Прашања од читателите
Многу Јеховини сведоци ја одбележуваат годишнината на бракот. Роденденот е годишнина на раѓањето. Тогаш, зошто се прославуваат годишнините на бракот, а годишнините на роденденот не се прославуваат?
Искрено речено, нема потреба христијанинот да го прославува ниту едното ниту другото. Сепак, тоа не значи дека тие се еднакви по важност или дека на првото (годишнините на бракот) христијаните треба да гледаат како што гледаат на роденденските прослави.
Како што беше забележано, може да се рече дека обете се годишнини бидејќи „годишнина“ е ‚годишно враќање на датум кој означува некој настан‘. Би можело да има годишнина на кој и да е настан — денот кога си имал автомобилска несреќа, кога си видел затемнување на месечината, кога си бил на пливање со семејството итн. Јасно е дека христијаните не ја претвораат секоја „годишнина“ во посебен ден ниту, пак, прават забава за да ја прослават. Треба да се разгледаат аспектите на настанот и да се одреди што е прикладно.
На пример, Бог конкретно ги поучил Израелците секоја година да го прославуваат денот кога неговиот ангел поминал над куќите на Израелците во Египет, како и егзодусот на неговиот народ после тоа, во 1513 пр. н. е. (2. Мојсеева 12:14). Кога Евреите, вклучувајќи го и Исус, подоцна ја одбележувале годишнината на тој настан, тоа било во знак на послушност на Божјето упатство, и не го правеле тоа со забава или со давање подароци. Исто така, Евреите ја сметале за посебна годишнината на повторното посветување на храмот. Иако одбележувањето на овој историски настан не било заповедано во Библијата, Јован 10:22, 23 укажува дека Исус не критикувал кога се правело тоа. Конечно, христијаните имаат еден специјален состанок на годишнината на Исусовата смрт. Се разбира, тоа се прави од послушност кон една јасна заповед која се наоѓа во Божјата Реч (Лука 22:19, 20).
А што е со годишнините на бракот? Во некои земји е вообичаено сопругот и сопругата да обрнат внимание на годишнината на нивното стапување во брак, подготовка која потекнува од Бог (1. Мојсеева 2:18—24; Матеј 19:4—6). Секако, Библијата не го става бракот во лошо светло. Самиот Исус присуствувал на една свадбена прослава и придонел за угодноста на таа прилика (Јован 2:1—11).
Според тоа, не би било чудно ако можеби некоја двојка на годишнината на бракот одвои време за да размисли за радоста на тој настан и за својата решеност да работи на тоа да успее како двојка. Дали на оваа среќна прилика ќе се сосредоточи приватно, само како двојка, или ќе има со себе неколку роднини или блиски пријатели, самата ќе одлучи. Приликата не треба да стане чист изговор за еден голем друштвен собир. Во таа прилика, христијаните ќе сакаат да се водат според начелата кои секојдневно ги применуваат во својот живот. Затоа, дали ќе обрнеме внимание на годишнината на бракот или не, тоа е лична работа (Римјаните 13:13, 14).
Но, што е со обрнувањето посебно внимание на роденденот? Дали во Библијата имаме некакви показатели во врска со таквата годишнина?
Па, во почетокот на овој век, Библиските студенти — како што тогаш биле познати Јеховините сведоци — обрнувале внимание на родендените. Многумина од нив воделе евиденција во едни мали книги наречени Секојдневна небесна мана. Тие содржеле библиски стих за секој ден, и многу христијани ставале по една малечка фотографија на страниците кои одговарале на родендените на останатите Библиски студенти. Исто така, Стражарска кула од 15 февруари 1909 известила дека на еден конгрес во Џексонвил (Флорида, САД) брат Расел — тогашниот претседател на Заедницата — бил изведен на подиумот. Зошто? Му бил даден еден изненадувачки роденденски подарок — неколку кутии полни со грејпфрут, ананас и портокали. Тоа ни дава краток преглед на минатото. За да ги ставиме работите во нивниот контекст, сети се дека во тој период Библиските студенти го одбележувале и 25 декември како годишнина на Исусовото раѓање, односно роденден. Дури било вообичаено да се има божиќна вечера во бруклинската централа.
Се разбира, оттогаш па наваму Божјиот народ духовно пораснал во многу погледи. Во 1920-тите, зголемената светлина на вистината им овозможила да го увидат следново:
Исус не бил роден на 25 декември, датум кој е поврзан со паганската религија. Библијата нѐ упатува да го одбележуваме датумот на Исусовата смрт, а не годишнината на неговото раѓање или раѓањето на некој друг. Тоа е во склад со Проповедник 7:1 и со фактот дека поважно од денот на неговото раѓање е тоа како ќе се покаже животот на некое верно лице. Во Библијата не постои запис дека некој верен слуга славел роденден. Таа известува за роденденски прослави на пагани, поврзувајќи ги тие прилики со сурови постапки. Да ја разгледаме заднината на тие роденденски годишнини.
Прв е роденденот на фараонот во времето на Јосиф (1. Мојсеева 40:20—23). Во врска со тоа, статијата за родендени во Encyclopædia of Religion and Ethics на Хејстинг започнува вака: „Обичајот да се одбележува денот на раѓањето по својот облик е поврзан со пресметувањето на времето, а по својата содржина — со извесни првобитни религиозни начела“. Понатаму, енциклопедијата го цитира египтологот сер Џ. Гарднер Вилкинсон, кој напишал: „Секој Египќанец му придавал голема важност на денот, па дури и на часот на своето раѓање; и веројатно е дека, како и во Персија, секој поединец го одбележувал својот роденден со голема веселба, прием на пријателите со сите забави на општеството, и со повеќе од вообичаено изобилие на деликатеси на масата“.
Друга роденденска прослава која е спомната во Библијата е онаа на Ирод, кога му била отсечена главата на Јован Крстител (Матеј 14:6—10). The International Standard Bible Encyclopedia (издание од 1979) го дава овој увид: „Предхеленистичките Грци ги прославувале родендените на боговите и на угледните мажи. Г[рчкио]т збор гене́тлија ги означувал тие прослави, додека гене́зија значел прослава која го одбележувала роденденот на некој важен поединец кој починал. Во 2. Макаве[јците] 6:7 наоѓаме осврнување на една месечна гене́тлија на Антиох IV за чие време Евреите биле присилувани да ‚принесуваат идолски жртви‘ . . . Кога Ирод го прославувал својот роденден, тој постапувал во склад со еден хеленистички обичај; не постои доказ за роденденски прослави во Израел во предхеленистичките времиња“.
Мора да се признае дека вистинските христијани денес не се преокупирани со корените и можните врски на секоја практика или обичај со древната религија но ниту, пак, се склони да ги игнорираат умесните показатели кои постојат во Божјата Реч. Тие го вклучуваат фактот дека единствените роденденски прослави во библискиот запис се прослави на пагани и се поврзани со случаи на суровост. Според тоа, Писмото јасно ги става роденденските прослави во негативна светлина, факт кој искрените христијани не го занемаруваат.
Значи, иако е сосема приватна работа дали христијаните ќе изберат да обрнат внимание на својата годишнина на бракот, сепак постојат добри причини зошто зрелите христијани се воздржуваат од славење родендени.