Што вели Библијата
Што значи да го свртиш и другиот образ?
ВО СВОЈАТА позната Проповед на Гората, Исус Христос рекол: „Не спротивставувајте му се на оној што е злобен. Напротив, ако некој ти удри шлаканица по десниот образ, сврти му го и другиот“ (Матеј 5:39).
Што сакал да каже со тоа? Дали ги поттикнувал христијаните да бидат пасивни жртви? Дали од нив се очекува молчешкум да страдаат и да не бараат правна заштита?
Што мислел Исус
За да сфатиме што мислел Исус, мораме да ги земеме предвид контекстот на неговата изјава и луѓето на кои им се обратил. Пред да го даде советот цитиран погоре, Исус спомнал нешто од Светото писмо што на овие луѓе веќе им било познато. Тој кажал: „Сте чуле дека било речено: ‚Око за око и заб за заб‘“ (Матеј 5:38).
Стиховите на кои укажал Исус се 2. Мојсеева 21:24 и 3. Мојсеева 24:20. Интересно е тоа што, во склад со Божјиот закон, правилото „око за око“, спомнато во овие стихови, требало соодветно да се примени само ако на прекршителот му била изречена пресуда од страна на свештеници и судии кои зеле предвид во какви околности бил извршен престапот и дали бил намерен (5. Мојсеева 19:15-21).
Со текот на времето, Евреите ја извртиле примената на законот. Во својот осврт на Библијата од 19 век, Адам Кларк вели: „Изгледа дека Евреите почнале да го користат овој закон [око за око, заб за заб] како оправдание за својата огорченост и одмаздољубивост. Омаздата честопати била претерана и луѓето возвраќале со поголемо зло отколку што им било нанесено“. Меѓутоа, Библијата не ја одобрува личната одмазда.
Тоа што во својата Проповед на Гората Исус поучувал ‚да се сврти и другиот образ‘ го одразува вистинскиот дух на Божјиот закон што му бил даден на Израел. Исус не рекол дека ако неговите следбеници добијат шлаканица по едниот образ, треба да стојат мирно и да чекаат да ги удрат и по другиот. Во библиски времиња, а честопати и денес, целта на една шлаканица не е да се нанесе физичка повреда, туку да се навреди, да се испровоцира некој.
Според тоа, Исус сакал да каже дека кога едно лице се обидува да испровоцира некого со дословна шлаканица или со зајадлив сарказам, другиот не треба да му возврати. Наместо тоа, треба да се обиде да спречи да дојде до непрекинат круг на одмазднички напади (Римјаните 12:17).
Исусовите зборови се многу слични со оние на цар Соломон, кој напишал: „Не вели: ‚Како што тој ми направи мене, така и јас ќе му направам нему. Секому ќе му вратам според неговите дела‘“ (Изреки 24:29). Еден следбеник на Исус ќе го сврти и другиот образ во таа смисла што нема „да се кара“ (2. Тимотеј 2:24).
Што да се каже за самоодбраната?
Советот да се сврти другиот образ не значи дека еден христијанин не треба да се брани ако биде физички нападнат. Исус не рекол дека никогаш не треба да се браниме, туку дека никогаш не треба да нападнеме некого, односно дека не треба да дозволиме да бидеме испровоцирани да му вратиме. Иако е мудро секогаш кога е можно да се повлечеме за да избегнеме тепачка, сосема е во ред да преземеме нешто за да се заштитиме и да побараме помош од полицијата ако сме жртва на криминал.
Првите следбеници на Исус исправно го примениле истото начело кога ги бранеле своите законски права. На пример, апостол Павле се потпрел на правниот систем од негово време за да го заштити своето право да проповеда — задача што Исус им ја дал на своите следбеници (Матеј 28:19, 20). Додека проповедал во градот Филипи, Павле и еден друг мисионер по име Сила биле уапсени од страна на властите и биле обвинети дека го прекршуваат законот.
Потоа биле јавно камшикувани и затворени без никакво судење. Кога му се укажала прилика, Павле се повикал на правата што ги имал како римски граѓанин. Откако дознале дека е римски граѓанин, властите се уплашиле од последиците и ги молеле Павле и Сила да си заминат без да им прават проблеми. Со тоа, Павле ни дал пример во „одбраната и во законското потврдување на правото да се проповеда добрата вест“ (Дела 16:19-24, 35-40; Филипјаните 1:7).
Исто како Павле, Јеховините сведоци секогаш одново биле принудувани да поведат судски спор за да го одбранат своето право да му служат на Бог. Ова било случај дури и во земји кои тврдат дека нивните граѓани уживаат религиозна слобода. Истото важи и кога станува збор за криминалот или за личната безбедност — од Јеховините сведоци не се очекува да го свртат другиот образ така што ќе трпат малтретирање без да се бранат. Тие преземаат правни мерки за да се одбранат.
Значи, како христијани, Сведоците со право преземаат сѐ што е потребно за да им се потврдат извесни законски права, иако се свесни дека таквите мерки честопати имаат само ограничен успех. Затоа, исто како Исус, му ги препуштаат овие работи на Бог, уверени дека Тој ќе дејствува земајќи ги предвид сите факти и дека секоја одмазда од Негова страна ќе биде израз на совршена правда (Матеј 26:51-53; Јуда 9). Вистинските христијани имаат на ум дека само Јехова има право да се одмаздува (Римјаните 12:17-19).
ШТО МИСЛИШ?
● Кои постапки треба да ги избегнуваат христијаните? (Римјаните 12:17)
● Дали Библијата забранува да бараме правна заштита? (Филипјаните 1:7)
● Каква доверба имал Исус во својот Татко? (Матеј 26:51-53)