Прашања од читателите
Кои околности довеле до тоа Јуда да има сексуални односи со една жена за која мислел дека е блудница, како што е кажано во Битие 38:15, 16?
Иако Јуда имал сексуални односи со жена за која мислел дека е блудница, таа всушност не била блудница. Според Битие 38. поглавје, еве што се случило.
Пред да има синови со својата сопруга Тамара, првородениот син на Јуда бил погубен зашто ,се покажал зол во Јеховини очи‘ (Битие 38:7, NW). Во тоа време бил обичај деверскиот брак. Според тој обичај, кога некој маж ќе умрел без наследник, неговиот брат требало да се погрижи вдовицата да добие наследник. Но, вториот син на Јуда, Онан, одбил да ја исполни својата обврска. Затоа умрел како последица на божествена казна. Јуда тогаш ја испратил својата снаа Тамара кај татко ѝ да чека до времето кога неговиот трет син, Шела, ќе биде доволно возрасен за да се ожени со неа. Меѓутоа, како што минувало времето, Јуда не го оженил Шела со Тамара. Затоа кога починала сопругата на Јуда, Тамара смислила план да добие наследник од Јуда, Израелецот што ѝ бил свекор. Ова го направила така што се преправила како храмска проститутка и седнала покрај патот каде што знаела дека ќе помине Јуда.
Без да знае дека тоа е Тамара, Јуда имал односи со неа. Таа со итрина добила од него залог за нејзините услуги и подоцна со тоа докажала дека е бремена од него. Кога излегла вистината на виделина, Јуда не ја обвинил туку понизно рекол: „Таа е поправедна од мене, зашто не ѝ го дадов својот син Шела“. И што е уште поисправно, ,повеќе немал работа [не легнал, NW] со неа‘ (Битие 38:26).
Јуда постапил погрешно затоа што не му ја дал Тамара на својот син Шела како што ветил. Исто така, имал односи со жена за која мислел дека е храмска проститутка. Тоа било спротивно на Божјата намера, која била мажот да има сексуални односи само во брачното уредување (Битие 2:24). Но, Јуда всушност немал односи со блудница. Напротив, тој несвесно го зазел местото на својот син Шела во извршувањето на деверскиот брак и на тој начин станал татко на законско потомство.
Што се однесува до Тамара, нејзината постапка не била неморална. Нејзините синови близнаци не биле сметани како деца на блуд. Кога Воз од Витлеем ја зел во деверски брак Моавката Рута, старешините од Витлеем зборувале поволно за Фарес, синот на Тамара, велејќи му на Воз: „Твојот дом нека биде, по потомството што ќе ти го даде Господ од оваа млада жена, како домот на Фарес, кого Тамара му го роди на Јуда!“ (Рута 4:12). Фарес, исто така, е наведен меѓу предците на Исус Христос (Матеј 1:1—3; Лука 3:23—33).