Јеховината реч е жива
Врвни точки од книгата Битие — II
ОД СОЗДАВАЊЕТО на првиот човек, Адам, до смртта на Јосиф, синот на Јаков, Битие опфаќа 2.369 години од човечката историја. За првите 10 поглавја, како и 9 стиха од 11. поглавје, во кои се опфатени настаните од создавањето до Вавилонската кула, беше дискутирано во претходното издание на ова списание.a Оваа статија ги разгледува врвните точки од преостанатиот дел од Битие кој се однесува на тоа како Бог постапувал со Авраам, Исак, Јаков и Јосиф.
АВРААМ СТАНУВА БОЖЈИ ПРИЈАТЕЛ
Околу 350 години по Потопот еден човек, кој му е посебно драг на Бог, е роден во лозата на потомството на синот на Ное, Сим. Неговото име е Аврам, а подоцна е променето во Авраам. По заповед од Бог, Аврам го напушта халдејскиот град Ур и почнува да живее во шатор во земјата што Јехова му ветил дека ќе му ја даде нему и на неговите потомци. Поради неговата вера и послушност, Авраам е наречен „пријател на Јехова“ (Јаков 2:23).
Јехова презема акција против злобните жители на Содом и околните градови, додека Лот и неговите ќерки се сочувани во живот. Ветувањето на Бог се исполнува со раѓањето на синот на Авраам, Исак. Со години подоцна, верата на Авраам е испитана кога Јехова му дава упатство да го принесе овој син како жртва. Авраам е спремен да послуша но го сопира еден ангел. Нема сомнение дека Авраам е човек од вера, и сигурен е дека преку неговото семе ќе бидат благословени сите нации. Смртта на неговата сакана жена, Сара, многу го разжалостува Авраам.
Одговорени библиски прашања:
12:1—3 — Кога стапил на сила авраамскиот сојуз, и колку долго траел? Сојузот на Јехова со Авраам, дека „во [Авраам] ќе бидат благословени сите племиња на земјата“, изгледа стапил на сила кога Авраам го преминал Еуфрат на пат кон Ханаан. Тоа мора да се случило на 14 нисан 1943 пр.н.е. — 430 години пред Израел да биде ослободен од Египет (Излез 12:2, 6, 7, 40, 41). Авраамскиот сојуз е „вечен Завет“. Тој останува на сила додека не се исполни благословот за сите племиња на земјата и уништувањето на сите Божји непријатели (Битие 17:7; 1. Коринќаните 15:23—26).
15:13 — Кога се исполнила претскажаната 400-годишна мака на Авраамовото потомство? Овој период на мака почнал во 1913 пр.н.е. кога синот на Авраам, Исак, бил одбиен од доење на околу 5-годишна возраст и кога неговиот 19-годишен полубрат, Исмаил, ,се поигрувал‘ со него (Битие 21:8—14; Галатите 4:29). Маката завршила кога Израелците биле избавени од египетското ропство во 1513 пр.н.е.
16:2 — Дали било исправно тоа што Сараја му ја понудила својата слугинка Агара на Аврам како жена? Понудата на Сараја била во склад со обичајот од тоа време — една неротка имала обврска да му даде конкубина на својот сопруг за да добие наследник. Практиката на полигамија најпрво се појавила во лозата на Каин. Со текот на времето станала обичај и била прифатена од некои обожаватели на Јехова (Битие 4:17—19; 16:1—3; 29:21—28). Меѓутоа, Јехова никогаш не се откажал од своето првобитно мерило за моногамија (Битие 2:21, 22). Ное и неговите синови, на кои им била повторена заповедта ,да се плодат и да ја наполнат земјата‘, очигледно биле моногамни (Битие 7:7; 9:1; 2. Петрово 2:5). А ова мерило за моногамија го потврдил Исус Христос (Матеј 19:4—8; 1. Тимотеј 3:2, 12).
19:8 — Зарем не било погрешно тоа што Лот им ги понудил своите ќерки на Содомците? Според моралните норми на Ориентот, домаќинот имал должност да ги заштити гостите во својот дом, да ги брани дури и до смрт ако е потребно. Лот бил спремен да го стори тоа. Тој смело излегол пред толпата, ја затворил вратата зад себе и сам се соочил со нив. Кога ги понудил своите ќерки, Лот веројатно веќе сфатил дека неговите гости се гласници од Бог и можеби заклучил дека Бог може да ги заштити неговите ќерки бидејќи ја заштитил и неговата стрина Сара во Египет (Битие 12:17—20). Навистина, како што излегло на крајот, Лот и неговите ќерки биле сочувани.
19:30—38 — Дали Јехова преминал преку тоа што Лот се опил и имал синови со своите две ќерки? Јехова не преминува ниту преку инцест ниту преку пијанство (Левит 18:6, 7, 29; 1. Коринќаните 6:9, 10). Лот всушност ги осудувал „беззаконските дела“ на жителите на Содом (2. Петрово 2:6—8). Самото тоа што ќерките на Лот го опиле укажува дека тие сфатиле дека трезен не би се согласил да има сексуални односи со нив. Но, бидејќи биле туѓинци во земјата, неговите ќерки сметале дека тоа е единствениот начин да не исчезне семејството на Лот. Извештајот се наоѓа во Библијата за да ја покаже врската на Моавците (преку Моав) и Амонците (преку Бен-Ами) со потомците на Авраам, Израелците.
Поуки за нас:
13:8, 9. Колку убав пример дава Авраам за тоа како да се решаваат несогласувањата! Никогаш не треба да ги жртвуваме мирољубивите односи поради финансиска добивка, лични желби или гордост.
15:5, 6. Кога веќе почнал да старее, а сѐ уште немал син, Авраам зборувал со Бог во врска со тоа. Јехова, од своја страна, го охрабрил. Каков бил резултатот? Авраам ,Му поверувал на Господа‘. Ако му го отвориме срцето на Јехова во молитва, ако ги прифатиме неговите охрабрувања од Библијата и ако му бидеме послушни, нашата вера ќе биде зајакната.
15:16. Јехова се воздржувал да го изврши својот суд врз Аморејците (или Ханаанците) четири генерации. Зошто? Затоа што тој е стрплив Бог. Чекал додека веќе немало никаква надеж за подобрување. Како Јехова, и ние треба да бидеме стрпливи.
18:23—33. Јехова не ги уништува луѓето без да прави избор. Тој ги заштитува праведните.
19:16. Лот ,се двоумел‘ и ангелите речиси морале да ги одвлечкаат него и неговото семејство надвор од градот Содом. Мудро е да не го изгубиме чувството на итност додека го чекаме крајот на злобниот свет.
19:26. Колку е глупаво да ни биде одвлечено вниманието или да гледаме назад копнежливо по она што сме го оставиле во светот!
ЈАКОВ ИМА 12 СИНА
Авраам прави подготовка Исак да се ожени со Ревека, жена која има вера во Јехова. Таа ги раѓа близнаците Исав и Јаков. Исав го презира своето право на првородство и му го продава на Јаков, кој подоцна добива благослов од својот татко. Јаков бега во Падан Арам каде што се жени со Лија и со Рахила и 20-тина години се грижи за стадата на нивниот татко пред да си замине со своето семејство. Со Лија, Рахила и нивните две слугинки, Јаков има 12 сина, а имал и ќерки. Јаков се бори со еден ангел и е благословен, а името му е сменето во Израел.
Одговорени библиски прашања:
28:12, 13 — Кое е значењето на сонот на Јаков во кој е вклучена и една „скала“? Оваа „скала“, која можеби изгледала како камени скалила што се издигаат нагоре, укажувала дека има комуникација помеѓу земјата и небото. Тоа што Божји ангели се качувале и се симнувале по неа покажувало дека ангелите служат на еден важен начин помеѓу Јехова и луѓето кои имаат одобрување од него (Јован 1:51).
30:14, 15 — Зошто Рахила ја пропуштила можноста да забремени во замена за неколку мандрагори? Во древни времиња, плодот на мандрагората се користел во медицината како наркотик и за да се спречат или за да се олеснат грчеви. Исто така, се верувало дека плодот има способност да поттикне сексуална желба и да ја зголеми плодноста на луѓето или да помогне при зачнување (Песна над песни 7:13, NW). Иако Библијата не ja открива причината зошто Рахила ја избрала замената, можеби мислела дека мандрагорите ќе ѝ помогнат да забремени и на тој начин да му стави крај на срамот што е неротка. Меѓутоа, поминале неколку години пред Јехова да ѝ ,ја отвори утробата‘ (Битие 30:22—24).
Поуки за нас:
25:23. Јехова има способност да го дознае генетскиот состав на неродените и да го примени своето предзнаење и однапред да одреди кого ќе избере за своите намери. Сепак, тој не ја предодредува конечната судбина на поединците (Осија 12:3; Римјаните 9:10—12).
25:32, 33; 32:24—29. Тоа што Јаков бил заинтересиран да го добие правото на првородство и тоа што цела ноќ се борел со еден ангел за да добие благослов покажува дека тој навистина ги ценел светите работи. Јехова ни доверил голем број свети работи, како што се нашиот однос со него и неговата организација, откупнината, Библијата и нашата надеж за Царството. Да бидеме како Јаков така што ќе покажуваме ценење за нив.
34:1, 30. Неволјата што ,го вовела во неприлика‘ Јаков почнала затоа што Дина се спријателила со луѓе што не го сакале Јехова. Мораме мудро да ги избираме своите пријатели.
ЈЕХОВА ГО БЛАГОСЛОВУВА ЈОСИФ ВО ЕГИПЕТ
Љубомората ги поттикнува синовите на Јаков да го продадат својот брат Јосиф како роб. Во Египет, Јосиф е фрлен в затвор затоа што верно и смело се придржува за Божјите морални мерила. Со текот на времето изваден е од затворот за да ги протолкува соништата на фараонот, кои претскажувале седум години изобилство по кои ќе следат седум години глад. Потоа Јосиф станува управител на храната во Египет. Неговите браќа доаѓаат во Египет да бараат храна зашто е глад. Семејството повторно се обединува и се населува во плодната земја Гесен. На смртната постела, Јаков ги благословува своите синови и изрекува пророштво што дава сигурна надеж за големи благослови во иднина. Смртните останки на Јаков се однесени да бидат погребани во Ханаан. Кога Јосиф умира на 110 години, неговото тело е балсамирано за подоцна да биде однесено во Ветената земја (Излез 13:19).
Одговорени библиски прашања:
43:32 — Зошто на Египќаните им било одвратно да јадат со Евреите? Ова најверојатно било така поради религиозни предрасуди или поради расна гордост. На Египќаните им биле одвратни и пастирите (Битие 46:34). Зошто? Можеби пастирите едноставно биле на дното од египетскиот класен систем. Или можеби, бидејќи земјата за обработување била ограничена, Египќаните ги презирале оние што барале пасишта за своите стада.
44:5 — Дали Јосиф навистина употребил чаша за да чита предзнаци? Сребрената чаша и она што е кажано за неа очигледно биле дел од една итрина или лукавство. Јосиф бил верен обожавател на Јехова. Тој не ја употребил вистински чашата за да чита предзнаци, исто како што Венијамин, всушност, не ја украл.
49:10 — Кое е значењето на „жезлото“ и на „владетелската палка“? Жезал е палка што ја носи владетелот како симбол на неговата царска власт. Владетелската палка е долг стап што ја означува неговата моќ да заповеда. Тоа што Јаков ги спомнал овие работи укажувало дека племето Јуда ќе има значајна власт и моќ сѐ до доаѓањето на Шило. Овој потомок на Јуда е Исус Христос, оној на кого Јехова му дал небесно владетелство. Христос ја држи царската власт и има моќ да заповеда (Псалм 2:8, 9; Исаија 55:4; Даниел 7:13, 14).
Поуки за нас:
38:26. Јуда погрешил во постапките со својата снаа, вдовицата, Тамара. Меѓутоа, кога се соочил со својата одговорност за нејзината бременост, Јуда понизно ја признал својата грешка. И ние треба спремно да ги признаваме нашите грешки.
39:9. Одговорот што Јосиф ѝ го дал на жената на Петефриј покажува дека начинот на кој тој размислувал бил во склад со начинот на кој Бог размислува во врска со моралот и дека неговата совест била водена од Божји начела. Зарем не треба и ние да се стремиме по тоа додека растеме во точно спознание за вистината?
41:14—16, 39, 40. Јехова може да направи да се сменат околностите на оние што се плашат од него. Кога ќе нѐ погоди несреќа, мудро е да ја положиме нашата доверба во Јехова и да му останеме верни.
Тие имале трајна вера
Авраам, Исак, Јаков и Јосиф навистина биле богобојазливи мажи од вера. Извештајот за нивниот живот, запишан во книгата Битие, вистински ја зајакнува верата и нѐ учи на многу скапоцени поуки.
И ти можеш да извлечеш корист од овој извештај додека ја извршуваш задачата за седмично читање на Библијата во Теократската школа за служба. Тоа што ќе го разгледаш ова што беше кажано ќе ти помогне да го оживееш извештајот.
[Фуснота]
a Види ја статијата „Јеховината реч е жива — врвни точки од книгата Битие — I“ во изданието на Стражарска кула од 1 јануари 2004.
[Слика на страница 26]
Јехова го благословува Јосиф
[Слика на страница 26]
Авраам бил човек од вера
[Слика на страница 26]
Праведниот Лот и неговите ќерки биле сочувани
[Слика на страница 29]
Јаков ги ценел светите работи. Ги цениш ли и ти?