СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 3
Јехова ни дава успех во сѐ
Јехова беше со Јосиф и му даваше успех во сѐ што ќе преземеше неговата рака (1. МОЈ. 39:2, 3)
ПЕСНА 30 Мојот Бог, Татко и Пријател
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1-2. а) Зошто не нѐ изненадува тоа што доживуваме неволји? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?
КАКО слуги на Јехова, воопшто не нѐ изненадува тоа што доживуваме неволји. Знаеме дека Библијата го вели следново: „Во Божјето царство ќе влеземе преку многу неволји“ (Дела 14:22). Исто така, знаеме дека некои од нашите проблеми нема потполно да се решат сѐ додека не влеземе во Божјиот нов свет во кој „смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка“ (Отк. 21:4).
2 Јехова не нѐ штити од неволји. Сепак, тој ни помага да истраеме. Забележи што им рекол апостол Павле на христијаните кои живееле во Рим. Најпрво, тој навел неколку тешкотии со кои се соочувале тој и другите браќа. Потоа напишал: „Во сето тоа надмоќно победуваме преку оној што нѐ сакаше“ (Рим. 8:35-37). Ова значи дека Јехова може да ти помага да бидеш успешен дури и додека неволјата сѐ уште трае. Да видиме како Јехова му помагал на Јосиф да биде успешен додека се соочувал со неволји, и како може да ти помогне тебе.
КОГА ЌЕ ДОЈДЕ ДО НЕОЧЕКУВАНА ПРОМЕНА
3. Која неочекувана промена се случила во животот на Јосиф?
3 Јаков многу го сакал својот син Јосиф, и тоа било очигледно за сите (1. Мој. 37:3, 4). Поради тоа, постарите синови на Јаков почнале да му љубоморат на својот брат. Кога им се укажала прилика, тие го продале Јосиф на една група мадијамски трговци. Овие трговци го одвеле Јосиф стотици километри далеку од дома, во Египет, каде што повторно бил продаден — овој пат на Петефри, кој бил заповедник на фараоновата телесна стража. Животот на Јосиф се сменил преку ноќ — од сакан син на својот татко станал обичен роб во Египет (1. Мој. 39:1).
4. Со какви неволји би можеле да се соочиме?
4 Во Библијата пишува дека „непредвидените настани го снаоѓаат секого“ (Проп. 9:11). Понекогаш доживуваме неволји со кои се соочуваат сите луѓе (1. Кор. 10:13). Или, пак, можеби страдаме само затоа што сме ученици на Исус. На пример, можеби луѓето нѐ исмејуваат, ни се противат, па дури и нѐ прогонуваат поради нашата вера (2. Тим. 3:12). Без разлика каква неволја трпиш, Јехова може да ти помогне да бидеш успешен. Како му помогнал Јехова на Јосиф?
5. До каков заклучок дошол Петефри во врска со успехот на Јосиф? (1. Мојсеева 39:2-6).
5 Прочитај 1. Мојсеева 39:2-6. Петефри забележал дека Јосиф бил способен млад човек и дека бил трудољубив. Тој знаел и зошто е тоа така. Петефри видел дека Јехова му дава на Јосиф успех во сѐ.b Со текот на времето, Петефри го поставил Јосиф за свој личен слуга. Исто така, го поставил да управува со целиот негов имот. Каков бил резултатот? Домот на Петефри бил многу благословен.
6. Како Јосиф можеби гледал на својата ситуација?
6 Обиди се да си замислиш како Јосиф гледал на ситуацијата во која се наоѓал. Што најмногу посакувал? Дали посакувал да биде забележан и награден од Петефри? Најверојатно Јосиф сакал да биде ослободен и да се врати кај својот татко. Всушност, и покрај сите привилегии што ги имал во домот на Петефри, Јосиф сѐ уште му бил роб на еден човек кој не го обожавал Јехова. Бог не го поттикнал Петефри да го ослободи Јосиф. Напротив, на Јосиф му претстоеле уште потешки денови.
АКО НАШАТА СИТУАЦИЈА СЕ ВЛОШИ
7. Во која смисла ситуацијата на Јосиф се влошила? (1. Мојсеева 39:14, 15).
7 Како што е запишано во 1. Мојсеева поглавје 39, Јосиф ѝ се допаднал на жената на Петефри и таа одново и одново се обидувала да го заведе. Но, тој секојпат ја одбивал. На крајот, таа толку се разгневила на Јосиф што го обвинила дека се обидел да ја силува. (Прочитај 1. Мојсеева 39:14, 15.) Кога чул за ова, Петефри го фрлил Јосиф во затвор каде што останал неколку години (1. Мој. 39:19, 20). За каков затвор станувало збор? Хебрејскиот збор кој Јосиф го искористил за „затвор“ може да значи „резервоар“ или „јама“, што покажува дека се наоѓал на едно мрачно место и се чувствувал безнадежно (1. Мој. 40:15, фус.). Исто така, Библијата покажува дека некое време нозете на Јосиф му биле во пранги, а вратот во синџири (Пс. 105:17, 18). Ситуацијата на Јосиф станувала сѐ полоша. Од роб кој имал привилегии во домот на својот господар, станал обичен затвореник.
8. Во што можеме да бидеме уверени дури и ако нашата ситуација уште повеќе се влоши?
8 Дали некогаш ти се случило ситуацијата уште повеќе да ти се влоши и покрај тоа што сесрдно си се молел? Тоа може да се случи. Во овој свет кој е под власта на Сатана, Јехова не нѐ штити од неволји (1. Јов. 5:19). Сепак, можеш да бидеш уверен во следново — Јехова е потполно свесен низ што минуваш и се грижи за тебе (Мат. 10:29-31; 1. Пет. 5:6, 7). Освен тоа, тој ветил: „Никогаш нема да те оставам и никогаш нема да те напуштам“ (Евр. 13:5). Јехова може да ти помогне да истраеш дури и ако твојата ситуација изгледа безнадежна. Да видиме како тоа било случај со Јосиф.
9. Што покажува дека Јехова му помагал на Јосиф додека тој бил во затвор? (1. Мојсеева 39:21-23).
9 Прочитај 1. Мојсеева 39:21-23. Дури и за време на овој тежок период додека бил во затвор, Јехова му давал успех на Јосиф. Како? Со текот на времето, Јосиф ја стекнал довербата и почитта на затворскиот управител исто како што било случај во домот на Петефри. За кратко време, затворскиот управител го поставил Јосиф да ги надгледува другите затвореници. Всушност, во Библијата пишува: „Затворскиот управител повеќе не мораше да надгледува ниту една работа што беше во негови раце“. Така Јосиф добил корисна задача која му помогнала да ги тргне мислите од својата тешка ситуација. Ова навистина било неочекувана промена. Како е можно еден затвореник кој бил обвинет дека се обидел да ја силува жената на еден дворјанин да добие една таква одговорна задача? Постои само едно објаснување. Во 1. Мојсеева 39:23 го пишува следново: „Јехова беше со Јосиф, и Јехова го круниса со успех сето она што тој го работеше“.
10. Објасни зошто можеби Јосиф не сметал дека е успешен во сѐ.
10 Повторно обиди се да замислиш како Јосиф гледал на својата ситуација. Откако бил лажно обвинет и затворен, дали мислиш дека тој сметал дека е успешен во сѐ? Што најмногу посакувал? Дали посакувал да ја стекне наклоноста на затворскиот управител? Најверојатно Јосиф сакал да биде ослободен. Тој дури побарал од друг затвореник, кој требало да биде ослободен, да зборува со фараонот за да го спаси од тоа мрачно место (1. Мој. 40:14). Сепак, овој човек не зборувал веднаш со фараонот. Поради тоа, Јосиф останал во затвор уште две години (1. Мој. 40:23; 41:1, 14). Но, Јехова продолжил и понатаму да му дава успех. Како?
11. Која посебна способност му ја дал Јехова на Јосиф, и како тоа помогнало да се изврши Јеховината намера?
11 Додека Јосиф бил во затвор, Јехова предизвикал фараонот да сони два сона што го вознемириле. Фараонот очајно сакал да го дознае нивното значење. Кога дознал дека Јосиф може да му ги протолкува соновите, тој побарал да го донесат кај него. Со Јеховина помош, Јосиф ги протолкувал соновите и го воодушевил фараонот со практичните совети што му ги дал. Откако видел дека Јехова е со овој млад човек, фараонот го поставил да се грижи за распределбата на храната во целиот Египет (1. Мој. 41:38, 41-44). Подоцна имало голем глад во Египет, но и во Ханаан, земјата во која живеело семејството на Јосиф. Така Јосиф имал можност да го спаси своето семејство и да ја зачува семејната лоза од која требало да дојде Месијата.
12. На кои начини Јехова му дал успех на Јосиф?
12 Размисли за необичните настани кои се случиле во животот на Јосиф. Кој го поттикнал Петефри да обрне внимание на Јосиф додека бил еден обичен роб? Кој го поттикнал затворскиот управител да обрне внимание на Јосиф додека бил обичен затвореник? Кој предизвикал фараонот да сони вознемирувачки сонови и кој му дал способност на Јосиф да ги протолкува? Кој го поттикнал фараонот да го постави Јосиф да се грижи за распределбата на храната во Египет? (1. Мој. 45:5). Очигледно, Јехова е тој што му дал на Јосиф успех во сѐ. Јехова го осуетил злобниот план на браќата на Јосиф и ја искористил ситуацијата за да ја исполни својата намера.
КАКО ЈЕХОВА ТИ ДАВА УСПЕХ ТЕБЕ
13. Дали Јехова се вмешува во секоја ситуација со која се соочуваме? Објасни.
13 Што можеме да научиме од извештајот за Јосиф? Дали Јехова се вмешува во секоја ситуација во која ќе се најдеме? Дали тој управува со секој настан во нашиот живот, што би значело дека сите лоши работи се случуваат со добра причина? Не, Библијата не го поддржува ова гледиште (Проп. 8:9; 9:11). Сепак, го знаеме следново — кога се соочуваме со некоја неволја, Јехова е свесен за тоа и ги слуша нашите повици за помош (Пс. 34:15; 55:22; Иса. 59:1). Што е уште поважно, Јехова може да ни помогне успешно да се справиме со тешкотиите. Како?
14. Како Јехова ни помага кога минуваме низ тешки ситуации?
14 Еден начин на кој Јехова ни помага е така што ни дава утеха и охрабрување, и тоа честопати во вистинскиот момент (2. Кор. 1:3, 4). Тоа било случај и со Езис, еден брат од Туркменистан, кој бил осуден на две години затвор поради својата вера. Тој вели: „Утрото кога беше моето судење, еден брат ми ги покажа зборовите од Исаија 30:15 каде што пишува: ’Зачувајте ги мирот и довербата, тоа ќе биде вашата сила‘. Овој стих секогаш ми помагаше да останам смирен и да се потпирам на Јехова. Тоа што длабоко размислував за овие зборови ми помагаше во текот на целиот период додека бев во затвор“. Можеш ли да се сетиш на некој период од твојот живот кога Јехова ти помагал така што ти давал утеха и охрабрување токму тогаш кога најмногу ти биле потребни?
15-16. Што учиш од она што го доживеала Тори?
15 Честопати сфаќаме како Јехова ни помагал да се справиме со некоја неволја дури откако таа завршила. Ова го сфатила и една сестра по името Тори. Нејзиниот син Мејсон се борел со рак шест години сѐ до својата смрт. Сосема е разбирливо што Тори била скршена од болка. Таа вели: „Мислам дека за мене како мајка не би можело да има ништо потешко“. Таа додава: „Сигурна сум дека и други родители ќе се согласат дека потешко е да го гледаш твоето дете како страда отколку самиот да страдаш“.
16 Иако Тори поминала низ многу тешка ситуација, таа подоцна размислувала како Јехова ѝ помагал да истрае. Таа вели: „Кога ќе се присетам на тој период, сфаќам колку многу Јехова со љубов ми помагаше додека мојот син беше болен. На пример, дури и кога Мејсон беше толку болен што не можеше да прима посети, браќата и сестрите возеа два часа до болницата. Во чекалната секогаш имаше некој што беше спремен да ни пружи поддршка. Исто така, браќата и сестрите секогаш се грижеа за нашите материјални потреби. Дури и во најтешките моменти имавме сѐ што ни беше потребно“. Јехова ѝ го дал на Тори сето она што ѝ било потребно за да истрае, а истото го направил и за Мејсон. (Види ја рамката „Јехова ни го даваше токму она што ни беше потребно“.)
РАЗМИСЛУВАЈ ЗА БЛАГОСЛОВИТЕ
17-18. Што ќе ти помогне да бидеш свесен и благодарен за поддршката што Јехова ти ја дава за време на некоја неволја? (Псалм 40:5)
17 Прочитај Псалм 40:5. Целта на еден планинар е да се искачи на врвот од планината. Сепак, по патеката може да застане на многу места и да ужива во прекрасните глетки. Слично на тоа, редовно одвојувај си време да застанеш и да размислиш како Јехова ти дава успех дури и додека некоја неволја сѐ уште трае. На крајот од секој ден, прашај се: „Каков благослов ми даде Јехова денес? Иако неволјата сѐ уште трае, како Јехова ми помага да истраам?“ Обиди се да најдеш барем еден благослов кој покажува дека Јехова ти дава успех.
18 Можеби го молиш Јехова да заврши твојата тешка ситуација. Тоа е сосема разбирливо и соодветно (Фил. 4:6). Но, во исто време, треба да ги имаш на ум и благословите што Јехова ти ги дава уште сега. Јехова ветува дека ќе ти дава сила и дека ќе ти помага да истраеш. Затоа, секогаш биди благодарен за она што Јехова го прави за тебе. Така ќе можеш да видиш како Јехова ти дава успех исто како што му дал на Јосиф дури и во време на неволја (1. Мој. 41:51, 52).
ПЕСНА 32 Стој на Јеховината страна!
a Кога минуваме низ некоја тешка неволја, можеби не сметаме дека постигнуваме некаков успех. Можеби си мислиме дека ќе може да се каже дека сме успешни дури откако неволјата ќе заврши. Сепак, од она што му се случило на Јосиф учиме нешто многу важно — Јехова може да ни помага и да ни дава успех дури и додека трае некоја неволја. Во оваа статија ќе видиме како тој го прави тоа.
b Овие промени што Јосиф ги доживеал откако почнал да служи како роб, во Библијата се опишани само во неколку стихови, но тие можеби се случувале во период од неколку години.