Јеховината реч е жива
Врвни точки од книгата Излез
ОВА е вистинска приказна за избавувањето на оние што биле присилени на „ропска работа“ (Излез 1:13, NW). Тоа е и возбудлив извештај за раѓањето на една нација. Восхитувачките чуда, извонредното законодавство и изградбата на табернакулот се некои од нејзините интересни карактеристики. Ова, во основа, е содржината на библиската книга Излез.
Во Излез, напишана од еврејскиот пророк Мојсеј, се раскажани искуствата на Израелците во период од 145 години — од смртта на Јосиф во 1657 пр.н.е. до завршувањето на табернакулот во 1512 пр.н.е. Но, извештајот е повеќе отколку само историја. Тој е дел од Божјата реч, или порака, до човештвото. Како таков, тој е ,жив и врши силно влијание‘ (Евреите 4:12). Според тоа, Излез има големо значење за нас.
„БОГ ГО ЧУ НИВНОТО ВИКАЊЕ ЗА ПОМОШ“
Бројот на потомците на Јаков што живеат во Египет толку брзо се зголемува што, по царски налог, мораат да страдаат како робови. Фараонот дури наредува да бидат убиени сите израелски машки деца. Едно тримесечно бебе, Мојсеј, го избегнува тоа и е посвоено од ќерката на фараонот. Иако е воспитан во царскиот дом, на 40 години Мојсеј застанува на страната на својот народ и убива еден Египќанец (Дела 7:23, 24). Принуден да бега, Мојсеј оди во Мадијам. Таму се жени и живее како пастир. Кај една грмушка што гори на чудесен начин, Јехова му дава налог на Мојсеј да се врати во Египет за да ги изведе Израелците од ропство. Неговиот брат, Арон, е наименуван како негов говорник.
Одговорени библиски прашања:
3:1 — Каков свештеник бил Јотор? Во времето на патријарсите, семејниот поглавар служел како свештеник на своето семејство. Јотор очигледно бил патријархален поглавар на едно мадијамско племе. Бидејќи Мадијамците биле потомци на Авраам преку Хетура, можеби биле запознаени со обожавањето на Јехова (Битие 25:1, 2).
4:11 — Во која смисла Јехова ,го прави човекот нем или глув, или го ослепува‘? Иако во некои прилики Јехова предизвикал слепило или немост, тој не е одговорен за секој случај на таков хендикеп (Битие 19:11; Лука 1:20—22, 62—64). Тоа е последица од наследениот грев (Јов 14:4; Римјаните 5:12). Меѓутоа, бидејќи Бог дозволил ваквата ситуација да постои, тој може за себе да рече дека „прави“ некој да биде нем, глув или слеп.
4:16 — Како требало Мојсеј ,да му биде место [како, NW] Бог‘ на Арон? Мојсеј бил застапник на Бог. Според тоа, Мојсеј му станал „како Бог“ на Арон кој зборувал како застапник на Мојсеј.
Поуки за нас:
1:7, 14. Јехова го поддржувал својот народ додека бил угнетуван во Египет. На сличен начин, ги поддржува и своите современи Сведоци, дури и кога се соочени со жестоко прогонство.
1:17—21. Јехова си спомнува за нас „за добро“ (Неемија 13:31).
3:7—10. Јехова реагира на повиците на неговиот народ.
3:14. Јехова непогрешливо ги исполнува своите намери. Затоа можеме да бидеме уверени дека нашите библиски темелени надежи ќе станат стварност.
4:10, 13. Мојсеј покажал толку голем недостиг на доверба во својата способност да зборува што дури и кога бил уверен дека има поддршка од Бог, го молел да испрати некој друг да зборува со фараонот. Сепак, Јехова го употребил Мојсеј и му ги дал потребната мудрост и сила за да ја изврши својата задача. Наместо да се концентрираме на нашите недостатоци, да се потпреме на Јехова и верно да го извршиме нашиот налог да проповедаме и да поучуваме (Матеј 24:14; 28:19, 20).
ВОСХИТУВАЧКИ ЧУДА ДОНЕСУВААТ ИЗБАВУВАЊЕ
Мојсеј и Арон доаѓаат пред фараонот и го замолуваат да им дозволи на Израелците да одат во пустелијата за да прослават еден празник во чест на Јехова. Египетскиот владетел дрско одбива. Јехова го користи Мојсеј за да му нанесе еден силен удар по друг. Дури по десеттата неволја фараонот ги пушта Израелците да си одат. Меѓутоа, набрзо потоа, тој и неговите воени сили тргнуваат во жестока потера по нив. Но, Јехова отвора премин низ Црвеното Море и го избавува својот народ. Египќаните што ги гонат се дават кога Црвеното Море се затвора над нив.
Одговорени библиски прашања:
6:3 — Во која смисла Божјето име не им било откриено на Авраам, на Исак и на Јаков? Овие патријарси го користеле Божјето име и добиле ветувања од Јехова. Сепак, тие не го запознале, ниту, пак, имале искуство со Јехова како оној што предизвикува тие ветувања да се исполнат (Битие 12:1, 2; 15:7, 13—16; 26:24; 28:10—15).
7:1 — Како Мојсеј му станал „Бог на фараонот“? На Мојсеј му биле дадени божествена моќ и авторитет над фараонот. Затоа, немало потреба да се плаши од тој цар.
7:22 — Каде нашле египетските свештеници вода што не била претворена во крв? Можеби користеле вода што била земена од Нил пред да се случи неволјата. Пивка вода изгледа можела да се најде и со копање бунари во влажната земја околу Нил (Излез 7:24).
8:26, 27 — Зошто Мојсеј рекол дека израелските жртви ќе бидат „нечисти [одвратни, NW] за Египетците“? Во Египет биле обожавани голем број различни животни. Затоа, тоа што жртвите биле спомнати дало поголема сила и убедливост на настојувањето на Мојсеј да им биде дозволено на Израелците да заминат за да му принесат жртви на Јехова.
12:29 — Кои биле сметани за првороденци? Во првороденците биле вклучени само машките (Броеви 3:40—51). Фараонот, кој и самиот бил првороден, не бил убиен. Тој имал свое домаќинство. Како последица од десеттата неволја не умирал семејниот поглавар туку првородениот син во домаќинството.
12:40 — Колку долго живееле Израелците во Египет? Во овие 430 години што се спомнати овде, вклучено е времето што Израелците го поминале во Египет и во Ханаан. Кога бил на пат кон Ханаан, 75-годишниот Авраам го преминал Еуфрат во 1943 пр.н.е. (Битие 12:4). Оттогаш па до времето кога 130-годишниот Јаков влегол во Египет поминале 215 години (Битие 21:5; 25:26; 47:9). Ова значи дека потоа Израелците и во Египет поминале исто толкав период од 215 години.
15:8 — Дали ,зацврстените‘ води на Црвеното Море всушност биле смрзната вода? Хебрејскиот глагол преведен со „се зацврстија“ значи да се собере или да се згусне. Во Јов 10:10 овој израз е употребен во врска со потсирување на млеко. Според тоа, не мора да значи дека зацврстените води биле смрзната вода, мраз. Ако ,силниот источен ветар‘ спомнат во Излез 14:21 бил доволно ладен за да ја замрзне водата, без сомнение ќе било кажано нешто за екстремен студ. Бидејќи ништо видливо не ја држело водата, таа изгледала како да е зацврстена, здрвена или згусната.
Поуки за нас:
7:14—12:30. Десетте неволји не биле чиста случајност. Тие биле претскажани и се случиле точно онака како што и било кажано. Тие на мошне жив начин ја прикажуваат контролата што Творецот ја има над водата, сонцето, инсектите, животните и луѓето! Неволјите, исто така, покажуваат дека Бог е селективен и може да им нанесе несреќа на своите непријатели а да ги заштити своите обожаватели.
11:2; 12:36. Јехова го благословува својот народ. Очигледно, тој сега се погрижил на Израелците да им биде даден надомест за нивната работа во Египет. Тие влегле во земјата како слободни луѓе а не како воени заробеници што требало да бидат робови.
14:30. Можеме да бидеме уверени дека Јехова ќе ги избави своите обожаватели во претстојната „голема неволја“ (Матеј 24:20—22; Откровение 7:9, 14).
ЈЕХОВА ОРГАНИЗИРА ТЕОКРАТСКА НАЦИЈА
Третиот месец по избавувањето од Египет, Израелците се улогоруваат на подножјето на планината Синај. Таму ги добиваат десетте заповеди и други закони, стапуваат во сојуз со Јехова и стануваат теократска нација. Мојсеј поминува 40 дена на планината и добива упатства во врска со вистинското обожавање и со изградбата на Јеховиниот табернакул, пренослив храм. Во меѓувреме, Израелците прават и обожаваат златно теле. Кога се симнува од планината, Мојсеј го гледа тоа и толку се разлутува што ги крши двете камени плочи што Бог му ги дал. Откако престапниците се соодветно казнети, тој повторно се качува на планината и добива други плочи. Кога Мојсеј се враќа, почнува изградбата на табернакулот. До крајот на првата година на слобода, овој прекрасен шатор и целата негова опрема се завршени и поставени. Тогаш Јехова го исполнува со својата слава.
Одговорени библиски прашања:
20:5 [NW] — Како Јехова ,поради престапите на татковците донесува казна‘ врз идните генерации? Откако ќе стане возрасен, на секој поединец му се суди на темел на неговото однесување и став. Но, кога нацијата Израел се свртела кон идолопоклонство, со генерации подоцна ги трпела последиците од тоа. Дури и верните Израелци ги чувствувале последиците затоа што поради религиозните престапи на нацијата и ним им било потешко да останат на патот на интегритет.
23:19; 34:26 — Што значела заповедта да не се вари јаре во млекото на неговата мајка? Наводно, варењето јаре (младото на коза или некое друго животно) во млекото на неговата мајка било пагански ритуал за кој се мислело дека може да донесе дожд. Освен тоа, бидејќи млекото на мајката го храни нејзиното малечко, да се вари нејзиниот пород во него би било суров чин. Овој закон помогнал да му се укаже на Божјиот народ дека треба да биде сочувствителен.
23:20—23 — Кој бил ангелот што е спомнат овде, и како Јеховиното име било „во него“? Веројатно, овој ангел бил Исус во неговиот претчовечки облик. Тој бил употребен за да ги води Израелците на нивниот пат кон Ветената земја (1. Коринќаните 10:1—4). Јеховиното име е „во него“ на тој начин што Исус е главната личност што го поддржува и го свети името на неговиот Татко.
32:1—8, 25—35 — Зошто Арон не бил казнет за тоа што го направил златното теле? Арон не го одобрувал од срце идолопоклонството. Подоцна, очигледно им се придружил на другите Левити кога застанале на страната на Бог и против оние што му се спротивставиле на Мојсеј. Откако виновниците биле погубени, Мојсеј ги потсетил луѓето дека многу згрешиле, што покажува дека и други освен Арон примиле милост од Јехова.
33:11, 20 — Како разговарал Бог со Мојсеј „лице во лице“? Овој израз означува близок обостран разговор. Мојсеј разговарал со Божји претставник и усно добил упатства од Јехова преку него. Но, Мојсеј не го видел Јехова зашто ,човек не може да го види Бог и да остане жив‘. Всушност, Јехова не зборувал лично со Мојсеј. Законот ,бил пренесен преку ангели со раката на посредник‘, се вели во Галатите 3:19.
Поуки за нас:
15:25; 16:12. Јехова добро се грижи за својот народ.
18:21. Мажите што се избрани на одговорни положби во христијанското собрание мораат да бидат способни, богобојазливи, доверливи и несебични.
20:1—23:33. Јехова е врховен Законодавец. Кога ги почитувале, неговите закони им овозможиле на Израелците да го обожаваат на уреден и радосен начин. Јехова има теократска организација денес. Соработката со неа доведува до среќа и безбедност.
Вистинско значење за нас
Што открива книгата Излез за Јехова? Таа го претставува како љубезен Обезбедувач, неспоредлив Избавител и Оној што ги исполнува своите ветувања. Тој е Бог на теократска организација.
Додека го читаш седмичниот библиски извештај како подготовка за Теократската школа за служба, без сомнение ќе бидеш длабоко трогнат од она што го учиш од Излез. Кога ќе го разгледуваш она што е наведено во делот „Одговорени библиски прашања“, ќе добиеш подобар увид во извесни библиски пасуси. Коментарите под „Поуки за нас“ ќе ти покажат како да извлечеш корист од читањето на Библијата за таа седмица.
[Слика на страници 24 и 25]
Јехова му дал налог на кроткиот човек Мојсеј да ги изведе Израелците од ропство
[Слика на страница 25]
Десетте неволји ја прикажале контролата што Творецот ја има над водата, сонцето, инсектите, животните и луѓето
[Слика на страници 26 и 27]
Преку Мојсеј, Јехова ги организирал Израелците во теократска нација