живот! Дали Аврамовата вера ќе се покаже дорасната на предизвикот?
[Фусноти]
a Иако денес Еуфрат тече околу 16 километри источно од местото каде што порано се наоѓал Ур, доказите покажуваат дека во древни времиња реката течела западно од градот. Затоа, за Аврам подоцна можело да се укаже дека доаѓа од „онаа страна на Реката [Еуфрат]“ (Исус Навин 24:3).
b Според New World Translation, Сара првобитно се викала Сарај.
c Неколку века потоа, асирскиот цар Ашурнасипал II користел сплавови за да ја премине Еуфрат во близина на Кархемис. Дали Аврам морал сам да прави сплавови или тој и неговиот караван едноставно ја прегазиле реката, Библијата не кажува.
Дали забележа?
• Зошто Аврам е наречен „татко на сите кои имаат вера“?
• Зошто на Аврам му била потребна вера за да го напушти Ур Халдејски?
• Како покажал Аврам дека му дал приоритет на обожавањето на Јехова?
[Карта на страница 16]
(Види во публикацијата)
ПАТУВАЊЕТО НА АВРААМ
Ур
Харан
Кархемис
ХАНАН
Големо Море
[Извор на слика]
На темел на една карта чие авторско право го има Pictorial Archive (Near Eastern History) Est. and Survey of Israel
[Слика на страница 15]
На Аврам му била потребна вера за да ги напушти удобностите што ги нудел животот во Ур
[Слика на страница 18]
Живеејќи во шатори, Аврам и неговото домаќинство ‚јавно изјавувале дека се туѓинци и привремени жители‘