Побожни семејства од минатото — пример за нашето време
СЕМЕЈСТВОТО — Соединетите Американски Држави се обидоа да го насочат врз него вниманието на светот. На кој начин? Со тоа што 1994 година ја прогласија за „Меѓународна година на семејството“. Иако светските водачи, социолози и семејни советници брзо се жалат поради порастот на бројот на вонбрачни деца и поради сѐ поголемата стапка на разводи, тие споро доаѓаат до изводливи и реални решенија за таквите проблеми.
Можно ли е Библијата да има решенија за семејните проблеми? На некои луѓе може да им изгледа наивно кога ќе им се предложи дека Библијата би можела да им биде од помош на денешните семејства. На крајот на краиштата, таа била пишувана пред многу векови и тоа во средината и културата на Средниот Исток. Но денес, во повеќето делови од светот, животот драстично се променил во однос на животот од библиските времиња. Па сепак, Библијата ја инспирирал Јехова Бог, оној кому секое семејство му го должи своето име (Ефесјаните 3:14, 15; 2. Тимотеј 3:16). Што вели Библијата за семејните проблеми?
Јехова точно знае што е потребно за да се направи семејниот живот да биде пријатен и исполнет. Според тоа, неговата Реч, Библијата, има многу нешто да каже за семејниот живот, и тоа во вид на опомени. Библијата исто така содржи примери на семејства кои ги применувале божествените начела. Како резултат на тоа, тие уживале вистинска блискост и задоволство. Ајде да го разгледаме семејниот живот во библиските времиња и да видиме какви поуки можеме да добиеме.
Поглаварството — тешкотија?
На пример, разгледај како било со поглаварството во семејството. Во времето на патријарсите, мажите како што се Авраам, Исак и Јаков, биле неоспорни „патријарси“ (Дела 7:8, 9; Евреите 7:4). Делото The New Manners and Customs of Bible Times (Новите навики и обичаи од библиските времиња) од Ралф Говер, вели: „Семејството било . . . едно ‚мало царство‘ со кое владеел таткото. Тој управувал со жената, децата, внуците и слугите — со секој кој му припаѓал на домаќинството“. Навистина, патријарсите честопати имале авторитет и над семејствата на своите синови. (Спореди 1. Мојсеева 42:37.)
Зарем ова не им дава право на мажите да ги угнетуваат своите жени и деца? Воопшто не. Вистина е тоа дека на првата жена, Ева, Бог ѝ рекол: „Ќе бидеш под власта на мажот свој, а тој ќе ти биде господар“ (1. Мојсеева 3:16). Со овие зборови е опишано во каква положба ќе бидат мажените жени воопшто, но тоа не значи дека така треба да биде и меѓу Божјите вистински обожаватели. Богобојазливите сопрузи требало да ја имаат на ум Јеховината првобитна намера. Јехова ја создал жената за да му биде „помошник како негово дополнување“, а не негов роб (1. Мојсеева 2:20, НС). Бидејќи побожните мажи од раните времиња ја увиделе својата сопствена подложност и одговорност пред Бог, тие не го злоупотребувале својот авторитет. Далеку од тоа да се однесуваат со своите сопруги и деца како со обични робови, богобојазливите патријарси им покажувале вистинска љубов и наклоност.
Еден увид за љубовта што децата вообичаено ја добивале е даден во 1. Мојсеева 50:23. Во врска со правнуците на Јосиф, таму се вели: „Се родија на колената Јосифови“. Иако ова може едноставно да значи дека Јосиф ги признал децата како свои потомци, тоа би можело да покажува и дека тој со љубов си играл со децата, нишајќи ги на своите колена. И денес татковците постапуваат исправно ако им изразуваат таква љубов на своите деца.
Како семејни поглавари, богобојазливите патријарси се грижеле и за духовните потреби на своите семејства. Кога излегол од арката после општиот Потоп, „Му направи Ное жртвеник на Господа . . . и принесе на жртвеникот жртви сепаленици“ (1. Мојсеева 8:20; спореди Јов 1:5). Верниот патријарх Авраам дал добар пример со тоа што лично ги поучувал членовите на своето семејство. Тој ‚им заповедал на синовите свои и на домот свој по себе, да одат по патот Господен и да извршуваат правда и суд‘ (1. Мојсеева 18:19). На тој начин, љубезното поглаварство придонело за емоционалното и за духовното добро на семејствата.
Христијанските мажи денес го следат тој пример. Тие предводат во поглед на обожавањето на тој начин што им помагаат на своите семејства да се држат за Божјите барања, како и на тој начин што и самите даваат добар пример (Матеј 28:19, 20; Евреите 10:24, 25). Исто како патријарсите, и христијанските сопрузи и татковци одвојуваат време за да им дадат лична поука на членовите на своите семејства.
Одлучно постапување
Откако конечно му исплатил на својот тест голем долг, патријархот Јаков прашал: „Па кога и јас за себе така куќа ќе куќам?“ (1. Мојсеева 30:30). Како сите други татковци, и Јаков почувствувал колкав притисок создава задоволувањето на материјалните потреби на семејството, и затоа напорно работел за нив. Прва Мојсеева 30:43 вели: „Тој човек се збогати многу, многу, та имаше многу ситен добиток и крупен, слугинки и слуги и камили и осли“.
Меѓутоа, неколку години подоцна, откако Јаков се преселил во Хананската земја, очигледно не знаел дека неговата ќерка Дина стекнала опасна навика да се дружи со паганските Хананејциa (1. Мојсеева 34:1). Исто така, тој пропуштил да дејствува кога дознал дека во неговото домаќинство има пагански религиозни предмети. Па сепак, по трагичното силување на Дина од страна на еден Хананеец, Јаков постапил одлучно. „Исфрлете ги идолите, што се кај вас, па исчистете се и преоблечете се“, наредил тој (1. Мојсеева 35:2-4).
Христијанските татковци мораат да бидат будни кога станува збор за духовноста на нивните семејства. Ако постојат сериозни закани за духовното добро на семејството, како што е присуство на неморална литература или нездрава музика во домот, тие мораат да постапуваат одлучно.
Интересно е тоа што верните жени, како што биле Сара, Ревека и Рахил, исто така имале значително влијание во семејството. Иако им биле подложни на своите сопрузи, тие не се воздржувале да преземат иницијатива кога тоа било соодветно и неопходно. На пример, 2. Мојсеева 4:24-26 ни кажува дека, кога Мојсеј и неговото семејство оделе во Египет, „го сретна Ангел Господов и сакаше да го убие [Мојсеевиот син]“. Очигледно дека Мојсеевиот син се наоѓал во опасност да биде погубен поради тоа што Мојсеј пропуштил да го обреже. Сепфора брзо дејствувала и го обрежала својот син. Како резултат на тоа, ангелот си отишол. И христијанските жени денес можат да преземат иницијатива кога ситуацијата покажува дека тоа е потребно.
Татковска поука под Мојсеевиот закон
Во 1513 година пр.н.е., кога Израел станал нација, завршило времето на патријарсите (2. Мојсеева 24:3-8). Татковците и понатаму служеле како поглавари на семејството. Меѓутоа, семејниот закон бил подложен на националниот Закон што Бог му го дал на Мојсеј, а го спроведувале наименувани судии (2. Мојсеева 18:13-26). Левитското свештенство ги презело жртвените аспекти на обожавањето. Па сепак, таткото продолжил да игра важна улога. Мојсеј советувал: „Овие зборови, што ти ги заповедам денес, да бидат во срцето твое и во душата твоја; и пренесувај им ги на децата свои и говори за нив, кога седиш дома и кога си на пат, кога си легнуваш и кога стануваш“ (5. Мојсеева 6:6, 7).
Законот давал прилики, како што била Пасхата, на кои можело да се даде поука и формално и неформално. Додека наближувал денот на Пасхата, 14 низан, еврејските семејства почнувале да се подготвуваат за своето вообичаено патување во Ерусалим (5. Мојсеева 16:16; спореди Лука 2:41). Кое дете не би било обземено од возбудливоста на таквите подготовки? Веќе и самото патување би причинувало задоволство. Дотогаш завршувала сезоната на дождови, а пролетното сонце почнувало да го одзема зимското студенило од воздухот. Со топењето на снеговите на планината Хермон, реката Јордан би ги преплавила своите брегови.
По патот, татковците можеле да ги поучуваат своите деца не само за географијата на нивната земја туку и за богатата историја поврзана со местата низ кои можеби би поминале. Тоа би можело да ги вклучува планините Гебал и Гаризим, каде што биле читани проклетствата и благословите на Законот. Исто така, можеби би поминале и покрај Ветил, каде што Јаков ја имал визијата за небеската скала. Какви ли возбудливи дискусии би произлегле од сето тоа! Со самото патување и со тоа што на семејните групи им се придружувале патници и од други делови на земјата, сите би уживале во изградувачко друштво.
На крајот, семејството би влегло во Ерусалим, „врв на убавината“ (Псалм 49:2). Научникот Алфред Едершим вели: „Многумина од овие поклоници мора да се улогорувале надвор од ѕидините на градот. Оние кои се сместувале во градот, биле великодушно прифаќани“. Да, младите Евреи добивале директна поука за братска љубов и гостопримство. И денес, годишните конгреси на Јеховините сведоци служат за слична цел.
Конечно би пристигнал 14 низан. Пасхалното животно би било заклано и би се печело неколку часа. Нешто пред полноќ, семејството би го јадело јагнето, бесквасниот леб и горчливите тревки. Според обичајот, синот би запрашал: „Каква ви е таа служба?“ Тогаш татковците би дале формална поука, велејќи: „Тоа е Пасхална жртва на Господа, кога ги одмина куќите на синовите Израилеви во Египет, убивајќи ги Египтјаните, а домовите наши ги зачува“ (2. Мојсеева 12:26, 27; 13:8).
Израелскиот цар Соломон рекол: ‚Има време кога се смее и време кога се игра‘ (Проповедник 3:4). На израелските деца им било допуштено време за рекреација. Очигледно е дека Исус Христос ги набљудувал децата додека играле на пазариштата (Захарија 8:5; Матеј 11:16). А не било необично за родителите кои имале доволно средства да организираат угодни семејни седенки на кои имало пеење, играње и гостење (Лука 15:25). На сличен начин, и христијанските родители денес преземаат иницијатива да им овозможат на своите деца здрава рекреација и здраво друштво.
Мајките и децата во еврејското општество
Каква улога играле мајките под Мојсеевиот закон? Во Изреки 1:8 било заповедано: „Слушај ја, синко, поуката на татка си и не го отфрлај заветот на мајка си“. Во рамките на авторитетот на нејзиниот сопруг, еврејската жена го применувала во семејниот живот она што Бог го барал од неа. Дури и откако ќе остарела, нејзините деца требало да ја почитуваат (Изреки 23:22).
Мајката имала голем удел и во воспитувањето на децата. Речиси само таа се грижела за бебето сѐ додека не било доволно големо за да престане да го дои, а без сомнение тоа доведувало до блиска врска меѓу мајката и детето (Исаија 49:15). Татковците ги поучувале своите синови за некој занает, а мајките ги поучувале ќерките за домашни вештини. Но и мајките имале големо влијание врз синовите. На пример, царот Лемуил имал корист од ‚зборовите со кои го поучила неговата мајка‘ (Изреки 31:1).
Способната еврејска жена имала значителен удел и во ‚надгледувањето на домаќинството‘. Според Изреки 31:10-31, таа можеби набавувала залихи за домаќинството, склучувала договори за недвижнини, а водела дури и ситна трговија. За сопругот кој бил исполнет со ценење, нејзината вредност била „поскапа и од најскапоцените камења“!
Пример за денес
Во библиските времиња, семејното уредување делувало на емоционалниот и на духовниот раст на сите негови членови. За да имаат корист нивните семејства, татковците требало да го спроведуваат својот авторитет на љубезен начин. Требало да преземат водство во обожавањето. И татковците и мајките покажувале заинтересираност за децата — ги поучувале и ги воспитувале, го обожавале Бог заедно со нив и се грижеле за нивната рекреација. Побожните мајки покажале дека се скапоцени помошнички кои го почитуваат поглаварството на своите сопрузи додека преземале иницијатива во корист на своите семејства. Послушните деца им донесувале радост и на родителите и на Јехова Бог. Навистина, богобојазливите семејства од библиските времиња се одличен пример за нашево време.
[Фуснота]
a Треба да се забележи дека претходно Јаков презел одлучни чекори за да го заштити своето семејство од влијанието на Хананејците. Тој изградил олтар, без сомнение во стил со кој се издвојувал од хананските соседи (1. Мојсеева 33:20; 2. Мојсеева 20:24, 25). Понатаму, го поставил својот камп надвор од градот Сихем и обезбедил свој сопствен довод на вода (1. Мојсеева 33:18; Јован 4:6, 12). Од сето тоа Дина можела да биде доволно свесна за желбата на Јаков да не се дружи со Хананејците.
[Слика на страница 23]
Твоето семејство може да биде среќно исто онака како што биле среќни и семејствата кои го обожавале Јехова во библиските времиња