Сериозен напор — кога е благословен од Јехова?
„ПУШТИ Ме, зашто се зазори!“
„Не те пуштам додека не ме благословиш.“
„Како ти е името?“
„Јаков.“
„Отсега не ќе ти биде името Јаков, а Израел, зашто се бореше со Бога и со луѓето и победи.“ (Битие 32:26—28).
Овој мошне интересен дијалог бил резултатот од една извонредна атлетска пргавост што ја покажал 97-годишниот Јаков. Иако Библијата не го опишува како атлет, тој се борел, и тоа цела ноќ, со еден ангел. Зошто? Јаков бил длабоко заинтересиран за Јеховиното ветување на неговиот прататко — неговото наследство.
Многу години пред тоа, Јакововиот брат, Исав, го изгубил правото на првородство во замена за една чинија црвено вариво. Сега до Јаков стигнува вест дека се приближува Исав со 400 мажи. Разбирливо загрижен, Јаков бара потврда за Јеховиното ветување дека неговото семејство ќе напредува во земјата од другата страна на реката Јордан. Во склад со своите молитви, Јаков презема решителна акција. Му испраќа великодушни подароци на Исав кој наближува. Исто така, презема и одбранбени потези, така што ја поделува својата дружина на две и ги испраќа своите сопруги и децата преку плиткиот дел на реката Јавок. Со исцрпувачки напор и со многу солзи, сега продолжува да се напрега борејќи се цела ноќ со еден ангел за да „може да преколнува за милост за себе“ (Осија 12:4, NW; Битие 32:1—32).
Разгледај еден претходен пример — Рахил, втората сопруга на Јаков и негова прва љубов. Рахил е потполно свесна за Јеховиното ветување дека ќе го благослови Јаков. Нејзината сестра, Лија, првата сопруга на Јаков, е благословена со четири сина додека Рахил останува неротка (Битие 29:31—35). Наместо да се оддаде на самосожалување, таа продолжува да го преколнува Јехова во молитва и презема позитивна акција во склад со своите молитви. Како што нејзината прабаба Сара направила со Агара, Рахил ја носи кај Јаков својата слугинка Вала и му ја понудува како второстепена сопруга за, како што Рахил вели: ‚И јас да добијам деца преку неа‘.a Вала му раѓа два сина на Јаков — Дан и Нефталим. Кога Нефталим бил роден, Рахил го покажува степенот на емоционалниот напор што го вложила: „Жестоко се борев со сестра ми, ама победив“. Рахил понатаму е благословена со свои два сина, Јосиф и Венијамин (Битие 30:1—8; 35:24).
Зошто Јехова ги благословил физичките и емоционалните напори на Јаков и Рахил? Тие ја задржале Јеховината волја во фокусот и длабоко го ценеле своето наследство. Искрено се молеле за неговиот благослов во животот и презеле позитивна акција во склад со Божјата волја и со своите молби.
Како Јаков и Рахил, мнозина денес можат да посведочат дека е потребен марлив напор за да се добие Јеховиниот благослов. Тие напори честопати се проследени со солзи, обесхрабрување и фрустрација. Една христијанска мајка, Елизабет, се сеќава на сериозниот напор што бил потребен за да почне повторно редовно да присуствува на христијанските состаноци после долго отсуство. Со пет мали дечиња, сопруг неверник и 30 километри возење до најблиската Сала на Царството, тоа било предизвик. „Обидот да се стигне редовно на состаноците бараше многу самодисциплина, која знаев дека е добра за мене и за моите синови. Ова им помогна да увидат дека тоа е патот по кој вреди да се стремат.“ Јехова ги благословил нејзините напори. Од трите сина што се активни во христијанското собрание, двајца се во полновремена служба. Радувајќи се на нивниот духовен напредок таа вели: „Ме надминаа во духовниот раст“. Каков само благослов за нејзиниот сериозен напор!
Сериозен напор што Јехова го благословува
Вложувањето сериозен напор и марливото работење сигурно си донесуваат свои награди. Колку повеќе напор вложуваме во некој проект или некоја задача толку поголемо задоволство ќе добиеме за возврат. Јехова така нѐ создал. „Кога човекот јаде и пие и ужива во својот труд, и тоа е Божји дар“, напишал цар Соломон (Проповедник 3:13; 5:17, 18). Меѓутоа, за да добиеме благослов од Бог мораме да се погрижиме нашите напори да бидат исправно насочени. На пример, дали е разумно да очекуваме Јехова да го благослови начинот на живот што ги потиснува духовните работи на второ место? Може ли еден предаден христијанин да се надева на одобрување од Јехова ако прифати вработување или унапредување што би значело редовно да ги пропушта дружењето и упатствата на христијанските состаноци што ја изградуваат верата? (Евреите 10:23—25).
Живот поминат во напорна работа во стремежот по световна кариера или по материјална благосостојба не е гаранција дека некој ќе „ужива“ доколку тоа го прави на сметка на духовните работи. Во својата илустрација за сејачот, Исус ги опишал последиците од погрешно насочените напори. Во врска со семето „посеано меѓу трње“, Исус објаснил дека „тоа е оној кој ја слуша речта, но тегобната грижа на овој систем на работи и измамничката моќ на богатството ја задушуваат речта, и тој станува бесплоден“ (Матеј 13:22). Павле, исто така, предупредил на истата стапица и додал дека оние што се стремат по материјалистички правец „паѓаат во искушение и замка и во бројни безумни и штетни желби, кои ги туркаат луѓето во уништување и пропаст“. Кој е противотровот за таквиот духовно погубен начин на живот? Павле продолжил: ‚Бегајте од овие работи и својата надеж да не ја полагате во несигурно богатство, туку во Бог кој ни дава сѐ богато за наше уживање‘ (1. Тимотеј 6:9, 11, 17).
Без оглед на нашата возраст или колку долго му служиме на Јехова, сите ние можеме да извлечеме корист ако го имитираме сериозниот напор што го покажале Јаков и Рахил. Во нивниот стремеж по божествено одобрување, тие никогаш не го изгубиле од вид своето наследство, без разлика колку застрашувачки или фрустрирачки можеби биле нивните околности. Денес, притисоците и тешкотиите со кои се соочуваме може да бидат исто толку застрашувачки, фрустрирачки или дури и депримирачки. Искушението е да се предадеме во борбата и да станеме уште една жртва на Сатановиот напад. За да ги оствари своите намери, тој може да го искористи секое средство што му е на располагање, сеедно дали е тоа забава или рекреација, спорт или хоби, кариера или материјален напредок. Често се ветуваат посакуваните резултати, но тие ретко се остваруваат. Оние што се измамени или заведени да се оддадат на таквите стремежи многу често увидуваат дека, главно, тие завршуваат со разочарување. Како Јаков и Рахил од старо време, да негуваме дух на сериозни борци и да ги совладаме Сатановите сплетки.
Ѓаволот најмногу од сѐ би сакал да види како се предаваме на поразот, мислејќи дека ‚ситуацијата е безнадежна. Ништо не може да се направи. Не вреди‘. Затоа, колку само е важно сите ние да се чуваме од тоа да развиеме фаталистички став, мислејќи ‚никој не ме сака‘ и ‚Јехова ме заборавил‘. Самоуништувачки е да подлегнеме на таквите мисли. Можно ли е тоа да укажува дека сме кренале раце и дека веќе нема да се бориме додека добиеме благослов? Запамти, Јехова ги благословува нашите сериозни напори.
Продолжи да се бориш за Јеховиниот благослов
Нашето духовно добро во голема мера зависи од тоа колку ги сфаќаме двете основни вистини за нашиот живот како слуги на Јехова. 1) Никој од нас не е единствениот што има проблеми, болести или тешки ситуации во животот, и 2) Јехова ги слуша повиците на оние што искрено му се обраќаат за помош и благослов (Излез 3:7—10; Јаков 4:8, 10; 1. Петрово 5:8, 9).
Колку и да се тешки твоите околности или колку и да се чувствуваш ограничен, не се предавај на ‚гревот кој лесно нѐ заплеткува‘ — на недостигот од вера (Евреите 12:1). Продолжи да се бориш додека не добиеш благослов. Вежбај стрпливост, спомнувајќи си за остарениот Јаков кој цела ноќ се борел за благослов. Како земјоделецот кој сее напролет и чека до жетвата, стрпливо чекај Јехова да ја благослови твојата духовна активност, колку и да мислиш дека е ограничена (Јаков 5:7, 8). И, секогаш имај ги на ум зборовите на псалмистот: „Оние што сејат со солзи, жнијат со песни“ (Псалм 126:5; Галатите 6:9). Стој цврсто и остани во редовите на борците.
[Фуснота]
a Конкубинатот постоел пред сојузот на Законот, а бил признат и регулиран со Законот. Бог сметал дека не е соодветно време да го обнови првобитното мерило за моногамија што го воспоставил во Еденска градина сѐ до доаѓањето на Исус Христос, но законски ги заштитувал конкубините. Логично, конкубинатот придонесувал за побрз пораст на населението во Израел.