Дали Авраам навистина имал камили?
БИБЛИЈАТА вели дека фараонот му подарил на Авраам некои домашни животни, меѓу кои имало и камили (1. Мој. 12:16). Кога слугата на Авраам заминал на долг пат за Месопотамија, со себе зел „десет камили од стадото на својот господар“. Според тоа, Библијата јасно кажува дека Авраам имал камили некаде во почетокот на вториот милениум пр.н.е. (1. Мој. 24:10).
Некои не го прифаќаат ова. Во еден илустриран превод на Библијата се вели: „Одредени изучувачи се сомневаат во историската точност на овие стихови во кои се спомнати камили, бидејќи сметаат дека овие животни не биле припитомени сѐ до отприлика 1.200 год. пр.н.е., односно долго по времето на Авраам“ (New International Version Archaeological Study Bible). Според нив, библиските извештаи во кои се спомнува дека некои луѓе чувале камили пред тој период се неточни.
Но, други изучувачи тврдат дека, иако припитомувањето на камилите се раширило дури при крајот на вториот милениум пр.н.е., тоа не значи дека овие животни не биле користени и порано. Во една книга се вели: „Неодамнешните истражувања укажуваат дека во југоисточна Арабија имало припитомени камили некаде во третиот милениум [пр.н.е.]. Во почетокот, најверојатно се одгледувале поради млекото, влакната, кожата и месото, но наскоро луѓето сигурно увиделе дека можат да ги користат и како товарни животни“ (Civilizations of the Ancient Near East). Разни археолошки остатоци, како што се делови од коски, исто така одат во прилог на тоа дека луѓето чувале камили уште пред времето на Авраам.
Во врска со ова, постојат и пишани докази. Во истата книга стои: „[Камилата] се спомнува во некои списоци испишани на глинените плочки најдени на подрачјето на древна Месопотамија, а прикажана е и на неколку печати, што покажува дека таму имало вакви животни до почетокот на вториот милениум [пр.н.е.]“, односно до времето на Авраам.
Некои изучувачи сметаат дека трговците од југот на Арапскиот Полуостров што продавале темјан, користеле камили за да ги пренесат своите производи низ пустината, до Египет и Сирија, и на тој начин ги донеле на овие подрачја. Ваквата трговија најверојатно била развиена уште во 2.000 год. пр.н.е. Интересно е што во 1. Мојсеева 37:25-28 е спомнат трговски караван со Исмаелци кои дошле со камили во Египет носејќи мирислив темјан околу сто години по времето на Авраам.
Иако во почетокот на вториот милениум пр.н.е. камилите веројатно не се користеле често на древниот Блиски Исток, по сѐ изгледа доказите потврдуваат дека не биле потполно непознати. Затоа, една енциклопедија го дава следниов заклучок: „Извештаите во кои стои дека камилите се користеле во времето на патријарсите повеќе не треба да се сметаат за неточни, бидејќи постојат бројни археолошки докази дека тие биле припитомени уште пред тоа“ (The International Standard Bible Encyclopedia).